Обраќање во Собранието на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова

25 декември 2024 | Обраќања

Почитувани граѓани,

Почитуван Претседател на Собранието, г. Гаши,

Почитуван Претседател на Владата, г. Мицковски,

Почитувани пратеници во Собранието,

Почитувани министри,

Ценети претставници на правосудните органи,

Почитувани претставници на верските заедници,

Почитуван началник на Генералштабот,

Ценети претставници на дипломатскиот кор,

Претставници на медиумите, дами и господа,

Најпрвин нешто околу мојата филозофија за претседателската функција.

Им се обратив најпрво на граѓаните, без оглед на каква било припадност, за да го адресирам мојот и вашиот суверен во Русоова смисла на зборот: граѓанинот и народот како демос, односно како збир на индивидуи. Зошто? Затоа што, без демос нема демократија! Во оваа смисла Уставот вели дека „суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните!

Чест ми е да Ви се обратам седум и пол месеци месеци по изборот. Но, голема одговорност е да се оправда легитимитетот чијшто извор се 561.000 граѓани. Основното што го правам е да ја претставувам Републиката, дома и во странство, во духот на Уставот: како суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Ќе се обидам да го предочам најважното од она што сум го сторила, но и да укажам на започнатото, односно претстојното, ќе ги нотирам важните проблеми и дилеми, ќе понудам можни решенија за нив, во духот на мојата програмска визија и мисија.

Најпрво, градењето стандардна европска држава со демократски политички систем е мојата основна цел. Слободата, правото и правдата се мојата идеологија. Повикувањето и почитувањето на националното, европското и меѓународното право е моето политичко оружје. Одбраната на државниот и националниот интерес е мојот основен политички мотив.

Мој основен политички инструмент во внатрешната политика  беше и остана дијалогот  воден со добра волја и заснован на аргументи. За мене, единствениот делотворен и плодотворен механизам во меѓународните односи е базичниот консензус за државните и националните прашања, а тој секогаш ги надминува партијата, идеологијата и личниот интерес.

Во надворешната политика, свесна за подредената улога на малите држави во меѓународните политички односи, секогаш упатувам на очигледните последици од реал- политиката: војната и вооружувањето, како и на еминентната потреба од враќање и реафирмирање на мировните концепти и на меѓународното право, активирање  на меѓународните организации, институции и судови, ако не сакаме да завршиме во нео-  трибализам и во самоуништување.

Никој не е невин во оваа ужасна реалност, со чинење или со нечинење, односно немо гледање. ООН не смее да ја доживее судбината на Лигата на народите, дозволувајќи хомоцид и екоцид, како и толерирање на грубото кршење на неговите основни документи: Повелбата, Универзалната декларација за човековите права и бројните конвенции на Генералното собрание како и пресуди на судот во Хаг. ЕУ лидерите пак,  никогаш не треба да изумат дека Европската заедница беше мировен проект што требаше да гарантира вечен европски Кантов мир, а денес европски држави војуваат.

Знам дека реалистите ќе коментираат дека е чудно кога ја критикувам ЕУ заради односот кон нас, геополитички измислените западнобалканци, оти ние целиме кон ЕУ, а не ЕУ кон нас, ама и јас, што би рекол професорот Џозеф Вајлер имам право критички да размислувам за неа, за Европа, за ЕУ, како Балканка којашто се доживува како Европејка што очекува европско однесување на ЕУ кон нас и кон т.н. „Западен Балкан“.

Неколку месеци, на секоја мултилатерална или билатерална средба ја акцентирам нужноста од проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Укажувам на логиката на ЕУ-доктрината „единство на различности“,  како нејзин modus vivendi, која не може да важи само за нејзините членки, туку мора да важи и за кандидатите, па и за кандидатите за кандидати. Во спротивно, ниту има преговори, ниту има разговори. Има еврократија изразена во  формулата: „Слушај, молчи и извршувај“ оти имам неограничено право на вето!

Но, признавам, за мене, ЕУ сè уште е најпосакуваниот демократски политички систем и наш дом. Не случајно, денес, граѓаните на членките на ЕУ имаат подобро мислење за нејзиниот демократски капацитет, од оној на своите национални власти, со единствен исклучок на Луксембург.  Ова важи и за Франција и за Германија.

Во бројните средби со ЕУ- претставниците укажувам на некои парадокси: прво, Европската заедница со децении повикуваше на рушење на авторитарните системи, тогаш, има морална обврска за солидарност со нив, со нас по падот на комунизмот; второ, профитната логика на западните економии бара поголем пазар и работната сила, а ние сме тука; трето, стабилноста на европскиот континент зависи и од Истокот, вклучувајќи го и Западниот Балкан, како геополитички ентитет; четврто, лоциран меѓу Европа и Блискиот Исток како конгломерат на култури и религии отсекогаш Балканот се перципирал како потенцијална конфликтна зона; петто, ние Балканците и оние пред нас, секогаш сме се перципирале себеси како Европејци, па европската интеграција е навистина е недовршена без нејзиниот европскиот југоисточен дел.

Време е за храбар, фундаментален ЕУ-исчекор, по примерот на оној од 2004 година, што  ќе означи реунификација, односно реинтеграција на нашиот регион. Еве зошто. Балканот е природен дел на Европа: географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија поддржана од сите политички актери, партии, но и граѓани во регионот. ЕУ – членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе овозможи крај на заканата и дестабилизацијата, односно од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир. Целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, а со тоа и крај на балканизацијата како феномен, бришејќи ги границите меѓу балканските држави. И, на крајот, Западниот Балкан не е никаков проблем за апсорбциониот капацитет на Унијата!

