Обраќање на претседателот Пендаровски на комеморативниот настан по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата

27 февруари 2024 | Обраќања, Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на комеморативниот настан по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата, што се одржа во Националната опера и балет.

На комеморативниот настан присуствуваа членови на семејствата на загинатите, претставници на државно-владиниот врв, на верските заедници, на дипломатскиот кор, на политичките партии, како и на граѓанските организации.

Почитувана г-ѓo Трајковска, драги Стефан и Сара,

Почитувани членови на семејствата на нашите починати колеги,

Почитувани граѓани, екселенции,

Дами и господа,

Денеска се навршуваат 20 години откако го загубивме претседателот Борис Трајковски. Оваа вечер се сеќаваме на неговата трагична смрт, заедно со осуммина негови соработници и мои драги колеги. Се сеќаваме на Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски, Анита Кришан-Лозаноска, Миле Крстевски, Борис Велинов и Аце Божиновски и на пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски. Слава им.

Овој ден е можност да се потсетиме на тоа кој беше Борис Трајковски, вториот претседател на независна Македонија и човекот за кого работев три години. Можеби најдобриот начин е да започнам со неговото писмо што му го прати на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, само еден месец пред смртта, каде што себеси се дефинираше како човек којшто се бори „против сите екстремни опции кои им нанесуваат штета на сите […] бидејќи не само на небото, туку и на земјата има доволно место за сите луѓе, независно во кој Господ веруваат“.

Борис со голема леснотија ги надминуваше политичките, партиските, етничките и верските бариери. Ги кршеше табуата на национализмот. Беше избран за претседател со гласови од сите етнички заедници. Беше прв македонски претседател којшто посетил џамија за време на Рамазан, прв којшто се обратил на јазик на друга етничка заедница. Иако беше протестант, во континуитет и искрено се залагаше за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква.

Имаше доверба во луѓето и надеж дека добрината ќе надвладее. Трајковски понуди нов модел на лидерство на пошироката балканска политичка сцена, низ историјата навикнувана на култови на личности и автократи. Она што кај многу политичари беше извежбана ПР-стратегија, Борис го правеше спонтано и без калкулации, со искрена и широка насмевка. Неговите зборови се совпаѓаа со неговите дела, а делата со реалните потреби на државата. Тоа му отвори многу врати, кај неговите сограѓани, но и меѓу регионалните и светските лидери.

Неговото пријателство со најмоќниот политичар во светот, американскиот претседател Буш е добро познато. Но, тој се среќаваше редовно и со државници од калибарот на Жак Ширак, Вацлав Хавел, Џијанг Цемин, императорот Акихито, кралицата Елизабета и многу други.

Борис Трајковски најмногу веруваше во Македонија. Неговата визија беше „општество засновано врз поединецот, а не етничките групи, врз граѓанинот, а не врз мнозинствата и малцинствата“.

Но, исто така, Борис веруваше во капацитетот на нашава мала држава да го промени амбиентот во Југоисточна Европа. Ги потсетуваше лидерите од регионот дека имаат морална обврска на идните генерации да не им оставаат општества без реформи, низок животен стандард, несигурност, нестабилност и нарушен углед. Еднаш рече: „Земјите од регионот или ќе ѝ се придружат на Европската Унија или ќе останат во криминална унија“.

Меѓутоа, неговите регионални заложби не беа само реторички. Со својот неформален пристап, успеа за само неколку дена да убеди четворица претседатели да му се придружат во заложбите за европската иднина на регионот. На декемврискиот самит на Европската Унија во 2002 година, европските лидери беа затечени од писмото потпишано од петмина претседатели на балканските држави коишто претходно не можеа да се договорат за ниту една работа.

Со поддршка од САД, Борис ја иницираше Јадранската повелба за да ја забрза интеграцијата на Македонија, Албанија и Хрватска во НАТО. Со помош на УНЕСКО, го започна форумот „Дијалог меѓу цивилизациите“ на кој ги собра политичките и верските лидери од регионот и од светот. Ги воспостави стипендиите за МБА студии на Универзитетот „Шефилд“ во Солун, како мерка на градење доверба меѓу македонското и грчкото општество.

Но, најважниот дел од неговото наследство е мирот. Трајковски беше на чело на државата во најтешките години од независноста, кога се соочивме со најголемата закана за нашиот опстанок. Во 2001 година, проповедникот којшто стана претседател и врховен командант се соочуваше со моралната дилема да потпише наредби за употреба на воена сила и не криеше дека тие одлуки биле најтешките во неговиот живот.

Велеше: „Во човековата природа е да простува и да подаде рака“, а дека државата е должна да создаде амбиент за помирување во името на заедничкиот живот во заедничката татковина.

Трајковски не беше само еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор, туку беше и покровител на политичките разговори, иницијатор на уставните промени и главен двигател на процесот што воениот конфликт го трансформираше во политички дијалог во институциите. Беше уверен дека со правилна имплементација на Рамковниот договор не само што се отфрла насилството, туку и се чува унитарноста на државата и мултиетничкиот соживот.

Поради своите одлуки, Трајковски беше напаѓан, најмногу од „своите“. Неговите критичари понизноста му ја сметаа за слабост, а подготвеноста да простува за наивност. Но, тој не отстапи од целта за која веруваше дека е исправна.

