Обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието на Република Северна Македонија

19 декември 2023 | Соопштенија

Почитувани граѓани, почитуван претседател на Собранието,
Почитуван премиер, почитувани пратеници,
почитувани министри, ценети гости,
Ваши екселенции, претставници на медиумите,

Дозволете да кажам дека ми претставува особена чест што сум денес по петти пат во законодавниот дом за да ѝ се обратам на македонската јавност за последен пат во овој мандат како претседател. Ова здание сведочи за целокупната историја на модерната македонска држава, за сите нејзини возвишени, но и траорни моменти, од нејзините почетоци како Демократска Федерална Македонија по војната, па сѐ до денес.

Сите настани случени овде, биле тие убави или грди и крвави како 27 април 2017-та, се дел од нашата заедничка историја од кои, се надевам, сите заедно научивме вредни историски лекции, за да знаеме, како што беседеше Мисирков, “што треба да правиме за однапред?”.

Сепак, најрелевантниот период, во историска перспектива, се случуваше, на ова место, на почетоците на нашата независност, кога беа поставени фундаментите на државата што беше главниот мотив сите пратеници во првиот парламентарен состав да ги одликувам со орденот „8 Септември“.

Почитувани пратеници,

На 12 мај 2019-та, во мојот прв говор во ова Собрание, како претседател, реков дека енергијата и потенцијалот на општеството мораат да бидат обединети околу неколку стратешки работи: евро-атлантските аспирации за кои реторички постои согласност меѓу релевантните политички субјекти, иако, драстично се разликуваме во модалитетите за нивна реализација. Потоа, балансот во меѓуетничките односи, што отсекогаш биле аксиом за внатрешната стабилност и безбедност, а, во делот на врвните приоритети од кои зависи каква ќе биде нашата иднина, реков дека тоа се, прво, постигнување на многу повисоки стапки на економски развој од досегашните, и второ, нулта толеранција за криминалот, корупцијата и непотизмот.

Прашањето кое логично се наметнува е: каде бевме тогаш, а каде сме денес, по пет години?

На 20 март 2020 година, го потпишав Инструментот за пристапување во Северноатлантската Алијанса, а една недела подоцна станавме полноправна членка на најголемата воено-политичка организација во светот. Со тоа ги заокруживме заложбите на повеќе парламентарни состави и влади и ја материјализиравме поддршката која во континуитет ни ја даваше огромното мнозинство македонски граѓани.

Членството во НАТО не е гаранција дека повеќе нема да се соочуваме со безбедносни закани и предизвици, бидејќи со нив се соочува секоја држава во светот. Меѓутоа, членството е гаранција дека на предизвиците повеќе не им гледаме самите во очи, со нас се 30 држави, 30 демократии, 30 моќни армии, 30 наши пријатели, и во добри и во лоши времиња.

Иако беше невоена закана, пандемијата на Ковид-19 која предизвика колективна траума на нацијата со близу 10.000 починати, ги потврди високите перформанси на Алијансата која на своите членки им обезбеди заштитна медицинска опрема во првиот месец по нејзиното избивање. Меѓутоа, вистинскиот тест за поствоената безбедносна архитектура на Европа, каде што НАТО е основниот столб, дојде со бруталната руска инвазија врз Украина.

Ние сме меѓу првите пет држави-членки на Алијансата според односот меѓу бруто домашниот производ и воената и материјално-техничка помош што ѝ ја даваме на Украина во овој критичен период. Некои сосема легитимно го поставуваат прашањето, зошто имплементираме таква политика. Формалниот одговор би бил: тоа го правиме затоа што имаме обврска како членка на НАТО, каде што важи принципот на солидарност, и затоа што веруваме во Повелбата на Обединетите нации која не дозволува воена агресија на една своја земја-членка врз друга.

Но, суштинскиот и реалниот одговор би бил: затоа што низ историјата сме страдале од поголемите народи околу нас, кои во некои историски периоди спроведувале деструктивни стратегии кон македонскиот народ, во опсег од наше идентитетско обезличување, па се до наша физичка елиминација.

