Почитуван поранешен претседателе Иванов,
Почитувани лидери,
Драги пријатели,
Голема чест ми е да бидам со вас денеска на Форумот за културна дипломатија, на мојот голем пријател и колега, поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов. Темата на годишниот форум е „мали држави“ – како нашата, „големо влијание“ – го немаме сеуште, „справување со глобалните предизвици преку заеднички мултилатерализам и културна дипломатија“ – ја имаме.
За мене, ова е една од најважните теми во овој момент, кога во светот се соочуваме со војни. Обединетите Нации настанаа како антиколонијален, но и мировен проект. Дури добија и Нобелова награда за мир, но се случува војна.
И Европската Унија, или ако сакате Европската Заедница најпрво, неслучајно заедница за јаглен и челик, настана како мировен проект, но се случува војна и тоа на почвата на Европа. Дилемата пред која се наоѓаме е како да изградиме лидери за мир меѓу државите, но и мир со природата, бидејќи, јас честопати велам дека не ме инспирира во мојата професија само Жан Жак Русо со неговиот општествен договор, туку и Мишел Сера со неговиот природен договор. Ние сме во војна и со природата, и војната е однапред изгубена. Значи, ние сме спремни на суицид, за жал. Зошто мислам дека треба да изградиме лидери за мир? Бидејќи, денеска сеуште како да доминираат следбениците на Тукидид, на Макијавели, на Клаузевиц.
Замислете, во 21. век постојано слушам – силните го прават тоа што можат, а слабите тоа што мораат. И постојано ме предупредуваат дека не сфаќам дека реал политиката е таа што владее со светот и дека мојот идеализам е чуден. А јас мислам дека треба да се облагороди реалполитиката со идеализам. Зошто кога велам идеализам, јас мислам на право, на правда, на морал и на етика. Да, го споменав Тукидид и Пелопонеските војни, се разбира, во најпознатиот дијалог за моќта, но и за правдата, да ве потсетам уште еднаш, тој вели: „правдата е збор кој што има вредност во расправиите меѓу луѓето, само кога двете страни имаат подеднаква сила“, а јас реков ќе зборувам во името на малите држави. Во останатите случаи, силните, како што веќе реков, го прават тоа што можат, а ние слабите тоа што мораме. Кога се соочувам со политичкото кредо на Макијавели, повторно соочена сум со една теза, дека целта ги оправдува средствата.
Меѓутоа, јас знам дека многу „хумани цели“ биле остварувани со многу ниски средства. И повеќе сум кантијански расположена, одошто макијалевистички. За мене, највисока цел е, беше и останува човекот. Го споменав и Клаузевиц, замислете, војната е продолжение на политиката, само со други средства. Последиците се од таквата политика катастрофални и ги гледаме секој ден, небаре сцени од Герника на Пикасо. Се срамам од она што го гледам секој ден. Сведоци сме, значи, на постојана ескалација на конфликтите, војните и крвопролевањата, без никакво оправдување.
За да понудиме алтернатива на моќта, на макијавелизмот, на милитаризмот, мислам дека треба да се инспирираме од луѓето на мирот, од моралните и етичките лидери, кои со своите зборови и дела покажаа дека и со мирни, ненасилни средства, може да се постигнат праведни цели. Овие архитекти на мирот ги создадоа Обединетите Нации, Европската Унија, Советот на Европа, многу други мировни проекти, кои обезбедија или обезбедувајќи правна еднаквост меѓу нациите, имаа за цел да ја скротат моќта на големите и да ги заштитат малите народи.
Токму таа правна еднаквост, за мене, е предуслов за мир и безбедност, но и за остварување на човековите права, и се разбира, одржливиот развој. Мислам дека тие укажуваат дека политиката не мора да биде византиска игра, борба на тронови, кула од карти, безмилосна игра на нулта сума, токму може да биде, некогаш јас велам, уметност на можното, односно креативен начин за наоѓање решенија за предизвиците. Но, мене ми е јасно дека денеска на сцената е она со што Харолд Ласвел го дефинира како политика кој, кога и како добива, за жал. Еве неколку примери сакам да дадам за поинаквата можност за политиката. Првиот, Даг Хамаршелд, поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, кој велеше дека „нашата работа за мир мора да започне во приватниот свет на секој од нас, оти секој од нас е микрокосмос“.
