Сиљановска-Давкова: Без Ромите нема успешна демократска македонска приказна

9 април 2025 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими ученици, наставници и професори од училиштата од Шуто Оризари, односно основци од училиштата „26 Јули“ и „Браќа Рамиз – Хамид“ и средношколци од училиштето „Шаип Јусуф“, како и студенти Роми, а по повод „Меѓународниот ден на Ромите“, 8 Април.

Посочувајќи дека овој ден се одбележува од 1971-вата година, кога во Лондон на првиот ромски конгрес 8 Април бил прогласен за Меѓународен ден на Ромите, претседателката истакна дека еден од иницијаторите на конгресот е скопјанецот, професорот Шаип Јусуф, авторот на првата ромска граматика.

Пред присутните, таа подвлече дека Ромите се неразделен дел од нашето државно и општествено ткиво и секогаш ќе останат.

Нивната талкачка природа не случајно нашла мир покрај нас на овие простори. Тука свиле дом и тука припаѓаат. Ни се придружиле во неговата одбрана. Над 200 Роми партизани учествувале во македонската народноослободителна и антифашистичка борба и крв пролеале за слободата, потсети претседателката.

Ромите се една од најранливите заедници, потенцираше таа, но ние сме чекор напред пред сите други во одбраната на ромската рамноправност и еднаквоста. Ние сме единствената држава во која тие имаат заслужен уставен статус, општина со која управуваат и во која ромскиот е службен јазик, свои партии, реална можност за свои пратеници и министри. Но, тоа не е доволно, смета таа. Потребни се вистински, одважни чекори во одбраната на нивните права и подобрувањето на нивниот живот.

„Еден од нашите најголеми уметници, Никола Мартиноски на многу слики насликал прекрасни Ромки со деца, потсетувајќи не на нив, рече претседателката.

Според неа, Ромите се народ со немирен, нескротлив, слободарски дух и силна потреба не само од музика и игра, туку и од докажување. Скромни се и малку им треба за среќа. Мора да добијат поголеми шанси на сите полиња. Во нив се крие многу енергија и креација.

Таа ја спомена мудроста на легендарната Есма Реџепова, која ја прослави ромската, но и македонската култура ширум светот. Ги цитираше нејзините мудри и искрени зборови: „Ромите се космополити, благороден и добар народ, никогаш досега немаат никого окупирано, ниту војувано со некој. Сакаат да живеат заедно, но само доколку им се подаде рака“.

„Ние им ја подадовме едната рака, но треба и другата, ако сакаме да бидеме подобри луѓе и да градиме општество на рамноправни граѓани. Без Ромите, нема успешна демократска македонска приказна”, рече таа.

Почитувани граѓани од ромската заедница,

Вчера, на 8 април го одбележавме Меѓународниот ден на Ромите. Во оваа прилика би сакала уште еднаш, на сите припадници на ромската заедница да им го честитам големиот празник. Меѓународниот ден е поврзан со еден скопјанец, со професорот Шаип Јусуф, авторот на првата ромска граматика и еден од иницијаторите на првиот ромски светски конгрес одржан во Лондон во 1971-та година. Токму на тој историски конгрес била донесена одлуката 8 Април да биде прогласен за Меѓународен ден на Ромите.

Ромите се народ чијшто дух е дефиниран од слободата. Како нераздвоен дел од македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество, ромската заедница е вградена и во темелите на слободната македонска држава. Ретко кој денес се сеќава дека над 200 партизани Роми учествувале во македонската народноослободителна и антифашистичка борба. Многумина од нив се жртвувале во името на поправеден свет без предрасуди и без двојни стандарди, свет на човекови права и слободи. Не случајно Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија ја гарантира нивната еднаквост. Иронијата е дека, и покрај големата жртва, поради наследените нерамномерни социо-економски односи, ромската заедница останала маргинализирана и стигматизирана.

Јас се соочувам со оваа реалност секој мој работен ден во претседателскиот кабинет. Пред себе ја имам сликата на големиот уметник Никола Мартиноски. Тоа е слика на изнемоштена мајка-ромка која во своите раце го држи своето чедо. Нејзиниот поглед е вперен директно во нас. Преку ова дело, Мартиноски ја соочува македонската јавност со грдата слика на социјалната неправда, со тешкиот живот на маргините на општеството. Но, речиси нема човек кај нас кој не се соочил со слични слики, на улиците и на крстосниците низ нашите градови каде што преживуваат оние кои се невидливи за системот. И, доколку не се спречи, социјалната неправда и сиромаштијата може да ограби повеќе генерации од човековото правото на напредок и на достоинствен живот.

Затоа, како држава, ние сме должни да направиме се што во наша можност за да ја унапредиме социоекономската, образовната, политичката и културната позицијата на Ромите. Веќе има некои придобивки. Ромите имаат сопствена локална самоуправа и претставници во законодавната и извршната власт. Ромскиот јазик се предава во училиштата и се слуша на брановите на Македонската радио-телевизија, но и на локалните телевизиски станици. Владата има зацртана Стратегија за инклузија на Ромите.

Но, тоа е далеку од доволно. Ни претстои уште многу работа. Сè уште постојат стереотипи и предрасуди кои фрлаат сенка на македонскиот инклузивен пејзаж. Сè уште не е остварен целосниот потенцијал на ромската заедница. Многу Роми сè уште се на маргините на македонското општество. Треба уште многу работа за да ја постигнеме посакуваната цел: еднакви можности и права како предуслов за достоинствен живот за секој припадник на ромската заедница во држвата.

Длабоко сум уверена дека клучот за интеграцијата е во образованието. Пред само три дена имав исклучително плодна средба со заменикот Генерален секретар на Обединетите нации, г-а Амина Мохамед, која ја посети нашата земја за да претседава со состанокот на резидентите координатори на Обединетите нации од регионот на Европа и Централна Азија. Една од централните теми на нашата средба беше токму важноста на образованието во напорите за инклузија на ранливите заедници во македонското општество, особено Ромите.

Мојата порака беше дека ако некому му се даде доверба и шанса, тогаш тој или таа може да се развие и да процвета во личност со интегритет, во врвен професионалец, во солидарен човек којшто ќе го посвети животот на општото добро и јавниот интерес. Го посочив примерот со Доан Сулејманоски, магистерот по казнено право, кого го поканив да стане член на Советот за млади и на претседателската Комисија за помилувања. Тој во меѓувреме стана и директор на првото средно училиште во општина Шуто Оризари што го носи името на Шаип Јусуф. Кога пред два месеци го посетив училиштето, се уверив дека тоа е место каде учениците со вредно учење и искрена верба во моќта на знаењето, освоиле многу награди во спорт, ликовни уметности, јазици, ораторство, актерство, математика и по мојот омилен предмет и дисциплина – правото. Со успесите во образованието се уриваат стеротипите и се мотивираат учениците да се надградуваат.

Најголемиот идол на Доан е борецот за човекови права, д-р Мартин Лутер Кинг. Во една прилика, тој рекол дека „целиот живот е меѓусебно поврзан. Сите луѓе се вткаени во неизбежна мрежа на заедништво, сплетени во една таписерија на судбината. Што и да влијае на еден директно, индиректно влијае на сите. Јас никогаш не можам да бидам она што треба да бидам додека ти не си она што треба да бидеш, и ти никогаш не можеш да бидеш она што треба да бидеш додека јас не сум она што треба да бидам…Тоа е меѓусебно поврзаната структура на реалноста.“ Овие зборови на Мартин Лутер Кинг се универзални и применливи за секое општество, вклучително и за македонското општество.

И на тоа се надоврзува мудроста на нашата Есма Реџепова, која во една прилика рече: „Ромите се космополити, благороден и добар народ, никогаш досега немаат окупирано и војувано со некој. Сакаат да живеат заеднички, но само доколку некој им подаде рака“. Ние ја подадовме таа рака и треба да сме горди на она што го постигнавме и се трудиме да бидеме подобри – да градиме општество на рамноправни граѓани. А, Ромите се неизоставен дел од нашата успешна македонска приказна.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Церемонија на свечено менување на државното знаме во Кабинетот на Претседателката, на којашто присуствуваа основци и претшколски деца

Церемонија на свечено менување на државното знаме во Кабинетот на Претседателката, на којашто присуствуваа основци и претшколски деца

Денешни гости во претседателскиот Кабинет беа учениците од основните училишта „Мирче Ацев“ од општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ од општина Аеродром и децата од градинката „Весели Цветови“ од општина Кисела Вода. [gallery...

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со Билјана Стефаноска, директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со Билјана Стефаноска, директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот

На средбата, претседателката Сиљановска-Давкова изрази став дека туризмот, како гранка, не само што носи приход, туку и го промовира македонското природно богатство и културно наследство пред светот, како наша компаративна предност. [gallery...

Средба на Сиљановска-Давкова со Клакочар Зупанчич: Словенија ќе остане наш поддржувач на патот кон ЕУ

Средба на Сиљановска-Давкова со Клакочар Зупанчич: Словенија ќе остане наш поддржувач на патот кон ЕУ

На средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката на Државниот збор на Република Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич, која престојува во официјална посета на земјава, беа истакнати заложби за поттикнување на регионалното заедништво,...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април. Почитувани граѓани ‒ Роми, Ви упатувам искрени честитки за 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите! Верувам дека не случајно...

Средба со млади Роми во Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, во организација на Советот за млади

Средба со млади Роми во Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, во организација на Советот за млади

Во пресрет на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, вчера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се одржа дебата на тема „Предизвиците со интеграцијата на Ромите низ призма на младите“. Учесници во дебатата беа ученици и студенти, припадници на...