Во овој безбедносен контекст, дозволете накусо да се реферирам и врз најактуелниот светски конфликт во моментов, меѓу Израел и Хамас, врз кој ние како мала држава сигурно не можеме да влијаеме, но, можеме да ги почувствуваме негативните ефекти од тој крвав судир.

Нашиот политички став е јасен и тоа го демонстрираме во сите гласања досега во Обединетите нации. Првиот елемент на таа позиција е дека Хамас е терористичка организација и верувам дека е дојдено време, ние тоа како држава да го потврдиме и со формална одлука. Второ, Израел, според сите меѓународни акти има право на самоодбрана, трето, според истите тие меѓународни документи, мора да води сметка не за терористите на Хамас, туку, за човековите права на Палестинците. Во таа смисла, израелската армија мора да употребува пропорционална употреба на смртоносна сила, и без остаток да ги штити животите на цивилите, жените и децата.

Она што е најважно од аспект на нашите национални интереси, потребно е внимателно и одговорно постапување на сите политички субјекти за тој судир да не ги продлабочи поделбите во нашето мултиетничко, но, и мултирелигиозно општество. За жал, почетните ефекти од таквиот говор на омраза се веќе видливи на социјалните мрежи кај нас.

Почитувани,

Последните одлуки на Европскиот совет, за жал, го потврдија песимистичкото сценарио за Западниот Балкан, кое некои дипломатски кругови го најавуваа од почетокот на војната во Украина. Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но, тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кој практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно ќе придонесе дополнително за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен „Обединета Европа“. Изјавата дека ќе биде геополитичка катастрофа ако Украина и Молдавија добијат приоритет во однос на Балканот не е моја, ниту на некој македонски политичар, туку на австрискиот министер за надворешни работи во која се содржани сите наши фрустрации и изневерена надеж.

Меѓутоа, државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 2024-та и какви ќе бидат раздвижувањата по изборите за Европскиот Парламент и претседателските избори во Соединетите Американски Држави. Евентуалното забавување, уште повеќе, целосното запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па, сѐ до меѓуетничките односи. Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата.

Во однос на уставните промени, идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност. Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија.

Дозволете ми, за момент, за ова прашање да бидам длабоко личен и да потсетам на сега далечната 2008-та кога на самитот на НАТО во Букурешт, како член на македонската делегација, директно сведочев за пропуштената историска прилика, поради национално неединство и ситни партиски калкулации.

Десет години потоа, прифативме многу полош предлог, а, севкупно, изгубивме 12 години надвор од Алијансата. Не верувам дека историјата се повторува во идентични циклуси, меѓутоа, постојат сличности со тоа време во домашниот политички амбиент, при што, како и тогаш, некои мислат дека Европа и светот ќе чекаат на нас. Се разбира, политички е сосема легитимно да бидете против европската преговарачка рамка, но, политички е доблесно, исто така, да признаете дека постои огромна разлика меѓу она што Бугарите го бараа од нас на почетокот, и она што од сите тие барања остана на крајот во тој документ.

Иако тоа прашање сме го дебатирале многу пати досега, ќе ја искористам оваа прилика, да го повторам уште еднаш мојот став, најмногу поради стравовите на македонскиот народ кој е секојдневно бомбардиран со политичка пропаганда. Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешнава генерација политичари никогаш нема да преговара за идентитетските прашања, затоа што нашите црвени линии не ги утврдивме ние, нив одамна ги имаат утврдено оние кои ја формираа оваа држава во 1944-та година со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ.

Дали владите на Бугарија во последниве години, сосема непотребно, повлекоа серија лоши потези кон македонскиот народ – повлекоа, дали довербата на Македонците кон источниот сосед во голема мерка е разнишана и ќе требаат години, можеби и генерации таа да се обнови – и тоа е неспорно, но, сигурно не е во наш стратешки интерес да правиме непријател од Бугарија, затоа што, наш интерес е да имаме стабилно опкружување и продуктивна соработка со сите соседи, наместо бесполезно да ја трошиме енергијата со нив, расправајќи се за историја.

Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една прилика која може да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на „емигрантска Македонија“ – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија.

Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди „одлично“ си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас.

Истовремено, крајно неодговорно е да си играме со чувствата на Македонецот и на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути да печалиме ситни политички поени. И ова сум го кажал многу пати досега, но, морам да го повторам: доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да одиме за да стигнеме до Унијата, не познавам некој кој е подготвен да чекори по тој пат.

Во јавниот простор, на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник. Крајно време е да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата.

Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политичките противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние кои работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина.

Почитувани,

Со години се соочуваме со отпори од повеќе страни при секој обид за суштински реформи во делот на правосудниот систем. Причина за тоа е спрегата помеѓу делови од политичката и бизнис заедница со дел од судиите и обвинителите која во изминатите децении создаде атмосфера во која развивме ендемска корупција која ја загрозува виталноста на државата.

На среден и долг рок, клучен е квалитетот на човечкиот потенцијал, на кандидатите за судии и обвинители. Ниту еден закон не може да ја промени стварноста ако единствен критериум при изборот е негативната селекција базирана на партискиот клиентелизам и врски со олигархијата.

Под одговорност за сторените дела не мислам на статистиката за осудени „џепџии“ која служи за замајување на јавноста, туку на бројот и квалитетот на правосилни пресуди од сферата на високата корупција и организираниот криминал. Само на тој начин ќе се потврди дека законите важат за сите, дури и за најмоќните и најбогатите.

За жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува. При тоа, два аспекта на проблемот дополнително ги потенцираат неговите пропорции.

Прво, ако воопшто бидат поведени, процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, со што, се засилува перцепцијата кај граѓаните дека правдата е бавна, но, недостижна.

Второ, дури и малубројните успешно завршени судски процеси се ограничени на конкретен временски период, при што, речиси секогаш отсуствува континуитет во акциите на државата, особено по промените на власта на централно или локално ниво. Ваквите вакуум-периоди практично ги поништуваат ефектите од ретките успешно завршени случаи на корупција против носителите на јавни функции.

Тука, сакам на следниот парламент да му го порачам она што веќе го имам јавно предложено неколку пати: веднаш по изборите да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај нас ‒ политичарите. И за секој, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка.

Почитувани пратеници,

Кога конечно во 2021 година најдовме политичка волја да се преброиме, реков дека резултатите ќе нѐ соочат со нашите најголеми стравови. При тоа, не мислев на стравовите од другите, различните од нас, туку стравови за тоа колку, всушност, малку нѐ има во нашата држава. Резултатите го потврдија она што го зборувам со години дека најголемата закана за нашата национална безбедност и, воопшто, за иднината на Северна Македонија е демографијата.

Имено, реалноста е дека сите етнички заедници се помалку во апсолутни бројки и дека ниту една етничка заедница не „загрозува“ друга, туку дека сите сме загрозени. Затоа ни е итно потребна демографска стратегија, но, поддржана и од власта и од опозицијата, која ќе се базира врз податоците од овој попис, но и врз проекциите за демографскиот развој до 2070-та, кои пред некој ден ги објави Државниот завод за статистика.

Таа стратегија, начелно, треба да се состои од два елемента. Првиот елемент го сочинуваат активните демографски политики кои ќе го стимулираат наталитетот.

А, вториот е соочување со реалната состојба. Тоа значи дека треба да бидеме свесни дека активните демографски политики би дале резултати после десет, или, поверојатно, после дваесет години. А, дотогаш треба да се подготвиме за живот со малку ученици и вработени, а многу пензионери. Тоа подразбира да го подготвиме пензискиот систем, да ја оптимизираме здравствената заштита, да го реорганизираме образовниот систем, да започнеме интензивна дигитализација што би ги заменила луѓето таму каде што е тоа можно, и, конечно, но не и најмалку важно, да го реорганизираме безбедносниот систем во услови кога ќе почне да се намалува бројот на нови војници и полицајци.

