Прашање: Претседателке, можност во нашата амбасада овде, во Тирана, средба со претставници на нашинците, кои се нивните да речам, условно кажано, некои забелешки имаат. Што ви пренесоа, каква е ситуацијата овде во Албанија на македонското малцинство?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Самата албанска држава или самата албанска власт, како што ни е познато, врз основа на Законот за заштитата на правата на малцинствата, им овозможува на малцинствата да можат да ги реализират своите интереси. Се разбира најважно е колку ние ги слушаме или колку ние се среќаваме со нив, колку разговараме за нивните вистински проблеми, а тие се енормни и сѐ уште растат. Навистина е големо задоволство и обврска за претседател, за претседателка да ги чуе овде релевантните претставници што мислат и што предлагаат.
Тоа е нешто што мора да нѐ обврзе, особено што е факт дека ние имаме и во Комитетот за заштита на правата на малцинствата свој релевантен и гласен претставник. Во Албанија, како што знаете, има можност и за формирање на партии врз етничка основа и тука сме ние претставени. Исто така, она што е најважно во моментов ми се чини, е донесената одлука, еве точно за да не згрешам, за утврдување на критериумите, документацијата и постапките за собирање на податоци за идентификација на лица кои припаѓаат на националните малцинства.
Значи во оваа одлука се утврдени критериумите и ќе им се овозможи на сите припадници на националните малцинства слободно да го изразат, да ја изразат националната припадност, односно малцинството на кое припаѓаат, јазикот на којшто зборуваат, како и дали направиле некаква промена во нивното име или презиме. Вака ова изгледа многу демократско, меѓутоа за да ставите забелешка на начинот на којшто ќе се одвива оваа постапка или да имате приговор на резултатите, потребно ви е да имате двотретинско мнозинство зад себе, што е многу тешко за остварување. Ако некој е засегнат од оваа постапка, тогаш тоа се припадниците на македонското национално малцинство.
Прашање: Дали упатија некои други барања во однос на нивните потреби, поддршка или проблеми со коишто се соочуваат?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Се разбира, логично ви е прашањето. Сите ние знаеме дека барањата соодветствуваат на проблемите, само изгледа крајно време е ние да одговориме на овие проблеми, кои се за нас и за нив, или чие решавање за нас и за нив е важно, а воопшто ми се чини не е голем проблемот. Кој би бил проблемот да го правите вие она што сите држави го прават во однос на националните малцинства во поглед на издавањето на државјанство на пример? Кој е проблемот вие да отворите повеќе гранични премини? Кој е проблемот вие на пасошите на кои им е истечен рокот, да им го продолжите рокот? Кој е проблемот вие, како држава се разбира, да интервенирате во доделувањето на пасоши, на луѓе коишто имаат потреба од тоа? Тоа го прават сите во нашиот регион, ама го прават и во светот. Или кој е проблемот да помогнете понекогаш во изучувањето на македонскиот јазик? Да отворите, имаме ние еден лекторат, но да отворите повеќе лекторати. Кој е проблемот онаму каде што има припадници на македонското малцинство да отворите конзулат, уште некој? Не е тоа голем проблем. Тоа е проблем врзан за идентитетот. Оти навистина е шокантно луѓе кои со векови се декларирале на овие простори како Македонци и во добро и во зло, сега да ја сменат определбата под притисок на економските потреби.
Прашање: Дали вие како претседател ќе иницирате, ќе помогнете за решавање, барем на оние работи коишто се нивни барања или што вие ги набројавте за да можат да почнат да се решаваат?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Не би била овде јас ако не сум дошла со цврста намера, не само да ги сослушам, туку и да го пренесам до надлежните она што е насушна потреба, веднаш, уште овие денови. Бидејќи секогаш има некој побрз, како велиме ние, ако во меѓународната политика нема празен простор, истото се однесува и во меѓусоседската политика. Ние имаме добри односи со Република Албанија, ние имаме разбирање од Република Албанија, се разбира дека во рамките на ова разбирање, треба да продолжиме онаму каде што некој застанал погрешно, кога морал да биде уште поактивен. Бидејќи не ги собрав јас овие луѓе овде, туку тие луѓе побараа средба за да ги изразат своите проблеми, за да ја манифестират својата приврзаност, и се разбира дека она што е дел од нивниот живот, од нивниот идентитет, каде и да се, тоа е македонскиот идентитет, да може да си го пренесат и на следните генерации. Ние сме тука обврзани да помагаме.
