Сиљановска-Давкова по средбата со Милановиќ: Нема место за двојни стандарди во евроинтегративниот процес

24 март 2026 | Соопштенија

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Загреб беше пречекана од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, со што започна нејзината дводневна официјална посета на земјата.

Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и хрватската делегација во чиј фокус беа традиционално пријателските билатерални односи.

На заедничката прес-конференција Сиљановска-Давкова истакна дека членството во Европската Унија останува една од стратешките определби на државата и се заблагодари за пријателскиот однос, поддршката и разбирањето од страна на Хрватска, како и за помошта во отворањето нови перспективи и можни решенија во процесот на европска интеграција.

Претседателката нагласи дека државата доследно се водела од Копенхашките критериуми, со цел да изгради функционален и демократски систем компатибилен со европските стандарди.

Според неа, евроинтегративниот процес мора да остане заснован на заслуги, реформи и исполнување на европските критериуми, а не да биде оптоварен со билатерални историски, културни, јазични и идентитетски прашања.

Таа порача дека очекуваме еднаков третман и примена на исти стандарди како и за другите земји кандидати, со уверување дека во европските институции сè уште постои слух за аргументите, за правото и за достоинствено место на секој европски народ во Унијата.

Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова:

Најпрво, искрена благодарност до претседателот не само за срдечниот прием, туку за отворената, конструктивна, луцидна расправа, и над сѐ, пријателска. Спомeна важни прашања кога ние, како во едно од стратешките предизвици го одредивме членството во ЕУ. Се раководевме од еден ноторен факт дека отсекогаш сме биле дел од Европа географски, историски и културно и дека е сосема логично да го крунисате ова единство со уште едно, односно со политичко.

Се разбира, политиката е далеку од уметност на можното денеска, туку е повеќе она што власта го нарекува кој, кога и како добива. И за жал, нашиот пат кон ЕУ се трансформира во маратон. Можете да замислите кандидатскиот статус, го добивме во 2005 година и во онаа чудна синтагма на Западен Балкан, и денеска не знам што значи, која се роди, а… Знам всушност, геополитичка синтагма, периферија на периферијата, и сега чудно е, бившите југословенски држави, минус Словенија, па потоа бившите југословенски држави, минус Словенија и минус Хрватска, плус Албанија, и тоа е што би рекле Англичаните нешто, changing, чудно нешто.

И во еден момент ќе остане празна. Определбата беше дека политичкиот систем на ЕУ, низ призма на Копенхашките критериуми, утврдени уште во далечната 93 година, може да нè направи компатибилни со регионот, ама и компатибилни во европски рамки. И вистина, посветено, тргнавме на тој пат.

Само податок. Може ли, 20-тина и повеќе сме добиле позитивни годишни извештаи и препорака и од Европскиот Парламент, и од Европската Комисија за почеток на преговори. И никако да дојде до преговорите, најчестите барања од нас се најчудните – промена на Уставот, замислете, актот на сувереноста Уставот, највисокиот закон-законот над законите, општествената повелба на граѓаните, треба да се смени, иако, како во секој Устав, и во нашиот пишува дека иницијатива за промена може да покренат претседателот, 30 пратеници или 150.000 граѓани и владата, не пишува Европската унија, а уште помалку дека може тоа да го направи некој од соседите. Тоа е огромен предизвик.

Европската Унија понекогаш примала членки за кои и Парламентот, и Европската Комисија велеле не, и добар чекор направиле бидејќи помогнала во демократизацијата. Значи, веќе претседателот рече, на овој пат се разбира ние размислуваме за сите можни решенија, меѓутоа, кај сите политички партии во програмите, една од стратешките определби е Европската Унија како заеднички дом, нели? И ние, исто така, граѓаните кај нас, околу оваа синтагма, околу ова барање се обединуваат. Се разбира, она што го бараме ние е многу едноставно, исти стандарди, какви што се барале од вас, или какви што се бараа и од другите членки. А тоа се Копенхашките критериуми. Меѓутоа, ние добиваме барања кои што се однесуваат на историјата, на културата и на јазикот, или на идентитетот. А во преамбулата на договорот за Европската Унија јасно пишува дека ЕУ ги признава, бидејќи е единство на различностите, и ги почитува историјата, културата, јазикот на другите народи, па дури и уставните и политичките структури, а особено дигнитетот и интегритетот на граѓаните. Се разбира јас барам совети и мислења кои се засновани на сопственото искуство, истото го барам и од оние коишто веќе од регионот чекорат напред, како Црна Гора и Албанија, и повторно забележувам разлики. Значи, разликите се врзани за ветото и за консензуалното одлучување во рамките на Европската Унија, се разбира, мене ми е јасно дека тоа не може да се смени преку ноќ, бидејќи треба да се менуваат уставните документи, но она што го бараме ние скромно, како држава, како нација, е да нема двојни стандарди и да се вреднува она што се вреднува и кај останатите.

