„Од тоа што сме го слушале, од она за што сме разговарале, мислам дека не ме лаже впечатокот, забележувам спремност да се најде, како што тие милуваат да кажат, некое „креативно решение“ за наш почеток на преговорите со ЕУ. Да потсетам уште еднаш. Непознат евроинтеграциски феномен е, за почеток на преговори, да треба да исполните услов: промена на уставот. Тоа, по мене е спротивно на темелните принципи и вредности на ЕУ“, вели македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во новогодишното интервју за весникот ВЕЧЕР. Освен за евроинтегративниот процес, со претседателката разговаравме за актуелните политички случувања во земјава, за состојбите во армијата, за случајот „Артан Груби“, американската црна листа, еколошките предизвици… За 2024 година, вели дека е македонска женска година |
Претседателке, зад нас е 2024 година во која, на претседателските избори остваривте историска победа и станавте прва жена претседател на Македонија. Во 2024 година, Македонка стана втор човек на НАТО, а од Македонија е и жената херој, која се охрабри на 61 година да го роди своето прво дете. Беше ли тоа женска година?
-Да, македонска женска година. И да дополнам уште дека имаме директорка на Агенцијата за разузнавање и нејзина заменичка, за првпат, жена, член на Советот за безбедност, Комисијата за помилување со четири жени и тројца мажи, паритетна застапеност во Комисијата за млади, паритетна композиција на Комисијата за одликувања и признанија, аѓутантантка… Но, тврдам дека за ниту една од нив, не може да се каже дека е на таа функција само заради тоа што е жена. Не. Секоја од нив, прво е стручна и компетентна, а потем жена. Тоа е најважното. Џабе ви е да сте жена, односно женскоста, ако сте без знаење, стручност и компетентност. Инаку, нам жените, секој знае и признава дека ни е потежок животниот пат. Затоа ние имаме поголема шанса да бидеме постручни, покомпетентни, похумани, па еве, како што рековте, спремни сме и на 61 година да жртвуваме живот за нов живот, за дете. Тоа е доказ дека го респектираме животот. Ако создавате нов живот, ќе имате респект кон него, ќе сакате да го подобрите, да го направите поубав.
Како ја оценувате годината што измина?
-Тоа беше двојна година, со две лица. Јас сум на претседателската функција 7,5 месеци, Владата е шест месеци, значи, половина година. И претходната власт имаше удел во годината и сегашната, па граѓаните може да споредуваат. Како би ја окарактеризирала? Како година на подготовка за промени или како година во која ги поставуваме темелите или ги исцртуваме контурите на промените. Може кој како сака да гледа. Но граѓаните сакаат факти, реални нешта. Ако е во прашање борбата со корупцијата, ние гледаме реални акции. И кога се во прашање економските реформи, гледаме придвижување. Она што мене ме импресионира, еве јавно ќе кажам е, кога се огласуваат луѓе кои јас ги почитувам заради стручноста и компетентноста, па и социјалдемократи меѓу нив, кои ги поздравуваат мерките на оваа Влада… Работите почнаа да се придвижуваат.
Во оваа половина година, се смени дури и реториката на ЕУ. Граѓаните може да споредат дали во изминатите години претставниците на странските држави ја изведувале македонската химна на македонски јазик, дали говорите ги држеле на македонски јазик. Тоа нас многу ни значи, оти јазикот, културата, историјата се три во едно, нашиот најважен идентитетски триаголник. Убаво е кога ќе видите дека изразуваат респект, дека сме една мала но, почитувана држава. Тоа ве стимулира. Се разбира, не е лесно. Но, невозможно е, не сме ние волшебници преку ноќ да се смени сè. Ниту сум јас Питија, ниту Христијан Мицкоски е Мерлин, ниту господинот е Африм Гаши чудотворец. Ама, поинакви сме. Забелешки секогаш можете да давате. Критиката е здрава работа. Но, промените се гледаат и во начинот на управување и во односот. Говорам за тенденциите. Па, и кога меѓународната заедница е во прашање, отворено сме чуле изјави на стратешки партнери за признание и поддршка на промените. Тоа се скромни, но сигурни чекори. Кога велам сигурни, сакам да кажам дека кога нешто е сигурно, не може лесно да запре. Јас очекувам промени и мислам дека, тоа и вам и на сите им го посакувам, Новата година да ја помните по добро, да биде подобра и од подобрите претходно. Да направиме човечки исчекор, демократски исчекор, бидејќи има ситуации што и друг пат сме ги виделе, катарзични ситуации, кога веќе нема кај да одите, кога сте доведени до ѕидот на срамот. Мислам на националното самоуништување, или толерирањето на уништувањето, или на уништувањето на природата што претставува човечки суицид. Или, заборавањето на нашето најголемо богатство, младите, умните, кои веднаш ги препознаваат надвор. Да ги задржиме овде. А, можно е, мислам.
