Изјава за медиумите и одговори на новинарски прашања по конференцијата „25 години родови податоци“ на Државниот завод за статистика

3 јуни 2025 | Интервјуа

Претседателката Сиљановска-Давкова: Многу важен ден. Можете да замислите 25 години родова статистика и 80 години Завод за статистика. Туку што коментирав прв пат среќавајќи го новиот директор. Во Заводот за статистика работеле и ќе работат многу добро квалификувани луѓе. За кои потоа сите други посакуваат да дојдат кај нив. Тоа е за одбележување.

Зошто е важна родовата статистика? Јасно ви е. Бидејќи зад секој податок стои еден живот. Обично во статистиката ги немало и сé уште ги нема најранливите, тие се невидливи, најслабите, а мора да ги има. Зошто, таа треба да биде, не неутрална, туку навистина треба да ги следи подеднакво животите на сите категории.

Она што е најново, а што не го знаев, дека она што се следи сега, како го викате вие во економијата, социјалната положба, беше меѓу последните…, тоа се исто така важни податоци. Јас сосема се согласувам со сите соговорници, соговорнички и еден соговорник, дека кога креираме политики, тие треба да бидат базирани на факти и на податоци. Не говориме за бројки, повторувам, говориме за реалност.

И мислам дека тоа, од она што го чув, го прави нашиот Завод за статистика, неговата работа е компатибилна и компарабилна со сите други заводи за статистики. Видовте колку гости имало вчера овде. Значи уште еднаш, голем ден. Без статистика нема развој, без статистика нема политики во ниту една област, без статистика не може да се види рамноправноста или нерамноправноста, дискриминацијата или недискриминацијата.

И јас од срце им честитам и на Заводот на статистика и на сите кои се бават со статистиката за тоа што го прават животот подобро организиран, попредвидлив.

Прашање: Претседателке очекувате ли поддршка на резолуцијата која ги гарантира македонскиот идентитет и македонскиот јазик во Европскиот парламент?

Претседателката Сиљановска-Давкова: Се разбира дека очекувам, се разбира дека очекувам поддршка. Но, искрено не очекував во 21. век во Европскиот парламент да прочитам или да чујам некои амандмани. Замислете во 21. век да оспорувате нечиј идентитет. Тоа е непознат феномен. Особено што седите во институција која е дел од Европската Унија, во чии основни конститутивни документи како договорот за ЕУ, како Лисабонскиот договор, како Повелбата за фундаменталните права се гарантира почитувањето на националниот и културниот идентитет, на човековиот дигнитет и интегритет. Тоа е нешто шокантно. Очекувам, значи, да биде поддржана, зошто во спротивно тоа многу лошо ќе зборува за демократскиот капацитет на Европскиот парламент.

Прашање: А како го коментирате носењето на бугарската резолуција или резолуцијата во Бугарскиот парламент? Дали е за вас прифатлива таа „сегашна македонска нација“, којашто ја предлага Бугарија?

Претседателката Сиљановска-Давкова: Значи уште една, уште една. Веќе имало, знаеме, неколку резолуции, меморандуми и сите се повикуваат на нив. Се разбира, навредливо е, навредливо е такво нешто да се направи. Зошто? Бидејќи во стартот го оневозможувате, заедничкото чекорење низ дијалог. Суштината на преамбулата во Договорот за добрососедство и пријателство е таа, да помагаме, можете да помогнете некому со разбирање. Значи, мислам дека не е во ред. Се разбира, во друга држава сега би следела иста таква декларација во Парламентот, меѓутоа мислам дека аргументите што ги изнесуваме, иако полно велат, ништо не сме правеле во овој период, јас тврдам дека немало претседател, немало министер, премиер со кој сум седела, а не сум му ги објаснила нашите позиции, ама не низ призма на нашиот Устав, туку низ призма на нивните уставни документи. Ако не се почитуваат тие, тогаш не може ЕУ да биде филозофија, оти филозофија, што би рекол господинот Макрон, ама и студентите на Сорбона, без почитување на принципи и вредности нема. Без нив Европската Унија не е заедница полити, туку е политичка и бирократска машинерија. Тоа не треба да биде ЕУ и сите сакаме да бидеме во ЕУ, заради тоа што е инспиративна или според актите, а и според постапувањето, токму во поглед на почитувањето на овие принципи и вредности.

 Прашање: Претседателке кон крајот на месецот е закажан самитот на НАТО во Хаг. Имате ли во меѓувреме потврда за онаа очекувана средба меѓу Вас и бугарскиот претседател?

 Претседателката Сиљановска-Давкова: Не можам точно да ви кажам, но јасно ви е дека не само овде, не само во Брисел, не само во некои главни градови, за тоа се разговара. Еве јас и кога бев во, на посета на Казахстан, исто така разговарав за овие прашања, со многу од присутните таму.

 Прашање: Во Собранието помина договорот влада со влада меѓу Македонија и Велика Британија. Ваш коментар околу овој договор.

Претседателката Сиљановска-Давкова: Го прочитав договорот. Ако ме прашувате суштински, договорот е извонреден. Прво, нé факторизира геополитички на Балканот, не сме сами. Да потсетам, најголемиот дел од инвестициите британски на Западен Балкан, се токму во Македонија. Одете назад низ историјата, кај Вилијам Гледстон, ќе видите разбирање. Одете низ историјата, кога е во прашање присуството, ако сакате и на АВНОЈ и на АСНОМ, ќе видите дека и таму има присуство британско. Значи, договорот не е како некои договори склучен од погрешни субјекти – јас одговорно тврдам дека договор за промена на име не може да биде склучен од министер за надворешни работи, ама беше склучен. Значи, во Уставот јасни се членовите 118, 119 и јасно е дека договорите ги склучуваат меѓународните – шефовите на државите, а кога е тоа утврдено со закон и владата. Токму во законот за надворешни работи се наредени сите овие области: инфраструктура, економија, ИТ сектор, нешто друго, здравство и така натаму, училишта, да – сé се тоа капитални инвестиции, коишто нас не прават посилни во натпреварот и не нé оставаат сами. Она што е во договорот техничка грешка, техничка грешка само во англиската верзија е – тоа што значи пред потписот на заменик премиерот, односно министерот за транспорт и врски, стои „потпретседател на државата во името на Владата“. Тоа е техничка грешка и јас мислам дека овие денови, утре-задутре, тоа преку обична размена на ноти или информации може да се отстрани, согласно се разбира Виенската конвенција за договорно право, го заборавив, член 76 мислам, исправање на технички грешки. Инаку, мислам дека договорот е сосема во ред. Ако ја погледнете содржината внатре, ќе забележите и нешто друго во поглед на процедурата, што не сме го имале често пати. Тоа е дека доколку дојде до раскинување на договорот, инаку секој договор може да се раскине, не убедуваа дека такви нема, овде има таква одредба, тогаш започнатите работи продолжуваат. Треба ли да потсетам на многу објекти низ државава кои останаа така, недовршени, заради тоа што немаше во договорите исти такви одредби. Тоа е, мислам дека е добро и понатаму значи ќе продолжи работата доколку дојде до ова, е сега јас ги поздравувам договорите. Денеска ќе го видам амбасадорот на Обединетото Кралство. Мислам дека ова на некој начин ќе не направи поинтересни, се разбира и во регионот и попросперитетни бидејќи, конкретно, ако видиме дека се работи за капитални инвестиции, тоа е нешто што води прогрес. Кога одите напред, кога имате гаранција дека тоа можете да го реализирате и односот кон вас се менува, барем така јас мислам.

Прашање: Претседателке, кои се Вашите очекувања околу европскиот извештај за напредок на земјава којшто треба да биде објавен?

Претседателката Сиљановска-Давкова: А утре, така. Па, го знаете за напредокот на земјава, да. Тоа се редовни, значи тоа е еден извештај во којшто мислам дека реално ќе биде насликана ситуацијата. И до сега таквите, извештаите биле такви. Но мислам дека овој пат како да има многу поголема ангажираност и посветеност на сето ова и одговорност, можеби затоа што зборуваме, значи за извонредно познавање, за добра намера, ама и за разбирање на сите процеси и односи што се случуваат. Мислам дека тоа е важно, многу важно е. Кога ќе читате еден извештај, да видите дека е реален, да му верувате на извештајот, да видите дека некој одговорно се однесувал кон интерпретацијата, кон собирањето на податоците, оти тоа е здраво и стимулативно и за нас, ама и на сите други.

Прашање: Уште едно прашање. Што беше клучно во Вашиот избор за новиот гувернер и како го коментирате ставот на опозицијата дека тој не бил компетентен поради тоа што бил долгогодишен партиски кадар?

