Сиљановска-Давкова ја прогласи за отворена Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

26 јануари 2026 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што се одржува под нејзино покровителство.

Оценувајќи ја како значаен настан што ја продолжува долгата научна и културна традиција на македонистиката, Сиљановска-Давкова посочи дека Зимската школа е жива академска дебата за македонскиот јазик како темел на идентитетот, меморијата и културната самосвест.

Според неа, во ера на забрзани промени во којашто јазиците се соочуваат со нови предизвици, македонскиот јазик мора да биде функционален и видлив во дигиталниот свет и да остане жив за идните генерации, дома и во дијаспората.

За неа, зимската школа, како дел од тој процес е влог и инвестиција во иднината на македонскиот јазик, но и во иднината на македонистиката како светска научна мрежа.

Како успешен пример на образовна и научна дипломатија, оваа школа придонесува за меѓунационалниот дијалог и меѓусебното идентитетско разбирање и признавање во време на глобални предизвици.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувани македонисти од целиот свет,

Почитувана проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје,

Почитувана проф. д-р Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ,

Дозволете ми, со особена чест и искрена радост, да ја поздравам Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, уште еден камен во долгиот научен и културен мост по којшто чекореа и ќе чекорат многу македонисти.

Ова не е само уште една академска средба, туку жива дебата за македонскиот јазик како татковина на македонскиот идентитет, меморија и културната самосвест.

Зимската школа, особено во својот современ формат на одржување на далечина, ја потврдува вистината за македонистиката: дека е наука и духовна мисија што не познава географски граници, дека ја следи и се адаптира на динамиката на светот, свесна за сопствените извори и корени.

Вашето присуство, драги универзитетски професорки и професори, истражувачи, лектори и преведувачи, најдраги студенти, е силен доказ дека македонскиот јазик има свои современи понавачи и сојузници, свои одани проучувачи и свои достојни гласници.

Почитувани,

Меѓународниот семинар e продолжувач на историската приказна врзана за сесловенската просветителска мисија на Светите Кирил и Методиј, преку Охридската книжевна школа на Свети Климент и Свети Наум, па сè до современите универзитетски центри, во коишто се развива филологијата како наука и љубов кон речта.

Македонскиот јазик е не само лингвистички систем, туку и жив организам, којшто низ вековите се обликувал, развивал, не ретко соочен со оспорување, притисоци и негирања, опстојувајќи со помош на моќта на длабоката народна и книжевна традиција.

Кодификацијата на македонскиот јазик, како историски чин и цивилизациска придобивка, не е изолиран настан, крунисан со потег на перото, туку плод на  духовна и интелектуална зрелост, производ на трудот, умот и етиката  на генерации преродбеници, собирачи, творци и научници, неимари на македонското слово. Впрочем, на денешен ден, пред 80 години излезе од печат Македонската граматика на Круме Кепески.

Плејада на дејци, од Мисирков, преку Конески до современите истражувачи вградиле јазични бисери во македонската филолошка школа и македонистиката, оформувајќи ја како ценета наука, којашто не само што го опишува јазикот, туку го лоцира и анализира во неговиот културен, книжевен, историски и цивилизациски контекст.

Драги учесници,

Шестата зимска школа не е само продолжение и одржување на традицијата, таа е ново поглавје во современиот развој на македонистиката, во коешто се испреплетени академската строгост, современите методологии и интернационалната научна комуникација.

Вашето присуство и учество значи дека македонскиот јазик, литература и култура продолжуваат да живеат не само во својата матична средина, туку и во универзитетските аудиториуми ширум светот, во научните трудови, во преводите, во истражувањата, во биографиите на личности кои посветиле особен научен интерес на проучувањето и изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, како феномени и вредности што заслужуваат внимание, почит и грижа.

За особено значајна ја сметам улогата на лекторатите по македонски јазик, литература и култура, како културни пунктови и жаришта на македонистиката, каде што се раѓаат и воздигнуваат нови генерации истражувачи, се поттикнува љубовта кон македонската книжевност, се гради научна љубопитност и се воспоставуваат трајни врски меѓу институциите, народите и академските заедници. Посакувам да се зголеми нивниот број.

За мене, зимската школа е успешна форма на културна дипломатија во најдоброто значење на зборот: образовна и научна дипломатија, стимулација на меѓунационалниот дијалог и на меѓусебното идентитетско разбирање и признавање. Во време – невреме, кога светот е оптоварен со тензии, недоверба и поделби, па дури и со воени судири, ваквите академски собири се моќен промотор на духот на разумот, логиката, мирот, културата, науката и хуманизмот.

Почитувани,

Живееме во ера на забрзани промени, во која јазиците се соочуваат со нови предизвици: дигитализација, масовна миграција, глобални медиумски влијанија и нови технолошки парадигми. Токму затоа, денес македонскиот јазик има уште една задача: да биде функционален и видлив и во дигиталниот свет, да се развива во современите регистри и да остане жив за идните генерации, дома и во дијаспората.

Зимската школа, како дел од тој процес, е влог и инвестиција во иднината на македонскиот јазик, но и во иднината на македонистиката како светска научна мрежа. Таа е простор во којшто се раѓаат нови идеи, се отвораат истражувачки перспективи и пулсира и живее епистемолошка академска заедница на луѓе од знаење и култура.

Драги учесници,

Ви посакувам плодна, инспиративна и научно субверзивна работа. Верувам дека ќе иницирате нови прашања и ќе трагате по нови одговори.

Верувам дека оваа зимска школа ќе стимулира Волтеровски дијалог и страсна дебата, заснована на докази и аргументи. Знам дека долгите години дружење, разбирање и пријателство ќе вродат со топла и инспиративна атмосфера.

Во својство на покровителка, чест ми е да ја прогласам за отворена Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ви посакувам интензивна, провокативна и успешна работа во текот на академската недела.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на македонската независност, ги одликуваше со Орден „8 Септември“ Јордан Плевнеш и Раде Силјан, и постхумно: Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски. Јордан...

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35 годишнината од независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното...

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Почитувани граѓани, Пред  35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото...

Сиљановска-Давкова прими талентирани ученици кои изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари

Сиљановска-Давкова прими талентирани ученици кои изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари

По повод 8 септември, Денот на македонската независност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска се сретна со талентираните ученици од основните и средните училишта кои во изминатата учебна...

8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35-годишнината од неа, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на платото на Вила Водно се одржа панел-дискусија, насловена како  „8 Септември низ призма на негови непосредни...