Обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова по повод одбележувањето на 2 Август – Илинден

2 август 2026 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на чествувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, што под нејзино покровителство се одржа пред споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

На свеченоста претседателката ја нагласи важноста на Илинден како ден за потсетување и за одбележување на борбата на многу генерации за самостојна македонска држава. Според неа, имаме долг кон историската вистина и кон асномската генерација, којашто со крв извојува слобода и македонска република.

Во своето обраќање Сиљановска-Давкова порача дека државата се чува со вложување во младите, се брани со мудра надворешна политика и се јакнее преку националното помирување.

Претходно претседателката положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов – Ченто.

Делегации од Кабинетот на претседателката присуствуваа на одбележувањето на Илинден во Крушево, во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, во манастирот „Св. Прохор Пчински“ и во Смилево.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова.

 

Почитувани граѓани,
Почитувани потомци на илинденците и на партизаните,

Илинден е вистински ден за потсетување и за одбележување на борбата на многу генерации за самостојна македонска држава.

АСНОМ не е стихиен или случаен настан, туку длабоко осмислен демократски државотворен чин, историски инспириран од традициите на Француската револуција и на Илинденското востание.

Старите илинденци, Панко Брашнаров, Димитар Влахов и Павел Шатев во АСНОМ ги отелотвориле заветот и аманетот на Гоце Делчев и на илинденските херои.

Владимир Полежиновски, млад доктор по право од Сорбона, го вдахнал духот на Француската револуција од 1789 година, со којшто бил задоен, во „Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија“, по примерот на француската „Декларација за правата на човекот и граѓанинот“. Токму затоа, асномските државотворни документи се концептуално поблиски до западните демократски и либерални традиции, отколку до источните, догматски советски решенија.

Харизматичниот народен трибун, Методија Андонов-Ченто пак, кому му се поклонуваме денеска, го афирмирал правото на самоопределување на македонскиот народ. Истото стана составен дел на основачките документи на Организацијата на обединетите нации, но и на уставите на членките на Југословенската Федерација, вклучувајќи го и Уставот на Република Македонија од 1974. Впрочем, на него се повикавме пред 35 години, кога на 8 септември 1991 година, тука, на овој плоштад, прогласивме слободна, суверена и самостојна република, врз основа на резултатите од демократски спроведениот референдум.

Да потсетам, исто така, дека партизаните и асномците го вградија антифашизмот како суштинска и трајна македонска определба и еден од темелите на македонската држава. Нашата народноослободителна борба беше епохално, автентично дело, а слободата не ни беше подарена од некој друг, туку сами се ослободивме со нашата 120 000 бројна народноослободителна војска. Значи, никому не му должиме за тешко изборената држава. Токму затоа, никој нема право да ја ревидира нашата национална историја оти секој народ, па и македонскиот, има право на своја историја.

Имаме долг кон историската вистина и кон асномската генерација, којашто со крв извојува слобода и македонска република.

За жал, набргу, по нашата најголема историска победа, мнозина основоположници на народната македонска држава беа отстранети од политичката сцена. Мојата генерација многу доцна дозна за Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ и малку знаеше за неговата судбина и за судбината на неговите истомисленици.

Многу подоцна, дознавме за ликот и за делото на Методија Андонов-Ченто, којшто бил прогонуван, затворан и казнуван, но сепак одолеал на искушенијата и опстоил на цврстите македонски убедувања за време на претходните окупаторски режими. Тука лежи причината за неговиот огромен углед меѓу народот и предлогот на Кузман Јосифовски-Питу активно да се вклучи во македонската Народноослободителна и антифашистичка војна, најпрво како член на Главниот штаб и претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, потем како делегат на АВНОЈ и конечно, како носител на една од највисоките функции, претседател на Президиумот на АСНОМ.

Неговиот потпис стои на државотворните одлуки и решенија со коишто АСНОМ бил утврден како врховно законодавно и извршно тело, за воведување на македонскиот јазик како службен јазик, за прогласување на Илинден за народен државен празник, за формирање на државните институции и органи, како и на многу други важни одлуки.

Многупати сум се прашувала како се случи овој македонски горостас да биде не само отстранет од политиката, туку и на некој начин избришан од историјата? Денес сигурно знаеме дека со својата принципиелност, конзистентност и доследност, тој стекнал некои непријатели меѓу моќните носители на власта, за жал, негови довчерашни соборци. Да потсетам дека со монтиран судски процес, нему му е судено и пресудено за ставови и идеи коишто се идентични со одлуките на Првото заседание на АСНОМ. Прашувам: Може ли Ченто да биде кривично одговорен пред македонскиот народен суд за идеите на АСНОМ? Се разбира, не, но владејачката политичка номенклатура и зависното, комунистичко судство му пресудиле со партиска пресуда, а не според Уставот и законите.

На 6 февруари 1956 година, пред 70 години, Ченто забележал: „едно треба да знаете, кога беше Француската револуција сите големи загинаа и еден филозоф рекол – Револуцијата ги јаде сопствените деца“.

И тоа, први жртви се најдобрите и најспособните. Си велам: Каква ќе ни беше државата ако најдобрите останеа и беа на нејзиното кормило? Тие, бездруго ќе се опкружеа со слични на себе.