Станавте шеф на државата во период полн со предизвици. Тука мислам на драматичните случувања на истокот од европскиот континент, заострувањето на односите меѓу НАТО и Русија и интензивното вооружување на земјите од регионот. Како врховен командант на вооружените сили, како ја оценувате состојбата во Армијата и во системот за одбраната, односно дали Армијата го следи чекорот со другите членки на НАТО?
-Веројатно чувте и од моето излагање пред пратениците, по мене, состојбата е стабилна. Ова го тврдам, не врз основа на импресијата или врз основа на искажувањата на претходниот и сегашниот началник на ГШ или честите посети на Армијата, туку и врз основа на извештаите што ги добивам. Ова е оценката и од НАТО, бидејќи нашата Армија е мала, но е почитувана НАТО армија. Нашите војници и офицери во мисиите се рамноправни во знаењето. Па, за една толку мала и сиромашна држава, издвојувањето од повеќе од 2% е високо, бидејќи имаше и сè уште има држави кои се побогати од нас, но издвојуваат понизок процент. Заклучокот ми е, нашата армија, устроена по НАТО-принципите е способна да се носи со предизвиците.
Она што треба да се направи, а за жал што не било правено е, однапред да се планира командувањето, однапред да се знаат оние кои ќе ги заменат постојните први луѓе, началникот на генералштабот, заменикот, генералите….
Зошто тоа не се правело? Претпоставувам дека е заради политичко партиски причини. Имено, претседателот на државата, во својство на командант на Вооружените сили, ги именува генералите, но, до чинот генерал тоа го прават министрите за одбрана. Има држави во кои унапредувањето е во рацете на началникот и на генералштабот. Но, јас не се сомневам дека министерот за одбрана и началникот и генералштабот се договараат. Мора стратешки да се однесуваме кон военото водство, особено низ призма на новите доктрини на војување.
Какви се плановите за пополнување на празните генералски позиции?
Информирана сум дека набрзо ќе добијам предлог за унапредување на тројца генерали, претходно веќе разговаравме за можните кандидати, го чекам конкретниот предлог.
Почетокот на преговорите со ЕУ сè уште останува сон за Македонија. И Вие и премиерот Христијан Мицкоски пренесувате една доза на оптимизам по разговорите со европските челници. Сфатена ли е неправдата која Македонија ја остава со години во чекалницата на ЕУ?
