Интервју на Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија, за РТС

1 ноември 2019 | Интервјуа

Новинар: Г-не Пендаровски дали денеска јас разговарам со претседателот на Македонија или со претседателот на Северна Македонија?

ПРМС: Имаше една интересна ситуација од кога јас ги добив изборите на 12 мај оваа година. Сите новинарски извештаи почнуваа со тоа дека го добивме првиот претседател на Република Северна Македонија. Јас сум во суштина петтиот претседател од нашата независност, меѓутоа бидејќи името на државата го променивме пред година и нешто, нормално е дека јас сум сега прв претседател на Северна Македонија, меѓутоа континуитетот постои неспорно со претходната држава.

Новинар: Знаете ли зошто ова ве прашувам? Затоа што рековте дека употребата на официјалното име ќе биде на чекање додека не се отворат преговорите со Европската унија?

ПРСМ: Има едно мало допрецизирање на тој став. Знам дека новинарите сакаат да се фатат за главниот наслов. Првата реченица е таа. Меѓутоа ние тоа го имплементиравме. Името на државата, на сите централни институции вклучително и претседателскиот Кабинет. Вие кога доаѓавте наваму, видовте долу на влезот постои новото име на државата и тоа нема да се менува. Значи, тоа е веќе имплементирано. За што станува збор? Во Преспанскиот договор со Грција се вели: како ќе одиме во преговорите од едно кон друго поглавје, на пример екологија, човекови права, независно судство итн., така кореспонденцијата во таа посебна област, не во целина, на пример во еколошката област или не знам во областа на заедничкиот пазар, тогаш сета кореспонденција од нашето надлежно министерство за екологија со бриселските институции мора да биде со новото име. Од поглавје до поглавје, тоа се нарекува секторска примена на новото име. Инаку, вкупно ние го имаме имплементирано името и знаете зашто? Јас знам дека некои националисти се обидуваат да кажат: е сега бидејќи тоа не важи, бидејќи немаме датум за преговори со Европската унија, можеме да се вратиме назад. Ај, што треба посебна процедура и две третини на Устав да го направиме тоа, меѓутоа македонските националисти забораваат една битна работа затоа што го променивме името во Северна Македонија. Стануваме многу брзо членка на НАТО што е најверојатно најголемата стратешка цел до денес. Значи, не беше за џабе промената на името.

Новинар: Значи, само во употребата ќе биде кога ќе се отвараат поглавја…

ПРСМ: По сектори. По  области. Вели: како целокупната кореспонденција во одредена област ќе зависи од тоа кога ќе биде отворено соодветното поглавје во тоа европското „acquis“  како  го нарекуваат. Значи, кога ќе отворите  вие, да речеме правосудство, во тој момент кореспонденцијата во правосудната област мора да биде со новото име, од штембили и печати сегде, сега само на ниво на централните институции именувањето на државата.

Новинар: Дали ви е НАТО доволна утешна награда после оваа одлука во Луксембург?

ПРСМ: Знаете како, секоја држава спрема своите национални интереси и спрема својата внатрешна ситуација и гледајќи ја својата историја, а и актуелното опкружување, ги одредува своите национални интереси. Ние од 91-92 година, со конституирање на првиот повеќепартиски парламент, ние со апсолутен консензус, значи сите политички партии и власта и опозиција, и партии на Албанци и на Македонци, решија дека за нас НАТО е стратешка цел од познати причини, од безбедносни причини. И тоа не можеме да го наречеме утешна награда. Тоа за нас е главна награда.

Новинар: Сепак, по којпат Европската унија ве разочара? И самите тоа го споменувавте овие денови.

ПРСМ: За жал, имаме малку подолг историјат на разочарување со Европската унија. Првото наше, ова е второто големо разочарување, можеме да зборуваме за мали разочарувања. Значи, ние бевме разочарани минатата година од Европската унија бидејќи и минатата година веднаш по Преспанскиот Договор требаше да добиеме датум за преговори. Оваа година бевме повторно, тоа е второ мало разочарување, летото требаше да добиеме датум за преговори меѓутоа германскиот Бундестаг немаше време во краток период да го разгледа извештајот по евроизборите и повторно технички нé одложија за октомври и ова е сега трето. Не е мало. Првото е големо, од 92.година. Во  92.година, значи тоа е рубрика-верувале или не? Тогашната Европска комисија вели – излегоа неколку држави од поранешна Југославија по распадот на таа држава. Ако оваа држава во тој момент безимена за меѓународната заедница, ако сака да биде воопшто признаена од Европска унија и од целиот свет мора зборот Македонија воопшто да го нема во целото тоа име. Тоа беше шок. Тоа е прочуената Лисабонска Декларација од 92. Јас не сум бил активен во политиката, бев само обичен граѓанин на оваа земја, меѓутоа кажуваше Глигоров – стариот претседател дека сите околу него биле шокирани. Вие мене ми кажувате ни Македонија ни „м“да нема во името. Тоа беше неверојатен шок, меѓутоа тоа се преброди, се постигнаа неколку компромиси и потоа провизорно име Поранешна Југословенска Република Македонија, влеговме во Обединетите нации, во сите други регионални организации потоа.

