Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација на Сојузот на филателисти на Македонија.
На средбата, претставниците од Сојузот на филателисти на Македонија го запознаа претседателот Пендаровски за состојбите со филателијата во државата, за нивните тековни активности и соработката со македонските институции, како и за предизвиците со коишто се соочуваат. Тие информираа и за нивните меѓународни успеси и настапот на Европската филателистичка изложба „Либерец 2022“, одржана минатиот месец во Чешката Република.
Сојузот на филателистите на Македонија, кој постои повеќе од 70 години, настојува значајните датуми од нашата историја и од општествениот живот да ги проследи со соодветна филателистичка активност, како традиција која трае со години.
Делегацијата на Сојузот на филателисти на Македонија, што присуствуваше на средбата беше предводена од претседателот Синиша Павлески, секретарот Виктор Габер, претседателот на Управниот одбор, Митко Белчев, Бранислав Сретеновиќ и Климе Поповски.