За да изградиме свет без страв за човекот, мора и самите да бидеме без страв. За да изградиме свет на правдата, мора да бидеме праведни. И како може да се бориме за слобода, ако немаме слобода на умот? Јас навистина често пати го цитирам Тихон кога вели дека „умот е побрз и од светлината“.Како може да бараме од другите да се жртвуваат, ако не сме подготвени и ние да се жртвуваме?
Вториот пример е Нелсон Мандела. Да, со миролубиви средства се избори за крај на апартхејдот, ама и за правда и за помирување во Јужна Африка. Тоа е вистинската инспирација.
Третиот пример е нашиот македонски револуционер Гоце Делчев, кој истакна дека светот го разбира како културен, а не воен натпревар меѓу народите. По мене, не знам дали ќе се сложите, особено мојот колега, се прашувам дали можеби Гоце Делчев е зачетникот на македонската културна дипломатија?
Тоа ме води до последната тема на овој настан, Форумот за културна дипломатија, инициран од колегата, поранешниот претседател Иванов.Минатата година, како пратеничка во Собранието, имав можност да учествувам на првиот форум и бев импресионирана од говорот на говорниците. Тоа беше говорот што мене ми недостига, и тоа беше говорот што јас сакав да го слушам. По мене, културата е најмоќниот ресурс на малите народи.
Многупати велам, нема подобра инвестиција од онаа во образованието, во науката, во културата и во спортот, оти таму честопати нема мали и големи. Во таа насока, сакам да го парафразирам македонскиот поет и дипломат Ацо Шопов, кога вели дека во културата нема високо и средно развиени земји и земји во развој. Културата им дава еднакво достоинство на различните. Зошто? Бидејќи на големите културни региони не им е сеедно како кон нив се однесуваат малите културни средини со нивните нови и свежи видици.
Летово ќе ме посети мој колега од Колумбија Универзитетот, професор емеритус Филип Џенти. Се запознавме во рамките на еден проект за Legal Clinical Education и она што него го зачудуваше беше како во симулациите победувавме ние. Инаку Legal Clinical Education значи да ги заразите студентите дека не треба само да учат, туку дека треба уште на прва година од факултетот да бранат, бидејќи во Соединетите Американски Држави професорите по право можат да бидат и адвокати и проектот беше со сиромашните. Значи студентите учеа, не само вештини – правни, туку и емпатија. Тоа е нешто што беше најважно. И да бидам искрена, кога заврши мојот говор и кога првиот човек кој ми пријде беше мојот колега, а зошто тој дојде таму? Зошто по 7-8 години заедничка работа во еден момент ме праша чудно нешто. Вие немате искуство во правното клиничко образувание, но имате интересни идеи. Веројатно тоа беше за нас ново и сократовски се однесувавме. Јас престанав да бидам учителка и учев и кога учите сте посветени, љубопитни. Можеби затоа бевме прогласени за најдобра клиника во Централна и Источна Европа и така си стекнавме углед. Значи, сакам да кажам дека сето ова упатува на еден заклучок дека малите културни средини, каква што е македонската, наместо да растат во широчина се креваат во височина. Јас мислам дека таквата иднина е вистинската иднина. Понекогаш и од малите ќе чуете неверојатни идеи. Бидејќи веројатно нивниот пат е потрнлив, потежок, а тогаш се поттикнува мислата и се наоѓаат извонредни решенија.
Зошто мислам дека сум во право? Ретко кој од светот ги знае имињата на македонските политичари. Но, многумина слушнале за уникатниот седум-осмински музички такт, за спектакуларното Македонисимо на Симон Трпчевски, за филмовите на Милчо Манчевски, за драмите на Горан Стефановски, за улогите на Никола Ристановски, за романите на Луан Старова или на Венко Андоновски, за песните на Јахја Кемал, за ремек делата на Мартиновски ќе ги видите – зад мене е Чемерски, Кондовски, Чемерски, Калеши. Кон тоа би го додала и наследството на сесловенските просветители и македонските преродбеници, на неимарите, на копаничарите, на зографите, филмовите на браќата Манаки, но и личните приказни како на Мустафа Кемал Ататурк и убавата Елени Каринте. На 19-ти, Денот на младите и на спортот на Турција, денот кога започнала битката за национално ослободување, на учениците од училиштето Кемал Ататурк во Гостивар, токму оваа приказна им ја раскажав – солунската идила, приказна на Кемал и на Елени, оти никој од нас не прашува кога некого ќе бендиса: извинете, од која етничка и верска припадност сте вие? – Не, бидејќи љубовта не знае за такви граници.
