Во рамки на активноста Отворен кабинет денешни посетители на Кабинетот на претседателот беа ученици, наставен и раководен кадар од училиштето за странски јазици “Kliti School” од Косово.
За време на разгледувањето на просториите на Кабинетот во коишто се реализираат официјалните и работните средби, вработените во Кабинетот ги запознаа денешните гости со историјатот на објектот и начинот на функционирање на институцијата. Во Мозаик салата посетителите го разгледаа импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ – дело на современиот уметник, академик Глигор Чемерски.
Посетителите имаа можност да се сретнат и поразговараат со претседателот Стево Пендаровски при што се запознаа со надлежностите и работата на претседателот. Тие го информираа претседателот за активностите и наставата на курсевите по странски јазици, како и за дополнителните часови за основно образование кои се одвиваат во ова училиште за странски јазици.