-Не знам дали ја сфатиле неправдата и не верувам во тоа, но мислам дека ја увиделе опасноста од македонскиот преседан по процесот на проширувањето. Мојот оптимизам не е случаен, ниту од интуиција, односно чувства, туку се темели на бројните разговори, од кои добив впечаток дека на сите им е јасно дека вака веќе не може. Од нивната изменета реторика е видлива свеста дека преседанот станува опасен. Како што веќе видовме, во случајот на Црна Гора, Хрватска го употреби, Бугарија го најави за Србија, а, можни се и други најави. Така, проблемот со нашиот почеток на преговорите, веќе не е само однос меѓу Брисел и нас, туку и проблем на ЕУ, односно проширувањето на ЕУ. Никогаш проширувањето не било понеопходно, не само за нас туку и за ЕУ од причините што веќе ги споменавте. Одговорот на војната секогаш бара обединување, односно заедничка надворешна и безбедносна политика. Ние сме стопроцентно усогласени со ЕУ во надворешната и во безбедносната политика, а таа е една од најтешките. Ако во неа настапуваме како да сме де факто членка на ЕУ, навистина не ми е јасно зошто тоа не би можеле да го правиме во останатите политики, особено што, по процентот на хармонизација со ЕУ легислативата, ние сме први. Тоа го зборуваат и нашите соседи. Впрочем, кога слушам како „ Албанија исчекорила и оди напред со брзи чекори“, мора да се потсетиме како и зошто исчекори во преговорите. Не можам а да не ги потсетам нашите европски партнери дека ние, уште во 2019 година, требаше да ги почнеме преговорите, но тогаш, Холандија и Данска ја блокираа Албанија, иако, дотогаш чекоревме заедно. Тогаш, господинот Емануел Макрон изрази став дека е добро да сме оделе заедно со Албанија. Му се придружи Италија со тезата: заедно или никоја! Ама, пет години потоа, не го повторија истото за нас. Се разбира, едно е да ослободите градоначалник од грчко етничко потекло од затвор и да ги вброите Бугарите во малцинствата во Албанија, иако дотогаш ги немало! Згора, на пописот од 2021, новопојавеното бугарско малцинство се зголеми на над 5.700 припадници, а Македонците паднаа на 2.700?! Етнички инженеринг! Немам коментар. Ако е тоа начинот за забрзано чекорење кон ЕУ, нешто не е во ред со принципите и вредностите!
Значи, да се вратам, од тоа што со премиерот Христијан Мицковски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски сме го слушале, од она за што сме разговарале, мислам дека не ме лаже впечатокот, забележувам спремност да се најде, како што тие милуваат да кажат, некое „креативно решение“ за наш почеток на преговорите. Да потсетам уште еднаш. Непознат евроинтеграциски феномен е, за почеток на преговори, да треба да исполните услов: промена на Уставот. Тоа, по мене е спротивно на темелните принципи и вредности на ЕУ. Честопати го цитирам претседателот Макрон, кој самоуверено изјави пред студентите на Сорбона дека ЕУ е многу повеќе од бирократска машинерија, дека ЕУ е филозофија на живот и управување. Јас не можам да замислам филозофија без вредности и начела. А, тие се јасни: почитување на националниот и на културниот идентитет, почитување на дигнитетот и интегритетот на луѓето, почитување на уставните и политички структури, склучување договори со соседите врз реципрочна основа, почитување на правото и правдата, односно на пресудите на Судот за човекови права, почитување на Повелбата на ОН, на конвенциите… една конвенција е Пактот за граѓански и политички права која го гарантира правото на самоопределување. Во нашите разговори со ЕУ челниците, најповторувано е начелото на меѓународното право: „pacta sunt servanda“, односно обврската за почитување на договорите. Јас, често ги упатувам на Преспанскиот договор, односно на неговиот чл.7 ст.(3), во кој се вели дека: „името Македонија за втората страна, значи за нас, означува: територија (копно, вода, воздух), што ќе рече, дека кога грчката новинарка го коригираше господинот Заев да се коригира и наместо македонско небо да каже „северномакедонско небо“, тој требаше да ѝ укаже дека таа, а не тој не е во право, наместо веднаш да си каже „ северномакедонско“ небо, упатувајќи ја на членот 7, став (3), во кој понатаму пишува дека името „Македонија“ за другата страна (НИЕ) значи и: „ народ со своја историја, култура и јазик.“ Не вели бугарска историја култура и јазик, не вели македонско-бугарска заедничка историја, култура и јазик, туку своја, македонска! Како е можно тогаш ние да разговараме со Бугарија за историјата, културата и јазикот. Да потсетам дека следнава, 2025 година е јубилејната 100-годишнина од донесувањето грчко-македонски „Абецедар“.
