Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на Свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание

11 октомври 2024 | Обраќања

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, што под нејзино покровителство се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност.

Во рамки на Свечената академија настапи Воениот оркестар на Армијата со сплет на македонски патриотски и партизански песни.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска Давкова:

Почитувани граѓани,

Ценети присутни,

Во историјата на секој народ постојат периоди на големи премрежја што можат да се пребродат само со храбри одлуки. Таков мрачен период беше Втората светска војна, кога речиси цела Европа беше под фашистичка окупација, и кога Хитлер и неговите сојузници изгледаа незапирливи и непобедливи. Во такви услови, на 11 октомври 1941-та, македонскиот народ посегна по непресушното човеково право на отпор против опресијата, неправдата и окупацијата и храбро, без колебање, ја избра вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото. 11 октомври е меѓникот што ја одреди нашата иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи.

Херојската борба против фашизмот нè сплоти, нè прероди и ни даде легитимитет како народ да се самоопределиме и да создадеме слободна македонска држава на Првото заседание на АСНОМ. Како еден од најголемите демократски триумфи на човештвото, антифашизмот ни овозможи на историската сцена да настапиме рамноправно и со чиста совест да учествуваме во обновата на разрушениот свет. Не случајно, македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години. Нејзината сегашност и нејзината иднина се сраснати со нејзиното минато.

Нас никој не нѐ ослободи. Сами се ослободивме со помош на над 110-илјадната Народноослободителна војска на Македонија. Нам никој не ни ја подари државата. Сами се изборивме за неа. За нас, антифашистичката беше и истовремено и народноослободителна војна во која дадовме 24.000 жртви.

Затоа, ние не смееме да дозволиме историски ревизионизам и релативизирање на народноослободителната и антифашистичка борба, бидејќи со тоа би се поткопале илинденските и антифашистичките темели врз кои е изградена македонската држава. Со тоа би се обезвреднила жртвата на илјадници млади борци кои несебично гинеа за слободата и правдината. Ние тоа не смееме да го дозволиме.

Почитувани присутни,

Како партизанска ќерка многу добро знам дека мојот татко и неговите соборци, во нерамната борба со фашистичкиот окупатор имале две оружја. Првото била пушката. Второто било песната. Некои од најважните битки во народноослободителната војна биле добиени со револуционерните песни што им давале храброст на борците да ја окрупнуваат слободната територија, да го изодат Февруарскиот поход и да ја создадат асномска Македонија. Една од најпопуларните била токму песната што беше изведена на почетокот на денешново чествување.

Напишана од Владо Малески и прв пат испеана во Струга на преминот од 1941-та кон 1942-та година, „Денес над Македонија се раѓа“ ја симболизира незапирливата борба за правда, го опева континуитетот со Илинден и ја навестува слободата на Македонија.

Но, во македонската химна е впишано и едно предупредување. Дали некогаш сте се запрашале зошто текстот на химната е испеан во сегашно, наместо во минато време? Зошто, по АСНОМ ние не пееме дека над Македонија веќе се родило новото сонце на слободата, дека Македонците веќе се избориле за своите правдини? Зошто, и по 8 септември 1991-та, македонската химна се уште е во сегашно, а не во минато време?

Верувам дека тоа делумно се должи на самата природа на слободата и правдата. Секоја нова генерација се соочува со нови предизвици и мора одново да се избори за овие врвни вредности, да ги интернализира. Секоја нова генерација, вклучително и нашава, треба да даде своја жртва за слободата и за правдата, затоа што само жртвата нè освестува за нивната вредност. А најголема жртва треба да дадат оние кои имаат најголема одговорност – луѓето, политичките лидери, избрани од македонските граѓани да ги застапуваат, да ги претставуваат и со својот личен пример, да се борат за државните интереси.

Почитувани сограѓани,

Почитувани присутни,

Смислата на постоењето на секоја држава, па и на македонска држава, е да ја заштити слободата и да ја спроведе правдата. Народот којшто ќе ја запостави слободата и ќе ја занемари правдата, неминовно ќе престане да се грижи и за државата.

Притоа, кога зборуваме за слобода, не мислиме само на политичката слобода од окупатори, таа е минато, туку и на слобода од потреби и од немаштија, слобода да се планира животот и да се напредува без роднински врски, без поткуп, без партиски книшки, туку само со сопственото знаење, способност и компетенција.

Кога зборуваме за правда, не мислиме само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и генерациската правда. А предуслов за правдата е владеењето на правото, наместо владеењето на луѓето.

Од денешен аспект, може да се каже дека во химната, во зборовите „Македонците се борат за своите правдини“ ни е сумирана и независноста. Изминативе 33 години ние се боревме за признавање на независноста, за членство во меѓународните организации, за зачувување на мирот, поредокот и соживотот во нашата татковина. И денес, таа борба за нашите правдини продолжува.

