Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.
Во продолжение ги доставуваме упатените честитки.
Почитуван г.г. Стефан,
Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, Ви го честитам најголемиот и најсветол христијански празник, Воскресението Христово – Велигден.
Во овие возвишени и благодатни денови, кога се открива тајната на животот како победа над смртта, а светлината торжествува над темнината, од срце Ви посакувам во Вашите домови да се вселат мирот, љубовта, здравјето и Божјиот дух.
Воскресението Христово е темел на христијанската вера, вечен извор на надеж и суштина на човековото постоење. Во него е содржана најдлабоката вистина за преобразбата дека преку жртвата, смирението и љубовта, човекот се издигнува и се приближува кон божественото.
Во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни и морални предизвици, мораме да истраеме во добродетелите, обединети околу вредностите на човекољубието, солидарноста и заемната почит.
Да ги отвориме срцата за ближните, да ја засилиме грижата за ранливите и да го разбудиме духот на соборност и заедништво.
Нека светлината на Христовото воскресение ни подари сила, мудрост и непоколеблива вера во доброто, како вечен принцип на човечката егзистенција.
Христос воскресе! Навистина воскресе!
Гордана Сиљановска-Давкова
Почитуван г. Емил Заев,
Дозволете ми, Вам и на сите припадници на Евангелско-методистичката црква, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден.
Во овие светли и благословени денови, кога се радуваме на победата на животот над смртта и на надежта над стравот, Ви посакувам мир, здравје, љубов и семејна топлина во Вашите домови.
Велигден е симбол на нов почеток и духовна обнова. Празникот нè потсетува дека и во најтешките моменти постои излез, дека по секоја темнина доаѓа светлина и дека добрината и човечноста секогаш победуваат. Овој празник нè повикува да бидеме подобри, да се разбираме меѓусебно, да си помагаме и да се почитуваме.
Во време на тешки предизвици, мора да останеме сплотени околу вистинските вредности: мирот, солидарноста и хуманоста.
Да ги отвориме срцата за ближните, да им даруваме радост на тажните, да шириме позитивна мисла и енергија.
Нека Велигден го разбуди божественото во секој од нас!
Христос воскресе! Навистина воскресе!
Гордана Сиљановска-Давкова