Значи, ние сме ги исполниле сите претпоставки за почеток на преговорите многу одамна.
Кога велам дека се видливи промените во однесувањето на европските претставници кон нас, да го споменам и следново. Доволно е да го чуете известувачот за нас, австрискиот европратеник, Томас Вајц и да го споредите неговиот говор со оној на Илхан Ќучук, бугарскиот европратеник. Пазете, каква траекторија! Бугарски европратеник беше известител за македонскиот напредок во ЕУ интеграциите. Да не беше форматот судир на интереси? Понатаму, еврокомесарката Кос постојано споменува дебилатерализација. Се разбира, мене ми е јасно дека укинувањето на консензусот бара консензуална одлука, односно едногласност, што значи дека треба време за толку важен чекор. Но, за демократски политички систем како ЕУ, демократски и логично е да се движи кон промената, кон одлучниот чекор, а не спротивно. Не е точно дека само германско-словенечкиот нон-пејпр го проблематизира ветото. Неколку европски тинктенкови работеа на барање решение, врвни експерти предлагаат варијанти на негово отстранување или редуцирање. Јасно е зошто. Ако ние, но и другите кандидати се дефокусираме на историски, културни, јазични и други емотивни прашања, ќе ја изгубиме енергијата и не ќе може да се фокусираме на Планот за раст и на Реформската агенда за која добивме највисоки оценки.
Нашите сознанија, засновани на бројни директни разговори и уверувања од важни претставници на меѓународната заедница беа дека ќе ни биде овозможен исчекор до крајот на декември. Е, зошто тоа не се случи, јас, не можам да кажам.
Сметате ли дека ќе може да се преговара со новата Влада во Бугарија, со оглед на тоа што техничкиот премиер Димитар Главчев, во Брисел, отворено му кажа на премиерот Мицкоски дека „во бугарскиот Парламент сите се против нас“?
-За разлика од нашите парламентарни состави во овие 30 години кои носеле документи за одбрана на националните и државните интереси, ама, не ги почитувале, соседите цврсто се држеле и се држат до нивите парламентарни акти како до свети политички книги. Ние не научивме ниту да градиме, ниту да почитуваме национални и државни интереси, а уште помалку, да ги браниме!
Зошто е невозможно кај нас партиите да седнат и да ги исцртаат националните позиции?
-Не ми е јасно зошто на некои елити, ако воопшто така може да се наречат, поважно им е мислењето на политичарите однадвор одошто на граѓаните од кои им извира легитимитетот. Тие ниту го детектираат националниот интерес, ниту го претставуваат и бранат. Сите држави што тргнаа на патот на транзицијата и демократската консолидација, првото нешто што го направија по 90 години беше тоа. Зошто? Бидејќи ја пренесуваа националната платформа како политичко наследство на секој друг по нив. Кај нас, поважно беше да ги пофалат однадвор, да им ветат на маргиналци дека ќе станат нобеловци и овие да го направат неможното! Замислете, Нобелова награда за мир!
Но, декларативно сите се за стратегија за национални интереси?
Само декларативно, кога не се на власт.
Размислувате ли Вие, како „мајка на нацијата“, да ги скротите темпераментните политички ривали и да ги седнете на иста маса за да се договорат за клучните прашања?
-Тоа „мајка“ убаво звучи, но во суштина има монархиска дикција. Но добро, ако се мисли на некоја што застапува натпартиски интереси, мислам дека сум способна и спремна за тоа, со добра намера и волја.
