Обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор

20 јануари 2026 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова приреди традиционален годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, во Охрид.

Поздравувајќи ги дипломатите, претседателката ним лично, на нивните семејства, како и на државите и народите кои ги претставуваат, им посака сè најдобро.

Во обраќањето, таа ја истакна важноста на културната, економската, спортската и научната, покрај традиционалната дипломатија. Според претседателката, дипломатијата не е само збир на протоколарни активности, туку докажан цивилизациски механизам којшто успева истовремено да урива ѕидови и да гради мостови.

„Вие, дипломатите, персонифицирате знаење, умеење, умереност, вештина и упорност во потрагата по решенија за сериозни проблеми, преферирајќи преговори, договори и потписи, наместо конфликти, уцени и оружје“, рече Сиљановска-Давкова и додаде дека лично, повеќе верува во силата на аргументот, отколку во аргументот на силата.

Доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, во своето обраќање на приемот, во име на сите амбасадори изрази благодарност до претседателката за нејзината политика на отворени врати и континуирано пријателство со дипломатската заедница.

Истакнувајќи дека во нашата земја, дипломатите препознаваат доверлив и конструктивен партнер, амбасадорот Јаќимовиќ рече дека меѓународната заедница особено ја цени државната посветеност на регионалната соработка, на добрите меѓусоседски односи и на ангажманот на меѓународната сцена.

Пред присутните, тој потенцираше дека дипломатскиот кор и натаму посветено ќе ги исполнува своите должности, согласно Виенската конвенција за дипломатски односи, градејќи цврсти мостови на пријателство, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.

Почитувани,

Живееме нова реалност, конфузна, контрадикторна и неизвесна. Меѓународниот поредок не е заснован на меѓународното право, а уште помалку на правда, етика и морал, туку отворено се повикува на моќ, оружјето не мирува, туку се активира, дебатата за хармонијата со природата стивнува, евроатлантицизмот не е синоним за усогласена и солидарна алијанса! Тукидитовците и макијавелистите туркаат кон Хобс, а Кантовците и Вилсоновците предупредуваат.

Во време- невреме, да се собереме на традиционалниот прием за дипломатскиот кор, овде во Охрид, непосредно по Водици, за мене е пријатен момент,  во духот на филозофијата на мирот, дијалогот, разбирањето и музиката!

Најпрво, би сакала од срце и со добра мисла, да ви посакам сè најдобро, вам лично, на вашите семејства, на вашите држави и народи на вашите граѓани и на сите луѓе, без оглед на било каква припадност.

Вие, дипломатите, персонифицирате знаење, умеење, умереност, вештина и упорност во потрагата по решенија за сериозни проблеми, преферирајќи преговори, договори и потписи, наместо конфликти, уцени и оружје.

За мене, вашата работа не е само протокол, туку вежбан и докажан цивилизациски механизам, што преживеал векови затоа што знаел да урива ѕидови и да гради мостови.

Во вашата професија гледам уметност на можното, а понекогаш и на неможното!
Претпочитам тркалезни Артурови маси, наместо мапи на фронтови и цели на уништување.
Повеќе верувам во силата на аргументот, одошто во аргументот на силата.

За мене, мирот не е само отсуство на војна, или нејзино продолжение, туку природна состојба, иманентна на човечката генеричка суштина.

Ваши екселенции,

Во изминатава година имав бројни средби со амбасадори, со претставници на меѓународни организации и со високи државни делегации. Примав акредитиви на нови амбасадори и испраќав пријатели во проштални средби, секогаш настојувајќи зад свечената форма и дикција да го видам човекот и неговата мисија, да научам повеќе и непосредно за земјата од којашто доаѓа, да го разберам и да помогнам да ја разбере мојата држава, секогаш bona fide!

Секоја средба ме потсетуваше и убедуваше  дека меѓународниот систем не е само механички збир на норми, институции, актери и односи, туку инспириран и втемелен на врвни вредности и принципи, околу коишто се градела меѓусебната доверба и вербата во хуманото, доброто и праведното – внимателно, тивко, полека и со многу трпение.

Мојата надворешнополитичка агенда во 2025 година беше координирана и усогласена со владината, динамична и врзана за важни настани – од Рим, Баку и Астана, преку Ница, Тирана,  Хаг и Севиља, до Њујорк, Копенхаген, Венеција, Париз и Драч, да споменам некои.

Не споменувам само географски дестинации, туку политички, културни и економски предизвици за една мала европска држава, која веќе 35 години се бори со Сцилите и Харибдите на демократската транзиција,  консолидација и европеизација.

