Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска оствари информативна средба со членови на работната група за придонес при креирањето на Закон за млади (Закон за младинско учество и младински политики).
На средбата членовите на работната група го информираа претседателот Пендаровски за нивните активности во изминатиов период, изразувајќи увереност дека со овој Закон, младите ќе бидат активно вклучени во сите општествени текови од кои зависи европската иднина на Република Северна Македонија. Соговорниците ја истакнаа исклучителната важност на Законот кој обезбедува можност за организирано младинско учество и застапување за политики пред институциите, како и заедничко нивно креирање со институциите.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство за процесот со кој се решава важно прашање за младите и од постигнатиот консензус во процесот, бидејќи во него учествуваат претставници од власта, опозицијата, младински организации и подмладоци на политички партии, оценувајќи дека тоа е показател за созревање на едно општество.
На средбата се потврди заложбата на сите инволвирани страни да придонесат, важните прашања да се носат со заедничка одлука и ја поздравија транспарентноста на процесот, како многу важна компонента за донесување решенија.
Претседателот Пендаровски нагласи дека креирањето на успешни политики за младите кои ќе создадат шанси за сите млади овде, во нашата држава, е возможно само доколку во нив се вклучени токму тие, како силен креативен двигател на секоја држава.
Единствено на тој начин, рече Претседателот, може да се креира амбиент и да се промени досегашната тажна слика, младите наместо во својата татковина, нивната иднина да ја гледаат надвор од неа. Токму затоа, нагласи тој, еден од неговите приоритети се младите во Северна Македонија, чиешто мислење мора да биде слушнато, во насока на донесување на квалитетни и одржливи решенија, затоа што просперитетот и благосостојбата на секое општеството е во тесна врска со развојот на младата популација.
Во мене, посочи Претседателот, ќе имате секогаш искрен соговорник и поддржувач докрај да се реши ова прашање, ги охрабри да продолжат здружено и им честиташе за истрајноста, упорноста и вложениот досегашен труд.
Во изминатиов период, младите од целата држава имаа можност да го споделат своето размислување, предлози идеи и ставови за предлог текстот на Законот, на јавни дебати коишто беа организирани во повеќе градови во Република Северна Македонија. Дебатите и иницијативата за Законот за младинско учество и младински политики, поддржани од Мисијата на ОБСЕ, беа релизирани во организација на работна група сочинета од претставници од Пратеничкиот клуб за младински прашања и политики од Собранието на Република Северна Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Северна Македонија, како и од претставници на младинските организации Национален младински совет на Македонија, Коалиција на младински организации СЕГА и подмладоците од политичките партии СДСМ, БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.