Присуство и обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова на одбележувањето на патрониот празник и десетгодишнината од основањето на средното училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари

2 февруари 2025 | Соопштенија

Претседателката со особена радост ја прифати поканата да биде дел од прославата на патрониот празник на гимназијата „Шаип Јусуф“ и со посебна чест зборуваше за важноста на резултатите и успесите во десетте години постоење.

Таа го акцентираше визионерството на великиот Шаип Јусуф, авторот на првата ромска граматика, чиј сон за стандардизиран ромски јазик стана вреден дел од македонската мултијазична образовна, културна и социјална приказна, но и инспирација и поттик за борба за слични национални дострели на Ромите ширум светот.

За неа, остварените постигнувања на учениците говорат за нивното вредно учење и искрена  верба во моќта на знаењето, но и за посветената педагошка работа на нивните професори, како и за успешниот гимназиски менаџмент.

Во многубројните награди во спортот, ликовната уметност, јазиците, ораторството, математиката и правото, препознава јасно оспорување на стереотипите за Ромите и незапирливо охрабрување за нивно уривање.

Според неа, широката и плодна соработка со другите средни училишта, но и со низа високообразовни институции и компаниии е неспорен доказ за континуираниот образовно -педагошки раст и лидерство на „Шаип Јусуф“

Претседателката потсети на меѓународната мисија на „кралицата на ромската музика“ Есма Реџепова, чиј глас ги проби и надмина националните, регионалните и европските граници, автентично ширејќи ги ромската песна и јазик како препознаен, признат и неразделен дел од надалеку познатото македонско, мултикутурно музичко наследство.

За настанот говореше и директорот на училиштетото, м-р Доан Сулејмановски, кој им се заблагодари за извонредните успеси и дострели на учениците, професорите и сите вработени и накусо се осврна на прекрасниот развоен пат.

Во рамки на културно-уметничката програма свој настап имаше училишниот оркестар кој изведе филмска музика, сплет на традиционални народни ора и композиција на Дмитриј Шостакович. За досегашната работа на училиштето беше прикажан документарен филм подготвен од наставниот кадар и од учениците.

СУГС „Шаип Јусуф“ е прво средно училиште во општина Шуто Оризари. Учениците посетуваат настава во различни насоки од стручното образование и тоа: економско-правна и трговска, градежна-геодетска струка, здравствена струка, лични услуги и угостителско-туристичка струка.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитуван директор Доан Сулејманоски,

Почитуван министер Шабан Салиу,

Драги ученици, ценети гости,

Се чувствувам среќна, но и горда што денес со свечена академија одбележуваме 10 години од почетокот со работа на средното училиште „Шаип Јусуф“ . Некој ќе рече мал јубилеј, но огромен по своето значење. Во модерната училишна зграда во Шуто Оризари, средношколците учат да осознаат, да се почитуваат и да придонесуваат за развојот на општетството и државата.

Визионерите имаат свои соништа и тие мудро оставаат траги како патеки за некои идни генерации да тргнат по нив и да стигнат до својата цел. Денес кога ова училиште слави значаен јубилеј, десет години откако се слушна првото училишно ѕвоно, верувам дека професорот Шаип Јусуф е среќен што неговите соништа токму тука се оствариле. Фатиле длабок корен. Скопјанецот Шаип ги задолжи сите Роми во светот објавувајќи ја пред четириесетина години Граматиката на ромскиот јазик. Тоа е огромно дело, цивилизациски придонес.

Во вашите училишни кабинети, училници и коридори шета визионерскиот дух на Шаип. А јас гледам дека и паролата на училиштето совршено се вклопува во неговата мисија којашто вие ја продолжувате: „НАПРЕДОКОТ И РАЗВОЈОТ НА СЕКОЈА ДРЖАВА ЗАВИСИ ОД ОБРАЗОВНИОТ ПРОФИЛ И ОД ОБРАЗОВНИОТ КАДАР ВО ДРЖАВАТА“.

