Сиљановска-Давкова од Треблинка: Нема да дозволиме да се избрише болната меморија за Холокаустот и за нашите македонски Евреи

10 март 2026 | Соопштенија

Во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“ во Полска, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на комеморацијата на Холокаустот на македонските Евреи.

Таа оддаде почит кон жртвите и положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи депортирани од фашистичкиот окупатор во логорот на смртта „Треблинка“ во 1943 година.

Во изјава за медиумите порача дека застанати пред амбисот на злото, нема да дозволиме историски ревизионизам и фалсификување на вистината за Холокаустот на македонските Евреи.

Укажувајќи дека државна и човечка должност е да сме тука во пресрет на утрешниот ден на сеќавањето на холокаустот на македонските Евреи, таа рече дека за нас трагедијата е поголема и поболна, бидејќи антисемитизмот никогаш не бил македонска одлика.

Според Сиљановска-Давкова, фактот што македонските Евреи кои ја избегнале депортацијата, веднаш се вклучиле во народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ, е доказ за нашиот соживот.

За тоа, според неа, сведочат малкуте Евреи кои ја избегнале депортацијата и нивните наследници, како и присутните роднини на преживеаните, кои гордо ја претставуваат малубројната, но за нас исклучително важна македонска Еврејска заедница.

На комеморацијата директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикарио порача дека денешниот настан е силна порака дека се сеќаваме и мора да се сеќаваме на вистината и на она што Македонија го изгуби.

Според пратеничката Рашела Мизрахи, жртвите не се само бројки, туку семејства, идентитет и приказни со коишто се поистоветуваат сите македонски Евреи.

Мајкл Баренбаум, креатор на постојаната изложбена поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, истакна дека кога доаѓаме на ова место не треба да се осврнеме само на минатото, туку и да се потсетиме на одговорноста што ја имаме за никогаш да не се повтори вакво зло.

Претседателката положи цвеќе и пред централниот споменик во Треблинка, ја разгледа музејската поставка и оствари средба со директорот на Меморијалниот и музејски комплекс, Едвард Куповка. Таа го поздрави поставувањето на новиот ѕид на којшто ќе бидат напишани сите познати имиња на убиените Евреи во Треблинка, вклучително и имињата на македонските Евреи.

Во Варшава, претседателката положи венец пред споменикот посветен на жртвите на Варшавското гето.

Сиљановска-Давкова е прв македонски Претседател што го посетил Меморијалниот комплекс „Треблинка“.

Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувани,

Минатата година бев во посета на Аушвиц. Страшно и тажно нешто. Тогаш реков дека сите ние, а особено македонските претседатели, имаат не само државна, туку и човечка обврска, секогаш на овој траорен ден да бидат овде, со луѓето чии домови се на друго место. Затоа јас сум толку растревожена.

Траорно е местово, особено во очи на денот којшто ќе остане засекогаш врежан како еден од најтешките денови за сите нас. Јас затоа реков дека денеска се чувствувам како македонска Еврејка, бидејќи тоа е нивниот дом.

Замислете, да заминете со животот во еден куфер, во една кеса, на последниот пат и никогаш да не се вратите. Можеби некој ќе се лути, но мислам дека мора да потсетуваме на злото за да не се случи повторно. Мора да знаеме дека не се виновни само сторителите, туку и оние кои дозволиле да се случи злото. Затоа не смееме да дозволиме да се случи вакво нешто. Затоа јас сакам да повторам дека на 11 март 1943 година, тогашната бугарска фашистичка окупаторска власт, значи власта, а не народот бугарски, тогашната фашистичка власт насилно ги собра македонските Евреи од окупираната Македонија, тоа е она што го имаме заедничко со Полска, тогаш окупирана Полска, ги натовари во сточни вагони и ги депортира тука, во нацистичкиот центар за екстерминација Треблинка.

Повторувам, од окупирана Македонија во окупирана Полска. Страшно е човек да каже дека целта на Треблинка била што е можно побрзо, небаре на фабричка лента, на индустриски начин, да уништи што е можно поголем број луѓе. Чувме и денеска, 2.000 лица биле егзекутирани одеднаш. Страшно. Се прашувам, може ли нормални умови за 13 месеци од јули 1942 до август 1943 година, замислете, не да предизвикаат, туку да произведат смрт на околу 900.000 луѓе, Евреи. Меѓу нив биле и 7.144 македонски Евреи.

Страшното за нашите Евреи е тоа што во прашање се 98% од севкупната македонска еврејска популација. Некој ставил крај на македонската еврејска заедница, а во рамките на македонските жртви во Втората светска војна се работи за околу една третина. Има ли поголема жртва за македонската слобода? Има ли поголема жртва за еврејската слобода?

Честопати велам, каква ли непроценлива загуба е во прашање?

Замислете, колкаво ќе беше денеска нивното потомство? Колку ли ум, знаење, енергија, креација, завршиле овде? Зошто е трагедијата за мене, за сите, уште поболна? Никогаш антисемитизмот не бил македонска одлика.

Никогаш немало почва македонска за антисемитизам, ниту за манифестирање на антисемитизам. Ние имаме милениумска традиција на соживот. Ако отидете во Стоби, таму ќе видите и остатоци од една од најстарите синагоги.

Таму ќе видите менора, таму ќе го почувствувате еврејскиот дух. Јас денеска веќе кажав зошто е за мене ова толку болно.

