Претседателот Пендаровски на трибината „Дигитализација и образование“: Спроведувањето на наставата преку дигитални платформи останува предизвик за сите

10 септември 2020 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати и ја отвори јавната онлајн трибина „Дигитализација и образование“.

Заблагодарувајќи се за можноста да се обрати на трибината во чиј фокус се предизвиците поврзани со дигитализацијата во образованието и трансформациите кои не очекуваат во иднина во оваа област, претседателот Пендаровски истакна дека во овие процеси е нужно да постои партнерство на државните институции со учените луѓе, со граѓанскиот сектор, со цел да се најдат решенија засновани на потребите на граѓаните.

Во продолжение е текстот од обраќањето на претседателот Пендаровски.

„Ви благодарам за можноста да се обратам на оваа трибина каде што се разговара за предизвиците поврзани со дигитализацијата во образованието и трансформациите кои нужно не очекуваат во иднина во оваа област.

За жал, некогаш треба да се случат вонредни настани, како што е пандемијата на КОВИД-19 за да се охрабриме да имплементираме работи за кои претходно или сме сметале дека не сме подготвени или дека се уште не им е дојдено времето, или и двете одеднаш. Во една прилика неодамна реков дека до неодамна ни беше незамисливо дека можеме да организираме настава онлајн. Но, од март наваму, приликите не натераа, како и сите други во светот да ги откриеме сите нови опции кои ги нуди дигитализацијата и сакале или не, мигриравме онлајн со што дигиталниот начин на работа, не само во образованието, ни стана секојдневие.

Неспорно е дека спроведувањето на наставата преку дигиталните платформи останува предизвик, посебно за држава со мали ресурси, како што сме ние, и за оние кои ја изведуваат наставата, но и за учениците и студентите, за родителите, за секој од нас. Сведоци сме во последно време на интензивни дебати во врска со дигитализацијата на образованието и со оглед на тоа дека сега сме во процес на трансформација, јас мислам дека вистинскиот збор е транзиција од традиционалните кон новите методи на настава и оттука, се разбира, дека има голем простор за наше подобрување.

Генерално, дигитализацијата во образованието отвора извонредни можности за олеснување на образованието на сите граѓани и нашите досегашни искуства на овој план мора да се искористат  и по завршувањето на кризата со КОВИД 19. Дефинитивно е јасно дека вратата за влез на дигиталното образование ќе остане широко отворена и понатаму и треба уште од сега да размислуваме за најдобрите модели и решенија. Понатаму, постоењето на дигитални ресурси кои ќе бидат достапни до секое дете, во секое време, ќе ни бидат од помош и во создавањето на она што го нарекуваме, инклузивно образование.

Достапноста на образованието за сите и надминувањето на физичките бариери е, според мене, неверојатен бенефит за секоја индивидуа и за општеството во целина. Затоа треба да бидеме подготвени да инвестираме во информатичките технологии и да ги развиваме дигиталните алатки, но пред се и над се, генерално зборувајќи, да работиме на дигиталната писменост.

Неспорно е дека дигитализацијата во различните сфери на животот се одвиваше и претходно, некаде со помал, некаде со поголем интензитет, ефект и успех, но, сегашната ситуација ни овозможува нејзино радикално ширење.

Не знам дали затоа што припаѓам на постарата генерација, но, јас не сметам дека иднината на образованието ќе биде само дигитална. Процесот на образование има и социјална димензија и ми се чини дека во човековата природа е потребата од учење и низ непосреден контакт. Се разбира, не го спорам фактот дека дигитализацијата во образованието ќе отвори нови перспективи и можности и со тоа, предуслови за напредок на целото општество.

Во оваа прилика би сакал да ги поздравам активностите и на граѓанските здруженија, на научниците, на професорите, на информатичарите и на сите останати кои направија многу за зголемување на опциите за дигитално учење.

Во овие процеси јас мислам дека е нужно да постои партнерство на државните институции со учените луѓе, со граѓанскиот сектор, со цел да изнајдеме решенија кои ќе бидат засновани врз потребите на граѓаните. Креирањето на политиките, не само во овој сегмент, мора да биде двонасочен процес, каде што државата ќе има постојана комуникација со експерти и со луѓе кои поседуваат практично искуство.

Ги поздравувам напорите на сите фактори во земјава кои се насочени кон поттикнување на дигиталната трансформација на македонското образование и негово унапредување. Верувам дека сите релевантни чинители кои можат да придонесат ќе ги насочат своите напори во совладување на предизвикот наречен дигитализација на образованието. Ова ќе биде и е секако и извонредна можност за сите професионалци, за сите креативци да продолжат да ги развиваат дигиталните алатки и содржини со што ќе придонесат за дигитализација не само во образованието, туку и во останатите сфери на живеењето“.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: Почитувани сограѓани, Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на...

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Честитка од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана...

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Стево Пендаровски денеска положи свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по повод 121-годишнината од неговата...

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака: „Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество....

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

По повод 1 Мај, Денот на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: „Човечкиот е најскапоцениот ресурс за секоја држава. Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, е аларм за сите нас дека...