Претседателката Сиљановска-Давкова: Американското катче е еден од симболите на македонско-американското пријателство и партнерство

25 јануари 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на одбележувањето на 20-годишнината од отворањето на првото Американско катче во Скопје.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова рече дека Американското катче е можност, пред сè, младите луѓе да бидат во контакт со американската култура, но и американските вредности, да го изучуваат англискиот јазик, да го знаат значењето на волонтерството, медиумската писменост, па и безбедноста. Таа истакна дека Американското катче е еден од симболите или центри на македонско-американското пријателство и партнерство, значаен показател за заемно разбирање и почитување, соработка која во фокусот ги има младите лидери во сите области како идни двигатели на општествените односи и промени.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Ваша Екселенцијо, Aмбасадоркe на Соединeтите Американски Држави, Анџела Агелер,
Почитувани претставници на Американското катче, професори,
Градоначалник на општина Центар, г. Горан Герасимовски,
Ценети гости,

Чест ми е да ве поздравам на одбележувањето на еден значаен јубилеј каков што е отворањето на првото Американско катче што се случи пред 20 години во Скопје. Оваа мала, но важна точка потоа како една културолошка зараза ќе се прошири и во други градови низ Републиката на најдобар начин оправдувајќи ја идејата за еден ваков истурен ракавец на Американската амбасада во земјава.

Американското катче е можност, пред сè, младите луѓе да бидат во контакт со американската култура, но и со американските вредности, да го изучуваат англискиот јазик, да го знаат значењето на волонтерството, медиумската писменост, па и безбедноста. Тука се среќаваат и поранешни корисници на стипендијата „Фулбрајт“ кои на непосреден начин ги споделуваат своите американски искуства.

Ќе цитирам еден стих од големиот Волт Витман чијашто поетска величина е позната глобално: „Соединетите Американски Држави, вели тој, самите по себе во суштина се најголемата песна“ (“The United States themselves are essentially the greatest poem“), така вели поетот и нагласува дека и поезијата и демократијата ја црпат својата моќ од нивната способност да создадат обединета целина од различни делови. Тие различни делови, различни култури и традиции можат да се сретнат и тука во Американското катче каде што, пред сè, младите луѓе разменуваат мислења, идеи, учат за другите, навлегуваат во суштината на мултикултурализмот или глобализмот. Ние сме благодарни што преку овој центар можеме да се запознаеме со повеќеслојноста на една голема култура каква што е американската.

Пораката на Витман е визионерска, но секако и мисионерска, оти не е наменета само за американската нација, барем така ја читаме во 21 век, а токму Американското катче нам овде ни дава можност да се сретнеме со американската култура и вредностите на американската демократија.

Нашата земја ја препознава таа важност и затоа уште од почеток активно се вклучи во поддршката на овој значаен проект. Не е случајно што успешно опстојува веќе 20 години и има простор и натаму да живее и да се развива. Би рекла мисијата е успешна, но не е завршена, оти кога ќе се навратиме на сè што се случувало во тие мали простории од каде што се пренесувала широката и благородна идеја за споделување на вредностите, нашите погледи се насочени кон иднината. Тие што доаѓаат тука имаат што да слушнат, но секако дека имаат и што да кажат. Таа интеракција е движечка сила и од неа ќе произлезат нови идеи коишто, уверена сум, ќе се вградат во темелите на Американското катче.

Една нација не е голема само затоа што е голема или богата или моќна, туку во колкава мера успеала да ги ослободи луѓето и нивната креативност да ја вградат во општеството. Ние се стремиме кон тоа и оваа сила којашто ја истакна во еден говор претседателот Линдон Џонсон, ја препознавам и во активностите на Американското катче.

На крајот ќе истакнам дека ако сакаме да издвоиме симболи или центри на македонско-американско пријателство и партнерство, секако, дека Американското катче е еден од нив, еден значаен показател за заемно разбирање и почитување, и потреба од соработка во која фокусот ги има младите лидери во сите области како идни двигатели на општествените односи и промени. Ви го честитам јубилејот и ви посакувам натамошна успешна работа. Успешната приказна нека продолжи да се развива!

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на Сиљановска-Давкова со претставнички на здружението „До бебе по патот на ин витро“

Средба на Сиљановска-Давкова со претставнички на здружението „До бебе по патот на ин витро“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставнички на здружението за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување (ин- витро) „До бебе по патот на ин - витро“, во состав Деспина Петровска, претседател и членови Наташа Ѓорѓиева Божинов и Марија...

Средба на Сиљановска-Давкова со Урсула фон дер Лaјен, претседателка на Европската Комисија

Средба на Сиљановска-Давкова со Урсула фон дер Лaјен, претседателка на Европската Комисија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лaјен, која е во посета на земјава. Најпрво, Гордана Сиљановска-Давкова изрази благодарност за растечкиот интерес и посветеност на Европската унија...

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Националниот молитвен појадок

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Националниот молитвен појадок

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претставници на Националниот молитвен појадок, којшто е посветен на разбирањето, простувањето, помирувањето и заедништвото преку заедничка молитва. За првпат, во 1953 година, претседателот Ајзенхауер...

Сиљановска-Давкова до бруцошите: Вреди да се студира, предава и живее на УКИМ, како заеднички дом на професорите и на студентите

Сиљановска-Давкова до бруцошите: Вреди да се студира, предава и живее на УКИМ, како заеднички дом на професорите и на студентите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свеченоста по повод почетокот на новата академска 2026/2027 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. [gallery...

Сиљановска-Давкова со студенти од Колеџот на Европа: Дијалог за европската интеграција и иднината на регионот

Сиљановска-Давкова со студенти од Колеџот на Европа: Дијалог за европската интеграција и иднината на регионот

Во Вила Водно, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со студенти од Колеџот на Европа во Тирана, кои престојуваат во земјава, во рамките на студиска посета посветена на влијанието на европската интеграција врз трансформацијата на земјите од Западен...