Токму така. И вие во вашето средно училиште тоа го докажувате на најдобар можен начин, а за тоа секако дека се заслужни и раководните луѓе и наставничкиот кадар. Нивната педагошка работа, методичност и мотивирачките способности, видов дека се преточиле во постигнувањата на учениците. Сте се подготвиле за натпревари во знаења и во вештини или народски кажано, добро сте потковани. Ви честитам за тоа. Десет години растете и одите напред, создавате мрежа на соработка и со високи научни институции, со компании, создавате идни вредни работници, но и лидери во повеќе области.

Сигурно ви е познато дека македонската држава и Владата имаат зацртана Стратегија за инклузија на Ромите, а токму постоењето на ова училиште е доказ како тоа изгледа во практиката. Делата кажуваат повеќе од зборовите. Во ова училиште во моментов има околу 300 ученици, а јас би посакала тоа да работи во полн капацитет којшто е седумстотини, и верувам дека тоа е можно. Вие со вашите успеси ги мотивирате другите. Ученици од ова училиште освоиле многу награди во спорт, ликовни уметности, јазици, ораторство, актерство, математика и по мојот омилен предмет и дисциплина– правото, а тоа верувам дека ќе ги мотивира Ромите да се запишуваат во сè поголем број во ова училиште.

Тука се добива знаење, но се уриваат и табу-темите и стереотипите, од кои знаеме дека страдаат Ромите. Продолжете да ги уривате стереотипите. Вашиот извонреден проект „Mission Red“ за менструалното и репродуктивното здравје е препознаен и финансиран од странската компанија „Ди-ем“. Честитки за тоа! Јас верувам во вас, во овој колектив којшто со посветеност создава една успешна приказна. Вие ја продолжувате мисијата и визијата на професорот Шаип Јусуф.

На крајот, честитајќи ви го десетгодишниот јубилеј, само сакам да се потсетиме на една скопјанка позната во светот како „кралица на ромската музика“ – Есма Реџепова. И таа имаше мисија, визија и глас којшто не само што пробиваше граници, туку уриваше и стереотипи и помогна светот подобро да ги осознае Ромите. Таа на Евровизискиот фестивал во Малме, еден дел од песната испеа и на ромски јазик, и тоа беше нешто што за прв пат се случило. Еве што еднаш кажа Есма: „Ромите се космополити, благороден и добар народ, никогаш досега немаат окупирано и војувано со некој. Сакаат да живеат заеднички, но само доколку некој им подаде рака“. Ние ја подадовме таа рака и треба да сме горди на она што го постигнавме и се трудиме да бидеме подобри – да градиме општество на рамноправни граѓани. А, Ромите се неизоставен дел од нашата успешна македонска приказна.

Честит јубилеј, честитки до наградените ученици и проекти. Бидете горди на тоа што сте го постигнале! Јас сум горда на вас!

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Повик за акредитирање на медиуми – Состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, 27 ноември 2026 година, Охрид

Повик за акредитирање на медиуми – Состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, 27 ноември 2026 година, Охрид

На 27 ноември 2026 година (петок), во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид, ќе се одржи состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, во организација на претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со претседателката на Република Словенија,...

Сиљановска-Давкова: Уставот е закон над законите и најважниот општествен договор на граѓаните, за каков пишува Русо

Сиљановска-Давкова: Уставот е закон над законите и најважниот општествен договор на граѓаните, за каков пишува Русо

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати и учествуваше на панел-дискусијата на настанот по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав, во организација на Собранието, ЈНУ Институт за национална историја и Државен архив. [gallery...

Сиљановска-Давкова: Без слободни и одговорни медиуми нема информиран демос, а без активни граѓани – нема демократија

Сиљановска-Давкова: Без слободни и одговорни медиуми нема информиран демос, а без активни граѓани – нема демократија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова имаше воведно обраќање на 20. Форум на медиумите од Југоисточна Европа (SEEMF), што вчера се одржа во Скопје, на тема „Поблиски во регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникациите и медиумите во зајакнувањето на имиџот,...

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска заедно со 50 шефови на европски држави и влади, учествуваше на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, чија централна тема е „Европа: силна, безбедна и поврзана“. Сиљановска-Давкова се обрати на панел...

Сиљановска-Давкова ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин

Сиљановска-Давкова ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, 12 ноември 2026 година, четврток, ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин, Ирска. На настанот, што се одржува во рамки на ирското претседателство со Советот на Европската Унија,...