Некои западни политолози метафорично пишуваат за Западниот Балкан дека е ЕУ-Ахилова петица. Ако е така, ниту Париз не смее да нишани во неа, а Берлин и Брисел, не смеат да дозволат да биде на нишан.

Искрено, по децениско отсуство на стратегија за регионот, во Планот за раст и во реформските агенди, а особено во нашата Реформска агенда, препознавам стратешки пристап, но и конкретни реформи со рокови и финансии, со што се гарантира и стимулира процесот од обете пријателски страни. Токму затоа, не смееме да дозволиме ни тие, ни ние, наместо на реализирање на стратешките цели и предизвици и на реформите, енергијата и времето да ги насочиме кон историјата, во согласност со Заклучоците на Советот и протоколите, односно замислете записниците.

Ако зборуваме за Pacta sun servanda, тогаш да посочам дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставни измени!

Дозволете ми да кажам нешто за одбраната и безбедноста.

Не случајно, статусот на претседателот „врховен командант на вооружените сили“ е гарантиран во посебен член, членот 79, став (2) на Уставот, а не во листата на надлежностите од членот 84 и амандманот XXII. Причината лежи во логичната врска меѓу претседателот, претседателката кој ја персонифицира државата и вооружените сили што ги штитат нејзиниот територијален интегритет и независноста.

Кусото искуство на врховна командантка на вооружените сили е доволно долго за да сфатам зошто нашата армија континуирано ужива највисок углед меѓу граѓаните. И од оваа говорница дозволете ми да изразам должна почит кон нашата армија, односно кон нејзините воени и цивилни припадници. Редовните извештаи на претходниот и сегашниот началник на Генералштабот за извонредните резултати и кредибилноста на нашите учесници во многу воени школи, мисии и активности, ме прави горда на нив. Присуствував на неколку воени вежби и настани и се импресионирав од манифестираната воена подготвеност и демонстрираните вештини. Ги посетив опожарените предели и ги видов војниците и старешините соочени со огнената опасност. Чув извонредно мислење за стручноста и компетентноста на првите луѓе на нашата армија од нашите стратегиски партнери и високи претставници на НАТО, покажана и докажана во процесот на едукација, но и на терен, односно на дело. Видов високи признанија и награди за постигнатите резултати. Се импресионирав од темелноста на извештајниот документ, како и од аргументацијата за борбената готовност на Армијата за 2024 година од началникот на Генералштабот, г. Лафчиски. Очекувам наскоро предлози од него за унапредување во генералски чинови. Посакувам меѓу нив да има и жени.

Со министерот за одбрана имам одлична соработка. Обајцата сме цврсто решени да се избориме за подобри услови за живот и работа на Армијата, којашто, иако е мала, важи за  професионална и функционална, почитувана НАТО-армија, способна да ги штити територијалниот интегритет и независноста на Републиката, во услови на новото и сложено безбедносно опкружување, како и рамноправно да учествува во значајните мировни мисии.

Но, далеку од тоа дека им се радувам на војните и на оружјата. Иако посакувам како Хемингвеј да се збогуваме со нив, сепак, свесна сум дека промената  на доктрините на војување наметнува потреба од адаптирање на нашата Стратегија за одбрана на глобалните предизвици.

Тоа бара инвестиции во одбраната, вклучително и во напредните технологии и оружја,  заради усогласеноста со НАТО-стандардите и Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија, што ја водиме.

Искрено, преферирам поголеми инвестиции во заштитата на животната средина, образованието, науката, здравството, културата, спортот и социјалната заштита, односно во подобрувањето на животот  на македонските граѓани, но регионалната, европската, блискоисточната и светска реалност, оптоварени со воени и терористички ризици наметнува други неочекувани потреби и активности.

Значи, добриот одбранбен систем може да го направиме уште подобар.

Напредокот во Армијата мора да се темели на јасно утврдени и прецизно нормирани критериуми, со акцент на стручноста, компетентноста и етичките стандарди. Морам да кажам дека нема интерес, ниту сила што може да ме натера мене, или убеди да го жртвувам владеењето на правото.

Важна алка во заштитата на националната безбедност на државата, нејзините економски и политички интереси, независноста, суверенитетот, уставното уредување и основните слободи и права на човекот и граѓанинот е Агенцијата за разузнавање, која  во согласност со член 2 од Законот за Агенција за разузнавање собира разузнавачки информации за закани и ризици од странство.

По триесет години машка доминација на највисоко ниво, односно директори од машки пол, водена од стручноста и компетентноста како примарни услови, но и од новите предизвици за современото разузнавање врзани за информатиката, решив да посегнам по промени, именувајќи на чело на Агенцијата две жени, од редот на веќе вработените на раководни функции. Набрзо се соочив со правно и етички незаснован обид моите одлуки за разрешувања и именувања на раководните лица во Агенцијата да се оспорат како дискриминаторски, замислете, по основ на пол и политичка припадност. Но, Државната комисија за заштита од дискриминација донесе мислење дека не постои  дискриминација. Од женски агол, од мој агол, е интересен фактот дека за 30 години машко директорување, немало дискриминација по пол, ама кога две жени биле именувани за директорка и заменик-директорка, „се случила“ дискриминација по пол. Обвинението за дискриминација врз основа на политичка припадност не можам да го разберам со оглед на законскиот императив за политичка неутралност во работата, како и примарниот факт дека обете именувани биле на раководни функции во времето на директорувањето на претходниот иницијатор.