Во брилијантната студија „Македонскиот гениј низ вековите“ на еден италијански ерудит Џорџо Нуриџиани, која јас честопати им ја подарувам на странските политичари, бидејќи во неа, таа почнува со пораката на Вилијам Глeдстон, писмото до Бајроновото друштво – why not Macedonia to Macedonians. Значи не го напишав јас тоа туку го напиша Вилијам Глeдстон. А по него еден друг човек којшто јас го обожавам, Бернард Шо, напиша дека либерал е човек којшто верува во Финска, Ирска или Македонија.
Значи не го напишав јас тоа, го напиша Бернард Шо. Значи овие маркантни луѓе за мене наведуваат или даваат примери што мене ми се блиски. Тоа е она што јас понекогаш го нарекувам, еден, секој народ, секоја држава има такво нешто има и мојот народ македонска културна ренесанса, претпоставувам дека сте го виделе во Кабинетот, сте ја виделе сликата на Чемерски за оплакувањето на Христос, инспирацијата е од онаа мала црквичка овде, „Св. Пантелејмон“, каде што за прв пат можете да видите чувства, бидејќи Марија плаче за Христос. Се до тогаш сите фрески се со пластични фигури, бидејќи чувствата не се изразувале. И многу ми беше пријатно, во Фиренца кога бев и кога еден од колегите ми рече, е сега јас се восхитував на Џото, а тој вели, ама знаеме ние дека има некоја инспирација пред ренесанса и некаде таму во некој друг свет.
Зошто кога дошле од Константинопол, се чувствувале слободни, почнале да ги сликаат, да ги цртатат и чувствата. Значи, културната дипломатија гради мостови, по мене, тие мостови се отпорни на дневно-политички спинови, на популизам, на демагогија, на манипулација. Мислам дека нема поголем успех на една држава и култура од тоа да има некој, да има почитувачи, но исто така да има и вљубеници, ама и меѓу другите, меѓу другите народи, меѓу другите религии, меѓу другите луѓе.
Јас им велам, помислете на познатиот јапонски оперски пејач, не знам дали сте го слушале, ама јас да, маестро Котецу, којшто се вљубил во македонската музика, или пак на странските слависти и македонисти, учесници на Охридското лето или на Струшките вечери на поезијата. Исто така, наскоро ќе го наградиме Кензо Танге, чуениот јапонски архитект, но исто така и Ќиборовски, зашто? За брутализмот и корбизијанизмот, што може да се види низ Скопје, во постземјотресното Скопје, или ако сте го посетиле Музејот на современата уметност, ќе ги видите подароците таму на Пабло Пикасо и на Салвадор Дали, и на многу други уметници кои се вклучија во обновата на духот на Скопје, која е поважна дури и од градбите. Културниот дух.
Културата, значи, создава заеднички симболи, што се почитуваат и ги надминуваат, мора да бидеме ние, свесни политичарите, дека сме ефемерни билки, дека ги надминуваат нашите мандати. За да го исполни својот огромен потенцијал за поврзување меѓу народите, мислам дека културата мора да добие она што вие го правите, вистинско место во дипломатијата. Еве ќе ви дадам еден пример.
Сигурно сите знаете дека поради билатерализацијата на нашата европска интеграција, што води во стандарди, ние повторно сме блокирани на патот и јас, кога сум цинична понекогаш велам, еве не знам дали го чекаме господинот Годо, ама ова станува неверојатен маратон. Во услови на билатерални односи заострени, барав креативно решение за да создадам амбиент во којшто ќе можеме пристојно да разговараме. Решението го најдов во музиката, иако ми се смееја.
