Изјава за медиумите и одговори на новинарски прашања во Тетово пред одржувањето на манифестацијата „Тетово прославува – Тетовско културно лето 2025“

25 јули 2025 | Интервјуа

Прашање: Со група граѓани разговаравте во вашиот Kабинет на темата промена на имиња на улиците. Евe ја приликата со градоначалникот, може ли да ни доловите што би му пренеле претпоставувам во разговорот?

Претседателката Сиљановска-Давкова: Добро, поводот е друг, морам да кажам, дека пред неколку дена ме посети градоначалникот и ме покани да бидам дел од еден прекрасен настан „Тетовско културно лето“. Со задоволство ја прифатив поканата и еве овде сум. А што се однесува до вашето прашање – да, добив писмо, мислам дека писмото не беше само до мене упатено, туку до сите државни институции. Во писмото ме информираат околу промената на имињата на улиците и плоштадот, укажувајќи дека треба да биде во инклузивен модел, односно во инклузивен процес, т.e. да бидат вклучени сите граѓани, без оглед на етничката и верската припадност бидејќи сите треба да се радуваат и да се идентификуваат со имињата, што ќе рече, дека за мене, претпоставувам и за градоначалникот има имиња, називи што обединуваат, а не разединуваат, имиња и називи што на граѓаните без оглед на каква било припадност им значат нешто. И јас реков дека да, не очекував да ме прашате сега ова, меѓутоа да, кога ќе се видам со градоначалникот ќе разговарам и за ова прашање. Сигурна сум дека штом ме покани мене на ваков настан, дека има разбирање и за дилемите што мене ми ги предочуваат. И мислам дека тоа ќе се реши така како што треба, граѓански, инклузивно, со консензус, оти секогаш велиме дека тоа таканаречено двојно мнозинство или Бадентерово мнозинство, подеднакво важи и на централно и на локално ниво, и дека никој не може да биде и не треба да биде исклучен кога се решава за прашање што директно го засега идентитетот, а со тоа и интегритетот на сите луѓе. Еве и меѓу останатото, една од причините што сум овде е таа, да покажам дека јас сум претседателка не само на граѓаните во Скопје, туку на сите граѓани, без оглед на припадноста и дека сум подготвена да одам и таму каде што градоначалниците не се од македонска етничка припадност бидејќи тоа е ирелевантно за граѓанското општество. Проблемите се исти секаде, ги засегаат сите луѓе. И така треба да се однесуваме ние.

Прашање: Претседателке во изминатиот период токму во вашиот Kабинет имавте средба со независните советници. Со одлуката на Уставниот суд, тие се наоѓаат во некој вакуум-простор за учество на следните избори, па почнаа да формираат, има веќе најава дека од независни ќе станат политички партии. Кој е Вашиот став за ова?

Претседателката Сиљановска-Давкова: Е, за ова сум поподготвена бидејќи за среќа или за жал, изборите ми се специјалност. Да, побараа да се видиме и се разбира средбата се оствари. Во право се тие, во право сте и вие, кога велите дека во моментов се наоѓаме во состојба на правен вакуум или правна празнина бидејќи Уставниот суд укина два члена од Изборниот законик, членот 17 и членот 18. Тие се донесени некаде во март, мислам, можеби ќе згрешам, ама 2024 година. По 19 години поинакви членови, кои не предизвикуваа кај граѓаните што мислат дека партиите не се по нивна мерка, па се определуваат за независни листи, немаше значи, ниту оние коишто формираа независни листи, ниту самите граѓани, немаа ништо против. Го укина, значи, Уставниот суд.

Укинувањето беше заради скратената постапка. Меѓутоа, Уставниот суд во аргументацијата на одлуката наведува низа од причините или низа од проблематичните решенија што мора да се земат предвид. Постапката скратена. Изборен законик е неверојатно важен правен акт. И секогаш се вели дека треба да се оди по консензус кога се градат решенијата, консензус кога велам, мислам и на власта и на опозицијата. По скратена постапка беше и сега, исто така, повторно по скратена постапка, не ми е јасно зашто. Точно е дека, од она што го знам, постои некаков консензус меѓу партиите на власта, ама и на опозицијата, околу новите, новопредложените решенија. Меѓутоа, заради двојното мнозинство, мислам дека сѐ уште не е донесен, не се изгласани овие решенија. Инаку, доколку останеме со правен вакуум, морам да кажам дека независните листи или кандидати, повторно ќе можат да се формираат, бидејќи членот 60 не е укинат. А во членот 60 се вели дека кандидати на локалните избори може да предложат политичките партии, ама и граѓаните, преку независни листи. Значи, одговорот би бил, дека тогаш нема да има потреба ниту од потписи. Така е сегашната ситуација.

Доколку се изгласа новиот предлог, тој за којшто постои согласност изгледа меѓу власта и опозицијата. Како некој кој навистина ја знае оваа проблематика, морам да укажам на следново: кога Уставниот суд ги набројува прашањата што мора да се проучат пред да се измени Изборниот законик, укажува на што? – Укажува на меѓународните акти важни за ова прашање. Укажува на Хелсиншкиот документ, укажува на правилата на ОБСЕ, укажува на правилата или кодексот на добри изборни практики на Венецијанската комисија. Сите тие велат дека – да, може да се поставуваат услови за листите, но тие не смеат да бидат дискриминаторски и треба да ги стимулираат граѓаните. Особено кога зборуваме за локално ниво. Факт е дека најмногу независните листи или претставниците на независните листи се посветени на заштитата на, еве знам и за Тетово, животната средина. И, сега гледајте, вие споменавте политичка партија. Некако кога не е многу активен ДОМ, партијата што се занимаваше најмногу со заштита на животна средина, се отвори простор. Е сега вистина, 1 000 потписи се помалку од 3 500, односно се помалку од 4 500 и сега дилемата е вистина, дали тука не постои дискриминација. Значи, јас ги замолувам пратениците, а да заборавив, сум била член на Венецијанската комисија, тој кодекс на добри изборни практики, вели дека најмногу 1% од избирачите во општината треба да се толерира како услов при собирањето на потписите. Значи, јас затоа разговарав и со претседателот на Собранието (и сега посакувам час поскоро да ни оздрави), бидејќи го знаете неговиот став, тој исто така има разбирање – против дискриминација е. Значи, ги замолувам пратениците. Јас ги знам, на памет да ме прашате сега, сите како изгледаат по потпис.