Именувањата на раководните лица ги направив водена од принципот на меритократија. Најдобрите,  а не партиските за мене се најподобните и треба да бидат на најодговорни позиции. Повторувам, јас постапувам како правник во политиката, а не како политичар во правото.

Би  сакала да ве информирам за мотивот од кој се водев при именувањето на тројцата членови во Советот за безбедност со кој претседавам. Имено, именував: докторка по правни науки и експертка за евроинтеграции; доктор по метеоролошки науки и експерт за климатски промени и доктор по економија и одличен и почитуван познавач на меѓуетничките односи.

За експертка по евроинтеграции се одлучив заради промисла на честите предупредувања за опасност од дестабилизација ако не ги отвориме преговорите со ЕУ, сега и веднаш. За експерт за климатска акција се определив заради хроничното и акутно загадување како закана за националната безбедност. За познавач на меѓуетничките односи се определив заради тоа што добрите меѓуетнички односи, беа и се важна претпоставка за остварување на планираните реформи за прогрес и соживот.

Повторувам, Советот за безбедност може да одигра важна улога во мултидимензионалниот пристап во справувањето со загаденоста. Мора да ги приспособиме нашите безбедносни, одбранбени, енергетски, здравствени и други системи на овој повеќедимензионален предизвик.

Прашањето на загадувањето заслужува исклучително внимание, тесна соработка со невладините организации, формирање хетерогено тело и постојана и координирана работа на Владата, Собранието, невладиниот сектор, локалните власти.

Пред да биде доцна треба да се посветиме и на дигиталната безбедност, односно да се соочиме со дигиталните закани. Некои од клучните битки денес се водат на дигиталното бојно поле, каде што преку дезинформации се шират предрасуди, омраза и се влијае на клучни одлуки. Наместо пасивно да чекаме да ни се случи сајбер-напад, мора да градиме отпорност кон дигиталните закани и да ја штитиме нашата критична дигитална инфраструктура. Треба да се размислува и за формирање институција/орган/тело што ќе се грижи за дигиталната безбедност односно заштитата од злоупотребата на вештачката интелигенција за генерирање дезинформации, кражба на лични податоци, дискриминирање на ранливи популации и друго.

Во програмата ја актуализирав потребата од формирање Регионален центар за извонредност на жените, мирот и безбедноста заради поголема вклученост на жените во одбранбениот и безбедносниот систем. Фактот дека заменик-генерална секретарка на НАТО е Македонка, е можност, во партнерство со НАТО, оваа идеја да стане реалност со позитивни ефекти врз регионот, но и пошироко.

Посебно околу надворешната политика.

Членството во ЕУ беше и останува врвен македонски државен интерес и приоритет. Брисел е македонската стратешка дестинација. Нашата надворешна политика целосно е усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ а и другите можат да бидат тоа.

Сметам дека евроинтеграцијата е процес на учење не само за кандидатите, како нас,  туку и за ЕУ, односно членките. Се надевам дека, по 20 години и ние ја научивме лекцијата  дека државните интереси се градат овде консензуално, и се бранат консензуално, како што веќе истакнав на почетокот, но и дека ЕУ сфати, или мене така ми се чини,  дека не смее да ја повтори грешката при распадот на Југославија, кога немаше јасна стратегија за регионот, доцнеше со појавувањето, не инсистираше цврсто на мирна дисолуција.

Верувам дека патот кон Брисел може да се изоди полесно и побрзо ако сите ние: претседателката, Собранието, Владата, судството, власта, опозицијата, невладиниот сектор, медиумите, функционираме како добро синхронизиран, извежбан и искусен оркестар,  на чиј репертоар редовно е симфонијата „владеење на правото“ со која треба да настапиме на финалиот концерт во Брисел. Но, на членовите на оркестарот, како и на публиката им е потребна заслужена, стандардна валоризација на стореното од страна на европските евалуатори, низ призма на најважните конститутивни документи на ЕУ: Лисабонскиот договор и Конвенцијата за фундаменталните права, но и најважните меѓународни документи кон кои пристапи ЕУ, како Повелбата на ООН и Европската конвенција за човекови права. Или, поинаку кажано: Дали сме  ја хармонизирале нашата легислатива со европското право и дали функционираме врз основа на европските стандарди, односно Копенхагенските критериуми? Усогласениот настап на македонските носители на власт во меѓународните односи е доказ за сериозна држава и државнички политички пристап, а различниот, за слаба држава. Истово важи за конзистентноста на ставовите. Тие се усогласуваат дома, тука, а надвор се бранат од сите.

Ние, јас, премиерот и министерот за надворешни работи, но и сите други министри ги градиме и усогласуваме ставовите дома, а надвор настапуваме како хармонично трио и хор. Имаме став, го презентираме и браниме со аргументи. Нашите ставови, од една страна,  кореспондираат  со оној на мнозинството граѓани, оти од нив сме го добиле мандатот, а од друга, се темелат на европското и меѓународното право, се повикуваат на компаративните и претходните искуства и инсистираат на неселективен пристап.