Новинар: И потоа 2008.година и грчкото „не“.

ПРСМ: Во 2008.е грчкото „не“, а тоа е големото разочарување од НАТО Алијансата, не од Европската унија, но од истите причини. Од сите земји членки само една земја членка имаше приговор за нашето име и бидејќи е потребен тотален консензус, апсолутен за влез на нови членки во Алијансата, ние останавме десет години надвор така што и сега може да се смета дека е исто иако и во 2008 во однос на НАТО и сега формално-правно тоа се одлуки на целиот Европски совет односно на Северно-атлантскиот совет во тоа време, не е на една земја.

Новинар: Како сега го објаснувате ставот на Макрон?

ПРМС: Од она што тој самиот го кажува на прес-конференцијата, сé друго може да биде нагаѓање, шпекулација, ние не можеме да го знаеме тоа. Од самите негови зборови произлегува дека тој се залага стриктно за промена на методологијата во пристапувањето, но пред тоа бара Европската унија внатре да се реформира. Тој вели прво продлабочување, па после проширување.

Новинар: Дали е тоа доволно објаснување? Очигледно дека тоа на граѓаните не можете да им го понудите.

ПРСМ: Не. Најголемата консеквенца, сакам да бидам отворен во тој дел во однос на нашата земја, во однос на перспективите наши, јас не велам дека ние ќе се распаднеме, нема да се распаднеме, меѓутоа евроентузијазмот во однос на приклучувањето кон Европската унија ќе падне значително, за жал бидејќи оваа одлука ги побуди и обичните луѓе . Знаете, јас бев на избори пред пет-шест месеци и мојата клучна точка освен неколку други беше и отворање на преговори со Европска унија. И кога луѓето, и оние кои се мои гласачи условно кажано, ме прашуваа – мора ли сега името ново да важи и внатре? Јас им велев – мора, заради Европска унија. Е сега, нема Европска унија, барем за еден догледен период и ние треба на тое луѓе да им објаснуваме што е сега проблемот. Ако не е до нас, што е проблемот во Европа? А, во Европа, проблемите ние не може да ги решиме. Ние сме осудени на чекање.

Новинар: Вие предлагате Самит на земјите од Западен Балкан за да се одречат земјите од алтернативи за европските интеграции. За што станува збор?

ПРСМ: Знаете за што станува збор? Едноставно претседателот Макрон на прес-конференција спомна неколку категории кои се различни од проширувањето. На пример, тој во два наврати на својот прес се реферираше кон целиот регион, не само кон Северна Македонија и Албанија, како кон соседство, комшии. Ние не сме соседство. Соседи во институционална смисла на Европската унија се земјите во источното партнерство, тоа се Молдавија и централно-азиските држави и северно-африканските држави. Тие се комшии на ЕУ. Ние не сме комшии. Ние сме држави кои преговараат да бидат членки на ЕУ и второ – на некои средби во Европската унија, во нашата делегација која тие денови беше присутна во Брисел доби неофицијални информации дека во високи европски кругови, не само во Франција и на други места, па и во европските органи, се размислува за алтернатива на членство која се нарекува европска економска ареа или зона, област EEA. Тоа значи еден вид на екстензија на европскиот пазар. Вие ќе бидете дел од заедничкиот европски пазар и толку. Нема да бидете членка на европските политички институции.

Новинар: А, што вие сакате со оваа идеја?

ПРСМ: Сакаме да кажеме дека нам нема да ни врши работа за развојот на нашите општества да бидеме членки во таа ЕЕА. Нам ни врши работа да бидеме членки на Европската унија. Ние, се разбира сакаме да бидеме дел и од заедничкиот европски пазар, но не како супститут на полноправно членство во ЕУ, тука е опасноста мислам бидејќи ставот на Макрон колку е тоа познато, веројатно е познато во српската јавност, се однесува на целокупниот Западен Балкан, за жал и на државите кои веќе преговараат. И тоа не е фер, меѓутоа се однесува и на државите кои веќе преговараат и на оние кои допрва ќе почнат да преговараат. Јас мислам, што е пологично од тоа сите ние држави кои сме афектирани со таквото резонирање, да застанеме и да потпишеме една декларација ако треба, заеднички сами, дека нам после толку години вложување во европските интеграции не ни паѓа на памет да се задоволуваме со членство во европска економска зона. Ништо повеќе од тоа.

