Интервју на претседателот Пендаровски за Чешка телевизија

1 септември 2023 | Интервјуа

Претседателот Пендаровски: Всушност, не дојдов овде со цел да барам поддршка или помош затоа што веќе ја имаме во голема мера. На политичко ниво пак, во Брисел, можам слободно да кажам дека Чешката Република е еден од најголемите и најгласни поддржувачи на интеграцијата на Западен Балкан во Евро-атлантските структури.

Денес имавте средби со чешките лидери, Претседателот, Премиерот и претседателите на двата дома на Парламентот. Што дознавте денес? Колку е силна поддршката и колку тоа се чувствува кај вас?

Претседателот Пендаровски: Навистина ми беше задоволство да го слушнам нивното мислење, и она на Владата, и на Претседателот, како и на двата дома на Парламентот. Се сретнав и со осум, поточно девет сенатори и сите тие беа едногласни во нивната поддршка за зачленување на Северна Македонија во Европската унија во најкус можен рок. Истовремено, многу пријатно бев изненаден што слушнав и видов дека сите тие се запознаени буквално со нијансите на овој доста тежок и уникатен процес кој го водевме за да го оствариме членството што е можно побрзо. Се уверив дека детално се запознаени со неодамнешниот спор со нашиот источен сосед Бугарија, исто како и за претходниот со соседна Грција. Така што, би рекол дека се многу добро запознаени со балканските прашања. Но, поддршката е тука. Таа во повеќе наврати беше истакната и од страна на вашиот Претседател, последно за време на конференцијата за медиуми. Нема никаков сомнеж во поддршката од страна на Чешката Република. Она што сега се обидувам да го направам во име на мојата земја за време на оваа посета, освен преку силната економска компонента и разговорите на таа тема, е преку политичките лидери на Чешката Република да убедиме некои, можеби колебливи земји – членки на Европската унија, да не чекаат повторен моментум за интегрирање на целокупниот регион во Европската структура. На пример, овојпат со руската инвазија врз Украина, гледаме сличност со ситуацијата во 2015 и 2016 година со големата мигрантска криза во која милиони луѓе поминаа низ балканската рута, во смисла на тоа дека поради таа криза, Балканскиот регион беше вратен на агендата на Европската унија. Не би сакале причина за враќање на Западен Балкан на агендата на Европската унија да биде таков вид на инцидент или војна или пак конфликт.

Она што им го кажувам на сите мои европски соговорници, не само овде во Прага, е дека ако Европа не е присутна во регионот, тогаш ќе има повеќе простор за Русија. Ќе има дополнителни регионални играчи, некои од нив со малигно влијание, некои пак – пропагатори на автократски модели на владеење. Затоа, не би сакале такво нешто – ние четири и пол децении бевме дел од поранешна Југославија, дел од недемократски ентитет и не би сакале да ни се повтори такво искуство. Пред многу децении, бевме дел од таа поранешна држава, од движењето на неврзаните и доволно беше од тоа. Сега пак е модерно да се зборува за БРИКС. Што бараме ние во една таква организација? Тие имаат еден заеднички содржател  – омразата кон Соединетите Американски Држави. Тоа со сигурност не претставува доволна основа за здружување со други истомислечки нации – ние зборуваме за економски напредок, повисоки стандарди за живеење и подобар живот за нашите млади генерации. Знаете, има големи бранови на луѓе кои заминуваат од земјата – од целиот регион, за волја на вистината, не само од Северна Македонија. Ние пак би сакале да им дадеме шанса и можности на тие луѓе да напредуваат во сопствената татковина, наместо да одат по светот и да бараат подобар живот и повисок стандард – целта е да ја бараат среќата во нивната татковина. Во БРИКС, тоа не можеме да го оствариме. Сите го знаат тоа.

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, неделава изјави дека европските земји мора да бидат подготвени за проширување до 2030 година. Дали сметате дека овој датум е можен или би сакале тоа да се случи и порано?

Претседателот Пендаровски: Можно е, затоа што зборуваме врз основа на сите проценки кои во меѓувреме ги имаме направено во нашата земја – датумот 2030 е сосема остварлив, секако ако не постојат неразумни пречки. Не само за Северна Македонија туку за сите останати земји на Западен Балкан, но само ако теренот е исчистен од, како што реков, неразумни барања од различни страни. Така што, би рекол дека последната изјава на Претседателот на Европскиот совет е добар знак, бидејќи по првпат, еден од највисоките функционери на ЕУ го повторува, односно користи истиот речник кој веќе некое време го користат и лидерите на Западен Балкан. Во многу наврати сме зборувале за 2030 година како некоја временска рамка за членство во Европската унија и добро е да се слушне како некои од лидерите на Европската унија зборуваат со истиот јазик.

Вчера имавте средба и со луѓе од Македонија овде во Прага. Колку е важно за нив вашата држава да стане членка на Европската унија?

Претседателот Пендаровски: Важно е затоа што, знаете, за жал, најумните, најмладите и најспособните од нив ја напуштаат Македонија во потрага по подобри можности. И кога зборував за таа голема демографска опасност за нацијата, но и за амбицијата да станеме дел од ЕУ што побрзо, би рекол дека двете се тесно поврзани. Веднаш штом станеме членка на Европската унија, со подигањето на животниот стандард, многумина од нив, вклучително и многу успешни претприемачи кои денес живеат во Чешката Република во најмала рака би инвестирале во татковината а можеби и би се вратиле во родната земја. Но, како што реков, со просечната плата од 600 евра и стандардот на живот во Чешката Република, Словачка, Обединетото Кралство, САД, Германија или Франција, едноставно нема споредба во однос на стандардот на живеење. И не ги обвинувам тие луѓе. Вината ја наоѓам во политичкото раководство. Од нашата независност се до денешното политичко раководство од кое и самиот сум дел – не успеавме од различни причини да создадеме подобра средина за тие луѓе да успеат и да напредуваат во сопствената држава наместо да ја бараат својата среќа низ светот.

https://ct24.ceskatelevize.cz/svet/3611188-pokud-nebude-evropa-dostatecne-pritomna-na-zapadnim-balkane-budeme-tam-mit-vic-ruska

 

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: Почитувани сограѓани, Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на...

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Честитка од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана...

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Стево Пендаровски денеска положи свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по повод 121-годишнината од неговата...

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака: „Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество....

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

По повод 1 Мај, Денот на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: „Човечкиот е најскапоцениот ресурс за секоја држава. Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, е аларм за сите нас дека...