Добро е да сме усогласени и да се усогласуваме и со опозицијата зашто така ќе ја зајакнеме преговарачката и државна позиција, ама за тоа треба државнички профили и жртви од обете страни.

Може некој да не сака да види или да не признава, ама јас сметам дека односот кон нас и кон нашата држава не е ист како претходно: доволно е да се следи говорот на амбасадорите, како и на највисоките претставници на ЕУ и да се спореди со оној пред и за време на изборите, па да се воочи разликата, ако се сака, се разбира. Еден од најупотребуваните зборови е дебилатерализација на преговарачкиот процес, елиминирање на билатералните прашања од евроинтеграцијата. Искрено, требаше време, знаење и волја да дојде до промена на ЕУ-вокабуларот и односот. Верувајте ми немаше билатерална или мултилатерална средба, дебата, конференција,  на кое било ниво,  на која не укажувавме на опасноста од вирусот на билатерализацијата, односно само една држава со своите потези да ги поништи напорите и успесите на полето на кластерите и поглавјата и да ве држи во место, или дури и да ве врати назад, без објективна причина, само од  субјективен, па и ирационален мотив, што фрла сенка на неизвесност и го дискредитира процесот. Жртва на ветото не сме само ние,  и нема да бидеме само ние, туку и оние што исчекориле понапред во отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите. Може да се каже дека и ЕУ е реална или потенцијална жртва на едногласноста во несоодветните случаи и ситуации, поради топење и губење на кредибилитетот. Сепак, за мене најголема жртва се вредностите  и принципите на ЕУ, без кои, таа не е или не се перципира како супериорна, вредносно втемелена заедница (polity). Нашите добронамерни укажувања и предупредувања, по темелна елаборација и консултација со експерти, наидуваат на разбирање кај нашите регионални соседи, кои не се изземени, ниту се имуни на ветото, туку директно засегнати, но и кај многу објективни, мислечки, демократски настроени политичари, функционери на ЕУ. Се разбира, најгласни беа и се, експертите на различни тинк-тенкови, невладини организации специјализирани за ЕУ, интелектуалци, слободоумни луѓе, аналитичари, новинари. Се разбира ваквите тенденции ги забележувам не само во ЕУ, туку и надвор од ЕУ и дома.

Нашите аргументи, презентирани на мирен и пријателски начин, bona fide мислам дека не само што се слушаат, туку и тераат на размислување. Треба да сте самопрогласен супер Европјанин или курентен апологет за да не ги гледате промените на односот кон ветото, замислените или измислени спорови, уцените, лошите намери, евромандаризмот…

Но, односот на ЕУ кон нас најмногу и директно зависи од нашиот однос едни кон други,  и кон Копенхагенските критериуми, кон реформите и кон спремноста за европеизацијата. Економските, судските, политичките, правните и другите промени во насока на хармонизација со ЕУ – стандардите, го јакнеат и ќе го јакнеат нашиот кредибилитет и сами по себе ќе нè туркаат и приближуваат кон ЕУ.

Важно е да ја забрзаме евроинтеграцијата, но крајно време е да постапуваме утилитаристички, мерејќи ги придобивките и загубите од чекорите, антиципирајќи ги последиците од повторувањето на грешките со феноменот: уште сега, уште еднаш, уште ова, одново и наново.

Мора да укажуваме на неодржливоста на парадоксите спротивни дури и на здравиот разум и логика. Ако 16 пати во 16 извештаи Европскиот парламент и Европската комисија рекле „да“ за нас, а Европскиот совет рекол „не“, во прашање не е нашата неспособност, туку се работи за ЕУ-демократски дефицит. Ако во 15 извештаи не бил нотиран никаков проблем со малцинство, а одеднаш, во шеснаесеттиот, се појавил проблемот со малцинството, проблемот е проблематичен. Ако има 14 пресуди против Бугарија во Судот за човекови права во Стразбур, а ЕУ пристапила кон Европската конвенција за човекови права и ја признала неговата јурисдикција. Како може да се толерира членка која ја потпишала и ратификувала Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, па и која било друга,  да одбива да ги спроведе пресудите на Судот во кој и самата има судија?  Впрочем, основното прашање не е дали некое малцинство односно заедница е спомната во Преамбулата, половина од уставите во светот немаат преамбули, туку дали во нормативниот текст на секое малцинство му се гарантирани малцинските права. Како може ЕУ да дозволи нејзина членка да нема ниту еден збор во Уставот за гаранција на правата на малцинства, иако тие се гарантирани во член 2 на Лисабонскиот договор заедно со човековите права, а истата да бара од нас да го смениме Уставот, иако нашиот устав, во членот 48 и амандманот VIII гарантира широка заштита на правата на сите заедници, вклучувајќи ги и Бугарите и другите, без оглед дали се спомнати или не во Преамбулата.

Ако ЕУ сака да биде филозофија односно заедница, а не обичен збир на делови (бирократска машинерија), мора да ги почитува основните вредности и принципи не само кога се во прашање нејзините членки, туку и кандидатите. Не попусто во Преамбулата на Лисабонскиот договор пишува дека ќе се продлабочува солидарноста и ќе се почитуваат историјата, културата и традициите на народите (алинеја 6), од преамбулата. Ова е суштината на мотото „единство  на различности“. Зошто тогаш од нас се бара да трагаме по сличности, ревидирајќи ја нашата историја?