Драги сограѓани,

Денеска, собрани пред спомеников на еден од најголемите македонски синови, со членовите на неговото семејство, верувам дека не случајно скулпторот го овековечил Методија Андонов-Ченто не во униформа, туку во цивилна облека, како прв граѓанин на новата македонска република, како нејзин прв претседател.

И додека со шапката го покрива срцето коешто чука за татковината и за народот, со вперениот прст нè потсетува на нашата генерациска должност да ја чуваме и да ја браниме слободата, како што самиот рекол „како зеницата во окото“.

А државава, јас длабоко верувам дека се чува со демократски политички систем и со уставен патриотизам. Како непоколеблив македонски патриот и убеден демократ, Ченто не отстапувал од правото на самоопределување на македонскиот народ и не дозволувал мешање во внатрешните прашања на републиката, вклучувајќи гои почитувањето на највисоките државни акти од секој и секаде.

Да не треба да се задумаме кога се во прашање асномските документи и десетиците измени на Уставот од 1991 година?!

Се разбира, мирот и соживотот во хетерогеното општество се чуваат преку гарантирање и заштита на правата и на заедниците, но не на штета на индивидуалните човекови права ако сакаме да живееме во европска демократија.

АСНОМ води сметка за македонската мултиетничка реалност. Неговиот Манифест бил упатен до сите етнички заедници. И денес, се гордееме со високите стандарди на заштита на малцинските права на Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и другите. Споменати или не, во делот којшто му претходи на нормативниот текст, што вообичаено се нарекува преамбула, сите македонски граѓани ги уживаат истите права и ги имаат истите обврски кон државата, утврдени во нормативниот текст.

Државата се чува со вложување во младите. Токму младите се изборија за слободата и ја создадоа државата. Речиси половина од асномците биле помлади од 30 години. За жал, денес, најперспективните млади луѓе масовно се иселуваат во потрага по пристојно место за живеење. Некои, поради блокираните евроинтеграции, посегаат и по пасош од други држави членки. Наша должност е да се бориме против корупцијата и организираниот криминал, против партократијата, ама и против загадувањето. Само кога знаењето и успехот ќе бидат поважни од книшката и познанствата, младите ќе останат да живеат, да работат и да создаваат семејства тука, дома.

Државата се брани со мудра надворешна политика. Еден од најголемите гревови на Ченто била неговата прозападна ориентација. Како и дел од асномците, тој се залагал за јасна поделба на власта, гарантирани човекови права и пазарна економија. Дури и во затвор, му забележувале дека наместо да ги чита Маркс, Енгелс и Ленин, тој учел англиски, француски и германски. Нашиот пат е проевропски ориентиран, како и Чентовиот.

Знаеме дека секоја земја кандидат прави компромиси врзани за адаптирање на односите и процесите на акито или решавање на различни спорови. Но нашето искуство има уникатен предзнак, како постојана и незавршена низа од барања со коишто се оспорува и се нарушува нашето суверено право на самоопределување. Но, факт е дека не само ние, со блокадата на нашата евроинтеграција, туку и оние што нè блокираат – губат. Губиме сите.

Државата јакнее преку националното помирување. На Ченто му замерувале поради неговата подготвеност да се помири со довчерашните неистомисленици, под услов да застанат на истата, македонската линија. Ако сакаме нашата држава да биде пристојно место за живеење, мора да ги надминеме поделбите и да научиме да зборуваме во еден глас за прашањата од национален интерес. Тоа денес ни е потребно повеќе од кога било порано.

Драги сограѓани,

Обраќајќи се на Третото заседание на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто рекол: „Служејќи за доброто на нашиот народ, ние служиме за доброто на државата. Това което народот ни го е дал ние треба да го оствариме за вечни времиња. Само така можеме да одиме напред во прогрес…“. Неговите зборови се моја и ваша должност.

Да ни е за многу години Илинден!
Да ни е вековита македонската република!


Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Драги сограѓани, За мене, 2 Август, Илинден, е најсветиот македонски ден, денот на којшто во 1903 година, македонската републиканска идеја се отелотвори во Крушевската Република и денот кога во 1944 година, на АСНОМ, по вековна борба, се реализира правото на...

Одбележување на 2 Август – Илинден под покровителство на претседателката Сиљановска-Давкова во Скопје

Одбележување на 2 Август – Илинден под покровителство на претседателката Сиљановска-Давкова во Скопје

По повод одбележувањето на националниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре - 2 август 2026 година, недела, ќе се обрати пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје и ќе...

Помилувања по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Помилувања по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, даде помилување на 25 осудени лица. 6 осудени лица потполно се ослободуваат од извршување на неиздржаниот дел од казната затвор во траење до 5 месеци. 19 осудени лица...

Сиљановска-Давкова и Мурму присуствуваа на церемонијата на откривање на бистата на Махатма Ганди и ја посетија Спомен-куќата на Мајка Тереза

Сиљановска-Давкова и Мурму присуствуваа на церемонијата на откривање на бистата на Махатма Ганди и ја посетија Спомен-куќата на Мајка Тереза

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, присуствуваа на церемонијата на откривање на бистата на Махатма Ганди во Музејот на Град Скопје, подарок од пријателска Индија и ја посетија Спомен-куќата на Мајка Тереза....

Сиљановска-Давкова: Време е економските односи со Индија да добијат нова динамика

Сиљановска-Давкова: Време е економските односи со Индија да добијат нова динамика

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Македонско-индискиот бизнис форум, организиран во рамките на официјалната посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму. Според...