Новинар: И токму како последица на оваа одлука на Европската унија, ќе имате избори напролет. Што очекувате од тие избори, промена на сили, редослед на сили…

ПРСМ: Под ова позиција на која сум, јас не би смеал да правам такви предвидувања, затоа што јас не сум член на ниту една политичка партија, никогаш и не сум бил, и бев кандидат на 31- на политичка партија,  главно собрание околу  владејачката партија. Меѓутоа во вториот круг, добив гласови и од неколку опозициони партии така што и генерално мојата позиција според Уставот треба да е неутрална, јас треба да бидам мост меѓу власта и опозицијата. Тоа значи меѓу утрешната власт и утрешната опозиција ако нешто се промени во тој дел, она што јас го очекувам и тоа е максимум што можам да предвидувам односно за изборите закажани на 12 април овде кај мене, меѓутоа бевме собрани за Европска унија и  го искористивме тоа да се договориме и за датумот.  Максимум  што очекувам е да бидат изведени според демократски правила како што беа на пример претходните претседателски избори, бидејќи Северна Македонија не смее да си дозволи луксуз да има недемократски избори, како  што имавме за жал години и  години наназад во време на претходната влада, бидејќи тоа е главната пречка за било какви разговори за Европската унија. Дури тогаш Европјаните ќе кажат овие не можат избори да организираат како што треба, а да не зборуваме за правосудство, за медиуми, за администрација.

Новинар: Како функционира Македонија. Вие во контекст на една афера рековте дека институциите на Северна Македонија не функционираат. Кого го гледате како одговорен за таквата состојба?

ПРСМ: Значи најголемиот проблем, сите овие години тоа го знаат и обичните граѓани, тоа го знаат и политичарите, тоа го знаат и луѓе кои од време на време доаѓаат во нашата земја. Најголемиот проблем  е тоа  што правосудниот систем не е реформиран според европски стандарди,  се разбира  и неколку други големи сегменти во државата не се реформирани на задоволително ниво. Меѓутоа правосудниот систем, зборувам судовите и обвинителствата  веројатно се најназад, се најпозади.

Новинар: А, кој е одговорен за тоа, кој е виновен?

ПРСМ: За тоа се одговорни практично сите повеќе или помалку се разбира,  политичките  елити кои биле на власт сите  овие 25 или 30 години, ние можеме да ја делиме одговорноста, меѓутоа  факт е дека ние политичарите,  што сме,  беа  и тие што биле пред мене се  одговорни што  не притискале за реформи.

Новинар: Дали сте задоволни со работата на оваа Влада?

ПРСМ: Јас мислам дека во делот  на она што е моја Уставна надлежност како Претседател, јас сум надлежен за надворешна политика и одбрана и  безбедност и во тој  контекст  и ова наше скорешно влегување во НАТО Алијансата они одработија беспрекорно објективно. Во однос на меѓународната  позиција на Северна Македонија ние бевме вратени практично од комплетна изолација  и во рамки на Балканот, досега сме единствен позитивен пример кој е истакнуван  заради Преспанскиот Договор  во многу европски главни градови. Освен тоа, не е само Преспа. Ние потпишавме договор и со Бугарија и во внатрешната  политика ние го подигнавме нивото на употребата на албанскиот јазик внатре во нашите граници, и на ниво на втор официјален јазик, и тоа не беше воопшто лесна политичка одлука. Значи оваа Влада донесе неколку стратешки одлуки за да ја стабилизираат внатрешно и да ја промовира надворешно државата.

Новинар: Дали сте задоволни со економијата, како живеат луѓето?

ПРСМ: Економијата не, во економскиот дел тоа и премиерот Заев го кажува, вели дека резултатите не се на соодветно ниво, затоа што сакавме да ги решиме претходно овие предуслови. Да почнеме со преговори со Европската унија, да добиеме базична сигурност, безбедност со влез во НАТО Алијансата и прво внатрешно  да се консолидира. Немој да заборавите дека ние пред само две и пол години во април 2017, имавме една уникатна една грозна уникатна ситуација која во Европа не се случило со векови наназад. Имавме маса луѓе кои влегоа во Парламентот, во организација на тогашна партија на власт кои се обидуваа  да ги линчуваат актуелните пратеници во Собранието.  И ние 2016 што само година претходно Извештај од Европска Комисија, ние сме официјално декларирани и тоа е прва на Западен  во Балкан, официјално така дефинирана како заробена држава.  Значи ние за две три години од заробена држава,  станавме држава која продуцира и добри вести во овој регион, што не е баш карактеристика за Балканот.

