Интервју на претседателот Пендаровски за Радио Слободна Европа

21 јули 2019 | Интервјуа

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во интервју за Радио Слободна Европа вели дека се залага за помирување, а на забелешките на ВМРО-ДПМНЕ дека помирувањето го сфаќа како амнестија за премиерот Заев и неговите, вели дека нема намера да го амнестира Заев или неговите блиски, ако сториле криминал. Претседателот Пендаровски вели и дека со изјавата за Гоце Делчев ја засилил македонската преговарачка позиција. Претседателот Пендаровски говори и за случувањата околу СЈО, датумот за преговори со ЕУ, и реалната опасност Охрид да го загуби статусот на УНЕСКО.

Претседателе, Вие како Стево Пендаровски, како граѓанин, бевте еден од оние што даваа поддршка на Специјалното јавно обвинителство преку Шарената опозиција. Како сега како Претседател гледате на овие случувања околу специјалната јавна обвинителка Катица Јанева?

Гледам слично денес, како што гледав и пред неколку години кога заедно со многу други граѓани дававме поддршка за таа институција и мислам дека изминативе денови откога излезе оваа, да признаам, непријатна афера или случај поврзан со Специјалното јавно обвинителство мислам дека тука генерално јавноста, па и многу луѓе кои беа активни во овој период кога го браневме или го поддржувавме СЈО, не ја направија таа разлика која би требало да ја прават. Значи, институцијата СЈО беше клучната институција освен Преспанскиот договор која ни ги отвори вратите и на НАТО и на Европската унија. Тоа ви го тврдам одговорно затоа што бев преговарач во името на нашата земја во однос на НАТО интеграциите и знам дека најголемите позитивни коментари од сите реформи кои во изминаитве 2-3 години ги направивме беа на сметка на СЈО, тоа што СЈО го направи. Значи една работа е работата на институцијата СЈО до овој момент и постапките кои ги воделе различни обвинители, се разбира, не само Катица Јанева, сосема друга работа е овој последниов случај кој јас ургирам и од оваа позиција, како год да се сфати, до надлежните органи да ја процесуираат што побрзо и што подлабоко за да не остави ни најмала дамка на работата на институцијата како таква. Значи, да заклучам, СЈО беше и тоа како потребен во време кога ги правевме демократските промени, СЈО во некаков облик во некој дел од системот на целото Јавно обвинителство и тоа како е потребен и во наредниот период да ги процесуира криминалите не само на оние порано коишто биле на власт, туку и на нас што сме денеска на власт, меѓутоа индивидуалните постапки евентуално спротивно на законот не треба да ја деградираат или, не дај Боже, да ја поништуваат целокупната работа на институцијата СЈО како таква.

Но, има ли чаре од ситуација на голема надеж, сега ситуација на големо разочарување. Има ли излез од тоа?

Јас сум еден од оние кои ги дели тие емоции со многу наши граѓани кои во тој период беа сто проценти зад СЈО и јас сум разочаран од тоа што го слушам последните денови, меѓутоа повторно велам, инсистирам надлежните органи брзо да ја процесуираат целата работа без задршки, без обрнување на евентуалните политички притисоци ако ги има, да ја истераат до крај работата. Тоа е битно, имено за СЈО како институција и имено, за демократските реформи кои ѝ претстојат на нашата земја.

Претседателе која е вашата перцепција ќе добиеме ли датум за преговори во октомври?

Моите први две посети надвор, откако стапив на функцијата, беа во Брисел, каде што имав средби со највисоките функционери на досегашната Европска Комисија и Европскиот Совет. И потоа посета на Берлин, каде што имав средба со највисоките германски претставници, вклучително и со германскиот претседател Штајнмаер. Од најрелевантни места добив уверувања дека одлагањето во Германија е од чисто технички причини и дека нема политички причини во позадината, како што имаше шпекулации и кај нас и во дел од меѓународниот печат, односно медиуми. Исто така информациите кои до овој момент ги имам е дека во моментов не постои ниту една европска држава, ниту една земја членка на ЕУ, ниту една европска влада која има став дека Република Северна Македонија не треба да почне со преговори до крајот на годината.

Од дипломатски извори се наведува дека е можна варијанта на условен датум за преговори. Имате ли такви информации?

Не, нема таква варијанта. Ова што се случи сега наместо во јуни како што самите тие од Европа ни ветија на софискиот Самит, ова што се случи е одложување од технички причини, не би сакал да зборувам за нови одложување од технички причини, меѓутоа само такво нешто е можно во правна и во политичка смисла, не и одложен датум.

Кога сме кај ентузијазмот, како стоиме со Бугарија? Вие имавте, искажавте една блискост со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Пред тоа изјавивте дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин, кој се борел за независна, самостојна Македонија. Нели на некој начин, оваа изјава не е подривање на преговарачката позиција на македонскиот тим во рамките на мешовитата комисија со Бугарија?