Членството во НАТО и стратешкото партнерство со САД беа негов апсолутен политички приоритет. Беше прв којшто го прифати предлогот за вклучување на Македонија во глобалната антитерористичка коалиција со свои мировници, додека на наша територија сè уште имаше мировни мисии на ЕУ и на НАТО. Да беше жив, кога на 12 февруари 2019 година пред македонската Влада беше подигнато знамето на НАТО, Борис Трајковски сигурно ќе беше најсреќниот меѓу нас.

Но, за него, оваа стратешка цел беше средство за постигнување на една друга, уште поважна цел, а тоа беше просперитетот на македонската држава и благосостојбата на нејзините граѓани.

Негов фокус беа младите. Го иницираше проектот „Визија за иднината“ за да му овозможи на секој завршен средношколец да биде компјутерски писмен, со што практично го започна процесот на масовна дигитализација кај нас.

Во декември 2003 година, Борис одржа говор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, каде што во два наврата им се обрати на студентите и на албански јазик. Неговата клучна порака беше дека „книгите, а не куршумите, ќе нè интегрираат во Европа“. Истата 2003-та, обраќајќи им се на студентите во родната Струмица, ја сподели својата визија за Македонија како интегриран дел од Европа, велејќи дека „вие младите, кога учите за иднината, учите всушност за Европа. Вашата генерација ќе биде европска“.

Освен за младите се грижеше и за „обичните“ луѓе, посебно оние ранливите, болните, старите, заборавените. Често пати знаеше без камери и најави да посети болници, старечки домови, домови за деца без родители.

Почитувани присутни,

 Во најтешките моменти за државата, Борис Трајковски не беше сам. Со него беше и најголемиот дел македонски граѓани коишто го избраа мирот наспроти војната, соживотот наспроти шовинизмот, простувањето наспроти омразата. На Форумот на лидерите на Атлантскиот совет рече: „ниту една држава не може да опстане доколку нејзините граѓани не ја сакаат и не ја почитуваат“. Македонија опстана бидејќи граѓаните веруваа во неа.

За жал, 20 години подоцна, ние се наоѓаме во нова, длабока криза, којашто не е воена, туку вредносна. Многу од вредностите за кои се залагаше Трајковски се доведени во прашање. Многу шанси беа пропуштени и многу време беше изгубено. Европските интеграции се заглавени, а реформите успорени. Имаме партизација на институциите, етнизација на политиката и поделби по речиси секоја основа ─ граѓанска, етничка, политичка, генерациска.

Раширената корупција ја обезвреднува правдата, го парализира системот, го шири цинизмот, им ја одзема перспективата на младите и ја празни државата.

Драги пријатели,

 Многу пати се прашувам што Борис би рекол за сето ова и како тој би постапил во овие услови? И постојано се навраќам на неговата верба во македонските граѓани кога велеше „сите заедно ќе го направиме она што историјата, но уште повеќе иднината, го бараат од нас“.

Последниот документ што го потпиша, заедно со тогашниот премиер Црвенковски, беше барањето на Република Македонија за членство во Европската Унија. Тоа за него беше приоритет над приоритетите.

Трајковски беше свесен дека евроинтеграцијата е потфат што надминува еден мандат и дека целта не се постигнува само со формално усвојување на европското законодавство, туку со прифаќање на европските вредности, со промена на менталитетот на луѓето, со јакнење на граѓанскиот сектор, со независно и ефикасно судство, со функционални и отчетни институции, со владеење на правото. Со ставање на општото добро и на јавниот интерес пред личните и партиските интереси.

Тоа писмо до Европската Унија е политичкиот тестамент на Борис Трајковски, меѓутоа, реализацијата на таа цел е задача на нашата генерација од која зависи дали, како што велеше „ќе одиме по патот на напредокот или ќе продолжиме со навиката да го крпиме животот од денес до утре, да чекаме проблемите да се решаваат сами или да ни ги решава некој друг“.

Длабоко сум убеден дека огромно мнозинство македонски граѓани сакаат да учествуваат во националниот проект со стратешки диминзии преку којшто Северна Македонија ќе биде функционална правна држава во која ќе има услови за нашите млади да останат во својата татковина и тука да се вклучат во битките на 21-от век, за економски раст, дигитален развој и здрава животна средина.

Почитувани,

 Ќе ми дозволите на крајот да завршам со потсетување на еден краток дијалог што го имав со претседателот Трајковски во декември 2003-та година. Борис од мене побара да додадам еден пасус во неговото последно годишно обраќање кој, велеше, најдобро би го опишал него како човек и како политичар.  Ова е тој дел:

„Кабинетското управување со судбината на луѓето, наместо да биде дел од лошото минато, останува доминантен стил на однесување на повеќето политичари на одговорни функции. Не смееме да дозволиме да се легитимираат како автентични претставници на народот политичари со елитистички ставови, кои имаат потреба од луѓето само еднаш на четири години, кога треба да го добијат или продолжат својот мандат. Со изборот на такви луѓе се создава привид на демократијата во која граѓаните се во заблуда дека управуваат со својата судбина, а, наместо нив, тоа го прават оние кои во нивно име се грижат исклучиво за своите приватни, партиски или семејни интереси.

Мојот мандат како претседател на Република Македонија го започнав со секојдневни средби и разговори со обичните луѓе од сите слоеви на населението и сакам така и да го завршам“.

Кога му го дадов да го прочита овој дел, застана за момент и рече: „Да, тоа сум јас“.

 Ви благодарам. 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...