„За сето она што го направи за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што можеме да сториме е да му оддадеме признание“, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, истакнувајќи дека има привилегија да му го врачи Орденот „8 Септември“, како израз на длабока благодарност на македонската држава и на македонските граѓани.
Во своето обраќање таа се наврати на неговиот исклучителен човечки, професионален и општествен придонес, укажувајќи дека неговата биографија е поучен пример за сегашните и добар прирачник за идните генерации. За неа, успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква.
Како врвен медицински авторитет и пионер во интервентната кардиологија, посочи претседателката, неговото научно дело е потврдено со стотици трудови и меѓународна цитираност, сведочејќи за неговата глобална препознатливост и придонес во спасувањето на животи.
Таа укажа на дипломатската активност и улогата на Кедев во развојот на македонската демократија, за што говори и стекнатиот статус на почесен конзул на Индонезија.
Неговите алпинистички подвизи, според неа се резултат на знаење, огромна дисциплина, морал и духовност, некој со редок спој на професионална извонредност и длабока човечност.
На свеченоста, Кедев ги претстави своите алпинистички достигнувања и патешествија, споделувајќи го искуството и предизвиците со коишто се соочил искачувајќи ги највисоките 14 светски планински врвови над 8 000 метри надморска височина.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:
Почитуван претседател на Владата, господин Христијан Мицкоски,
Почитуван академик Сашко Кедев,
Почитуван претседател на МАНУ,
Почитувани министри, пратеници, претставници на локалната власт,
Почитувани гости,
Дами и господа,
Денешниот настан e ретка можност да му оддадеме признание на човекот, чиј живот е воден од стремеж кон највисоките вредности, академик Сашко Кедев. Ќе говорам за човек, за личност, чијшто персонален и општествен интегритет ги надминува границите на потесната стручна област и се интегрира во колективната меморија на државата и на општеството.
Сите го знаеме како врвен медицински авторитет, еден од пионерите и лидерите во развојот на интервентната кардиологија, но и во осовременувањето и во адаптирањето на современите тенденции во наставно-научната дејност. Неговата личност ја красат благородноста, моралниот интегритет и хуманоста.
Доктор Кедев не е само лекар вљубен и посветен на медицината и на пациентите. Не може да говориме за него, а да не го занемариме неговиот активен и видлив придонес во развојот на македонската демократија од првите денови на самостојноста и независноста до денес.
Каде и да оди и што и да работи по светот, тој ја персонифицира на најдобар начин Македонија. Доказ за тоа е и неговиот статус на почесен конзул на Индонезија, плод на неговите неимарски способности во градењето мостови на доверба и на партнерство меѓу народите и државите.
Кога станува збор за неговите професионални дострели, односно подвизи, зборовите, особено на лаик во медицината како мене, не се доволни. Доктор Кедев има биографија што не ја опишуваат епитети, туку ја потврдуваат суперлативи. Како член на академската заедница, импресионирана сум од неговиот едукативен и научноистражувачки профил.
Фактите говорат дека тој е меѓу водачите, првенците – интервентни кардиолози на Универзитетската клиника за кардиологија, но и во другите центри во земјата, како и во бројни престижни меѓународни медицински институции, од Канада до Јужна Африка, што од него прави своевиден колумбовски или магелановски докторски профил.
Неговиот научен опус е вонсериски во домашeн контекст, ама и пошироко:
на платформата „Web of Science“ има објавено 230 труда со импакт-фактор, H-индекс 36 и над 13 650 цитати, бројки коишто кажуваат повеќе и подлабоко од зборови и сведочат за глобална препознатливост на неговата научна работа и нејзиното очигледно релевантно влијание врз современата кардиоваскуларна медицина.
Но, подеднакво важно е да не забораваме дека бројките не се проста математика и статистика, туку персонифицираат стотици спасени животи, човечки микрокосмоси, човечки приказни и човечки судбини.
Медицинскиот научен јазик открива и тврди дека академик Кедев вовел револуционерни техники во нашата кардиологија, со што поставил повисоки стандарди, отворил нови и пошироки хоризонти, давајќи им шанса на илјадници пациенти.
Размислувајќи и пишувајќи за лауреатот, воочувам невидена синергија и хармонија: ако во медицината, д-р Кедев ги достигна највисоките професионални и хумани височини, тогаш во алпинизмот, буквално, ги освои највисоките врвови на светот! И тоа, не во младешките денови на бунтовник без причина, туку во зрелата доба, како бунтовник со цел: умен, искусен, но сè уште детски љубопитен; храбар, но внимателен, желен за нови подвизи, но наоружан со богато искуство, дисциплина и истрајност и… разбран и придружуван од љубов и од среќа. Доктор Кедев за мене е и Дедал и Икар, заедно, и затоа успеваше и успева.
Во период подолг од две децении, Сашко Кедев ги искачи сите 14 највисоки врвови, оние небеските, над осум илјади метри, како Давид борејќи се со суровата природа, екстремните закани и ризици со коишто се соочуваат само најхрабрите. Победуваше оти не ја третираше планината како непријателка или посакуван трофеј, туку ја сакаше, почитуваше и ѝ се восхитуваше, одеше угоре во потрага по непознатото, но и по онесознаениот дел од себе и од универзумот, трагајќи по одговори за прашањата за човековата природа и нејзините неограничени лимити. Верувам дека многупати доживеал епифанија во светот меѓу земјата и небото!
Ги запозна и Седумте врвови, највисоки точки на сите седум континенти и за момент живееше со нив, небаре Сијамски близнак, беше дел од нив.
Неговите подвизи не само што предизвикуваат дилеми, чудење и восхит, туку ги поместуваат границите на човечката издржливост и верба, поврзувајќи го физичкото со метафизичкото, општественото со природното, духот и телото, лаичкото и религиозното, телесното и платонското!
Драги пријатели, почитувани присутни,
Цврсто верувам и ве уверувам дека успесите на академик Кедев не се случајност, туку резултат на енормно знаење и сизифовски напори, потпрени на цврст морален темел и чиста и длабока духовност. Храброста и неуморноста што ги учел и вежбал во салите за операции, го поттикнуваат и го водат на највисоките планински врвови, а вербата во правдата и моралот, го инспирираат и го придружуваат во општествената битка за подобро, поправедно, демократско општество.
Секогаш кога е потребно гласно, чесно и одговорно да се проговори, тој е тука, дома.
Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква.
За сето она што го направи за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што можеме да сториме е да му оддадеме признание.
Со ум и од срце ѝ благодарам на Комисијата за одликувања и признанија што го препозна неговиот исклучителен придонес и ми достави предлог којшто го прифатив со особена чест.
Овој ден, во присуство на неговите најблиски и најсакани, но и на соработниците, пријателите и почитувачите, како и на највисоките претставници на државата, имам особена привилегија да му го врачам Орденот „8 Септември“, како израз на длабока благодарност на македонската држава и на македонските граѓани.
Му благодарам нему, но и вам.