Прашање: Претседателке, да прејдеме тогаш малку на истокот во однос на овие прашања, во релацијата, разговорите со Бугарија, она што беше впечатливо барем кај нас медиумите на заедничката вчерашна прес-конференција, мислам, чинам дека непотребно претседателот Радев ја злоупотреби положбата па се обрати директно до вас во однос дека нема вето од Бугарија кон Македонија и дека никогаш не се поставувале дополнителни услови. Иако немаше на моето прашање, возврат, дали евентуално некоја изјава дале дека никогаш повеќе такво нешто нема да се случи, и какви се очекувањата во однос на она што бугарски пратеници го предлагаат како амандмани во извештајот за Македонија? Што може да се очекува во наредниот период? Може ли да се најде некакво решение?
Прашање: Прво ако може ваш коментар, околу неговата изјава, на претседателот Радев што вчера ја даде, а потоа дали може да очекуваме, еве денеска и премиерот го повика, во насока на неговата изјава бугарските парламентарци да ги повлечат амандманите, како прв чекор.
Претседателката Сиљановска-Давкова: Видете, јас никогаш не коментирам изјави на прес-конференции, не, стоечки ги слушам. Ние жените умееме повеќе да слушаме од мажите, тоа е прво. Но никогаш не заборавам да ги изразам ставовите, тие не се само мои лични, тие се национални ставови. И не се само национални туку се европски ставови. Не јас, тука Европската Унија, побара од неколку тинк-тенкови, европски, меѓу кои и Eliamep од Грција, да изработи анализа и да предложи решение за надминување на опасноста од билатерализацијата, односно за употреба и злоупотреба на ветото во процесот на проширувањето, бидејќи денеска проширувањето не е само европска демократска потреба, туку е насушна потреба за стабилизацијата и безбедноста на регионот.
Јас тоа го објаснив во тркалезната маса вчера. Се разбира, на пресот, ние тројцата, што правиме? Правиме сиже на она што сме го предложиле, нотирале, направиле, ние двајцата во текот на претседавањето, јас па господинот Бегај, и сега новиот претседавач Бугарија, односно во името на Бугарија, нејзиниот номинален шеф. Значи, апсолутно репликата, ако може така да се каже, не ми е упатена мене, туку всушност е реплика на она што го прави и мора да го прави Европската Унија за да покаже дека во моментов нема поважна политика од политиката на проширувањето и дека таа е неразделна од заедничката надворешна и безбедносна политика, а ние многупати сме посочени како држава која што е целосно усогласена со европската надворешна и безбедносна политика.
Значи, едно е какво е личното државно доживување, а друго е каква е реалноста. Јас тврдев, тврдам, ама знам и дека сите европски политичари се свесни дека тажната неевропска македонска приказна нема да застане на нас, ќе биде една од следните приказни и покрај и моето радување за напредувањето на некои држави во регионот. Значи, повторувам како што повтори и мојот колега италијански, дека ние не смееме да бидеме жртва на идентитетските прашања.
Идентитетските прашања се надвор од било која преговарачка рамка, бидејќи се надвор од договорот за ЕУ, од Лисабонскиот договор и од Повелбата за фундаментални права. Таму се гарантира националниот и културниот идентитет, не само на членките на ЕУ, туку и на кандидатите на ЕУ. Значи, ние не бараме никаков ексклузивен статус. Ние бараме стандардно однесување. Во духот на она што јас постојано го повторувам, сакам да живеам во стандардна европска држава. Не сакам да биде мојата држава исклучок од сите други. Правилата треба да важат за сите. Значи, не го коментирам, тоа беше, веројатно, не знам таква одлука или потреба. Јас не реагирав, но тоа не значи дека се согласувам. Тоа јас го истакнав во текот на разговорот.
Ви благодарам.