Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими организаторите, кореографите и дел од учесниците од нашата земја на Европското првенство во хипхоп и брејкденс и Светското првенство во латино танци чиишто домаќин е нашата држава.
На средбата, организаторите Трајче Петковски од танцовото студио „Брејк а лег“ (Break a Leg) и Илија Карадакоски од танцовото студио „Еат д бит“ (Eat the Beat), го информираа претседателот за текот на подготовките на двете првенства коишто претставуваат можност за меѓусебно запознавање и поврзување на учесниците, како и за воспоставување на платформа за поддршка на младите за усовршување во областа на танцот којшто претставува универзален јазик во светот за зближување на културите.
За време на средбата младите танчери се претставија со хипхоп перформанс. Претседателот Пендаровски на организаторите им посака успешна организација на првенствата, а на учесниците им посака успешно претставување на нашата земја во натпреварувањето.
Европското првенство во Хипхоп и брејкденс ќе се одржи од 6 до 9 јуни, а Светското првенство во латино танци од 1 до 5 ноември годинава во Скопје. Се очекува на Европското првенството учество да земат над 2500 натпреварувачи од 25-30 земји. Минатата година нашата земја беше домаќин на Европските првенства во хипхоп и балет.