Почитувани меѓународни пријатели,

2025 година ќе остане тетовирана во мојата и нашата колективна меморија по активната болна траума – трагедијата во Кочани. Сеуште стоиме пред кочанското огледало, во потрага по одговорност и преиспитување.

Но, ако во маката се препознаваат пријателите, дозволете ми уште еднаш да Ви се заблагодарам за солидарноста и помошта, чии гласници бевте Вие.

Дами и господа,

Признавам, иако имав сериозен научен сомнеж во тезите на Френсис Фукојама за „ крајот на историјата“, во смисла на конечна победа на либерализмот и крај на контрадикторноста меѓу слободата и еднаквоста, како и во тезите на Хантингтон за неминовен судир на цивилизациите, не верував дека толку брзо ќе дојде времето кога повторно ќе се отворат прашањата за коишто мислев дека едно полнолетно човештво одамна ги надминало и затворило: време на војни, милитаризација, нова трка во вооружување, време на хибридни закани, сајбер-напади, дезинформации, авторитаризам, брутален реализам.

Се покажа, дека ако не го негувате и чувате, брзо ќе сфатите дека мирот е кревка билка и/или романтична наивна човечка замисла, најпосакувана новогодишна желба и најголема надеж.

Седуммината најсилни, коишто ја гарантираат светската безбедност, за жал, не секогаш беа зад Повелбата и најважните меѓународни документи, а останатите, оние во Генералното собрание, не секогаш гласно и одлучно реагираа, овозможувајќи Обединетите нации да станат разединети нации, мултилатерализмот да се трансформира во мултиполаризам, со силни елементи на нова студена војна, што ги враќа сеќавањата на Лигата на народите.

Lex- от не е rex, а етиката и моралот станаа „надминати и старомодни феномени“.  Легалното се помалку е праведно, а праведното ретко  станува легално.

Малите држави, како мојата, на сопственото искуство, најдобро ја спознаа меѓународната политиката како сила. Тие најчесто, први и најдлабоко ја чувствуваат разликата меѓу принципите, зборовите и реалноста. Ама, во анархичниот меѓународен систем, во отсуство на спреги и кочници, неограничената и несанкционираната моќ има тенденција да расте, па и релативно силниот станува слаб во однос на супер силниот!

Токму затоа,  малите држави заедно со средните мора да бидат најгласните поддржувачи на мултилатерализамот во ера на разгоропаден мултиполаризам, старо-нови голијати, па и  неоунилатералистичка геополитичка, економска и енергетска доминација!

Ваши екселенции,

И претходната година, ние бевме кредибилен ЕУ партнер, одговорна, активна и кредибилна членка на НАТО, докажан фактор на стабилност во регионот.

Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува, како што велеше белгискиот професор Вињи, како и најважниот општествен договор на македонските граѓани, како што пишуваше Русо.

Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „ само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и  уставна промена“, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет!

Тешко е да се живее во перманентна неизвесност. Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди.

Демократијата се учи од демократи и со демократи. Довербата се гради преку разбирање и помагање, а не преку условување и уцени.

Почитувани пријатели,

На раскрсница сме. Во реформите е лекот, македонските, балканските, но и оние на ООН, НАТО и ЕУ.

Сите сме пред Хамлетовска дилема: да се биде или да не се биде!

Потребен ни е нов импулс на мултилатерализам:

мултилатерализам што ќе ја брани Повелбата и меѓународното право,

што ќе ги штити малите, слабите и ранливите,

што ќе гради климатска и енергетската безбедност,

и што не дозволува правдата да стане привилегија на силните.

Во свет доминиран од силни мажи со оружје, ни требаат силни жени со мудрост.

Дами и господа,

Очи в очи сме со реални воени ризици, но и со климатски, енергетски и економски потреси.

Затоа, безбедноста повеќе не е само прашање на географија и територија – туку и на отпорност на институциите, стабилност на општеството и доверба на граѓаните.

Ние сме свесни дека мора да вложуваме во одбраната, но и во кризен менаџмент, во институционална отпорност и во инфраструктурна поврзаност. Затоа, Коридорот 8 не е само економски проект – тој е и безбедносен приоритет.

Во обновата на грчко-македонската енергетска поврзаност има не само економски резон, туку и стратешки пристап во однос на надминувањето на политичка ранливост. Партнерствата што ги отвораме и разговорите што ги водиме се насочени кон диверзификација, стабилност и одржлив развој.

