Обраќање на претседателот Пендаровски на Годишниот самит на Глобалниот парламент на градоначалници

18 ноември 2023 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на Годишниот самит на  Глобалниот парламент на градоначалници којшто се одржува во Скопје од 17-19 ноември, а чиј домаќин е градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Овогодинешниот самит е насловен „Моќни, инклузивни и грижливи градови: Обезбедување на демократија и развој со генерациите кои доаѓаат“ и на истиот учествуваат над стотина градоначалници, како и голем број на претставници на меѓународни организации.

Учесниците на Самитот преку структурирани пленарни дебати имаат можност да дискутираат на теми поврзани со итни глобални прашања во градовите, како и теми од  повеќе области каде што би се имплементирале нивните позитивни искуства и можностите за вмрежување на градските лидери.

 

Ценети присутни,

Дами и господа,

Ми претставува голема чест да се обратам на Самитот на Глобалниот парламент на градоначалници што годинава се одржува во македонскиот главен град – Скопје.

Ако деновиве прошетате низ Скопје, голема е веројатноста дека многумина од вас ќе наидат на улици, болници, градинки, училишта и други јавни згради што ги носат имињата на вашите градови или држави и на нивните највидни граѓани. Тоа не е случајно.

Пред 60 години, катастрофален земјотрес речиси го срамни Скопје со земја. Градот на куќи и згради преку ноќ беше сведен на град на шатори. Скопје не е ни прв а, за жал, ни последен град погоден од катастрофа. Но, за прв пат во историјата, обновата на еден разрушен град прерасна во меѓународна солидарност без преседан.

Обединетите нации ја канализираа помошта од над 80 држави и го координираа меѓународниот конкурс за нов план за градот. За прв пат беше составен меѓународен тим од врвни градски планери и архитекти, со меѓународна репутација, кои понудија визија за Скопје како град на иднината. Слободно може да се каже дека Скопје е изградено од солидарноста на многу градови во светот. И во таа смисла, Скопје е и ваш град.

За жал, 60 години подоцна, визијата за Скопје како град на иднината се повеќе изгледа како недостижна цел. Повеќедецениската централизација на услугите и нерамномерниот регионален развој во државава ја забрзаа миграцијата кон Скопје и доведоа до пренаселеност. Како и многу други градови во светот и Скопје, за жал, се соочи со брза и непланска урбанизација, агресивна бетонизација, узурпација на јавниот простор и намалување на зелените површини. Рапидната урбанизација ја зголеми и социјалната нееднаквост, меѓу елитните квартови и маргинализираните острови на сиромаштија кои постојат во истиот град.

Прашањето со кое се соочуваме е: како да се обнови довербата меѓу самите граѓани кои живеат во градот, од една страна, и меѓу граѓаните и нивниот град, од друга?

Ценети присутни,

Ова прашање е старо колку и самите градови. Како најстар облик на организација и уредување, градот морал да одговори на фундаменталното прашање: како луѓе кои не се дел од истото семејство, род или клан да си веруваат меѓу себе и да соработуваат?

Одговорот е дека довербата во таков случај се гради околу општото добро и јавниот интерес. И ден денес, јавниот интерес е врзивното ткиво на секоја поголема човечка заедница, од метрополите се до мегаградовите со десетици милиони жители.

Хармонизирањето на различните потреби и интереси на илјадници, па и милиони жители е вистинското мерило за успех на градските власти. Тоа најдобро се постигнува преку враќање на општото добро и јавниот интерес во свеста на граѓаните и во животот на градот. Се разбира, тоа важи и за Скопје.

Добрата вест е што концентрацијата на луѓе и институции, освен причина за проблемите може да биде и основа за нивно решавање. Тука, на едно место ги имаме елементите за успех – луѓе, знаење и капитал. Освен политички, Скопје е и образовен, економски, инвестициски и иновациски центар. 60% од македонските образовни институции се во градов. Околу Скопје гравитираат трите најнапредни технолошко-индустриско развојни зони во земјава.

Скопје е и хаб на македонската стартап заедница која може да понуди иновативни решенија за градот да стане поодржлив, поефикасен и поотпорен на ризици. Ако правилно одговори на потребите на младата дигитална генерација, Скопје има потенцијал да прерасне во магнет за дигиталните номади.

На полето на општествената кохезија, пак, Скопје може да се пофали со етничка, религиска и јазична разновидност како најголема вредност на македонското општество. На полето на културата, дадена ни е уникатна можност да ги промениме нештата на подобро. Скопје е избрано за европски град на културата за 2028 година.

Ова е голем предизвик кој не смее да биде сведен само на промена на фасадата на градот, ниту само промовирање на древното културно наследство, туку да овозможи сите културни слоеви на оваа некогашна значајна цивилизациска крстосница да дојдат до израз. Преку јавно-приватно партнерство, Градот Скопје може да отстапи јавни простори за независната културна сцена со што ќе покаже грижа за современата, жива култура и ќе придонесе за развивање и негување на културните навики на граѓаните.

Клучот за ова е демократијата и тоа партиципативна и директна во која, наместо пасивен набљудувач, граѓанинот ќе биде активен учесник. Граѓаните имаат право да знаат на што се трошат парите од нивните даноци, но имаат и обврска да учествуваат во креирање на политиките и носењето на одлуките. А тоа се постигнува со активизам, со градење на јавна свест и урбан менталитет, со грижа за јавниот интерес.

Се разбира, за локалната власт да функционира, неопходна е и реална фискална децентрализација проследена со транспарентно работење на локалната власт и администрација.

Драги пријатели,

Го знаеме патот до успехот, поседуваме и дел од потребните механизми. Клучно е како да постигнеме синергија меѓу различните сектори што ќе го трансформираат Скопје во град со паметен, одржлив и праведен урбан развој. Глобалниот парламент на градоначалниците и сродните организации на градови можат да им помогнат на нашите градски власти со совети за добрите политики и практики.

Верувам дека овој Самит и воопшто работата на Глобалниот парламент на градоначалници може да придонесе сите наши градови, вклучувајќи го и Скопје, да станат подобри места за живеење.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...