Почитувани,

По нашите избори следната година, без оглед како ќе одлучат македонските граѓани, две работи се клучни за државата: одржувањето на стабилни меѓуетнички односи и западната ориентација во надворешната политика, односно продолжување на европската интеграција.

Идната година во Брисел и во Вашингтон, нашите клучни стратешки партнери, ќе се одржат изборни циклуси од чиј исход ќе зависат многу работи. Растот на популизмот во Европа не е новина, но, како никогаш досега, популистичките сили добиваат политичка тежина и влијание во процесите со кои е опфатена и нашата држава. Сето ова се случува на фонот на војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и геостратешката конкуренција меѓу двата клучни фактори во меѓународните односи. Предвидувањата се дека овие трендови нема суштински да се променат ниту во 2024 година.

Агресијата на Русија врз Украина ги поремети пазарите за храна и енергија во светот, но, пред сѐ, безбедносната инфраструктура во Европа создадена по падот на комунизмот. Иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, не може да се исклучи дека во одреден контекст е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион во кој има украински бегалци, руски државјани и фирми формирани од нив, зголемен интензитет на сајбер напади, а свој потенцијал имаат и старите, фрагилни точки во регионот: северот на Република Косово и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина каде што клучна стабилизирачка улога имаат меѓународните мисии во кои и ние учествуваме.

Наш приоритет треба да биде преку константен политички дијалог меѓу власта и опозицијата да го зголемиме внатрешниот потенцијал за постигнување консензус по битните национални прашања, а, во тој сегмент годинава се случи своевиден парадокс: имено, во март, меѓународната заедница, верувајќи во нашите капацитети, ни ја довери организацијата на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а во исто време, без асистенција на таа иста меѓународна заедница, преку дијалогот Жан Моне, немаше да го усогласиме новиот Деловник за работа на Собранието.

Почитувани пратеници,

Крајот на 2023 година ни ја донесе најголемата тага во последната деценија. Преку личната трагедија на малата Вања и нејзиното семејство можевме како на дланка да ја видиме целата патологија на македонската транзиција, амбиентот кои сите ние, повеќе или помалку, го создававме во изминативе 32 години. Амбиент во кој, во јавниот простор, толериравме нелуѓе кои пропагираа меѓуетничка омраза и нетрпеливост, агресивни идеологии, говор на омраза, јавно упатуваа закани за линчувања на поединци и ликвидации на политички опоненти.

Требаше секој од нас, а посебно ние политичарите, многу почесто и погласно да зборуваме против овие појави, наместо да веруваме во моќта на нашиот демократски систем дека ќе може да ги толерира и апсорбира ваквите екстреми. За жал, потфрли и севкупниот општествен систем затоа што во името на некаков погрешно разбран демократски плурализам не ги оневозможи овие индивидуи од натамошно загадување на јавниот простор.

Механизмите на правната држава едноставно мораат на време да ги санкционираат сите оние кои користат говор на омраза кон политичките противници, кои навредуваат или се закануваат на луѓе од друга вера или нација, мора да бидат забранети политички партии и невладини организации кои работат спротивно од декларираното во основачките документи и, во суштина, ја злоупотребуваат демократијата како неспорна вредност на модерниот свет.

Со други зборови, државата мора системски и навреме да ги маргинализира оние кои пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци кои освен наши граѓани, деца, возрасни или старци, можат повторно да ја убијат и нашата колективна совест.

Почитувани пратеници,

Во мојот прв говор во ова Собрание, по полагањето на заклетвата, реков дека основниот критериум според кој, јас самиот, ќе го ценам сопствениот ангажман како претседател, но, далеку поважно, според кој очекувам да ме вреднуваат граѓаните е: дали ќе бидам претседател на сите граѓани или само на оние кои ме поддржаа. Од друга страна, не помалку важно е, каков ќе биде мојот однос кон политичката опозиција затоа што знам дека во демократски политички системи, стратешка обврска на претседателот, предложен и гласан од политичкото мнозинство е да го штити статусот и правата на политичкото малцинство, од евентуалното самоволие на тоа мнозинство.