Ваши екселенции,

Дипломатијата не е само државна и традиционална, туку и културна, економска, спортска, научна.

Културата е мост што политиката не секогаш успева да го изгради. Таа создава доверба таму каде што зборовите се внимателни, а интересите различни.

Ние сме мала држава, но културно и духовно компетитивна актерка.
За нас, како и за сите вас, идентитетот не е аргумент против ЕУ, туку аргумент за ЕУ, затоа што Европа е богата токму поради својата различност.

Ние сакаме да бидеме препознаени не само по економија и политика, туку и по знаење, образование, наука, култура, спорт.

Колку пати сме докажале дека може да бидеме партнер којшто персонифицира вредности, а не проблеми, иако постојано не третирате како проблематични.

Почитувани пријатели,

Дозволете ми да завршам со една едноставна, но суштинска порака.

На македонските граѓани, без оглед на припадноста им треба правна држава, држава со  силни институции и почитувани процедури, со Веберова администрација што служи, а не владее, со млади како вреден социјален капитал, а не како статистичка бројка на иселување, со дијаспората како второ крило на татковината.

Ние можеме да бидеме и Homo Balkanicus и Homo Europicus: кога сакаме и кога вие сакате. Но, за тоа ни треба заедничка волја: не само нашата, туку и соседската, регионалната и европската.

Проширувањето не е тест само за кандидатите, туку и за европскиот демократски капацитет и кредибилност. Ако правилата важат различно, тогаш тие се инструмент на политичка арбитрарност.

Конечно, Западниот Балкан не е проблем на апсорпциониот капацитет на Унијата. Напротив, интеграцијата на регионот е прашање на безбедност, на стабилност и на геополитичка рационалност во време на растечко геополитичко ривалство.

Ние немаме проблем да разговараме. Напротив – ние сме народ и држава што живеат со реалноста дека соседството не е избор, туку судбина. Понекогаш, кога сум разочарана, велам: не случајно живееме едни до други или едни со други – тоа е јасна порака дека делиме не само заедничка реалност, туку и заедничка иднина.

Но токму затоа, одговорноста е двојна: наша и европска.

Добрососедството не смее да биде алиби за блокада.

Дијалогот не смее да се претвори во инструмент за условување.

Европскиот процес не смее да се претвори во арена во која билатералното ќе го диктира европското.

Мора да учиме лекции од искуството што го имаме за да не инспирираме и предизвикаме во иднина слично однесување на секој што ќе влезе во Европската Унија кон кандидатите за кандидати, пишувајќи тажни балкански приказни.

Ако проширувањето стане механизам во кој секој нов член добива право да го „редефинира“ патот на следниот, тогаш Унијата ќе го загуби она што ја прави Унија: принципот на правна предвидливост и еднаквост.

Се поставува прашањето: дали европската интеграција е процес што ги европеизира кандидатите, или процес што ризикува да ја балканизира европската политика на проширување?

Ние не бараме посебен третман.

Не бараме привилегија.

Бараме проширувањето да се врати таму каде што припаѓа: во рамката на Копенхагенските критериуми, во рамката на меритократијата, во рамката на реформите и владеењето на правото.

Само така, европската перспектива ќе остане кредибилна.

Само така, надежта ќе остане рационална, а не сентиментална.

И само така, ЕУ ќе ја добие битката за инспиративен, почитуван меѓународен актер.

Само заедно може да ја надминеме опасната политичка тенденција т.н. Западен Балкан да се третира како периферија на периферијата, како чудно место со уште почудно име, а не неразделен дел од европската политичка архитектура.

На крајот, Ви благодарам за соработката, за поддршката, за партнерството, не само во убави, туку и во тешки моменти.

Ви посакувам успешна дипломатска година, мирна и плодна работа, средби на коишто ќе градиме доверба и заедничка иднина.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателката Сиљановска-Давкова на одбележување на Богојавление – Водици во Охрид и во Струга

Претседателката Сиљановска-Давкова на одбележување на Богојавление – Водици во Охрид и во Струга

  Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беше дел од свеченото одбележување на големиот христијански празник Богојавление – Водици во Охрид и Струга, каде што митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј ги освети водите на Охридското Езеро и реката Црн Дрим,...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, членовите на Светиот...

Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН

Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина....

Проштална средба на претседателката Сиљановска-Давкова со американската амбасадорка Агелер

Проштална средба на претседателката Сиљановска-Давкова со американската амбасадорка Агелер

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на проштална средба ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Прајс Агелер. Обете уште еднаш потврдија дека двете земји, како долгогодишни сојузници,...