Како дете, играјќи си со еврејските деца во центарот на Скопје, ја научив песната Хава Нагила. И сега можам да ви ја испејам целата, за жал. Тоа е доказ дека ние сме живееле заедно, дека сме биле исти и затоа е болката огромна.

Уште еден доказ за соживотот. Македонските Евреи кои кои со божја благослов ја избегнале содепортацијата, веднаш се вклучиле во Народноослободителната и Антифашистичката борба и ние имаме еврејски херои. Има ли поголем доказ? Тие се жртвата за нашата слобода.

Нивните наследници, нивните присутни овде, роднините на преживеаните, јасно говорат за своите предци. Тоа е нешто што сите не засега. И денес кога светот повторно се соочува со војни, јас се прашувам цела ноќ. Како можело да се случи тоа зло, злото на Холокаустот? Како дошло до тој морален вакуум во којшто го снемало умот, разумот, совеста, хуманоста? Исчезнале. Како е можно да се проширил тој смртоносен вирус на антисемитизам во една изопачена фашистичка и нацистичка идеологија? Тоа е огромно предупредување, оти за мене тој чин е чин на отчовечување, на расчовечување. И сега си мислам како може човечкиот ум до таа мера да се расчовечи за да го индустријализира, замислете, процесот на убивањето.

Овде стоиме над еден доказ или амбис на злото. Сите веруваме и ветуваме дека нема да дозволиме историски ревизионизам. Не може да разубавите зло, бидејќи докази за злото има и дома, ама докази за злото има и овде. Нивните домови се кај нас, стојат нивните куќи. Неслучајно ние имаме меморијален центар на Холокаустот. Неслучајно сите знаат каде беше еврејското маало. Неслучајно сите ги памтат прекрасните луѓе. Тој прекрасен ум бил отстранет од некој ужасен, нечовечки, злобен ум.

Затоа ние често пати велиме дека не смее да се фалсификува вистината, не смее да се разубавува вистината, оти невозможно е од злото да направите добро. Тоа никој не успеал. Ние, среде Скопје, имаме три урни со пепел од Треблинка.

Значи, ние имаме дел од меморијата што е овде. Таа постојано не потсетува на прекрасните луѓе чии животи завршија заради некои болни умови. Значи, јас од овде верувам и ветувам дека секоја година во ова време, ние мора да се најдеме со нашите македонски Евреи, овде, на ова ужасно место. И дома да ја кажеме таа многу, многу тажна приказна. Меѓутоа, приказна која покажува дека дури и овде ние сме свесни дека нивниот дух е таму со нас. Ама и нивниот дух е и низ Полска и секаде. Нивниот дух потсетува, нивниот дух опоменува и затоа треба да го негуваме тој дух.

Јас и догодина, ако сум жива и здрава, само виша сила може да ме спречи да не дојдам овде, бидејќи тука ми е местото.

И кога дојдов реков дека да, тие кои не го сториле ова зло, ама некои нивни предци го сториле, треба како Вили Брант сите да се поредат овде на колена и да им се извинат на сите луѓе.

Тоа се однесува и на оние кои ги испратиле овде, ги избркале од дома македонските Евреи. Ама можеби и сите ние треба да го направиме истото, ветувајќи дека нема да дозволиме такво нешто повеќе да се случи, но и нема да дозволиме болната и тешка меморија некој да ни ја избрише, бидејќи нашите Евреи ќе останат наши. Сеќавањето за нив ќе остане не само додека се живи нивните наследници, нивните роднини, туку додека има и Македонци, секогаш, бидејќи тоа е тоа братство што останува вечно.

Ви благодарам. Извинете за вознемиреноста, ама мислам дека е тоа природно.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова во комеморативна посета на Треблинка

Сиљановска-Давкова во комеморативна посета на Треблинка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Полска, каде што ќе присуствува на комеморативното одбележување на Холокаустот на македонските Евреи, што ќе се одржи во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“. Сиљановска-Давкова ќе...

Обраќање на Сиљановска-Давкова на собраниската седница „ Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“

Обраќање на Сиљановска-Давкова на собраниската седница „ Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“

  По повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, денеска во Собранието се одржа седница на тема „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“. Покрај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на седницата се обратија и: Африм Гаши, претседател на...

Сиљановска-Давкова на средба со претседателот на фондацијата „Мармара“, Акан Сувер

Сиљановска-Давкова на средба со претседателот на фондацијата „Мармара“, Акан Сувер

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Акан Сувер, претседател на фондацијата „Мармара“. На средбата се разговараше за улогата на фондацијата во поттикнувањето на меѓународната соработка и регионалниот дијалог, како и за можностите за...

Сиљановска-Давкова по средбата со Руте: Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е негова итна и целосна интеграција во ЕУ

Сиљановска-Давкова по средбата со Руте: Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е негова итна и целосна интеграција во ЕУ

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој престојува во прва официјална посета. Сиљановска-Давкова и Руте одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше...

Сиљановска-Давкова разговараше со Илија Каров, претседател на Кинолошкиот клуб  “Македонско овчарско куче – Караман”

Сиљановска-Давкова разговараше со Илија Каров, претседател на Кинолошкиот клуб “Македонско овчарско куче – Караман”

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претседателот на Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче - Караман“, Илија Каров, по повод условното впишување на расата Караман во регистрите на Светската кинолошка федерација, со што, таа стана...