Во демократијата не постои политичар за кого нема и добри и лоши критики. И јас во мојот мандат сум бил и поддржуван и критикуван за одредени одлуки кои сум ги носел. Некогаш за моите јавно искажани ставови сум бил критикуван и од дел од оние кои ме поддржаа при изборот, на пример, за аферата „Рекет“, при ставањето вето на Законот за илегални градби или при покачувањето на функционерските плати. Но, секогаш во прв план ми биле интересите на граѓаните и на државата, пред нив секогаш сум бил транспарентен и од одговорност никогаш не сум избегал.

Дали при носењето на некои одлуки сум можел да постапам поинаку – сигурно! Дали сум бил безгрешен – апсолутно не. Меѓутоа, никогаш не сум имал лоша намера кон никого, никогаш во мојот мандат не сум учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти, иако од нив не бев поштеден, ниту јас, ниту моето семејство, никогаш не договарав тендери и провизии, не вработував роднини и пријатели и никогаш за себе или за најблиските немам побарано посебен третман. Како за сите, така и за мене.

Се трудев да не бидам затворен во канцеларија, да бидам достапен за секој граѓанин, да ги чујам нивните маки и секаде каде што сум можел да помогнам – сум помагал, некој пат и неформално, убедувајќи се со оние кои биле формално надлежни да им помогнат на луѓето. Сметав дека е моја морална обврска да ги застапувам ставовите на маргинализираните, оштетените од неправдите или невидливите, заборавените од системот чиј глас не допира до институциите.

И од тој аспект, мојата совест е мирна.

Дозволете ми, на крајот, на сите македонски граѓани и вам почитувани пратеници, да ви ги честитам претстојните празници и да ви посакам здравје и среќа на вас и вашите најблиски.

Ви благодарам!

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Заедничка иницијатива за климатска акција  – искуства од  28. Самит за климатски промени

Заедничка иницијатива за климатска акција – искуства од 28. Самит за климатски промени

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети лабораторијата за мерење на квалитетот на воздухот во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и учествуваше во дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција  - искуства од  28. Самит за климатски...

Претседателот Пендаровски го прими претседателот на Асоцијацијата Тим-40, Жарко Димитриоск

Претседателот Пендаровски го прими претседателот на Асоцијацијата Тим-40, Жарко Димитриоск

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Жарко Димитриоски, претседател на Асоцијацијата на млади претприемачи во Стопанската комора на Северна Македонија, Тим-40. Димитриоски го запозна претседателот Пендаровски со активностите на нивната асоцијација, како и...

Отворен Кабинет за основци од училиштето „Мирче Ацев“ и за  лица од Заводот за рехабилитација на деца и младинци

Отворен Кабинет за основци од училиштето „Мирче Ацев“ и за лица од Заводот за рехабилитација на деца и младинци

Кабинетот на претседателот, во рамки на Отворен кабинет, денеска го посетија ученици од ООУ „Мирче Ацев“ и лица од Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Скопје. [gallery...

Средба на претседателот Пендаровски со писателката Оља Петрушевска Томева

Средба на претседателот Пендаровски со писателката Оља Петрушевска Томева

Претседателот Стево Пендаровски денеска во книжарницата „Сакам книги“ оствари средба со писателката Оља Петрушевска Томева. Истакнувајќи дека речиси и да нема сличност меѓу пишувањето и нејзината примарна професија...

Средба на претседателот Пендаровски со претседателот на Црна Гора, Милатовиќ

Средба на претседателот Пендаровски со претседателот на Црна Гора, Милатовиќ

Претседателот Стево Пендаровски на маргините на 60. Минхенска безбедносна конференција, вчеравечер оствари средба со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На средбата, двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи, изразувајќи...