На минатогодишните Мајски оперски вечери во Скопје присустував на прекрасната изведба на вагнеровата „Валкири“, по што добив отворена покана да ја возвратам посетата, нашата опера гостуваше во Софија со вердиевата „Набуко“. Се разбира дека ја прифатив поканата. Во Скопје бугарската опера се соочи со делириум, со восхит. Во Софија нашата опера се соочи со екстаза од извици и одобрување. Мојот коментар на претседателот Радев беше – Ние не се претставуваме себе си, туку граѓаните. Вие ги видовте бугарските граѓани што мислат за македонската уметност, јас ги видов македонските граѓани какви чувства имаат кон бугарската уметност. Зар не е логично, ние, да ги следиме нив? Што се случи? Од минатата година директорот на бугарската опера, чуениот Пламен Карталов, професор, академик, издаде книга, ќе ви ја покажам, – Улогата на операта во дипломатијата. Следниот дел е посветен на македонско-бугарската културна приказна. Можеби ги нервираат националистите сликите со мене, со него, со граѓаните. Ама мене ме инспирираат или се прекрасни. Два дена пред да бидете овде, или три дена, да не грешам, во нашата Филхармонија, гостуваше солунската Филхармонија. Прекрасно. Равел, ама и негов грчки ученик, Ријадис. Можете да замислите, една комбинација на француска класика и грчки мелос. Фантастично. И плус нашиот Симон Трпчески. Немам зборови. За прв пат се случува ова, но она што мене ме восхити е, што меѓу музичарите, на виолончело, свиреше уметник грчки, кој јас го сретнав на Охридско лето, предходното лето, и почнавме да зборуваме за уметност, заборавивме на проблемите меѓу двете земји, кога јас влегов во салата и седнав, можете, филхармонија, а тој ми мафна и јас го препознав. Последната нумера што ја изведоа, чуениот Симонидис, значи диригент, ја најави вака – се работи за песна, од северниот дел на Грција, којашто вам ви е многу блиска. Да, во седумосмински такт беше песната, да ви кажам, тактот што е познат за нас.
Јас мислам дека поголем успех во меѓусебните односи, не може да има. Значи, сакам да завршам. Мислам дека ние, вие, мора да се инспирираме од прекрасните примери на центрите за културна дипломатија, какви што се францускиот, Гете, британскиот, Сервантес, Институтот Јапонија и така натаму. Зашто тие се најважни.
Ако ме прашате кој е еден од најубавите моменти во мојот мандат, ќе ви кажам пред неколку дена, ме посети амбасадорот на Емиратите, чие седиште е во Рим. Почнавме да разговараме, ама јас му кажав дека сум голема љубителка на Ефим Малов, му кажав дека предавам за Ибн Халдун, Едвард Саид, ориентализмот, се разбира за европскиот културен империјализам. Човекот рече „извинете, прв пат ми се случува ова и едвај чекам повторно да се сретнеме“. Тоа е она што мислам, драги пријатели на културата, на културната дипломатија, може да ни помогне да го трансформираме општеството и за мене таквиот хомобалканикус е хомоеуропикус, а не оној којшто само поддржува алијанси или одлучува за активности, кои најчесто се воени активности. Госпоѓата извонредно кажа дека мајка Тереза ја имаме, ние овде. Ако во вашата земја е најпопуларна, логично е овде да биде вистинската инспирација. Сите вие овде денеска за мене сте наследници на точно животниот пат, филозофијата на мајка Тереза. И тоа јас постојано во разговорот со моите европски пријатели го споменувам, тоа му го споменав и на господинот Макрон. Ако велите дека ЕУ е филозофија, а не само машинерија, или недовршена симфонија без Западниот Балкан, прекрасно звучи. Тогаш, морам да ве потсетам дека филозофија без вредности и принципи нема. Вредностите и принципите се вградени во вашите конститутивни акти. Нив треба да ги почитувате. Дека ќе го почитувате националниот и културниот идентитет на секој народ, дигнитет и интегритет на секој човек. Тоа е темелот на Европската Унија. Во спротивно е само уште едно здружување во потрагата по моќ и влијанија во светот. Бев долга, се извинувам, но ваквите моменти многу ми се потребни, бидејќи тие ми велат дека навистина и во овој статус има шанса за култура и за културна дипломатија.
Ви благодарам.