Јас, на грчките соговорници, мои пријатели, вклучувајќи го и амбасадорот на ЕУ, со најдобра намера им укажувам дека Република Грција  има правна и морална обврска кога инсистира на pacta sunt servanda, да ги упати  Бугарија и Европскиот совет на членот 7, став (3) во кој е утврдено значењето на зборот „Македонија“ за „втората страна“, онаа безимената, ние, како: територија и народ со своја историја, култура и јазик. Значи, претходниве се ставени ad acta, односно решени. Pacta sunt servanda. За што разговараме ние со Бугарија? За историја, култура и јазик. Па, што стана со pacta sunt servanda?

И Европската конвенција за фундаментални права како еднаква по важност и по сила на Лисабонскиот договор, од уставен карактер документ, во Преамбулата вели дека ЕУ ќе ги почитува на различните култури и традиции на европските народи и на националните идентитети.

Членот 4, став (2) на Лисабонскиот договор, пак, промовира еднаквост на земјите  членки, на нивните национални идентитети, врамени во политичките и УСТАВНИТЕ СТРУКТУРИ! Така вели членот 4. Како тогаш европски функционери бараат од нас да го смениме Уставот за да почнеме преговори?

Релевантен за нашава состојба е и членот 8 од Лисабонскиот договор којшто упатува на склучување договори со соседите врз реципрочна основа.

Да потсетам. Она што го кажа и г. Макрон. Важноста на темелните вредности и принципи за ЕУ е толку голема за филозофијата на ЕУ, што во членот 7 е предвидена постапка за суспендирање на одлучувачките права на онаа држава што ќе ги прекрши. Зошто некоја членка на ЕУ не ѝ укаже на Бугарија на оваа можност во одбрана, не наша, туку на уставните документи на кои се темели ЕУ?

Знам, може да кажете дека се втурнав во европско уставно право, ама замислете го шокот на нашите студенти кога едно учат, а друго гледаат, кога веруваат во Кант, а им се случува Тукидит среде ЕУ, па и овде!

Да заклучам. За неколку месеци, нашата усогласена, проактивна, конструктивна и проевропска надворешна политика манифестира потентност и релевантност. Можеби на почетокот им звучевме чудно, за разлика, можеби од претходниците, но потем внимателно нè слушаа и сега споменуваме исти проблеми што бараат нови заеднички решенија.

Морам да ви го прочитам членот 49 од Лисабонскиот договор. Тој вели:

  1. Секоја европска земја што ги почитува вредностите од членот 2 може да аплицира за членство.
  2. Условите за прием на нови членови се предмет на договор меѓу ЕУ и апликантот. Овој договор се ратификува од сите земји.

Намерно упатувам на завршницата. Морам да кажам дека прашањето: Дали ќе го смените Уставот,  што понекогаш ми се упатува, ме навредува и како професорка и како претседателка. Го знаете мојот одговор: Прашањето е надвор од ЕУ уставните норми, а јас не можам и не смеам да гарантирам уставни промени, оти не сум апсолутен монарх којшто не ја почитува поделбата на власта и на парламентарната демократија. Уставот го носите и го менувате само вие, кои ги претставувате граѓаните и вие гласате по вашето сопствено, а не по моето уверување.

Но, предложивме излезно решение, дури и за едно нерационално барање. Со креативно  интерпретирање на преговарачката рамка, како што чув и од партии и пратеници од овој состав, односно заклучоците, сметаме дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите, што веќе неколкупати сме го примениле, па и во последниов случај. Во случајов, vacatio legis би се врзал, односно амандманот би стапил на сила по завршувањето на нашите преговори и ратификацијата на Договорот за нашето членство во ЕУ. Ова би било win решение за Бугарија зашто би го остварила своето барање, ама подоцна, а во меѓувреме, би ни помагала во евроинтеграциите, во духот на Преамбулата на Договорот за добрососедство и пријателство, свесна дека колку побрзо ќе завршат нашите преговори, толку побрзо таа ќе дојде до целта. За нас, win би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки и ние би брзале да ги завршиме преговорите. За двете држави win-win би било засиленото пријателство и докажаното добрососедство. Комисиите би си работеле по француско-германскиот, односно германско-полскиот модел, обидувајќи се да го разберат другиот.  Во спротивно, ризикуваме да се соочиме со нови и нови барања и услови, под закана на вето. Се разбира ЕУ може да предложи и други креативни решенија во интерпретацијата, како на рамката, така и на заклучоците.

Билатерализацијата на евроинтеграцијата не е опасна само за македонскиот случај, туку за севкупниот процес на проширување. Балканот е родното место на преседаните. А секој штетен преседан станува правило. Билатерализацијата нема да заврши со нас, напротив, се плашам дека ќе биде инспиративна и за многу други случаи. Така и тогаш ќе стане најголемата опасност за проширувањето, а тоа беше и остана една од најважните геостратешки инвестиции на ЕУ во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Балканската Пандорина кутија не смее да стане европска Пандорина кутија. Европската Унија има и имаше можност токму со македонскиот случај да спречи овој штетен преседан да прерасне во правило. Ја поздравувам германско-словенечката иницијатива за избегнување вето поради билатерални прашања, но и критиката на сите други. Во меѓувреме, добро е да одиме во пресрет на новото решение.

