Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на отворањето на 64. издание на „Охридско лето“

13 јули 2024 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на 64. издание на меѓународниот фестивал „Охридско лето“, кој традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата.

На свеченото отворање уметничката порака ја пренесе македонскиот виолинист Владимир Костов, концерт мајстор во македонската филхармонија и професор по виолина на Факултетот за музичка уметност.

Свое обраќање на отворањето на фестивалот имаше и министерот за култура, Зоран Љутков.

Годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ беше отворено со настапот на светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин, во придружба на македонската филхармонија.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитувани љубители на уметноста, 

Културниот настан над настаните, Охридското лето, повторно е пред голем предизвик: По шеесет и четврти пат да покаже и да докаже дека младиот Ниче бил во право кога тврдел дека животот без музика би бил грешка. Ве прашувам: Mоже ли да го замислите животот без уметност, без „Охридско лето“? Јас, не!

Да потсетам: Пред повеќе од шеесет години, во екот на Студената војна, тука, во градот распослан над езерото, опкружен со планински врвови, надвишен и заштитен со Самоиловите кули, се роди фестивалот „Охридско лето“. Така, природниот споменик стана и културен споменик.

И… уметниците од Западот и Истокот, од Северот и Југот, од Охрид ја испраќаа пораката: „Убавината ќе го спаси светот“. Уметноста преобразува, помирува, раѓа надеж за поинаква, заедничка иднина. Сведоци сме на богата програмска историја, плејада врвни уметници, бројни заслужени плакети за разбирање и соработка, дружење со посветени мисионери на културата. Колку ли национални уметнички вечери се одржале, колку ли музички и театарски кариери се крунисале? Колку ли слушатели и гледачи се израдувале! Колку ли срца се скршиле? Колку ли френетички аплаузи одекнувале!

Годинава сме сведоци на чудна симбиоза и синергија: Славиме осумдесет години македонска државност, но и осумдесет години македонска филхармонија. Обновата на разурнатата татковина не била можна без духовна храна, без емоција, без креација, без страст, без љубов, како што вели мотото. Слободата ја поттикнала жедта за убавина и за среќа. Филхармонијата има голем придонес за ослободувањето на креативниот потенцијал на генерации композитори и музичари, чиешто творештво ни обезбеди заслужено место, не само на европската, туку и на светската карта на уметноста. Таа има чудесна сила да ги премостува разликите и да ги брише границите. Длабоко верувам дека културната дипломатија е далеку помоќна од традиционалната. Згора, не ита по победа, туку негува и лекува со ноти и со зборови.

Уметноста, за мене, е близначка на духовната слобода. Во музиката и во играта се вградени личната и колективната тага и радост, стремеж и надеж. Тука се изворот и причината за нашата страст кон пеењето и играњето. Уметноста е трезор на индивидуалната, но и на колективната меморија, влог во сегашноста, но и во иднината.

Колку пати овде се сретнале класичното и современото, старите и новите генерации, учителите и учениците?

Со детска љубопитност, признавам, ја очекувам годинешнава охридска идила. Си ја замислував вечерва, но и настаните што ќе се нижат до 20-ти август. Ама, едно е мечтаењето, а друго, доживувањето на уметничката магија.

Чувствувам дека ноќва виртуозниот Џулијан Рахлин и македонската филхармонија ќе ни ја отворат охридската рајска музичка порта за заедно да зачекориме  кон убавото, кон доброто и кон возвишеното.

Почитувани, имам огромна чест и задоволство да го прогласам фестивалот „Охридско лето“ за отворен!

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова разговараше со Илија Каров, претседател на Кинолошкиот клуб  “Македонско овчарско куче – Караман”

Сиљановска-Давкова разговараше со Илија Каров, претседател на Кинолошкиот клуб “Македонско овчарско куче – Караман”

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претседателот на Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче - Караман“, Илија Каров, по повод условното впишување на расата Караман во регистрите на Светската кинолошка федерација, со што, таа стана...

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд

 Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија,...

Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето, храброста и визијата ги надминуваат границите

Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето, храброста и визијата ги надминуваат границите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во  STEM професиите (наука, технологија,...

Официјална посета на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Официјална посета на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета. Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во...

Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност: Состојбата во којашто се наоѓаме e стабилна и безбедна

Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност: Состојбата во којашто се наоѓаме e стабилна и безбедна

Денеска во Кабинетот на Претседателката се одржа третата седница на Советот за безбедност. На седницата со којашто претседаваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваа сите членови на Советот за безбедност: Африм Гаши, претседател на Собранието;...