Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари работен состанок со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во земјите членки на ЕУ и постојаните мисии во ЕУ и во НАТО.
Во фокусот на состанокот беа ЕУ интеграциите на земјата во пресрет на Советот на ЕУ во јуни 2021 година, ситуацијата во регионот на Западен Балкан, пандемијата со Ковид 19, како и годишнината од зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.
Претседателот Пендаровски на состанокот зборуваше за можностите за исчекор на државата во евроинтеграциите, во контекст на новата методологија за водење на пристапниот процес, како и билатералните прашања врзани со добрососедските односи.
Од нашите дипломати, претседателот Пендаровски побара активен ангажман во претстојниот период, укажувајќи на потребата од константно детектирање на можностите за унапредување на билатералната соработка со државите во коишто се акредитирани.
Во однос на годишнината од зачленувањето во НАТО, претседателот Пендаровски истакна дека државата ќе го продолжи процесот на доопремување и модернизација на Армијата и безбедносните структури. Претседателот Пендаровски на состанокот се осврна и на нашето учество во мировни мисии и иницијативи кои сега се на листата на интерес на Алијансата.