Најзасегнати се најмалите општини. Колку е помала општината, толку отстапувањето од 1% е поголемо. И сега, еве во интерес на вистината, ќе кажам дека само кај Скопје е под 1%. Дали беше 0,75 или 0,55 – кај сите, други е над. Зошто ние да не се усогласиме со европските стандарди? Оти кога ќе ги видите листите во државите, ќе видите многу мали проценти или бројки. Зошто е тоа така? За да се активираат граѓаните, особено на локално ниво, да учествуваат во политичкиот живот.

Оти, политиката не е врзана само за тоа. Политика е да можат сите да учествуваат во процесот на одлучувањето. Значи, го чекам претседателот, уште еднаш да разговарам со него. Јас се консултирав со речиси сите лидери на политичките партии, ама и со луѓето во Парламентот и со опозицијата, морам да кажам. Укажав на ова, со сите разговараа претставниците, кај мене мислам дека дојдоа, токму од советниците коишто сега велат дека ќе формираат политичка партија, „Зелен град“ или така некако се викаше, ги сослушав нивните аргументи. Ама ги знам јас тие аргументи. Значи, ако 19 години од 2006, кога е донесен Изборниот законик, до 2024 година, функционирал еден систем и задоволни биле, зошто сега ние наместо да направиме чекор напред, да одиме чекор назад или во место бидејќи повторно Уставниот суд може да го стори тоа што веќе го стори.

Прашање: Уште едно прашање, вчера во Тетово имавме еден немил настан, каде што жена беше спречена од полицајци да се самоубие. Па, дел од јавноста, нели, граѓанските организации го покренаа прашањето, повторно, за ранливоста на жените во нашето општество. Еден ваш став до каде е таа проблематика, тема.

Претседателката Сиљановска-Давкова: За жал, и тука мораме да исчекориме. Се израдував деновиве, кога видов дека и во Италија, веќе кривично дело фемицид има. Ние имаме, иако не е во Кривичниот законик именувано како фемицид, ама ја имаме таа квалификација и за жал, повеќе пати, инаку страшно, во пораст е фемицидот, за жал. Повеќе пати, судиите, наместо да посегнат по таа квалификација, наоѓаа некоја друга полесна квалификација. Како жена сум најостро против тоа.

Прашањево е болно за мене бидејќи ние влегуваме, верувале или не, мислам дека во групата од пет држави, а тоа не е пристојно друштво, каде што има во голем степен модерно ропство. Современо ропство, тоа значи злоупотреба на жените, да, кои се примамуваат на друг начин за работа, а потоа се принудени да се занимаваат со проституција, за жал. Потребна е, ми се чини, една заедничка регионална акција, нешто можеби и со помош на Интерпол, се разбира, за да ставиме крај на ова. Не е пристојно на картата во светот да бидете во држави каде што се толерира модерно ропство. Јас мислам дека министерот за внатрешни работи, мој студент инаку, не смее тоа да го дозволи и треба да се зафати со една сериозна акција за да ставиме крај на ова. Бидејќи деновиве се сеќавате, исто така светските, сите весници информираа за сличен настан некаде во арапските држави. Исто така, за лице кое било подготвено да го жртвува животот, многу грдо е ако и кај нас се случува ова. Значи акција барам, го осудувам, ние жените треба први да се спротивставиме на ова, ама заедно, мислам дека сите треба. Оти чув дека некако низ регионот се движеле истите лица. Мислам, страшно е тоа. Страшно е сознанието.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Државата Израел, Вивиен Аисен

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Државата Израел, Вивиен Аисен

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Вивиен Аисен, вонредна и ополномоштена амбасадорка на Државата Израел, со седиште во Ерусалим. Изразувајќи благодарност за...

Проштална средба на Сиљановска-Давкова со словачкиот амбасадор Маркуш

Проштална средба на Сиљановска-Давкова со словачкиот амбасадор Маркуш

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш на проштална средба. Сиљановска-Давкова изрази искрена благодарност за посветената служба на амбасадорот и неговиот значаен...

Сиљановска-Давкова на манифестацијата „Тетово прославува – Тетовско културно лето 2025“

Сиљановска-Давкова на манифестацијата „Тетово прославува – Тетовско културно лето 2025“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Тетово присуствуваше на македонската вечер во рамките на годинашната културно-уметничка и спортска манифестација „Тетово прославува – Тетовско културно лето 2025“. ...

Сиљановска-Давкова ја прими претседателката на Здружението „Јас Сум Жена“, Дукоска

Сиљановска-Давкова ја прими претседателката на Здружението „Јас Сум Жена“, Дукоска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Ана Дукоска, претседателка на Здружението за вмрежување на жени, едуцирање и истражување „Јас Сум Жена“. На средбата, Дукоска ја информираше со реализираните иницијативи и...

Сиљановска-Давкова ја прими раководителката на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, Дрогрешка

Сиљановска-Давкова ја прими раководителката на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, Дрогрешка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими раководителката на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, Катерина Дрогрешка, која ја информираше за работата, активностите и проблемите на најстарата сеизмолошка...