Сиљановска-Давкова на вежбата „Брз одговор 2025“: Нашето членство во НАТО не е само политичка формалност, туку стратегиска определба

2 јуни 2025 | Соопштенија

Претседателката и врховна командантка на македонската армија, Гордана Сиљановска-Давкова на армискиот полигон Криволак присуствуваше и се обрати на воената вежба „Брз одговор 2025“, на која учествуваат повеќе од 2200 војници од 9 држави.

Испишувајќи уште една успешна страница во историјата на македонската армија, со вежбата, истакна таа –  државата ја потврди својата определба да биде со земјите коишто го штитат мирот како врвен цивилизациски идеал. Додаде дека оваа вежба не е само демонстрација на воена моќ, туку манифест на солидарност, симбол на единството и потсетник дека само заедно можеме да им се спротивставиме на заканите коишто ги загрозуваат мирот и стабилноста.

Сиљановска-Давкова ја истакна посветеноста и стручноста на македонската армија, за која рече дека во време на глобални безбедносни закани е  подготвена да дејствува рамо до рамо со сојузниците, во одбрана на слободата, достоинството и човековите права. Таа нагласи дека нашето членство во НАТО не е само политичка формалност, туку стратегиска определба.

Претседателката потенцираше дека со учеството на стотици македонски војници во најголемата воена вежба на овој полигон, државата уште еднаш потврди дека и покрај сите предизвици, стои цврсто на страната на мирот, безбедноста и заедништвото.

Во кусиот разговор со војниците, таа изрази задоволство од нивната професионалност демонстрирана на теренот и им се заблагодари на сојузниците за поддршката, помошта и за споделеното знаење.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Почитувани припадници на Армијата,

Почитуван премиер,

Почитувани министри,

Почитуван началник на Генерал-штабот,

Почитувани пратеници, градоначалници, генерали од земјите учеснички, амбасадори,

Ценети гости,

Дами и господа,

Мирот нема алтернатива. Тој е избор на храбрите, завет на посветените и обврска на секој што ја носи униформата со чест.

Денеска, овде, на полигонот „Криволак“, не испишуваме само уште една успешна страница во историјата на нашата армија, туку ја потврдуваме определбата да бидеме дел од оние што го штитат мирот како врвен цивилизациски идеал.

Најголемата воена вежба  „Брз одговор 2025“ обедини над 2.200 војници од девет држави. Оваа вежба не е само демонстрација на воена моќ, туку манифест на солидарност, симбол на единство, потсетник дека само заедно можеме да им се спротивставиме на заканите коишто ги загрозуваат мирот и стабилноста.

Во време на глобални безбедносни закани, кога светот е растргнат меѓу војните и надежта, нашата армија демонстрира интероперабилност, професионалност и подготвеност да дејствува рамо до рамо со сојузниците, во одбрана на слободата, достоинството и човековите права.

Нашето членство во НАТО не е само политичка формалност, туку стратегиска определба, израз на нашата волја и решеност да бидеме дел од колективниот одговор на современите предизвици и дилеми.

Salus populi suprema lex esto – безбедноста на народот е врховен закон за нас.

Почитувани војници и старешини,

Македонската армија, иако бројно мала, е голема по дух, по знаење, по љубов кон татковината. Вашата подготвеност, вашата извонредна посветеност и вашата стручност се одраз на доблеста на една модерна армија. Вашата сила е силата на знамето коешто гордо се виори над нас – симбол на слободата, на достоинството и на државата којашто гордо чекори во Алијансата.

Преку храброто изведување на копнени борбени дејства, вие ги  манифестирате интероперабилноста, подготвеноста и способноста да се одврати секоја закана, заедно со НАТО-сојузниците и партнерите. Овој подвиг е одлична можност за подготовка на Лесната пешадиска борбена група за претстојното оценување на борбената подготвеност во 2026 година.

Оваа вежба е порака дека армиите не се само чувари на границите, туку бранители на клучните вредности. Таа е сведоштво дека македонската држава, и покрај сите предизвици, стои цврсто на страната на мирот, безбедноста и заедништвото.

Особено значајно е што оваа вежба се совпаѓа со 32-годишнината од партнерството меѓу Националната гарда на Вермонт и македонската држава – симбол на нашето длабоко, цврсто и долгорочно пријателство со Соединетите Американски Држави, како столб на трансатлантската безбедност.

Како врховна командантка на вооружените сили, ви изразувам длабока благодарност вам, на храбрите војници за вашата пожртвуваност, трудот и посветеноста. Им благодарам на нашите сојузници за поддршката, за помошта, за споделеното знаење и за заедничката визија за безбедна иднина.

Овој ден нека биде потсетник дека слободата не е случајна, туку е плод на идејна определба и постојана борба за неа. Нека биде инспирација за секој млад човек којшто ја гледа Армијата како место каде што чесно и одговорно се служи, но и се учи како да се сака и брани татковината.

Денеска, уште еднаш, ја потврдивме нашата определба: да бидеме на страната на мирот, но и да сме подготвени, ако и кога е потребно, да го браниме со сите сили.

Тоа е наше право.

Тоа е наша должност.

Тоа е наша одговорност.

Да продолжиме да градиме силна и кредибилна армија, почитувана во Алијансата и подготвена да ги брани интересите на државата и на народот, но и заедничките интереси.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова се сретна со Димитрија Доксевски, директор на „Браќа Манаки“ и Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници

Сиљановска-Давкова се сретна со Димитрија Доксевски, директор на „Браќа Манаки“ и Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници

Во пресрет на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, покровителка на фестивалот, се сретна со директорот Димитрија Доксевски, актер, сценарист и продуцент и со Марија Димитрова,...

Проштална средба на претседателката Сиљановска-Давкова со казахстанскиот амбасадор Сатибалди Буршаков

Проштална средба на претседателката Сиљановска-Давкова со казахстанскиот амбасадор Сатибалди Буршаков

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков. Во разговорот беше оценето дека односите меѓу двете земји во изминатиот период добија нова динамика, со активен политички дијалог и...

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на македонската независност, ги одликуваше со Орден „8 Септември“ Јордан Плевнеш и Раде Силјан, и постхумно: Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски. Јордан...

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35 годишнината од независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното...

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Почитувани граѓани, Пред  35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото...