Обраќање на претседателот Пендаровски и одликувања по повод 18 Август – Ден на Армијата

18 август 2023 | Соопштенија

Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска се обрати на централната прослава за одбележување на 18 Август – Ден на Армијата.

Во рамки на настанот, претседателот Пендаровски со Медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Северна Македонија одликуваше 13 припадници на Армијата, а со Медал за храброст одликуваше 60 припадници на Армијата.

Со Медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Северна Македонија се одликувани 13 припадници на Армијата во знак на јавно признание и почит кон првите мировници од Армијата на Република Северна Македонија кои беа упатени во мировни операции надвор од територијата на Република Северна Македонија, и кои со својата пожртвуваност, професионализам, дисциплина и посветеност кон доделените задачи придонесоа за воспоставување на мирот во земјите каде што беа ангажирани, воедно афирмирајќи ја нашата татковина на меѓународен план.

Со Медал за храброст се одликувани 60 припадници на Армијата за покажаната храброст, подготвеност и вложените натчовечки напори во заштитата на човечки животи и материјални добра по разорниот земјотрес во Република Турција, со што на дело ја покажаа својата хуманост, пожртвуваност и професионализам.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски и текстот на указите.

Почитувани војници и старешини, припадници на Армијата,
Ветерани на македонската одбрана,
Ценети екселенции,
Драги сограѓани,

Денес, на Денот на Армијата, потсетувајќи се на 120-годишнината од Илинденското востание и 80-годишнината од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ се навраќаме на почетоците кога беа конституирани македонската армија и држава.

За време на Втората светска војна, вашите славни претходници, борците на македонската народноослободителна војска, се бореа за слободна македонска држава во свет ослободен од злото на фашизмот. Македонскиот народ и македонските граѓани во оваа праведна двојна цел имаа визија за новиот свет кој надоаѓаше, поради што и станаа дел од глобалната антифашистичка коалиција.

На крајот на Студената војна и распадот на биполарниот свет, припадниците на Армијата, беа на браникот на македонската независност чувајќи го општото добро и јавниот интерес на сите граѓани. Во исклучително сложен геополитички и безбедносен амбиент, Армијата ги споделуваше сите предизвици и дилеми на новата држава. Десетици генерации припадници на армијата беа целосно посветени на остварување на врвната стратегиска цел која го сплоти македонското општество по сите основи, а тоа беа – евроатлантските интеграции. Долгиот и макотрпен процес на трансформација на одбраната кулминираше со македонското членство во НАТО, чин што според своето историско значење е веднаш зад референдумот за независност и членството во Обединетите Нации.

Денес, во ова критично време за меѓународниот мир и безбедност ги гледаме ефектите од вашата посветеност. Во период кога руската инвазија врз Украина го втурна светот во нова ера на глобална несигурност, токму членството во НАТО ни овозможува полесно да ги издржиме бројните, меѓусебно испреплетени кризи и геополитички и геоекономски шокови. Многу е полесно за една мала држава кога заедно со над 30 сојузници се справува со новите сајбер, хибридни и други асиметрични закани насочени против земјите со демократски вредности. Денес македонските граѓани се посигурни токму поради безбедносниот штит на НАТО алијансата, а најистурен дел од тој штит сте вие, припадниците на Армијата.

Во овој контекст, од самиот почеток, како држава придонесуваме кон заедничките напори за поддршка на Украина во нејзината праведна борба против руската инвазија. Нашата солидарност со Украина не е само симболична, туку и мошне конкретна. Ние сме меѓу првите пет држави-членки на алијансата според односот меѓу бруто домашниот производ и воената и материјално-техничката помош што и ја даваме на Украина во овој критичен период.

Меѓутоа, за да одговориме на радикално променетото безбедносно опкружување во Европа и светот, не смееме да живееме на стара слава, тоа значи дека мора да продолжиме да вложуваме во нашата одбрана и безбедност. Новиот безбедносен контекст ги натера дури и државите кои со децении се воено неутрални да одвојуваат повеќе ресурси за сопствената безбедност, а некои од нив, за прв пат од Втората светска војна вложуваат дури и во офанзивни воени системи.

Нашата цел е да имаме Армија која ќе биде не само структурно подобрена, туку и модернизирана со современи борбени средства и опрема за одбрана на татковината. За да го заокружиме овој важен потфат, неопходно е да ги реализираме плановите што предвидуваат вложување од 955 милиони евра за следните десет години за модернизација и опремување и да не отстапиме од зацртаната цел да издвојуваме најмалку 2% од БДП за одбрана. Инвестирањето во одбраната е наша реална потреба не само заради зголемените безбедносни ризици, туку и за справувањето со последиците од зачестените елементарни непогоди и катастрофи.

Почитувани,

Воените конфликти и елементарните непогоди се акутни закани за безбедноста на луѓето насекаде нив светот. Изминативе две децении нашата Армија учествуваше, и се уште учествува, во бројни мировни мисии предводени од НАТО, од Европската Унија и од Обединетите нации, придонесувајќи за воспоставување и одржување на мирот. Македонските мировници се ценет партнер на нашите сојузници. А сето тоа започна на 8 септември 2002 година, на денот на македонската независност кога првите македонски мировници во Авганистан, го означија почетокот на нашиот ангажман и придонес за меѓународниот мир и безбедност.

Токму затоа, донесов одлука да ги одликувам припадниците на тој контингент, за прв пат во нашата историја, со Медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Северна Македонија. Во името на сите македонски граѓани, ви благодарам што придонесовте за безбедноста на луѓето во тој дел од светот.

Ценети присутни,

Втората голема закана за човековата безбедност доаѓа од природата, од вителот на елементарните непогоди и катастрофи. Како системски ризик, климатските промени ја мултиплицираат опасноста од суши, пожари, поплави, одрони и епидемии, што од година во година се зголемуваат по зачестеност и интензитет. Во буквално секоја кризна состојба, Армијата е редовно ангажирана во поддршка на институциите со цел да им пружи помош на унесреќените македонски граѓани. Но, армискиот ангажман не е ограничен само на македонска територија.

Пред десетина дена потпишав наредба за испраќање на контингент на војници за да и помогнат на пријателска Словенија да се справи со последиците од катастрофалните поплави. Во февруари годинава, пак, пријателска Турција беше погодена од серија катастрофални земјотреси во кои животите ги загубија повеќе од 50.000 луѓе. Во истиот момент започна масовна мобилизација и солидарост на целото наше општество. Ние реагиравме без одлагање и веднаш го испративме тимот за заштита и спасување од Баталјонот за специјални сили и водачи на кучиња обучени за трагање.

Нашиот армиски тим беше меѓу првите пет странски контигенти кои пристигнаа на лице место, практично само 24 часа по земјотресот. Затечени од ужасните сцени на разурнати домови и изгубени животи, во траорна атмосфера на смрт и очај, тие самите велат дека иако учествувале во повеќе тешки мисии во Ирак и Авганистан, хуманитарната мисија во Турција, од човечки аспект, им била најтешка. Светската јавност сведочеше дека пребарувајќи го теренот во потрага по преживеани лица, нашите војници од урнатините успеаја да извлечат петгодишно детенце и со тој миг на радост среде општата тага, донесоа зрак на надеж.

Нивната мисија во Турција е потсетник на нашата морална обврска да направиме буквално сѐ што можеме за да спасиме макар и еден човечки живот. Солидарноста во време на несреќи е најцврстата врска на пријателство меѓу луѓето и народите. Затоа, високо ценејќи ги нивните надчовечки напори донесов одлука, припадниците на тој армиски тим да ги одликувам со Медал за храброст.

Почитувани присутни,

Најголемото признание за припадниците на Армијата не се ордените и медалите, туку довербата која во нив ја имаат македонските граѓани. Таа доверба која е висока во континуитет, не се купува со пари, ниту се изнудува со сила, туку се стекнува со посветена работа за она што е најважно за една држава и нејзините граѓани. Имено, Армијата е чувар на се она што го држи македонското општество заедно, од заштита на територијалниот интегритет и суверенитет, преку придонесот кон мировните мисии и колективната одбрана, сѐ до справувањето со последиците од елементарните непогоди. Со таквото свое однесување, припадниците на Армијата нѐ потсетуваат сите нас, на нашата индивидуална, но и колективната одговорност да се грижиме за општото добро, а тоа е опстанокот на нашата заедничка република.

Ова денес е исклучително тешка мисија. Децениите етнизација на политиката, партизација на институциите и поларизација во општеството го истиснаа јавниот интерес на маргините. Поради културата на неказнивост, корупцијата, непотизмот и криминалот станаа најголема закана за општото добро. Раширената перцепција за некапацитетноста на институциите да обезбедат еднаквост пред законите ги деморализира граѓаните. Па, наместо одговорност за општото добро, ние денес често сме опседнати со теснопартиски цели и лични интереси.

Во вакви услови, да се врати општото добро во центарот на јавниот живот е тешка, но не и невозможна мисија. Ја имаме поддршката од огромното мнозинство на наши граѓани, но, и од многу наши пријатели од странство. Меѓу останатите значајни настани, годинава армијата одбележува 30 години соработка со Националната гарда на Вермонт, меѓутоа, македонско-американското стратешко партнерство не може да се сведе само на воената димензија. Тоа е и однос во кој двете страни споделуваат исти вредности меѓу кои на прво место се демократијата и владеењето на правото.

Почитувани,

Нам ми се потребни сериозни реформи, а во таа насока, преговорите за членство во Европската Унија можат само да ни помогнат да ги мобилизираме сите ресурси и да ги направиме политичарите далеку поодговорни во својата работа. Критичен предуслов за тоа е да ги надминеме политичките разлики и да се обединиме околу започнување на преговорите што ќе ни помогнат да спроведеме суштински реформи за доброто на сите граѓани. При тоа, да се угледаме на Армијата, да ги збиеме редовите, и здружено да се посветиме на врвниот интерес и на оваа и на сите наредни генерации – европска Македонија, безбедна, стабилна и просперитетна.

Нека ни е честит и за многу години Денот на македонската армија!




Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...