Комисија за помилување
Во согласност со Законот за помилување, постапката за евентуално помилување на осудени лица од страна на претседателот започнува со поднесување молба за помилување до судот којшто ја донел првостепената судска одлука.
Молбата, заедно со потребната документација, судот ја доставува до Министерството за правда.
Според законски утврдената постапка, министерот за правда ги разгледува молбата и останатите документи, и дава свој предлог којшто го доставува до претседателот на Република Северна Македонија.
Комисијата за помилување на претседателот на Република Северна Македонија, како постојано работно тело во служба на претседателот, на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот за правда.
Комисијата, со мнозинство гласови од присутните членови, утврдува мислење односно предлог којшто го доставува до претседателот на Република Северна Македонија.
Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот за правда, претседателот на Република Северна Македонија донесува конечна одлука.
Одлуките на претседателот се јавни и се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“.