Немам ништо против. Но, многу пати потенцирам дека мора да се научиме најважните одлуки да ги носиме во институциите, во Собранието и неговите маси, не надвор, во различни неформални тела. Таму и тогаш нема ниту одговорност, ниту транспарентност, сè е тајно. Демократијата се учи со вежбање. Ние имаме „слаби институции“. Ова го истакнуваат сите добри познавачи на нашиот политички систем, мои колеги и колешки и тоа ме боли. Мора да собереме сила да ставиме крај на премоќните политичари, патрони, султани. Затоа ни се случува неконтролирана моќ и придружните појави со неа. До кога ќе ги суспендираме легалните и легитимни институции ќе дозволуваме нелегитимни, па и нелегални одлуки да се носат во некои тесни и неформални тела во „Клуб на пратеници“, на „Водно“… без одговорност пред граѓаните. И ние мора да се држиме до документите, до актите и да ги почитуваме. Да потсетам, како опозиција молевме, а мене не ми се случува да молам политичари што не ги почитувам, кога ја покренаа октроинираната, фиктивна, промена на Уставот. Дури и секој ден изјавуваа: преговараме со прогресивни пратеници од опозицијата, усогласени сме, убедени дека ќе ги изгласаме амандманите дури и со поголемо мнозинство од 2/3?! Политички дилетантизам. Не можете сами да си донесете одлука за прифаќање на протоколи, Преговарачка рамка и заклучоци, да преземете обврска за промена на Уставот, без да ја прашате опозицијата од една проста причина: ви треба двотретинско мнозинство! И дете знае дека без двотретинско мнозинство не може да смените Устав, ама ако еднаш сте смениле Устав прекутрупа, иако сега се соочуваме со погубните последици од таквиот начин, вие си верувате дека ненормалното е нормално и дека целта ги оправдува средствата!
Каква ни е поддршката од новата европска администрација?
-Странците се сурово прагматични. Да тече процесот, да си запишат дека за време на своето амбасадорување постигнале голем успех, ЕУ функционерите да си нанижат уште едно достигнување. Но, дека и ЕУ не е имуна на проблеми е јасно од многу примери. Требаше да заврши мандатот на претходниот и да се воспостави новиот за да излезе на виделина дека најодговорниот за правото и правдата, комесарот за правосудство се соочува со обвинение за злоупотреба на функцијата…
Светот не оди во добар правец. Ова го врзувам најмногу за војните. Во војната, прво умираат честа, мудроста, хуманоста… сè е дозволено… се заборава дека секој живот е микрокосмос. Кој е тој што има право да определи кој ќе се жртвува за високи цели.
Искрено посакувам и очекувам да најдеме заедничко решение, не наметнатото, туку заедничко. Посакувам амбасадорот на ЕУ, господинот Рокас да даде личен придонес во исчекорот, токму заради неговото грчко потекло. Ниту еден евроамбасадор досега немал ваков предизвик како тој. Да покаже и докаже разбирање, емпатија, свест дека не случајно живееме едни до други. Да покаже дека е свесен за невидената жртва! Секогаш потсетувам дека малкумина луѓе смениле име, но секогаш сами. Истово важи и за државите, освен за време на колонијализмот. Кога ќе се сетам на фамозниот референдум со најперфидното прашање во историјата на референдумите.
Ќе се направат ли консултации со Венецијанската комисија пред отворањето на Уставот?
-Неодамна ме посети колега од Венецијанската комисија за да ме потсети и покани на прославата што ќе се случи в година меѓу нас и Советот на Европа. Се сетив на еден интересен македонски феномен: ниту една наша уставна измена, освен амандманите од 2014 не била пратена на Венецијанската комисија.
А, Венецијанската комисија е формирана за да им помогне на државите што излегоа од комунизмот во донесувањето либерални устави и закони, засновани врз европските стандарди. Значи, или од овде некои не сакале да ги пратат, оти знаеле дека ќе стигнат експертски мислења и ставови , или пак имало притисок од надвор, или и двете.
Меѓутоа, кај нас политичарите Венецијанска ја гледаат онака како што во моментот им одговара. Доколку не им одговара мислењето, ќе коментираат дека таа е само советодавно тело.
Да, не сфаќаат дека мислењата на Венецијанска задолжуваат со силата на знаењето и експертизата на најеминентното тело за демократија преку право на Советот на Европа. Но, идат други правни времиња. Со новата методологија, иницирана од претседателот Макрон, ќе се оценува не само правната усогласеност, туку и спроведувањето на законите со посредство на Венецијанската комисија и ГРЕКО.
