Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео порака се обрати на отворањето на националниот натпревар по едукативна роботика „First Lego League 2025-2026 – UNEARTHED Challenge“.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.
Почитувани наставници и ментори,
Драги ученици,
Живееме во време во кое развојот на знаењето повеќе не се одвива по стабилни и предвидливи траектории, туку се движи со динамика што често ја надминува нашата способност навремено да ја опишеме и концептуализираме. Ова не произлегува од недостаток на јазични средства, туку од фактот дека новите генерации сè почесто размислуваат и креираат, користејќи алатки и технологии коишто до неодамна припаѓаа исклучиво на доменот на научната фантастика.
Во тој нов хоризонт на знаењето, технологијата сè поизразено се наметнува како нов јазик на современиот свет. Меѓутоа, секој јазик на знаењето е не само збир на симболи и алгоритми, туку и начин на мислење преку којшто човекот ги анализира појавите, воспоставува врски меѓу идеите и создава решенија за предизвиците на своето време.
Роботиката не треба да се сфаќа исклучиво како техничка дисциплина, оти таа претставува простор во којшто науката, креативноста и имагинацијата се среќаваат и се претвораат во конкретни решенија. Кога младите создаваат со помош на технологијата, тие не учат само како функционира една машина, туку и како од една идеја да изградат систем, а од идентификуван проблем да формулираат и реализираат решение.
Во таков образовен простор се развива и FIRST LEGO League, глобална иницијатива присутна во повеќе од сто држави и под покровителство на UNESCO, чија суштинска вредност не лежи само во натпреварувањето, туку и во создавањето средина во којашто младите луѓе не се само приматели на знаење, туку негови активни истражувачи и создавачи.
Фактот дека македонската држава веќе осум години е дел од оваа иницијатива, а годинава учествува со 36 тимови, околу 400 ученици и повеќе од 50 ментори, укажува на нешто што ги надминува самите бројки. Тоа сведочи за формирање заедница во која љубопитноста постепено се претвора во трајна навика на мислење, а истражувањето станува природен и составен дел од образовниот процес.
За мене, осовено интересна перспектува отвора темата на овогодинешниот предизвик – UNEARTHED.
Археологијата традиционално ја поврзуваме со минатото и со внимателното откривање на траги од цивилизациите што постоеле пред нас. Сепак, современата научна практика покажува дека разбирањето на минатото сè повеќе зависи од најсовремените технологии: од дигитални реконструкции, сензорски системи, алгоритми и роботски платформи.
На тој начин се создава плоден пресек меѓу времињата, меѓу минатото што настојуваме да го разбереме и иднината чии алатки ни помагаат во тој процес. Токму во тој пресек се наоѓа и вистинската вредност на младите што денес се собрани овде: нивната способност да ја поврзат љубопитноста за минатото со технологиите што ја обликуваат иднината.
Кога учениците конструираат и програмираат робот, тие не создаваат само механичка структура. Во тој процес тие учат како проблемот се преобразува во модел, како идејата се обликува во функционален систем и како знаењето, трпението и тимската работа водат кон изнаоѓање решение.
Во овој вид учење се развива способноста за критичко размислување, поставување нови прашања и создавање нови идеи, нешта што се неопходни за секое општество што се стреми кон напредок.
Затоа, роботите што ќе ги видите денес не претставуваат само технички конструкции. Тие се резултат на знаење, креативност, експериментирање и соработка, но и огледало на една генерација што расте во време на длабоки технолошки промени и којашто се стреми да ја обликува иднината на нашето општество.
Историјата нè потсетува на една едноставна, но суштинска вистина: општествата напредуваат тогаш кога умеат да ја препознаат и негуваат љубопитноста на младите.
Во духот на фер-играта, тимската работа и меѓусебната почит, посакувам овој предизвик да биде поттик за секој тим да покаже не само што знае, туку и како размислува, создава и соработува.
Ви благодарам.





