Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

8 септември 2026 | Соопштенија

Почитувани граѓани,

Пред  35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото на илинденците и асномците, создавајќи свој национален и заеднички граѓански дом без оглед на етничката и верската припадност.

Денес, со длабока благодарност и пиетет, се потсетуваме на историската вистина дека најголемото и најважното достигнување за еден народ е да има сопствена, суверена и демократска држава, којашто ќе ја штити неговата слобода, идентитет и дигнитет и ќе работи на нејзиниот просперитет. Сега, единствено од нас самите зависат нејзиниот опстој и нејзината иднина.

Иако е прогласена за навек, независната држава не е минато свршено, туку и сегашно трајно време. Таа започна со референдумската одлука како важна секојдневна, неуморна задача за секоја генерација да ја чува, гради  и доградува.

Македонската независност почива на три столба: првиот е довербата на секој граѓанин во сопствената држава и во капацитетот на нејзините институции да ги заштитат правата, да обезбедат правда и да пружат еднакви можности за сите; вториот е меѓусебната доверба меѓу нас, граѓаните, како човечка нитка којашто нè држи заедно, независно од етничката, верската, јазичната и секоја друга разлика, и третата е – непотрошната, искрената и непоколеблива вера во македонската иднина.

Во празничен, оптимистички дух, да потсетам дека страниците на нашето минато и сегашност бележат бројни успеси на многу полиња. Изградивме функционални институции и ја развивавме свеста за општото добро и државниот и национален интерес. Создадовме НАТО армија која ја гарантира нашата безбедност. Развивме и развиваме економија отпорна на притисоците и отворена кон светските пазари. Стекнавме пријатели и стратешки партнери кои не поддржуваат на долгиот и трнлив европски пат. Имаме јасна свест за европска припадност и стратешка цел за европско членство.

Додека го славиме големиот ден, уште еднаш констатираме дека изминатите три и пол децении се соочивме со тешки искушенија, блокади и двојни стандарди, коишто стимулираа несакани внатрешни процеси и проблеми.

Еден од најголемите е иселувањето на младите луѓе во потрага по подобар живот. Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сѐ уште се нашата најголема надеж.

Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата. Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други. Асномскиот завет нѐ учи:  „КАКВА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИЗГРАДИМЕ, ТАКВА ЌЕ ЈА ИМАМЕ“. Никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите!

Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна  надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри. Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку, тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина.

Време е за релативизирање на географијата и границите и за подлабоко поврзување со нашата дијаспора, за обединување на сите умни, креативни и храбри луѓе со македонско потекло во градењето на татковината како пристоен, достоинствен и просперитетен заеднички дом.

Со особена гордост и радост Ви го честитам големиот празник 8 Септември, денот кога македонските граѓани, храбро и одговорно го исполнија аманетот на илинденците и асномците и демократски, на референдум, со огромно мнозинство се изјаснија за СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова на 22. Европски самит во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на Европската Унија

Сиљановска-Давкова на 22. Европски самит во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на Европската Унија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на 22. Европски самит во Салцбург, денеска се обрати на сесијата на тема „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“. Таа говореше за иднината на европскиот проект, стратешките предизвици со коишто се соочува...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците

Почитувани сограѓани Бошњаци, Ви упатувам искрени честитки по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците. Вие, Бошњаците, не сте само припадници на еден етнос, туку и важен човечки капитал. Вие, Бошњаците, имате не само уставно загарантирано право слободно да...

Сиљановска-Давкова се сретна со македонските православни верници од новоформираната црковна општина „Св. Архангел Михаил” во Халејн, Австрија

Сиљановска-Давкова се сретна со македонските православни верници од новоформираната црковна општина „Св. Архангел Михаил” во Халејн, Австрија

Денеска, во пресрет на 22. Европски самит во Салцбург, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со македонските православни верници, кои неодамна формираа нова црковна општина „Св. Архангел Михаил" во Халејн, Република Австрија. [gallery...

Сиљановска-Давкова ќе учествува на 22. Европски самит во Салцбург

Сиљановска-Давкова ќе учествува на 22. Европски самит во Салцбург

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Република Австрија, по повод учеството на 22. Европски самит во Салцбург. Предвидено е претседателката да се обрати на сесијата на тема „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“....

Сиљановска – Давкова ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“

Сиљановска – Давкова ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“ за извонредниот придонес во биохемијата како врвна светска научничка и истражувачка. Примајќи го ова високо признание,...