Претседателката Сиљановска Давкова: 45-та МАКИНОВА и 22-та ЕКОНОВА континуирано ја слават креативноста и визијата на младите пронаоѓачи и истражувачи чиишто идеи и решенија го менуваат светот

10 ноември 2024 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова преку видео порака се обрати на Меѓународниот саем за иновации, пронајдоци, патенти, нови производи и технологии и младинско творештво 45-та МАКИНОВА и 22-та ЕКОНОВА за еколошки иновации и проекти. Настанот што се одржува под нејзино покровителство, а по повод Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември, обедини вкупно 96 учесници, од земјава, како и од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Словенија и Бугарија.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитувани млади иноватори, истражувачи и пронаоѓачи,
Почитувани претставници на Народна техника,
Почитувани организатори и учесници на 45-та МАКИНОВА и 22-та ЕКОНОВА,
Почитувани гости и поддржувачи,

Со искрена радост и големо задоволство го поздравувам овој настан кој со години претставува прибежиште на младите и бунтовни умови, визионерите и иноваторите, весниците и гласниците на промените.

МАКИНОВА и ЕКОНОВА го персонифицираат нескротливиот дух на иновацијата, креативноста и непоколебливата желба за поубав и подобар свет.

Цврсто верувам дека науката и техниката, односно антиципативните и револуционерни идеи и креативниот ум се моторот на иднината. Соочена со вашите пронајдоци, концепти и решенија, уверена сум дека Македонија има иднина, доколку се бори за вас, се разбира и доколку не ве подари на некоја држава, заборавајќи дека губи бесценет човечки потенцијал.

Чест е да се биде покровителка на ваков настан на кој врие од таленти.

Почитувани пронаоѓачи,

Денеска сте тука за да покажете дека умот е безграничен и побрз од светлината! Вашата љубопитност и вашата храброст да експериментирате и да трчате напред, го гонат општеството кон нови достигнувања. Вие сте иднината на оваа земја. Вашите пронајдоци и решенија го менуваат животот, ја движат економијата, го унапредуваат општеството.

Големо благодарам за Народна техника којашто повеќе од седум децении е столб на образованието и на науката во Македонија, ве стимулира и поддржува во креирањето, изразувањето и остварувањето на вашите идеи. Не се сомневам дека ќе ги достигнете целите од соништата и ќе поставите нови надмакедонски стандарди на иновативност.

Драги млади,

Не дозволувајте очекуваните и неочекуваните препреки да ве запрат. Скокнете ги или срушете ги. Вашите чекори се незапирливи. Продолжете да истражувате, да откривате, да создавате. Секој предизвик е шанса за нешто ново, секое прашање е можност за неочекуван одговор на стари, сегашни и идни проблеми.

Посакувам провокативните денови на МАКИНОВА и ЕКОНОВА да ве инспирираат и да ве поттикнат за уште повисоки дострели, да го разбудат во вас потенцијалот за уште поголеми успеси.

Благодарна сум што несебично го инвестирате знаењето во промени. Вие сте македонското сонце, вие сте македонските ѕвезди, македонската полна месечина.

Ви посакувам успех и изразувам длабока почит за вашиот немирен ум, длабоко знаење, натчовечка посветеност, неисцрпна креативност и напорна работа.

Градете похуман свет, отворајте нови хоризонти, размислувајте подлабоко, понапред и побрзо, штитете ги природата и човекот оти се во фатална врска!

Благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова разговараше со Илија Каров, претседател на Кинолошкиот клуб  “Македонско овчарско куче – Караман”

Сиљановска-Давкова разговараше со Илија Каров, претседател на Кинолошкиот клуб “Македонско овчарско куче – Караман”

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претседателот на Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче - Караман“, Илија Каров, по повод условното впишување на расата Караман во регистрите на Светската кинолошка федерација, со што, таа стана...

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд

 Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија,...

Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето, храброста и визијата ги надминуваат границите

Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето, храброста и визијата ги надминуваат границите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во  STEM професиите (наука, технологија,...

Официјална посета на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Официјална посета на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета. Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во...

Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност: Состојбата во којашто се наоѓаме e стабилна и безбедна

Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност: Состојбата во којашто се наоѓаме e стабилна и безбедна

Денеска во Кабинетот на Претседателката се одржа третата седница на Советот за безбедност. На седницата со којашто претседаваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваа сите членови на Советот за безбедност: Африм Гаши, претседател на Собранието;...