Сиљановска-Давкова: Осумдесетгодишнината на ДЛУМ говори за огромното значење на уметноста за новосоздадената македонска држава

26 февруари 2026 | Обраќања, Соопштенија

„Биеналниот „Зимски салон 2026“ е резултат на внимателно осмислениот концепт, што цели да обедини на едно место различни генерации сликари, со различни ракописи, насликани за различни генерации  набљудувачи, сите гладни за уметност“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка на 21 издание на оваа ликовна манифестација, во организација на  Друштвото на ликовни уметници на Македонија, коешто годинава одбележува 80 години од своето постоење.

Во обраќањето, Сиљановска-Давкова го истакна огромното значење на ликовната уметност за културниот и духовниот развој на македонската држава. Според неа, „Зимски салон 2026“ е  препознатлива и вредна ликовна манифестација што дава пресек на современите ликовни состојби, но и навестува нови правци во уметноста.

Според неа, уметничкото творештво има моќ да ги надмине географските и политичките граници, туркајќи ја македонската уметност во плоден дијалог со европските и светските текови: од модернистичките визии на Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, преку силниот израз на Петар Мазев и поетиката на Димитар Кондовски, до современите автори со иновативни форми и значења.

Годинашното издание на „Зимски салон“ е курирано од реномираната словенечка ликовна критичарка Лилјана Степанчиќ.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувани учесници на „Зимскиот салон“,

Почитувани членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија,

Почитувани гости,

Осумдесетгодишнината на Друштвото на ликовните уметници на Македонија говори за огромното значење на уметноста за новосоздадената македонска држава и за насушната потреба од култура, како духовна храна. Осумте децении ликовна уметност значат континуиран духовен раст на генерации сликари, богато сликарско творештво, сликарски натпревар, плодна и препознатлива сликарска уметност, стимулирање на чувството за убаво, натпревар, почит, креација, градење трајни, автентични вредности, духовно зреење и воздигнување.

Биеналниот „Зимски салон“, небаре сегмент од Вивалдиевата опера, е   нестрпливо очекувана ликовна манифестација којашто се знае, сака, чека и доживува како вреден културен настан. Нејзиниот профил е резултат на внимателно осмислениот концепт, што цели да обедини на едно место различни генерации сликари, со различни ракописи, насликани за различни генерации  набљудувачи, гладни за уметност.

Пред нас е пресекот на состојбите во визуелната култура, но сигурна сум дека во зимскиов салон ќе откриеме и кокичиња коишто навестуваат пролет, односно идни правци.

Годинашното издание, курирано од реномираната словенечка ликовна критичарка Лилјана Степанчиќ, го реотвора прашањето за границите на можното, повикувајќи го неможното. Повикот да се достигне она што изгледа недостижно, не е само кураторска насока, туку длабок и силен интелектуален предизвик. Уметноста, да ве потсетам, секогаш го оттурнувала и го ширела хоризонтот на она што се сметало за граница.

Не можам, а да не споменам дека моето докторско академско искуство е врзано со Словенија, па напати велам дека Словенија е мојата втора дежела. Токму затоа, присуството на словенечка кураторска мисла во ова издание го доживувам како природно продолжение на еден длабок образовен, научен и културен македонско-словенечки дијалог.

Уметничкото творештво има моќ да ги надмине географските и политичките граници и да ја релативизира, па и да ја избрише поделбата на мали и големи држави, презентирајќи моќни и автентични дела.

Македонската ликовна историја поседува богата и слоевита структура, од  модернистичките визии на Лазар Личеноски и на Никола Мартиноски, преку силниот сликарски израз на Петар Мазев и суптилната поетика на Димитар Кондовски, до современите автори, коишто внесуваат нови облици во визуелната култура, овозможувајќи перманентен дијалог на македонската уметност со европските и светските сликарски јазици и дијалекти.