Кај нас, кога е во прашање Венецијанската комисија, на примерот на Мислењето за Законот за употреба на јазиците, се посега по лаичка, популистичка, нестручна, партиска интерпретација. Кој што сака и како си сака си чита и толкува. Но, затоа се тука правната наука, Уставниот суд и новинарите. Уставниот суд се соочи со иницијативи за оценка на уставноста и законитоста на законот, го има мислењето на Венецијанската комисија и чудно е зошто досега не покренал постапка. И новинарството може да помогне, ама не можат да бидат од помош политичари и аналитичари кои си го интерпретираат по свое мислењето. Не може да се држите до некои општи одредби, а да ги прескокате конкретните параграфи.
Да споменам уште нешто. Ние сме ја потпишале Конвенција за регионални и малцински јазици, но не сме ја ратификувале. Не ми е јасно зошто, бидејќи нашите решенија се над стандардите на оваа Конвенција.
Се надеваме дека кон барањето за нови измени на Уставот ќе се однесуваме како што доликува на однос кон највисокиот правен акт и најшироката општествена повелба. Одговорно тврдам дека ништо не добиваме, ако повторно во чудна постапка, по моделот на Артан Груби, промовиран при донесувањето на Законот за употреба на јазиците, го смениме Уставот. Потенцирам дека малку устави во ЕУ имаат одредби за малцинските права. Суштината на малцинските права е нивната гаранција и заштита, а не набројувањето во Преамбулата, оти секогаш ќе има други покрај наброените.
Забораваме дека во членот 8, што се однесува на темелните вредности на уставниот поредок, изразувањето на националната припадност е слободно и дека членот 48 и амандманот VIII ги гарантираат малцински права за сите заедници без оглед дали се споменати во Преамбула или не. Впрочем, Преамбулата е дел што му претходи на Уставот. Кај нас, називот „Устав“следи по Преамбулата, а не пред неа. Во Конвенцијата за заштита на правата на малцинствата се тргнува од два критериуми при одредувањето на кого се однесуваат нејзините одредби: првиот, автохтоноста, односно вековното присуство во некој држава, надвор до матичната, како во случајот со Евреите кај нас, на пример и вториот: значителен број на заедницата.
Бугарската заедница кај нас, иако новопројавена, ги има сите права како и секоја друга заедница, вклучувајќи и здруженија и партија. Состојбата со македонското малцинство во Бугарија, пак, е целосно поинаква. Бугарија не ги спроведуваа десетиците пресуди на Судот за човекови права во корист на Македонците во Бугарија. Замислете, здруженија на граѓани се закана за безбедноста на Бугарија. Немам зборови. Што значи тоа?
Освен тоа, само во последните два годишни извештаи за нашиот напредок во евроинтеграциите, се споменува бугарското малцинство и барањето за внесување на истото во Преамбулата на Уставот. Во ниту еден претходен нема никаква забелешка на нашата малцинска политика!
Како гледате на развојот на ситуацијата во Македонија по случајот „Артан Груби“, американската црна листа… ни се случи ли дежа ву како пред седум години?
-Мислам дека се работи за различни случаи, ако мислите на оној со Никола Груевски. Да не победеше ВМРО-ДПМНЕ на последните избори и да формираше Влада претходната власт, Артан Груби ќе си останеше, регентот или везирот. Мора да научиме дека црните листи не се цртежи. Црна листа е важно предупредување дека се работи за личности кои се закана за безбедноста на САД! Ако е закана за САД, врз основа на доказите од нашиот судски систем, веднаш треба да се испита што е она што го направил дома за да биде ставен на црна листа. И, се разбира, по допрен глас, надлежното јавно обвинителство да започне постапка. Интересен е односот на партиите чии членови се оцрнетите. По довчерашната глорифицираа, тие станаа прагматични и студени. Не знаеле, не виделе, не почувствувале. Да си ги приберете сите портали во државните простории на „вашето“ министерство, да славите родендени, прослави, да бидете главен во игрите на среќа..
