Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи

2 февруари 2026 | Обраќања, Соопштенија

Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.

На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.

„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.

Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.

„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.

„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувани лауреати,
Дами и господа,

Чест е да се биде меѓу некои од најбрилијантните умови на нашето време. Вашето животно дело е сведоштво дека најголемите достигнувања во светот започнуваат со едно нешто, а тоа е љубопитен ум. Трагајќи по вистината, љубопитноста води кон откритие, а откритието кон напредок.

Но, љубопитноста се негува во средина којашто ѝ овозможува да дише. За жал, за многу студенти денес, образованието не создава таква средина. Наместо искра којашто се претвора во креативен оган, образованието стана калап за масовно производство на дипломи. Ова се должи на фактот дека стоиме на раскрсница.

Од едната страна, го имаме стариот пруски модел на образование којшто беше дизајниран пред двесте години за линеарниот свет на Првата индустриска револуција. Беше изграден за фабричките линии и за армиските касарни, фокусирајќи се на стандардизација наместо на креативност, но и на послушност наместо на истражување. Во тој модел, студентите се сметаа за табула раса којашто требаше да биде исполнета со стандардизирани факти.

Но, светот драстично се промени. Живееме во време на Четвртата индустриска дигитална револуција, динамична симбиоза на физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет. Ова е ера на паметни системи коишто носат независни одлуки за постигнување на совршенство во производството. Додека стариот свет беше на некој начин ригиден и линеарен, нашиот свет е меѓусебно поврзан и дигитализиран.

За промена во светот, потребна е промена во образованието. За тоа, пак, потребно е реалноста да се согледа низ очите на новите генерации.

Повеќето од нас овде припаѓаат на аналогната генерација, но учениците во нашите училници се дел од дигиталните, аудиовизуелните генерации Y и Z. Ова се деца коишто користат iPad – и пред да можат дури и да одат или да зборуваат. Тие „пливаат“ низ интернетот како риби во морето. Тие не можат да замислат свет без дигитална поврзаност.

Ова доведува до несовпаѓање. Ние сме аналогно раководство коешто се обидува да управува со дигитална генерација. Овие млади луѓе не бараат долги, ex cathedra предавања или книги од физичка библиотека. Тие ја имаат глобалната дигитална библиотека во џебовите, учат на поинаков начин. Посетуваат онлајн-курсеви од најдобрите универзитети во светот и гледаат куси упатства коишто објаснуваат сложени концепти за неколку минути. Тие не само што го менуваат она што го учат, туку и начинот на кој размислуваат.

Образованието повеќе не е еднонасочна улица. Веќе не е само наставник којшто му зборува на ученик. Сега е триалог којшто го вклучува наставникот, ученикот и вештачката интелигенција. Оваа нова „невронска мрежа“ на образованието е неизбежна. Порано се мислеше дека образованието е „таложење“ факти во мозокот. Сепак, паметниот телефон може да содржи повеќе податоци и факти отколку што сите ние заедно би можеле.

Ова значи дека фокусот на образованието мора да се префрли од меморирање на критичко размислување. Според „Извештајот за иднината на работните места“ на Светскиот економски форум, 50 % од сите вработени ќе имаат потреба од преквалификација до крајот на оваа деценија. Највредни вештини повеќе не се меморирањето или послушноста, туку аналитичкото и креативното размислување.

Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не смее и не треба да се забрани. Сепак, треба да се регулира, бидејќи со себе носи ризици, од кои најголем е зависноста. Историјата покажува дека кога малкумина имаат монопол врз знаењето, тогаш многумина назадуваат. Дозволете ми да позајмам илустрација од литературата.

Во познатиот роман на Умберто Еко „Името на розата“, средновековниот манастир е симбол на старата феудална држава. Бенедиктанските монаси, кои се чувари на знаењето, претставуваат висока интелектуална елита, додека неписмените селани се кметовите коишто живеат во незнаење и во зависност. Додека елитата се гоштава, кметовите ги јадат остатоците.