Новинар:  Да се осврниме на односите на Србија со Северна Македонија, како денес ги оценувате во однос на некои меѓусебни обвинувања од тој период за шпионажа, па дури и до тоа дека денес имаме меѓугранични премини, се договара, се планира некој мини Шенген со Албанија и Србија. Каде, помеѓу тоа, ги гледате односите помеѓу двете земји?

ПРСМ: Како што одеше нашата внатрешна криза, како се развиваше во неповолен правец, така и односите со неколку од нашите соседи трпеа, Србија  беше еден од нив. Тука има некои други корелации, но меѓутоа  во однос на вашето прашање, за жал и тоа кулминираше на 27 август во тој упад  во Собранието. Дали беа соодветни реакциите на двете страни, можам да дебатирам во некоја посебна емисија, меѓутоа беше што беше тоа е завршено. Мене ми е посебно драго што премиерот Заев, во изминатите година до две, се обиде максимално да се отвори и кон Белград, не само кон другите главни градови од нашите соседи и  тоа вроди со плод. Од она што го знам, досега неговата комуникација со српската Влада, со претседателот на Србија се одлични, со одредени изјави и тука и таму кои можеби требаше да се дообјаснуваат од двете страни. Меѓутоа да немате никаква дилема, премиерот Заев имаше секој пат добра намера да развиваат одлични билатерални односи.

Новинар: Вие ќе дојдете во посета на Србија?

ПРСМ: Во тој дел да, јас сум од скоро претседател, меѓутоа   веќе договорив официјална посета, на покана на Вашиот Претседател на 22 Ноември, здравје Боже, до следниот месец треба да дојдам во Белград. Инаку морам да го кажам и тоа – претседателот Вучиќ ми направи посебна чест што дојде на мојата инаугурација во Мај месец, е тоа беше  short notice,  претходно  два три дена претходно беа само декларирани официјалните резултати,  и тој дојде овде во Скопје имавме посета, билатерална средба, интересна конструктивна средба. Очекувам дека во таков дух ќе продолжиме да разговараме  и кога ќе се сретнеме во Белград.

Новинар: За добри односи и за стабилноста во регионот, во Белград, Косово е многу важно прашање. Како вие гледате на решение меѓу Белград и Приштина? Знам дека се противите на промена на границите?

ПРСМ: Има една моја изјава од порано, која најде на негативни реакции од страна на српската Влада, меѓутоа тоа е легитимно стојалиште на српската Влада, немам проблем со тоа. Мојот став е, бидејќи јас морам да водам сметка за мојата држава, и многу ми е битно најбитно е, за секоја држава да остане во овие граници во кој е. Значи, мојата теза е дека меѓународната заедница без која очигледно е невозможно решение за Косово, знаеме, ако вклучите меѓународни фактори и притиснат и решат да има договор – ќе има договор. Се разбира, волјата во Белград и Приштина е есенцијална во таа смисла, меѓутоа меѓународниот фактор е тој што може да донесе решение во еден значаен дел, целиот тој комплекс на случување и на односи.  Притоа,  мојот став е дека тие не смеат  да го затворат косовското прашање, а евентуално да отвораат две  или други во регионот. Да не биде домино ефект, го затвараме прашањето на Косово, зборувам  ако го затвораме со промена на граници, дури и при промена на граници. Мојата теза е дека меѓународниот фактор мора  на сите други околни држави во  регионот да им даде некои меѓународни гаранции, дека тоа решение меѓу Белград и Приштина  ќе важи само за Белград и Приштина. Инаку, јас мислам дека ќе биде катастрофа, ако после евентуално такво решение како солуција на косовскиот проблем, ако почнуваат да се менуваат границите наново на цела Бивша Југославија и не знам во Југоисточна Европа. Значи во тој аспект,  јас тврдам дека промената на границите е анакроно решине за 21 век, меѓутоа  ако трите актери  Белград, Приштина и Меѓународниот фактор решат дека тоа е единствено можно решение,  во ред . Но, дајте  за оние мали  државички  во регионот што се, ние сме многу мала сиромашна и небитна во меѓународни односи држава за жал, дајте ни нам некакви  гаранции дека тоа нема да нé афектира нас и нашиот територијален интегритет.

Новинар: Г-не Пендаровски Ви благодарам што говоревте за нас.

ПРСМ: Благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...