Што се однесува до царинскиот службеник, верувам дека се работи за тежок и неодговорен превид, иако е добро да им го оставиме одговорот на надлежните. Јас не знам кој е службеникот што работел или тие околу него, но не сакам да помислам дека за некои луѓе околу него, името и „делото“ на Артан Груби биле поважни од што било друго, за тој да ја премине тукутака границата.
Но попусто сте поминале, ако сте на црната листа. Таа не станува бела, иако помнам дека и некои други луѓе беа на неа, а потем станаа политичари. Чудно.
Ние мора да ја продолжиме и завршиме судската постапка. Што се случува со нашиот судски систем? Тешко болен е, дијагноза има, но потребна е порадикална терапија.
Ќе профункционира ли, конечно, правната држава или и овие случаи ќе останат само евтин театар за јавноста?
Нужни се темелни реформи. Не зборуваме само за ендемска корумпираност, неодговорност и злоупотреба на еден сегмент или личност во него: на пример, Јавно обвинителство, или Основниот суд, или Апелационен или Врховен судија, или суд! Судскава пирамида си добила некоја своја бесправна и нелогична логика и активност. Ние сè уште имаме судии среде судот за кои имаше сериозни индиции за инволвираност во повеќе случаи и поминаа со дисциплински санкции. Е, тоа мора да се смени. Едни од најслабите, наместо најсилните алки ни се Судскиот совет и Совет на јавни обвинители. Во нив, наместо врвни правници, кои ќе бидат филтерот, рендгенот, ќе разрешуваат, ќе ги избираат најдобрите, видовме партизирани луѓе, со сомнително знаење и проблематичен дигнитет и интегритет. Резултатот е видлив: перцепцијата на граѓаните, според која, само 2% му веруваат на судството, што е рамно на отсуство на судство! Луѓето се плашат да одат на суд и го избегнуваат, бидејќи во институција што не постои, не можете да барате и да најдете правда. Не е институција зградата, ниту високите плати. Институцијата зависи од знаењето, посветеноста, стручноста, компетентноста, етиката, моралот, а тие се синоним за силна правна држава.
Сметате дека ветингот ќе смени нешто?
-Глупости, не верувам! Измислени приказни. Кој нè запира да посегаме по мерки на ветинг? Ветинг може да се прави при секој избор, никој не го попречува тоа. Може и сега да се проверат дипломите, имотот, дотогашната работа, евентуалната вмешаност во валкани бизниси. Сум го читала мислењето на Венецијанската комисија за ветингот во Албанија и реалната опасност од парализа на правосудниот систем. Да потсетам дека ние имавме своевиден ветинг, преку генералниот реизбор на судии во 1996 година, кога не беше избегната партизацијата, туку напротив. Сè уште ги чувствуваме последиците. Кога имам држава која не е правна и новиот избор може да биде партизиран и политизиран. Тоа се случи кај нас. Но, при секој поединечен избор, со добри законски услови, со јавност и проверливост, може да има индивидуален ветинг. Не мора секогаш да се посега најрадикалниот метод, ниту тој е гаранција за успех. Има различни видови на ветинг. Радикалниот ветинг, односно генералниот реизбор, може да предизвика вакуум. Индивидуален ветинг може да има и во вашиот весник, и јас кога сум се вработувала на универзитетот, и кога некој кога станува министер, во администрацијата, војската, полицијата, секаде, не само во судството. Ама, ако оние на највисоки позиции, „елитата“ се тие кои го прават изборот по начелото на победникот му припаѓа пленот, резултатот ќе биде дека поданиците, послушниците ќе имаат предност, оти се по мерка на оној кој ги избрал, а не по мерка на граѓаните.
Како според Вас стојат работите, има ли капацитет правосудниот систем, да земе здив и да суди без притисоци и влијанија, а институциите, конечно, да се извлечат од канџите на корупцијата?