Не е, туку напротив е засилување на преговарачката позиција од страна на еден од политичките фактори во нашата земја. Македонската јавност треба да знае дека комисијата од историчари составена од Македонија и Бугарија западна во ќор-сокак. Практично дојде до ситуација, дојде до периодот 19-20 век, во кој бугарската страна инсистираше, по мое убедување од политички мотиви, сè што се случувало во тој период да биде препишано само на бугарската историја и сите тие дејци, сите револуционери и сите настани да бидат дефинирани како исклучиво бугарски. Јас после една долга серија консултации, кои ги имав со академиците во нашата академија, со членовите на нашата комисија, со истакнати интелектуалци и професори по историја на наша страна, од нашата држава, заклучив дека е потребен извесен политички ветер во грб на нашата страна од комисијата и една политичка рамка да речам, не конечно или целосно решение, туку една политичка рамка во која идните разговори во рамки на таа комисија, евентуално можат да се одвиваат. Во спротивно добивавме чиста блокада, значи прашање беше на време кога до крајот на годината, освен она што го имавме со години од Атина, ќе добиевме чиста блокада кон ЕУ од Софија. Последната средба на комисијата во Скопје не беше продуктивна, има закажано следна средба во септември, во меѓувреме тие меѓу себе, членовите на комисијата имаат интензивна комуникација, циркулираат материјали во двете насоки во смисла да се најде заедничко стојалиште за тие работи и да дојдеме до она што е примарната цел на таа комисија да зборуваме за личности, не за сите, и да зборуваме за настани, не за сите настани во тие два века кои се споделени, не се само македонски, не се само бугарски, бидејќи целта е, повторувам, да видиме каде имаме споделена историја, не таа сторија да биде комплетно бугарска и ние од оваа страна само да потпишеме таква работа, бидејќи тоа не е целта на комисијата и што е поважно тоа не историски факт.

Ќе стане ли Македонија членка на НАТО оваа година?

По сите проценки што се прават и според темпото на ратификација на Протоколот за пристапување ние сме многу блиску, многу многу блиску до 4. декември – тој датум кој самите го зацртавме заедно со нашите пријатели во Алијансата, кога е закажан Самитот на НАТО во Лондон, кога на 70-годишнината од Алијансата очекуваме да станеме 30. земја членка на таа организација. Досега имаме 21 ратификација. Исклучително е битно што освен непосредните соседи, прва беше Грција, Турција го ратификуваше Преспанскиот Протокол бидејќи имаше разни шпекулации во таа насока. Турците покажаа дека се наши искрени пријатели и едни од најголемите поддржувачи во Алијансата. Од американскиот Сенат доаѓаат исклучително позитивни вести дека практично таму нема отпор кон проширувањето на НАТО со Северна Македонија и според најавите од САД, од Вашингтон, веројатно или до крајот на август или максимум до крајот на септември треба да имаме ратификација и од САД. Сите други ратификации се од чиста технички протоколарна природа. Очекуваме дека тие преостанати ратификации ќе бидат наесен или во доцна есен за да стигнеме до 4. декември.

Помирувањето беше ваш приоритет во инаугуративниот говор. До каде е тој процес?

Да бидеме искрени, тоа е моја стара заложба и пред да бидам избран за претседател, меѓутоа тоа е процес кој многу држави во светот се обиделе да го направат и не успеале, затоа што е долг, тежок, мачен и во него задолжително мора да учествуваат многу политички субјекти и други општествени чинители, особено битните, односно релевантните. Во држава како што е Македонија која е многу комплекса од различни причини и во етничка и во културолошка и во цивилизациска и во јазична смисла, но и во политичка смисла, каде разликите се толку длабоки, особено продлабочени изминатава деценија, навистина е тешко да очекуваме дека само една изјава и само еден говор на кого било, па еве и на претседателот на државата, може да направи промени преку ноќ. Јас се обидов и до овој момент мислам дека одам добро во таа насока, да ги соберам сите политички чинители тука кај мене или јас да отидам кај нив и да се договориме околу неколку базични работи.

Се видовте ли со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски?

Се видов и со албанската опозиција и со албанските партии на власт. Се видов со македонските партии на власт, се видов со партиите на етничките малцинства, односно други етнички заедници кои не се мнозински, дури и со оние политички партии кои не гласаа за мене на претседателски избори, меѓутоа до сега не успеав да направам средба до господинот Мицкоски, со образложение дека сега не е моментот.

Имаше изјави од таа страна дека Вие процесот на помирување го разбирате како амнестија на Зоран Заев и неговите луѓе.

Јас и тогаш во тие разговори кои ги имавме во одредени неформални форуми, јас го пренесов мојот став и не ми е воопшто тешко тоа да го кажам сега и јавно, дека ако е тоа проблем, јас се сомневам дека тоа е причината дека јас зад помирувањето гледам амнестија за Заев и неговите, ако е тоа потребно, можам и јавно да кажам дека немам никаква намера и денес и во следните пет години да го амнестирам Зоран Заев ако направил криминал и кого било од неговите блиски соработници во партијата или во Владата ако направиле криминал. Тоа можам да го кажам и да се држам до тоа до крајот на мандатот.

Како господине претседател да го спасиме Охрид, а и не само Охрид и добар дел од Македонија е загрозен од урбаната мафија? Што вие како претседател може да направите?

Јас имав конкретно за овој случај, иако некој ќе рече дека немам никакви надлежности, меѓутоа тоа не е точно. Охрид како проблем кој се појавува во последно време може да биде голем камен на сопнување за нашите евроатлански интеграции исто така зошто таму постои една значајна област која се нарекува заштита на човековата околина и таа станува се поважно и поважно поглавје при преговорите за секоја земја кандидат која сака да биде членка. Јас се видов со надлежните во владата и луѓето кои беа на заседанието на УНЕСКО. Тие ме информираа, тоа што тие го знаат, информациите со кои тие располагаат, меѓутоа за да бидам доследен, да ја чујам целокупната вистина и да не дозволам разно-разни шпекулации дека можеби владините претставници ја разубавуваат состојбата, или не ја прикажуваат таква каква што е во реалноста, јас овие денови веќе имам серија средби и со таканаречени независни експерти и луѓе кои воопшто не се поврзани со Владата на Северна Македонија и домашни и меѓународни експерти и мислам дека многу брзо ќе имам целосна слика за тоа бидејќи и на моите меѓународни посети надвор моите соговорници ме прашуваа што се случува со балканскиот бисер бидејќи Охрид е признат и познат многу подалеку од нашите граници.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...