Јувал Ноа Харари нè предупредува дека нерегулираната вештачка интелигенција може да создаде ново дигитално селанство: потрошувачите.

Ако повлечеме паралела со концептот на Јанис Варуфакис за техно-феудализмот, ќе ги видиме денешните „клаудалисти“ како ги заменуваат старите феудалци, додека дигиталните потрошувачи се „клаудо-кметовите“.

И, како што монасите ја користеа лавиринтската библиотека за да ги сокријат своите тајни и да го зачуваат статус кво, современите технолошки господари користат кодови и алгоритми за да го контролираат однесувањето. Ако не сме внимателни, нашите општества ќе станат остра пирамида на богатство. Мало малцинство на врвот ќе ги поседува алгоритмите и роботите, додека огромното мнозинство на дното нема да има моќ или релевантни вештини. Ова води кон нееднаквост, губење работни места и социјална неправда и немири.

Но, оваа темна иднина не е неизбежна. Верувам дека решението е во начинот на којшто ќе го редефинираме образованието. Ако вештачката интелигенција нè познава подобро отколку што се познаваме самите себеси, образованието мора да престане да се фокусира на информации коишто вештачката интелигенција ги има, и да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција, етичкото и моралното расудување – на она што ѝ недостасува на вештачката интелигенција. Потребен е глобален консензус дека вештачката интелигенција, во образованието, како и во секојдневниот живот, мора да биде транспарентна, правична и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да остане алатка, а не да стане господар.

Ова ме доведува до темата којашто се однесува на сите во оваа просторија. Без разлика дали сте економист, физичар, хемичар или лекар, секој од вас е воден од љубопитност. Некои од вашите откритија резултираа со најголеми придобивки за човештвото. Со вашите примери можете да ни помогнете да ја ставиме љубопитноста во самата срж на образовниот систем.

Потребна ни е ваква промена на парадигмата, вклучително и во македонскиот образовен систем. Македонскиот образовен модел, за жал, сè уште функционира според старата парадигма што, пак, дава ниски резултати според PISA и намален потенцијал. Но, верувам дека во науката нема мали и големи држави, само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари коишто се во првите 2 % од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM, коишто често ги надминуваат регионалните, па дури и европските нивоа.

Имаме талент и потенцијал, но не можеме да ја направиме промената сами. Потребна ни е вашата поддршка, вашите идеи и, најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и во развојни проекти, коишто би можеле да ни користат на сите.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Учество на Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на владите во Дубаи

Учество на Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на владите во Дубаи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по повод учеството на Светскиот самит на владите. Претседателката ќе биде главна говорничка на сесија посветена на демографските промени. Таа ќе...

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања по реферирањето за борбената готовност на Армијата од страна на началникот на Генералштабот

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања по реферирањето за борбената готовност на Армијата од страна на началникот на Генералштабот

Новинарско прашање: Претседателке, долг состанок денеска. За што се разговараше, какви информации добивте, каква е безбедносната состојба во државава и дали има некакви закани? Претседателката Сиљановска-Давкова: Долгиот состанок не е случаен, туку е израз на...

Реферирање за борбената готовност на Армијата пред врховната командантка Сиљановска–Давковa

Реферирање за борбената готовност на Армијата пред врховната командантка Сиљановска–Давковa

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски пред претседателката и врховна командантка на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, реферираше за реализираните активности во 2025 година, степенот на опременост на Армијата и нивото на борбената...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод празникот Свети Сава

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод празникот Свети Сава

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните од српска националност по повод празникот Свети Сава. Почитувани сограѓани од српска националност, Ми претставува особена чест и задоволство да ви го честитам Националниот ден на Србите во земјава,...

Сиљановска-Давкова ја прогласи за отворена Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Сиљановска-Давкова ја прогласи за отворена Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што се одржува под нејзино...