Како што партизаните се бореа против фашистичката окупација, така и ние секојдневно треба да се бориме против неправдите на нашето време, против социјалната неправда и сиромаштијата, против корупцијата и непотизмот. Треба да се бориме против неправедните препреки и блокади на нашата европска интеграција, но и против обидите за кривотворење на нашата историја и бришење на нашата колективна меморија. Ние мора постојано, секојдневно да се бориме за слободата и за правдата, бидејќи народот што не се бори, однапред изгубил.

Но, за да истраеме во таа борба, потребно ни е одново да се навраќаме на изворите. Ова не води до прашањето, дали денес, кога се изведува македонската химна, ние пасивно стоиме или, пак, како и партизаните, активно учествуваме во тој чин? Дали само ја слушаме или, пак, како и партизаните, од срце ја пееме македонската химна? Бидејќи, химната не е церемонијален декор, туку симбол на македонската држава во кој е кодирана македонската приказна за непрекинатата борба за правдини и за слобода.

Секогаш кога ја пееме македонската химна, ние правиме мал чекор кон истиснување на себичното ЈАС и МОЕ, за да направиме повеќе место за алтруистичкото НИЕ и НАШЕ, за македонската држава како наше општо добро, за јавниот интерес што ги надминува тесните лични, партиски, и други интереси.

Притоа, НИЕ и НАШЕ ниту е, ниту смее да биде сведено на која било етничка, верска, или идеолошка категорија. Прочитајте ги манифестите и прогласите на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и ќе видите дека тие се упатени до Македонците, до Албанците, до Турците, до Власите, до Србите, доРомите и до сите други. Погледнете ги спомениците на кои се врежани имињата на борците и ќе го забележите соживотот во борбената акција. Фрлете поглед врз учесниците на АСНОМ и ќе ја видите Македонија во мало, со сета нејзина етничка, верска, социјална и идеолошка различност. Македонците кои се борат за своите правдини не се само етничките Македонци, туку и сите македонски граѓани кои ја доживуваат и ја сакаат оваа земја како своја татковина. Сите оние кои сакаат нивните деца, нивните млади да не се иселат во туѓина, туку да останат тука, во својата татковина, за да работат, да основаат семејства и да градат иднина.

Драги сограѓани,

Почитувани присутни,

Како и пред повеќе од 80 години, така и ние денес живееме во период на големи премрежја што можат да се пребродат само со храбри одлуки. Во светот повторно има војни и страдања, и тоа во региони што се блиску до нашиот. Нашите предци се сплотија за заедно да го постигнат она што не можат да го постигнат засебно – слободна македонска држава, втемелена врз праведни идеали. И ние треба да ги оставиме меѓусебните делби и да се сплотиме околу нашата борба, која веќе не е борба за политички слободи, туку за просперитет на државата и нејзините македонски граѓани. Така ќе изградиме иднина за младите во праведно и прогресивно македонско општество.

Само ако Македонија ја градиме како пристојно место за живеење на сите нејзини граѓани, ќе можеме со право да кажеме, да пееме дека, навистина, таа е слободна и дека слободно живее.

Нека ни е за многу години 11 Октомври – Денот на Народното востание!

Нека ни е вековита македонската држава!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова се обрати на приемот по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик

Сиљановска-Давкова се обрати на приемот по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на приемот, којшто по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик го организираше Сојузот на турски невладини организации во Македонија - МАТУСИТЕБ, со поддршка на Турската агенција за соработка и...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик

Почитувани припадници на турската заедница, Почитувани наставници, Имам особена чест, во име на сите граѓани и во лично име, најсрдечно да ви го честитам 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик. Образованието на мајчин јазик е важно човеково право, суштинско...

Сиљановска-Давкова: Со донацијата во Хидробиолошкиот завод – Охрид, ТИКА повторно на дело го докажа турско-македонското пријателство

Сиљановска-Давкова: Со донацијата во Хидробиолошкиот завод – Охрид, ТИКА повторно на дело го докажа турско-македонското пријателство

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид, заедно со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, присуствуваше на примопредавањето на донацијата на Хидробиолошкиот завод - Охрид од страна на Турската агенција за развој и соработка, ТИКА. [gallery...

Средба на Сиљановска-Давкова со Абдула Ерен, претседател на ТИКА

Средба на Сиљановска-Давкова со Абдула Ерен, претседател на ТИКА

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими, Абдула Ерен, претседател на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА и неговите соработници. Акцентирајќи ја плодната дводецениска соработка, претседателката истакна дека ТИКА ужива заслужена...

Сиљановска-Давкова ја посети шивалната во КПД Идризово: Секој заслужува втора животна шанса – работењето е клучно за ресоцијализација на осуденичките

Сиљановска-Давкова ја посети шивалната во КПД Идризово: Секој заслужува втора животна шанса – работењето е клучно за ресоцијализација на осуденичките

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети шивачката работилница, којашто функционира во рамките на женското одделение во КПУ-КПД Идризово, Скопје, каде оствари разговор со осуденичките, кои се вклучени во процесот на шиење и везење. [gallery...