Претседателката Сиљановска-Давкова: Квалификацијата воопшто не ја прифаќам. Инаку вие знаете дека јас преферирам жени, тоа го повторувам. Да, јас имав долг разговор со сегашната гувернерка. Да, јас ја почитувам неа, но ги почитувам и другите двајца кандидати. Ќе речете па каде е вашиот кандидат, имав и свој кандидат и кандидатка, но мора некогаш да бидете реални, реални, бидејќи кога е во прашање нивниот кредибилитет и интегритет, не е туку така да ги предложите и да не поминат на гласањето. Не се во право во поглед на професорот Трајко Славески од многу причини. Прво, самиот закон за Народна Банка не предвидува услов – пет години претходно, има некои држави 10 години да не сте биле на партиска функција и така натаму, туку вели во текот на мандатот да немате партиска функција. Второ, видете, проблемот со партизацијата се појавува тогаш кога на вистински места доаѓаат погрешни луѓе врз основа на споил системот. Значи, неквалификувани, нестручни и некомпетентни доаѓаат на високи функции. Тоа за професорот Славески, мислам дека не е во ред да се рече. Се работи за професор, ние и сме имале и претходно гувернер извонреден којшто бил лидер на партија, господинот Петар Гошев, извонреден гувернер. Значи професор и тоа не професор од некој од интересните факултети и универзитети, туку професор со признание ширум светот, професор со знаење, професор за кој не може да врзете афера, криминали и корупција, професор кој не се препознава по партиски речник, сме виделе и такви, и мене ме зачудува кога професори така се однесуваат кон него. А кога требаше да определам, меѓу, да бидам искрена, двајцата извонредно едуцирани и признати луѓе, јас се водев од Платон. Дека на една возраст, кога вие сте постигнале се во професијата, можете да постигнете и во една ваква институција. Се работи за личност, чии зборови ако ги анализирате, ретко, еве обидете се, ќе препознаете партиска реторика. И тоа ми беше исто така важно. Нам ни треба континуитет во знаење во оваа професија, нам ни треба докажана стручност и компетентност. Мојата единствена забелешка е, не на него, туку на законската одредба, зборувам како бивши член, бивша членка на Венецијанска комисија, мандатот. Седум годишен мандат е многу долг мандат. Венецијанска комисија вели: кај долгите мандати, добро е еден мандат само да има. 14 години е многу долг мандат. Не велам дека кога се работи за стручно и компетентно управување, тоа може да биде опасност, но јас сакам уште еднаш пред сите вас да кажам. Долго разговарав со сите кандидати. Им кажав дека е така. Побарав да разговараат и со други. Побарав мислење од луѓе. Да, некои критикуваат со право, бидејќи слобода има во изразувањето. Да, некои од нив. И јас се обидувам да ги разбирам, но не ги разбирам користите. Една категорија партиски луѓе, кои се на позицијата само и само заради тоа што се во партија, инаку не би биле тоа што се. И друга една категорија на луѓе која за себе мисли дека се ренесансни, сé знаат, никој не чини, сите ги критикуваат – тоа не го разбирам. Можеби да бев се уште на факултет, малку и поинаку ќе зборував, но кога ќе влезе човек во политика, мора да биде одговорен, мора да мери, мора да носи одлуки кои ќе бидат прифатливи. Инаку, многу посакувам после извештаите за кои зборувате, да седнеме ние и навистина, не да носиме декларации и меморандуми. Јасно е тоа. Туку за клучните прашања со консензус да решаваме. За клучните прашања да не одиме надвор пред да се договориме дома. Јас се обидувам тој метод да го применувам и во поглед на опозицијата и во поглед на власта.

 Благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е само статистика, таа е реална слика на општествената стварност

Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е само статистика, таа е реална слика на општествената стварност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на статистичката конференцијата „25 години родови податоци“ којашто се одржа во организација на Државниот завод за статистика, во партнерство со канцеларијата на UN Women и амбасадата на Кралството Шведска во...

Сиљановска-Давкова на вежбата „Брз одговор 2025“: Нашето членство во НАТО не е само политичка формалност, туку стратегиска определба

Сиљановска-Давкова на вежбата „Брз одговор 2025“: Нашето членство во НАТО не е само политичка формалност, туку стратегиска определба

Претседателката и врховна командантка на македонската армија, Гордана Сиљановска-Давкова на армискиот полигон Криволак присуствуваше и се обрати на воената вежба „Брз одговор 2025“, на која учествуваат повеќе од 2200 војници од 9 држави. [gallery...

Младите, евроинтеграцијата и меѓународните принципи – теми на билатералните средби на Сиљановска-Давкова на маргините на Астана форумот

Младите, евроинтеграцијата и меѓународните принципи – теми на билатералните средби на Сиљановска-Давкова на маргините на Астана форумот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Меѓународниот Астана форум, Казахстан оствари средби со Бан Ки Мун, поранешен Генерален Секретар на Обединетите Нации и актуелен претседавач со Советот на Институтот за глобален зелен раст, со Кристоф Хојсген...

Сиљановска-Давкова од Астана Форумот: Потребен ни е свет што проблемите ќе ги решава со принципи, а не со моќ

Сиљановска-Давкова од Астана Форумот: Потребен ни е свет што проблемите ќе ги решава со принципи, а не со моќ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на Меѓународниот Астана форум 2025, што денеска и утре се одржува во главниот град на Република Казахстан на тема „Поврзување на умовите, обликување на иднината“. [gallery...

Средба Сиљановска-Давкова – Токајев во Астана, изразена подготвеност за унапредување на севкупните односи со Казахстан

Средба Сиљановска-Давкова – Токајев во Астана, изразена подготвеност за унапредување на севкупните односи со Казахстан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претседателот на Република Казахстан, Касим-Жомарт Токајев во резиденцијата „Акорда“ во Астана, на која што се разговараше за севкупниот развој на односите меѓу двете држави кои се кооперативни и...