Претседателката Сиљановска-Давкова: Американското катче е еден од симболите на македонско-американското пријателство и партнерство

25 јануари 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на одбележувањето на 20-годишнината од отворањето на првото Американско катче во Скопје.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова рече дека Американското катче е можност, пред сè, младите луѓе да бидат во контакт со американската култура, но и американските вредности, да го изучуваат англискиот јазик, да го знаат значењето на волонтерството, медиумската писменост, па и безбедноста. Таа истакна дека Американското катче е еден од симболите или центри на македонско-американското пријателство и партнерство, значаен показател за заемно разбирање и почитување, соработка која во фокусот ги има младите лидери во сите области како идни двигатели на општествените односи и промени.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Ваша Екселенцијо, Aмбасадоркe на Соединeтите Американски Држави, Анџела Агелер,
Почитувани претставници на Американското катче, професори,
Градоначалник на општина Центар, г. Горан Герасимовски,
Ценети гости,

Чест ми е да ве поздравам на одбележувањето на еден значаен јубилеј каков што е отворањето на првото Американско катче што се случи пред 20 години во Скопје. Оваа мала, но важна точка потоа како една културолошка зараза ќе се прошири и во други градови низ Републиката на најдобар начин оправдувајќи ја идејата за еден ваков истурен ракавец на Американската амбасада во земјава.

Американското катче е можност, пред сè, младите луѓе да бидат во контакт со американската култура, но и со американските вредности, да го изучуваат англискиот јазик, да го знаат значењето на волонтерството, медиумската писменост, па и безбедноста. Тука се среќаваат и поранешни корисници на стипендијата „Фулбрајт“ кои на непосреден начин ги споделуваат своите американски искуства.

Ќе цитирам еден стих од големиот Волт Витман чијашто поетска величина е позната глобално: „Соединетите Американски Држави, вели тој, самите по себе во суштина се најголемата песна“ (“The United States themselves are essentially the greatest poem“), така вели поетот и нагласува дека и поезијата и демократијата ја црпат својата моќ од нивната способност да создадат обединета целина од различни делови. Тие различни делови, различни култури и традиции можат да се сретнат и тука во Американското катче каде што, пред сè, младите луѓе разменуваат мислења, идеи, учат за другите, навлегуваат во суштината на мултикултурализмот или глобализмот. Ние сме благодарни што преку овој центар можеме да се запознаеме со повеќеслојноста на една голема култура каква што е американската.

Пораката на Витман е визионерска, но секако и мисионерска, оти не е наменета само за американската нација, барем така ја читаме во 21 век, а токму Американското катче нам овде ни дава можност да се сретнеме со американската култура и вредностите на американската демократија.

Нашата земја ја препознава таа важност и затоа уште од почеток активно се вклучи во поддршката на овој значаен проект. Не е случајно што успешно опстојува веќе 20 години и има простор и натаму да живее и да се развива. Би рекла мисијата е успешна, но не е завршена, оти кога ќе се навратиме на сè што се случувало во тие мали простории од каде што се пренесувала широката и благородна идеја за споделување на вредностите, нашите погледи се насочени кон иднината. Тие што доаѓаат тука имаат што да слушнат, но секако дека имаат и што да кажат. Таа интеракција е движечка сила и од неа ќе произлезат нови идеи коишто, уверена сум, ќе се вградат во темелите на Американското катче.

Една нација не е голема само затоа што е голема или богата или моќна, туку во колкава мера успеала да ги ослободи луѓето и нивната креативност да ја вградат во општеството. Ние се стремиме кон тоа и оваа сила којашто ја истакна во еден говор претседателот Линдон Џонсон, ја препознавам и во активностите на Американското катче.

На крајот ќе истакнам дека ако сакаме да издвоиме симболи или центри на македонско-американско пријателство и партнерство, секако, дека Американското катче е еден од нив, еден значаен показател за заемно разбирање и почитување, и потреба од соработка во која фокусот ги има младите лидери во сите области како идни двигатели на општествените односи и промени. Ви го честитам јубилејот и ви посакувам натамошна успешна работа. Успешната приказна нека продолжи да се развива!

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Рамазан бајрам

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник - Рамазан бајрам, упати честитка до верниците од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван реис-ул-улема х....

Сиљановска-Давкова: Потребна е поголема институционална поддршка за инклузија на лицата со Даунов синдром

Сиљановска-Давкова: Потребна е поголема институционална поддршка за инклузија на лицата со Даунов синдром

Во пресрет на 21 март - Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар – Доза среќа“ Скопје. [gallery...

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Мириам Лексман, пратеничка во Европскиот парламент од Словачка, од групата на Европската Народна Партија. На средбата се разговараше за европската интеграција на државата, при што...

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Државниот завод за ревизија, предводени од помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска Алексова, кои вршат ревизија на успешноста на тема „Жени лидери - жени во политиката,...

Средба со членови на спелеонуркачкиот клуб „Врело“

Средба со членови на спелеонуркачкиот клуб „Врело“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со членови на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, на којашто се разговараше за значењето на истражувањето, заштитата и промоцијата на природните богатства како дел од националниот идентитет и наследство....