Претседателката Сиљановска-Давкова ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2025 година

27 декември 2025 | Соопштенија

Претседателката Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2025 година.

Лауреати на Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2025 година се авторите Искра Лековска и Владимир Лековски од архитектонското студио „Лелелеле“, за проектот Православен храм – црква „Св. Рамноапостоли цар Константин и царица Елена“ во Скопје.

Таа истакна дека наградувањето не е ларпурлартизам, ниту се наградуваат само резултатот и творбата, туку се евалуира процесот на истражување, трагање, компарирање, сомневање, преиспитување, како и одговорниот однос кон просторот и луѓето во него.

Според неа, изборот на добитниците се темели на строга и аргументирана стручна обсервација на делата, во потрага по она што ги надминува професионалните стандарди и воспоставува нови критериуми во современата архитектонска практика.

Претседателката потсети дека архитектурата, како триаголник на наука, уметност и општествен ангажман, има суштинско влијание врз убавината и функционалноста на јавниот простор, односно врз квалитетот на урбаното живеење.

Во услови на забрзана урбанизација, финансиски интереси и економски притисоци, архитектот, според неа, има обврска да го штити јавниот интерес и да го брани јавниот простор, просторот како заедничко добро, градејќи рамнотежа меѓу потребите на сегашноста и одговорноста кон иднината.

За авторите на награденото архитектонско дело, црквата „Св. Константин и Св. Елена“ е метафора за македонската колективна меморија и идентитет и ја персонифицира хармонијата меѓу небото и земјата, духовното и световното, традицијата и современоста.

Претседателката им честиташе на добитниците, потенцирајќи дека наградата има силна, едукативна и инспиративна вредност за архитектонската фела и за младите архитекти!

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани,

Големата годишна награда за архитектура, во амбиент на урбан хаос, е ретка прилика за мене да се дружам со луѓе коишто веруваат во убавото и во функционалното. Оваа манифестација не ја доживувам само како чин на оддавање свечено признание на најуспешното архитектонско дело, туку и ретка можност за стручна и уметничка евалуација на архитектонските остварувања.

Не случајно, настанов се случува овде, на Архитектонскиот факултет, како култен образовен амбиент во којшто виреат и растат идните архитекти, каде што се негуваат и се поттикнуваат критичката мисла и одговорноста кон просторот во којшто живееме.

Архитектурата, како триаголник на уметност, наука и општествен ангажман, има длабоко и трајно влијание врз нашето ментално и физичко здравје, но и врз човековото поведение  што, пак, влијае врз квалитетот на нашите секојдневни активности.

Архитектите се оние што естетски го обликуваат секојдневието, преку креирањето функционални, одржливи и хумани решенија.

Логосот, но и еросот и патосот на нивните творби го креираат и го обележуваат духот на епохата, ги вградуваат потребите на човекот во просторот и оставаат траги што нè надживуваат нас, нивните современици, а нив ги вградуваат во вечноста!

Денешново дружење на еден лаик како мене, којшто во потрагата по убавото, ви се придружува во уживањето на моментумот, е значаен момент не само за македонската архитектура, туку и за македонското општество, но и пошироко. Не сведочиме и не ѝ се радуваме само на индивидуалната извонредност, туку и на вредностите коишто современата архитектура ги отсликува или негира под влијание на конфузната и конфликтна (не)цивилизациска реалност во која живееме, испреплетена со глобалните текови и трендови, како нивен одраз, сенка или отпор.

Улогата на архитектот денес е посложена и поважна од кога било. Во време на забрзана до забревтаност урбанизација, економска логика и притисоци, занемарен квалитет на живот, архитектот не е само проектант, туку и чувар и бранител на јавниот интерес и на просторот како заедничко добро, на рамнотежата меѓу потребите на денешницата и одговорноста кон иднината.

Да потсетам: Се уверив на дело и на самото место дека изборот на добитникот не е случаен, туку произлегува од студиозна, строга и одговорна евалуација на дела коишто не само што ги исполнуваат високите професионални стандарди, туку и ги надминуваат, поставувајќи нови критериуми и репери во современата архитектонска практика и реалност.

Искрена благодарност до членовите на стручната комисија, соочени со сложената и одговорна задача: да ги вреднуваат пристигнатите трудови, да направат вистински избор којшто го препознал најдоброто и најуспешното, уникатното, оригиналното!

Особено значајно е што наградените достигнувања секогаш имаат едукативна и инспиративна улога, како пример и поттик за младите архитекти и студентите коишто допрва го градат својот професионален пат. Преку вакви примери се создава дијалог меѓу искуството и новите идеи, меѓу традицијата и иновацијата, дијалог без кој развојот на архитектонската мисла е неможен.

Почитувани,

Денес, повеќе од кога било, архитектурата е соочена со сериозни предизвици: климатските промени, одржливиот развој, социјалната еднаквост, технолошките трансформации, вештачката интелигенција. Делата коишто ги создаваат македонските архитекти, вклучително и оние што ги наградуваме вечерва, покажуваат и докажуваат дека со знаење, визија, креативност, посветеност и работа, идеите можат да се преточат во дела што оживуваат.

Големата годишна награда за архитектура не ја слави архитектурата само како ларпурлартизам, ниту само како очигледен резултат и творба, туку како процес на истражување, трагање, компарирање, сомневање, преиспитување и одговорност кон просторот и луѓето во него. Таа испраќа порака дека достоинството на архитектонската професија се гради врз креативен и етички идентитет, професионален интегритет и дигнитет, уметничка смелост и хуманистичка свесност.

Им честитам на архитектите – учители од Сократовски и менторски тип, им честитам на архитектите – ученици од Телемаховски тип, желни и жедни за знаење, им честитам на гласните архитекти кога архитектурата е под закана од профитерите за иновативност, за  љубовта кон оваа прекрасна професија, за оригиналноста, посветеноста, критичноста, идејноста и истрајноста.

Денешниот настан нека биде поттик за сите архитекти да ја разбудат и освестат во себе, кај студентите, колешките и колегите смислата за просторот, да ја негуваат способноста за соживот со амбиентот и почитта кон него, да не ја заборават човековата потреба од  облагородување и хуманизирање на средината во која живееме, да го негуваат и да го обликуваат урбаниот идентитет по мерка на човекот, а не на парите!

Дозволете, пред да го соопштам добитникот на Големата годишна награда за архитектура, да ви посакам среќна, здрава и успешна 2026 година, со нови градителски подвизи и високи архитектонски достигнувања.

Посакувам да ја помните по добро!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателката Сиљановска-Давкова во официјална посета на Република Хрватска

Претседателката Сиљановска-Давкова во официјална посета на Република Хрватска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од денеска ќе престојува во официјална посета на Република Хрватска. Утре, 24 март 2026 година, вторник, во Загреб претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателот на...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Рамазан бајрам

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник - Рамазан бајрам, упати честитка до верниците од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван реис-ул-улема х....

Сиљановска-Давкова: Потребна е поголема институционална поддршка за инклузија на лицата со Даунов синдром

Сиљановска-Давкова: Потребна е поголема институционална поддршка за инклузија на лицата со Даунов синдром

Во пресрет на 21 март - Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар – Доза среќа“ Скопје. [gallery...

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Мириам Лексман, пратеничка во Европскиот парламент од Словачка, од групата на Европската Народна Партија. На средбата се разговараше за европската интеграција на државата, при што...

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Државниот завод за ревизија, предводени од помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска Алексова, кои вршат ревизија на успешноста на тема „Жени лидери - жени во политиката,...