Сиљановска-Давкова го одликуваше генерал-мајор Грегори Најт, командантот на Националната гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги

9 декември 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија го одликуваше генерал-мајор Грегори Најт, командант на Националната Гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги.

Генералот Најт го добива високото македонско одликување за неговиот особен придонес во воената соработка и продлабочувањето на македонско-американското пријателство.

Доделувајќи го орденот, претседателка Сиљановска-Давкова посочи дека лидерството и посветеноста на американскиот генерал-мајор Најт, помогнаа да се создадат бројни генерации на одлично обучени македонски офицери, подофицери и војници.

Таа потсети дека Националната гарда на Вермонт веќе три децении ги поддржува македонските воени сили, како квалификуван, искусен и посветен партнер во обуки, но и како доверлив сојузник на патот кон мирот, стабилноста и демократијата.

Врачувајќи му го орденот на генерал-мајор Најт, претседателката рече дека оваа државна награда не е само израз на благодарност за неговата неуморна и вредна работа, туку и на нашата почит кон вредностите коишто тој ги персонифицира: дигнитет, интегритет, кредибилитет, дисциплинираност, храброст, емпатија, моралност.

Генерал-мајор Грегори Најт, на церемонијата нагласи дека орденот им припаѓа на илјадници војници од Националната гарда на Вермонт, кои беа вклучени во 35 годишната соработка.

„Ова партнерство сигурно е најзначајниот дел од мојата воена кариера од речиси 43 и пол години. Во Македонија доаѓам скоро 25 години, искуството и патувањата беа неверојатни. За мене, вистински, искрени и длабоки се пријателствата коишто ги создадов тука“, истакна генерал-мајор Најт.

Пред церемонијата, претседателката и генералот остварија средба на којашто се согласија дека поддршката од Вермонт беше клучна во подготовката на земјава за членство во НАТО, исполнувајќи ги стандардите на Алијансата и подобрувајќи ја интероперабилноста со другите сили на НАТО.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната церемонија.

Почитуван Командант на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт,
Почитувана Амбасадоркe на Соединетите Американски Држави, Ваша Екселенцијо, Анџела Агелер,
Почитувани претставници на Националната гарда на Вермонт и на Амбасадата на Соединетите Американски Држави,
Почитуван Началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски,

На денешната средба и со денешната церемонија го одбележуваме и го чествуваме пријателството и партнерството меѓу двете држави, двете армии, двата народа.

Ми претставува особена чест да му го врачам Орденот за воени заслуги на командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајорот Грегори Најт.

Дозволете ми да ви предочам зошто.

Пред повеќе од три децении се роди соработката меѓу Националната гарда на Вермонт и македонската армија. Цели триесет лета таа стои решително и цврсто покрај македонските воени сили, не само како квалификуван, искусен и посветен  тренер во бројни воени и безбедносни обуки, туку и како доверлив сојузник на патот кон мирот, стабилноста и демократијата. Соработката којашто започна со скромна  размена на знаење и искуство, прерасна во едно од најуспешните и најцврсти воени партнерства.

Генерале Најт, Вашето лидерство го зајакна и му даде особен печат на американско-македонското партнерство на начини коишто не можат едноставно да се измерат во години, мисии или програми. Под Ваше раководство, соработката достигна извонредни професионални и хумани резултати, обликувајќи генерации на офицери, подофицери и војници, подигнувајќи и зајакнувајќи ја нашата интероперабилност и подготвувајќи ги нашите воени сили за професионална и рамноправна служба, рамо до рамо со НАТО-сојузниците.

Вашата посветеност ги надмина границите на вообичаените должности. Внесовте дух на почит, разбирање и искрено другарство, коешто и самата го почувствував на средбите со Вас. Бевте главниот архитект во градењето мостови меѓу две нации, цврсти, нерушливи мостови на доверба по кои ќе чекорат здружените воени сили, долго по завршувањето на денешнава церемонија.

Ангажирани во многу мисии, живеевме како едно војничко семејство, грижејќи се едни за други, помагајќи си и учејќи едни од други.

Како резултат на Вашето лидерство, нашите вооружени сили станаа посилни, поспособни и поповрзани со сојузниците, а како резултат на Вашата енергија, љубов и дух, граѓаните на Вермонт и македонските граѓани многупати беа едно!

Денес, со благодарност јас, мојата земја и македонските вооружени сили, Ви оддаваме признание за извонредните успеси и придонеси.

Орденот за воени заслуги е израз не само на нашата благодарност за Вашата неуморна и вредна работа, туку и на нашата особена почит кон вредностите кои Вие ги персонифицирате: дигнитет, интегритет, кредибилитет, дисциплинираност, храброст, емпатија, моралност!

Команданте, од името на мојот народ и на Армијата, Ви благодарам.

Ви благодарам за повеќе од 30-те години соработка, партнерство и борба за високи цели!

Ви благодарам што верувавте во нас сите!

Ви благодарам за создавањето нераскинлива врска меѓу Вермонт и Македонија, и посакувам истата да се зацврстува!

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски мировен форум

Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски мировен форум

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во работна посета на Француската Република, по повод учеството на деветтото издание на Парискиот мировен форум. Сиљановска-Давкова утре, 10 ноември 2026 година, вторник, ќе присуствува на отворањето на форумот...

Сиљановска-Давкова на проштална средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал

Сиљановска-Давкова на проштална средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на проштална средба го прими шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал. Таа му изрази благодарност за неговиот личен ангажман, посветеност и придонес во јакнењето на капацитетите на националните...

Сиљановска-Давкова го прими Извештајот на ЕК за напредокот за 2026 година

Сиљановска-Давкова го прими Извештајот на ЕК за напредокот за 2026 година

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, кој ѝ го предаде Извештајот наЕвропската комисија за напредокот за 2026 година. Соговорниците се согласија...

Сиљановска-Давкова во Брисел се сретна со амбасадорите на земјите членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“

Сиљановска-Давкова во Брисел се сретна со амбасадорите на земјите членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари работна средба со амбасадорите на земјите членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“, посветена на регионалната соработка и европската перспектива на земјите од Западен Балкан. [gallery...

Сиљановска-Давкова се сретна со претставници на македонската дијаспора во Белгија

Сиљановска-Давкова се сретна со претставници на македонската дијаспора во Белгија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на работната посета на Брисел, оствари средба со претставници на дијаспората во Белгија. Присутните споделија свои искуства од животот и работата во Белгија, посочувајќи ја потребата од постојана комуникација и...