-Па еве, ќе мора да земаат здив, ако почнеме со реализацијата на реформската агенда и затоа, мора да постапуваме во пресрет кон неа, односно како што е утврдено со неа. Со законските измени мора да се конкретизираат критериумите за „истакнат правник“, но и да се овозможи компетитивност, јавност, транспарентност, проверка. Мора да постапуваме во рамките на предвидените рокови за да ги искористиме средствата за реформи. Не смееме да ги одлагаме промените. Судскиот систем има логика и секој негов дел има логично место. Меѓу судиите и јавните обвинители има навистина истакнати судии. Тие мора да се најдат на вистински места. Но, оние кои заборавиле на императивот на правната професија, или го прекршиле, или се впуштиле во правно недозволени активностите, мора да одговараат за тоа и да си заминат.
Имаше оценска мисија, по чии наоди, резултати и предлози се дебатираше во рамките на професијата: од млади правници до професори, докажани и ценети судии, јавни обвинтели, пензионирани, или актуелни. Но, најважно е што ќе правиме во праксата. А праксата не зависи од убавите норми, туку од правно заснованите обвиненија и правно издржаните пресуди.
Умни луѓе велат: ако сакате да уништите една држава, удрете по високото образование. Ако финансираме факултети што не се фабрики за правно знаење, туку за дипломи, ако запишуваме на Академијата за судии луѓе кои не ги исполнуваат условите и кои се запишуваат со партиско-политички интервенции, не можеме да очекуваме владеење на правото и правдата. Бројката од над 20 правни факултети кажува дека станува збор за мимикрија, имитација на високо образование, имитација на професура, имитација на студирање. Затоа, најдобрите си одат и се вработуваат на најдобрите универзитети. А овде кај нас некој ужива во статусот и во улогата, ама резултатот е катастрофален. Се соочуваме со импровизација, ама не може да има место за импровизирана правда.
Да престанеме Скопје да го бетонираме, да отвораме паркови, наместо молови!
Македонија е пред сериозен еколошки предизвик. Скопје не се симнува со денови од листата со најзагадени во светот, ѓубре околу нас, диви депонии насекаде. Имаат ли политичарите капацитет да ги адресираат суштинските проблеми што навистина ги засегаат граѓаните?
-Очигледно досега, не. Не зборуваме за акутен проблем, зборуваме за децениски проблем. Да престанеме Скопје да го бетонираме, да прогласиме мораториум за градење во центарот, да отвораме паркови, наместо молови. Не може цела Македонија да живее во Скопје, тоа е недозволиво. Наместо во метропола, ќе живееме во некропола, во метафорична смисла на зборот. Градењето е погрешно, велат архитектите. Скопје котлина, па не смее да се вгнездува во ѕидини. Ни требаат институции кои ќе бидат надлежни за надзор, чие експертско мислење ќе се слуша и почитува. Мора да се направи сојуз со невладините организации, со експертите. Ни треба системски пристап. Илјадници луѓе умираат од загаден воздух: Секој од нас е засегнат, секој од нас е иден пациент и мртовец. Катастрофа! Под итно треба да се посегне по краткорочни мерки, а потем и по среднорочни и долгорочни итн. меѓутоа Знам дека се 6 месеци кусо време, но немаме време соочени со смртта. Во Советот за безбедност вклучив и експерт за климатски промени, за метеорологија.
Хигиената е особено тажна приказна: лична, природната, општествената, менталната. За жал, не ги учиме децата како Јапонците. Вреди да се угледаме на нив: прво чистат околу себе, па одат на работа. Или, колку пати амбасадорите, но и невладини организации организираа акции за собирање смет? Ние, сè уште не го решивме проблемот со депониите, заради кавгите каде да бидат лоцирани.
Ни треба стратешки пристап. Генерации пред нас пошумуваа, а ние ги исековме нивните шуми, или ги запаливме. Ни треба договор со природата, Природен договор за каков пишува Мишел Сера, со кој ќе ја третираме природата како рамноправен партнер! Постари се билките и животните од нас. Да не откриеме дека се поумни еден ден. Штитејќи ги и негувајќи ги нив, се заштитуваме себеси.
Среќна Нова година!