Не го говорам ова напразно, туку врз основа на искуството односно активното учество на десетици и десетици билатерални и мултилатерални настани, средби со многу претседатели, премиери, претседатели на парламенти, високи претставници на меѓународни организации.

Ја користев и ќе ја користам секоја прилика, вклучувајќи ги и професионалните контакти и пријателства во одбраната на македонските позиции и интереси, и ширењето на кругот на партнерства.

Во рамките на регионалната соработка повикувам и поддржувам меѓусебно разбирање и поддршка како услов за разбирање и поддршка од другите. Наместо меѓусебно да се блокираме, ние мора да се поддржуваме бидејќи, ако не се поддржуваме едни со други, како ќе очекуваме од другите да нè поддржуваат? Во спротивно ќе продолжиме да ги потврдуваме наметнатите стереотипи и негативни наративи за нас, од типот на: буре барут, предграѓанска држава, периферија на периферијата.

Верувам дека и Homo Balkanikus, јас, вие, ние може да стане Homo Politicus.

Многу може да си помогнеме со културната дипломатија. На годинашниве Мајски оперски вечери во Скопје, сведок бев на велелепната бугарска изведба на Вагнеровата опера „Валкири“, по што добив и покана од директорот на Операта, академикот и професорот Пламен Карталов за возвратна посета на Македонската национална опера и балет во Софија со „Набуко“. Ја прифатив и отидов во Софија каде што посведочив за огромната почит којашто ја ужива македонската уметност и култура во бугарското општество, во преполната сала и долгите овации за македонските уметници. Најважниот епилог од ова е раскошната публикација на академик Пламен Карталов, со наслов „Улогата на бугарската опера во културната дипломатија“, во која цел дел ни е посветен нам, збогатен со фотографии, слики, изјави, неговиот и мојот говор, написи во бугарските и македонски весници.

Го информирав бугарскиот претседател за мојата посета и договоривме не само средба туку и заедничко следење на нашата опера. За жал, авионската трагедија во која загина негов близок соработник и другар го оневозможи да дојде на претставата, а инцидентот со знамето ги засени пријатните разговори и наброените многу проекти.

Јас сепак верувам дека културната дипломатија, гради двонасочни мостови коишто се отпорни на дневнополитичките спинови, на популизмот, демагогијата и манипулацијата. Нема поголем успех на една држава и култура од тоа да стекне почитувачи, па и вљубеници, меѓу други припадници на други народи.

Освен билатералните посети на Италија и на Црна Гора, учествував и на пет важни мултилатерални настани. Македонските позиции ги застапував на глобалната сцена, на 79. Генерална дебата на Генералното собрание на Обединетите нации, имав излагање на Советот за безбедност, се сретнав со генералниот секретар Антонио Гутереш, со претседателот Бајден, со високи претставници на меѓународни организации. За мене е најважно што мојот говор во Њујорк предизвика голем интерес и многу учесници се повикуваат на него. Пријатно е при приемот и средбите со амбасадори кои не се резидентни во нашата земја ќе чуете дека ве познаваат од говорот во ООН.

Во Берлин учествував на Конференцијата за обнова на Украина, а во Луцерн настапив на Самитот за мир во Украина. Учествував на Самитот за климатски промени во Баку каде што ја споделив нашата визија за решавање на некои од најгорливите проблеми на денешницата. Договорив и потврдив повеќе средби. Последната е потврдена од претседателот на турското Собрание за посета на Турција.

На крајот само неколку напомени за внатрешната политика. Иако имам ограничени ингеренции во внатрешната политика, како претседателка на сите граѓани, не можев да бидам пасивен набљудувач на проблемите во општеството. Ветив дека ќе бидам не само до граѓаните, туку и меѓу граѓаните и со граѓаните. Граѓаните знаат дека јас сум соговорник за нивните предизвици и сопатник во борбата за остварување на нивните права. Затоа, до мене стигнаа над 132 претставки, од кои над 62 испративме до надлежните органи. Претставките не се статистика, туку човечки судбини. Со секоја одговорена претставка се покренува административниот механизам за остварување на правата на граѓаните, загарнтирани со Уставот и законот.

Во финална фаза е средувањето на просторот во центарот на градот во кој ќе биде повторно сместена Народната канцеларија на Претседателот, покрај која ќе организираме и мобилни канцеларии во општините.

Верував и сè уште верувам дека помилувањето е човеково право, а не санкција и дека треба да се оценува степенот на ресоцијализацијата на осудениот. Сметав и сè уште сметам дека не е добро во Комисијата за помилување да бидат членови судии, јавни обвинители и адвокати поради опасност од конфликт на интереси. Помилувањето е насочено кон корекција на правото со правда и со етика. Потребен ни е нов Закон за помилување, нов начин на комуникација на Судот со Министерството за правда, нов начин на постапување на судиите кон барањата за помилување, односно собирањето и документирањето на случајот и профилот на осудениот подносител на барањето за помилување. Потребно е да се овозможи посета на затворениците коишто бараат помилување од страна на членовите на Комисијата. Но, јас мислам дека треба да се преиспита казнената политика, како и должината на времето на помилувањето. Тоа ни го укажуваат и од Советот на Европа.

Комисијата за помилување ќе организира средба со сите бивши членови на комисиите за помилување заради размена на искуства, детектирање проблеми, предлагање  излезни решенија.

Комисијата е меритократски заснована со почитување на правичната и соодветна застапеност покрај стручноста и компетентноста и паритетна родова застапеност.