Јас ви благодарам за пријателскиот однос, за поддршката, за помошта на отворањето на нови перспективи или укажувањето на различни решенија и можности, особено денеска во овој чуден свет во кој што најмалку има владеење на право, реално политиката се претвори во дарвинистичка, кантовиот вечен мир стана тукидитовиот свет во кој што силните го прават тоа што можат а слабите тоа што мораат. Ние сме во оваа втора категорија. Меѓутоа има прашања за кои навистина не може и не треба да се разговара, но се разбира, еве, јас во моментов велам дека ако проширувањето не е само прашање политичко, економско, културно, туку е безбедносно прашање денеска, бидејќи некако секогаш кога имало големи турбуленции во светот се прекршувале на Балканот, јас исто така мислев и сѐ уште верувам дека има сѐ уште bona fide пристапи, сѐ уште можности нам да ни се овозможи да се натпреваруваме како и сите други во освојувањето на владеењето на правото, поделбата на власта, демократијата, почитувањето на човековите, вклучувајќи ги и малцинските права, за да можеме навистина да го препознаеме местото во европското семејство. Не го препознавам во моментов, но ме теши фактот дека сепак ЕУ не е заедница полити на европскиот демос, го нема европскиот демос, а демократија без демос нема, тоа е политички систем sui generis, со исто така сериозни демократски проблеми. Меѓутоа, еве јас велам дека во моментов ние сѐ уште, можеби наивно, очекуваме разбирање на нашата улога, можеби замислете, ние имаме стопроцентно заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ, така што тоа некако е компатибилно со вашата теза за Бергман и за филмот, но мислам дека во овој реален свет на прагматични политичари, ние очекуваме можеби исчекор.

Ќе го цитирам францускиот претседател Макрон, кој можеби како мене, кога ќе се најде пред студентите, на Сорбона, поинаку размислува и тврдеше дека ЕУ не е бирократска и политичка машинерија, туку дека е заедница, филозофија. Филозофија без принципи и вредности нема.

Јас сѐ уште се надевам дека во Европскиот Совет, во Европската Комисија, во Европскиот Парламент, има навистина Европјани кои веруваат во силата на аргументите и дека веруваат во правото на секој народ и на секоја нација, особено оние за кои не треба да докажувате дека се европски, па да го најдат своето место меѓу нив. Се разбира во меѓувреме, вака, врз основа на совети, врз основа на разговори, врз основа на искуства, ние трагаме по заеднички, но во секој случај, европски решенија.

Уште еднаш, благодарност до претседателот, но особена благодарност до хрватскиот народ за пријателството, благодарност за разбирањето, за добросостојбата на македонските граѓани, кои во Хрватска нашле втор дом, за поддршката и мислам дека многу работи денеска повторно научив, слушајќи.

Благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на Сиљановска-Давкова со Урсула фон дер Лaјен, претседателка на Европската Комисија

Средба на Сиљановска-Давкова со Урсула фон дер Лaјен, претседателка на Европската Комисија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лaјен, која е во посета на земјава. Најпрво, Гордана Сиљановска-Давкова изрази благодарност за растечкиот интерес и посветеност на Европската унија...

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Националниот молитвен појадок

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Националниот молитвен појадок

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претставници на Националниот молитвен појадок, којшто е посветен на разбирањето, простувањето, помирувањето и заедништвото преку заедничка молитва. За првпат, во 1953 година, претседателот Ајзенхауер...

Сиљановска-Давкова до бруцошите: Вреди да се студира, предава и живее на УКИМ, како заеднички дом на професорите и на студентите

Сиљановска-Давкова до бруцошите: Вреди да се студира, предава и живее на УКИМ, како заеднички дом на професорите и на студентите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свеченоста по повод почетокот на новата академска 2026/2027 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. [gallery...

Сиљановска-Давкова со студенти од Колеџот на Европа: Дијалог за европската интеграција и иднината на регионот

Сиљановска-Давкова со студенти од Колеџот на Европа: Дијалог за европската интеграција и иднината на регионот

Во Вила Водно, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со студенти од Колеџот на Европа во Тирана, кои престојуваат во земјава, во рамките на студиска посета посветена на влијанието на европската интеграција врз трансформацијата на земјите од Западен...

Сиљановска-Давкова на 22. Европски самит во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на Европската Унија

Сиљановска-Давкова на 22. Европски самит во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на Европската Унија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на 22. Европски самит во Салцбург, денеска се обрати на сесијата на тема „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“. Таа говореше за иднината на европскиот проект, стратешките предизвици со коишто се соочува...