Претседателот Пендаровски се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

17 август 2020 | Обраќања

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, преку видео порака се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што оваа година поради пандемијата со КОВИД-19 се одржува дигитално.

Во продолжение е  интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани учесници,

Оваа летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ја организираме во несекојдневни услови. Поради пандемијата од ковид-19 не можеме да бидеме заедно на брегот на Охридското езеро што било инспирација за словенските просветители Св. Климент и Наум Охридски и македонските преродбеници Миладиновци, Прличев и Шапкарев.

Меѓутоа, ме радува што ниту пандемијата не не спречува барем виртуелно да ја продолжиме традицијата на Меѓународниот семинар. А да продолжиме е особено важно, и тоа најмалку од неколку причини.

Прво, одбележуваме значајни јубилеи, меѓу кои и 75-годишнината од објавувањето на македонската азбука и правопис. Во 1945-та го заокруживме процесот на кодификација на македонскиот стандарден јазик. Со тоа македонскиот стана јазик на образованието, науката и уметноста не само во Република Северна Македонија, туку и на универзитетските катедри и лекторати во Европа и светот. Иако поради неповолната општествено-историска и политичка ситуација, македонскиот јазик е релативно доцна стандардизиран, неговиот историски континуитет е неспорен. Неговата долга усмена и писмена традиција и богатството од дијалекти е одамна апсолвирано прашање во светската лингвистичка наука.

Сепак, повторно сведочиме на една анахрона реторика на оспорување на засебноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик. Затоа ни е потребен соодветен научен и аргументиран одговор кој се разбира дека го поседуваме. Токму во таа насока се и четирите тома за македонскиот јазик што неодамна ги објавија Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик.

И луѓето и настаните што ги чествуваме годинава се потврда на континуитетот на македонскиот јазик. Во 1920 година почина народниот раскажувач Марко Цепенков. Истата година е роден еден друг раскажувач – писателот Славко Јаневски кој се смета за автор на првиот објавен роман на стандарден македонски јазик.

Годинава одбележуваме и еден век од раѓањето на основоположникот на македонската дијалектологија Божидар Видоески. Тој го втемели овој меѓународен семинар како креативна заедница во која до сега учествувале над 5000 учесници од над 60 земји кои имале прилика одблиску да се запознаат со македонскиот јазик и неговите специфики. Оваа исклучително важна  меѓународна манифестација имаше и има голема улога во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ целиот свет.

Затоа почитувани, вашето учество на овој дигитален семинар и желбата да научите повеќе за македонскиот јазик и култура го разбираме не само како ваша посветеност кон научната вистина, туку и како чин на солидарност со македонските слависти и македонисти. И за тоа сум Ви навистина благодарен.

Ви посакувам плодна работа, инспиративни дискусии, продлабочена соработка и пријателства. И искрено се надевам и посакувам наредната година да се видиме во Охрид.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: Почитувани сограѓани, Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на...

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Честитка од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана...

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Стево Пендаровски денеска положи свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по повод 121-годишнината од неговата...

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака: „Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество....

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

По повод 1 Мај, Денот на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: „Човечкиот е најскапоцениот ресурс за секоја држава. Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, е аларм за сите нас дека...