Во формирањето на Комисијата за одликувања и признанија, која веројатно ја видовте, се водев од критериумот наградуваните да наградуваат. Во неа членуваат познати научници, професори, оперски пејачи, сликари, скулптори, глумци. Основниот критериум е стручноста и компетентноста, а потем правичната и соодветната застапеност. За прв пат има повеќе жени од мажи во Комисијата.

Имам постојана соработка со голем број организации во областа на културата, родовата еднаквост, маргинализираните групи, жените земјоделки, ученици со оштетен слух, добитници на престижни награди во математиката, физиката, хемијата, спортот…

Покровителка сум на важни настани, од детски, како „Златно славјче“ до прослави на важни јубилеи на универзитети, библиотеки, институти, стопански комори.

Се обидувам преку говорите на најважните државни празници, како Илинден, АСНОМ, или 11 Октомври да го реафирмирам немерливото значење и да ја поттикнам нашата самодоверба, да повикам на единство и сплотеност, на себепочит и почит кон другите и  различните.

Повторувам потребен е консензус помеѓу власта и опозицијата околу најважните државни интереси. Во оваа насока, се вклучив во расправата за Планот за раст и Реформската агенда, повикав на соработка во Националниот совет за евроинтеграција. Лично, имав конструктивна средба со лидерот на опозицијата, оти верувам, а мислам дека и тој верува,  дека без опозиција нема демократија.

Не жалам што отворено ја поддржав Радмила Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО. Ирелевантно беше дали лично се согласувам со некои нејзини претходни политички ставови и одлуки. Важно е да имаме наша претставничка, да го искористиме реткиот момент, за регионот и малите држави, да манифестираме единство околу поддршката на многу важната функција. Без двоумење, заедно со премиерот и со Владата застанавме зад неа. Мора да научиме да правиме разлика помеѓу државниот и партискиот интерес. Нелогично е да поддржуваме кандидати на други држави кога имаме наш кандидат, дури и да доаѓа од редовите на опозицијата. Нелогично е на натпревар на којшто учествува македонска репрезентација да навиваме за туѓиот тим.

За да можеме да напредуваме, ние мора да ставиме крај на автодеструктивното  однесување дека сe започнува со нас, дека ништо претходно не е добро, дека ништо не важи, дека другиот ни е непријател, а не партнер, дека треба да се сатанизира, наместо критикува. Во оваа смисла, за поздравување е одлуката, ваша,  на Собранието да ја усвои Националната развојна стратегија 2024-2044, иако истата беше донесена од претходната влада. Тоа е инспиративно. За поздравување е и поддршката на опозицијата на Реформската агенда на оваа влада.

Почитувани присутни,

Вообичаено, на крајот на секоја година се спроведуваат истражувања на јавното мислење преку коишто носителите на одлуки се обидуваат да го почувствуваат пулсот на народот. Се разбира, некои се интересираат за партискиот, други за личниот рејтинг. Мене, пак, ме интересираат проблемите на македонските граѓани. А еден од најважните е правдата.

Правдата е најсилната врска помеѓу државата и граѓаните. Но, правдата е загрозена поради ендемската корупција и организираниот криминал, што, заедно со судирот на интереси, непотизмот и клиентелизмот, го поништуваат владеењето на правото, ги обезвреднуваат институциите, ги иселуваат младите и ни ја празнат државата. Без правда нема извесност на планирањето на животот.

Ја поздравувам борбата против корупцијата и организираниот криминал. Таа е најважна.  Во оваа борба ние,  не сме сами. Ја имаме довербата од македонските граѓани и поддршката од нашите стратешки партнери, вклучително и со дополнувањето на црната листа. Црно ни се пишува ако не ја видиме со широко отворени очи црнината и не ја обелиме со санкционирање. Сега македонските надлежни институции се на потег. Граѓаните очекуваа и дочекаа конкретни резултати. Секое одолговлекување би значело толерирање на беззаконието и неправдата. Никој не смее да биде недопирлив. Никој не смее да биде над Законот. Не може целото општество да ја трпи казната поради неказнивоста на неколкумина.

Но, борбата никако не смее да се сведе само на високопрофилирани случаи бидејќи корупцијата е длабоко вкоренета во секоја пора на општеството. Недовербата кон судството не е случајна. Умниот лорд Ектон со право вели дека: Секоја моќ корумпира, се заканува да ве расипе, а апсолутната моќ корумпира апсолутно. Роберт Хајслоп, пак, предупредуваше дека во секоја држава има криминал, ама на Балканот, криминалците имаат свои држави.

Затоа, потребни се забрзани и длабоки реформи во правосудството. Судскиот совет и Советот за јавни обвинители мора да бидат вистински чувари на независноста на судството и филтерот низ којшто ќе можат да минат само квалитетните и некорумпираните. Од тоа зависи враќањето на разнишаната доверба на македонските граѓани во него. Борбата за правда, за правна држава, за владеење на правото, е борба за задржување на младите и за иднината на државата.

Почитувани пратеници,

Кога зборувам за правда не мислам само на правосудството и на владеењето на правото. За да не станеме држава на социјални случаи, нам ни е потребна социјална правда. И во Уставот, Македонија е дефинирана како социјална држава којашто треба да им помага на ранливите, за секој човек, за секое семејство да има пристоен, достоинствен живот.