Кандински зборуваше за „внатрешната духовна нужност“ на уметноста, нагласувајќи дека нејзината суштина не лежи во украсот, туку во преобразбата. Адорно, пак, ја разбираше уметноста како критичка сила којашто е во постојана тензија со општеството. Во таков поширок контекст, стремежот кон она што изгледа невозможно не претставува илузија, туку суштинска функција на уметничкото дејствување.

„Зимски салон 2026“ ја продолжува линијата на континуитетот и преобразбата, оти очите, умот и срцето ни велат дека изложените дела плетат сложена мрежа од значења во којашто секоја авторска позиција придонесува во креирањето на големата, односно широката слика на современата култура.

Токму затоа, застануваме, а понекогаш и се стаписуваме пред делото, пулсирајќи со ист ритам, свесни за синергијата меѓу делото и нас, како негови восприемачи, заедно патувајќи на крилјата на уметноста, небаре качени на Пегаз.

Во епоха, обележана со забрзан проток на информации и на визуелни содржини, коишто брзо се појавуваат и уште побрзо исчезнуваат, уметничкото дело коешто го плени нашето внимание претставува неочекувано искуство на уживање во ретка вредност, што нè буди, освестува и збогатува, овозможувајќи да ја согледаме стварноста од нов агол.

Националната галерија вечерва го потврдува својот статус на институција којашто ја артикулира културната меморија и ја поддржува и ја поттикнува современата уметничка мисла. Тука се среќаваат, судираат и обединуваат  различни автори, генерации, времиња и визии, создавајќи сцена на којашто минатото и иднината страсно дебатираат, почитувајќи се.

Ако уметноста навистина има моќ да го оттурне хоризонтот на можното, тогаш вечерва сведочиме за тоа. Ако ова издание ни овозможи да го надминеме ограничувањето и нè охрабри да размислуваме подалеку и пошироко од однапред зададените рамки, тогаш неговата мисија е остварена.

Да ѝ се препуштиме на зимската сликарска бајка, на имагинацијата и на силата  на убавото. Да се обидеме да го преобразиме невозможното во возможно, а возможното во визија. Да се нурнеме во уметничките длабочини, каде што формата станува мисла, бојата – чувство, а уметноста – потврда на неограничената човечка креативност!

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на Сиљановска-Давкова со Урсула фон дер Лaјен, претседателка на Европската Комисија

Средба на Сиљановска-Давкова со Урсула фон дер Лaјен, претседателка на Европската Комисија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лaјен, која е во посета на земјава. Најпрво, Гордана Сиљановска-Давкова изрази благодарност за растечкиот интерес и посветеност на Европската унија...

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Националниот молитвен појадок

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Националниот молитвен појадок

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претставници на Националниот молитвен појадок, којшто е посветен на разбирањето, простувањето, помирувањето и заедништвото преку заедничка молитва. За првпат, во 1953 година, претседателот Ајзенхауер...

Сиљановска-Давкова до бруцошите: Вреди да се студира, предава и живее на УКИМ, како заеднички дом на професорите и на студентите

Сиљановска-Давкова до бруцошите: Вреди да се студира, предава и живее на УКИМ, како заеднички дом на професорите и на студентите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свеченоста по повод почетокот на новата академска 2026/2027 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. [gallery...

Сиљановска-Давкова со студенти од Колеџот на Европа: Дијалог за европската интеграција и иднината на регионот

Сиљановска-Давкова со студенти од Колеџот на Европа: Дијалог за европската интеграција и иднината на регионот

Во Вила Водно, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со студенти од Колеџот на Европа во Тирана, кои престојуваат во земјава, во рамките на студиска посета посветена на влијанието на европската интеграција врз трансформацијата на земјите од Западен...

Сиљановска-Давкова на 22. Европски самит во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на Европската Унија

Сиљановска-Давкова на 22. Европски самит во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на Европската Унија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на 22. Европски самит во Салцбург, денеска се обрати на сесијата на тема „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“. Таа говореше за иднината на европскиот проект, стратешките предизвици со коишто се соочува...