Буџетот што го усвоивте вие, пратениците, е развоен и инвестициски, но со вклучена социјална компонента. Тоа е за поздравување, особено во ова време на ценовни шокови. Секој од нас треба да направи сè што може за да им помогне на ранливите категории.

Веќе реков,  моите ингеренции на ова поле се ограничени, но го правам она што можам. Станав глас на оние што се соочуваат со системска дискриминација, како што се текстилните работници или руралните жени кои се борат за подостоинствени работни услови. Поради родовата нееднаквост, многу жени неправедно носат тежок, двоен товар – не само за домот и семејството, туку и за приходот.

Мора да ги интегрираме родовите перспективи во секоја работа. Родовата еднаквост не е апстрактен идеал, туку е фундаментална претпоставка за одржлива безбедност. Треба да се следи ритамот на природата во која постои односот 50:50. Во кусото време на претседателствување, јас го применувам овој принцип. Во Комисијата за помилување, за првпат во историјата има повеќе жени, а во Советот за млади има паритетна застапеност. За првпат, за член на Советот за безбедност именував жена. Исто така, за првпат по 30 години првиот и вториот човек на Агенцијата за разузнавање се жени. Имам жена аѓутантка, во Комисијата за одликувања има повеќе жени од мажи.

Како сојузничка на жените, младите, студентите, ранливите групи, за првпат вклучив лице со посебни потреби во Советот за млади. Во Комисијата за помилувања и во Советот за млади, за првпат има припадник на ромската заедница кој не е таму како Ром, туку како врвен правник, докторанд по казнено право.

Зошто сево ова е важно? Затоа што грижата за сиромашните, ранливите и маргинализираните е врвот за мерење на вистинската вредност на општеството. Ние мора да ја разбудиме солидарноста и хуманоста во нас и меѓу нас.

Збор, два за еколошката правда. Веќе зборував за смртоносните ефекти на загадувањето на воздухот што го дишеме. Клучниот загадувач кај нас е енергетскиот сектор. Овој наследен проблем не може да се реши преку ноќ. Неодамна на климатскиот самит во Баку во презентирањето на обврските што ги преземевме, како држава, се зборуваше и за енергетската транзиција. Знам дека ни е понудена помош и мислам дека таа помош треба да ја прифатиме. Со нетрпение го чекам денот кога ќе го потпишам Указот за прогласување на Законот за климатска акција. Тој може да доведе до пресвртница.

На денешен ден, 25 декември 1903-та, пред точно 121 година, од печат излезе најважната книга за нас – „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. Во неа Мисирков нѐ предупредува дека како причина за секој неуспех, поделбите нѐ туркаат во небиднина. И спротивно, дека сплотеноста е предуслов за секој успех и основа за светла иднина.

Мисирков го скицира и општествениот договор, потсетувајќи нѐ дека „народот не е ништо друго, освен едно големо другарство, основано на крвно родство, на општ произлез, на општи интереси. Паметувањето на тоа родство, тој произлез и тие интереси го натеруваат секој член од некој народ да се одрече од некои свои права и интереси за да му посвети дел од своите сили на општото добро. Тоа е долгот кон народните интереси, за што членот од народноста добива заштита на своите лични интереси таму, каде што не се доста само неговите сили“.

Тој општествен договор, скициран од Мисирков, беше склучен на 2 август 1944-та со формирањето на асномска Македонија, и беше потврден и обновен на 8 септември 1991- Во сржта на тој општествен договор е увереноста дека нашата република постои за да се обезбеди мир и соживот, човекови права и социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.

Изминативе три децении, тој општествен договор напати беше заборавен. Општото добро беше присвојувано, а јавниот интерес беше занемарен. Како последица, сè повеќе млади почнаа да ја доживуваат татковината како место за привремен престој, како хотел, наместо траен дом во кој би основале семејство.

Овој процес, на остварување општествен договор не е лесен. Но, ние не смееме да се откажеме и мора да создаваме услови за младите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други, да напредуваат и да успеваат тука, во нашата единствена заедничка татковина.

Само ако ги оставиме на страна поделбите и кавгите, тесните партиски и лични интереси, и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес, ќе успееме да го обновиме општествениот договор на Мисирков и да ја направиме нашата татковина пристојно место за живеење за сите нејзини граѓани, сегашни и идни.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателката Сиљановска – Давкова до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателката Сиљановска – Давкова до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар

Претседателката Гордана Сиљановска - Давкова по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Епарх Струмичко-скопски и до сите верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар....

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш кој престојува во официјална посета на нашата држава. На средбата се разговараше за зајакнување на повеќедецениските билатерални односи,...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод одбележувањето на 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик. Почитувани сограѓани Турци, Во богатото ткаење на нашата татковина, турската заедница е сјајна нишка која го облагородува мозаикот на...

Претседателката Сиљановска-Давкова го прими заменик-претседателот на ТИКА, Махмут Чевик

Претседателката Сиљановска-Давкова го прими заменик-претседателот на ТИКА, Махмут Чевик

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими заменик-претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Махмут Чевик. На средбата се разговараше за работата на агенцијата во нашата држава, при што...

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова прими новинарска делегација од Турција

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова прими новинарска делегација од Турција

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими новинарскa делегација од Република Турција, членови на Глобалниот совет на новинари, кои престојуваат во земјава по повод 21 декември, Денот на наставата на турскиот јазик. ...