Новинарско прашање: Претседателке, долг состанок денеска. За што се разговараше, какви информации добивте, каква е безбедносната состојба во државава и дали има некакви закани?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Долгиот состанок не е случаен, туку е израз на сериозноста на армијата. Неслучајно, се докажа и денеска, армијата ужива највисок углед во државата. Началникот на Генералштабот детално ја аргументираше состојбата во армијата. Таа е европска, во нагорна линија. Јас сум љубопитен човек, кој се подготвува и, се разбира, можеби понекогаш претерувам со прашањата, но тоа ме интересира, бидејќи сакам да знам, дали како врховна командантка на вооружените сили, имам увид во сите состојби и се докажа дека ние сме компатибилни и компарабилни со сите НАТО армии.
Неслучајно, угледот не се однесува само на домашните состојби, туку и на бројните учества во меѓународните мисии. Ако ние и годинава имавме на Криволак учество на 1500 до 2000 учесници, а следната година очекуваме уште поголема бројка, тоа е знак на доверба.
Она што е ново за мене денеска, како заклучок, е, јас честопати се повикувам на силата на културната дипломатија, но денеска станав свесна за силата на воената дипломатија.
Ако нема мисија во која не сме биле оценети извонредно, не само регионално, туку и пошироко; ако нашата армија има извонредна соработка со грчката и со бугарската армија, што е тоа ако не воена дипломатија?
Се разбира, мене ме интересира издвојувањето од буџетот, бидејќи тoa e многу важнo, но гледам дека и тука има една извонредна селектираност, квалитативна и стратешка рамка.
Многу поголеми се квалитативните од квантитативните цели, што значи дека ние можеме да очекуваме исчекор.
Кога реков за воената дипломатија, денеска ми стана јасно зошто сме ние почитуван стратешки партнер на Соединетите Американски Држави, бидејќи најголем дел од активностите се со нив, но исто толку активности имаме и со ЕУ партнерите. Тоа е она што јас го велам, не: или/или, туку и/и. Тоа е всушност шансата што ја гледам за понатамошен развој.
Се разбира, издвојувањата мора да продолжат. За жал, светот денес е соочен не само со воени закани, туку и со војна. И, како што знаете, ако имаме 100% заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ, се разбира дека сме вклучени во сите овие активности.
Посебно како жена, мене ме интересираше и процентот на учество на жените. Укажувам дека би сакала учеството да стигне до 30%, сега е околу 24%. Меѓутоа, интересно е дека поголемо учество има во офицерскиот состав отколку во подофицерскиот состав, што значи дека треба да го зголемиме контингентот во подофицерскиот состав за да имаме субјекти што можат да бидат унапредени.
Кога велам исчекор, на крајот јас реков дека би сакала, она за што јас се залагам, да се формира Национален центар за извионредност на жените во армијата. Тоа ќе отвори поголеми шанси и за евентуален регионален центар, но да заклучам: Мирно си заминувам од оваа средба. Мојот духовен комфор не е случаен, туку е резултат на детална презентација, на политика заснована на факти, на јасна стратегија и остварливи цели. Мислам дека она што го прави армијата е инспиративно и за сите останати области.
Еве, ако може да се каже нешто што е навидум чудно, но не е. Проблемите со кои се соочуваме и ние и регионот во моментот во врска со транспортот, бидејќи невозможно е да ги третирате превозниците како туристи, како што рече потпретседателот, или како мигранти.Прашањето директно се однесува не само на регионот, не е само македонски проблем, туку е и европски проблем, па дури има врска и со нашата партиципација во НАТО, бидејќи ако нашата економија без наша вина оди долу, и ако економскиот раст биде успорен, тогаш и нашата способност да партиципираме во издвојувањата, вклучувајќи ги и овие за НАТО, се разбира дека е проблем и за НАТО, и затоа ние очекуваме разбирање и решавање.
Уште еднаш, нашата армија е компатибилна, компарабилна и почитувана, не само дома, туку и надвор и ние можеме со сигурност да кажеме дека состојбата е за поздравување. Мислам дека армијата заслужува понатамошно разбирање и поддршка и од Владата и од сите нас.
Ја имаат мојата поддршка: јас имам што да бранам, имам што да фалам, имам што да заштитувам и и имам во што да верувам.
Новинарско прашање: Очекувате ли Европската Комисија некако да повлече потег за решавање на проблемот?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Очекувам, мислам дека веќе манифестира свест и одговорност особено што прашањето е регионално, но не се работи само за регионални интереси, туку се работи и за европски интереси бидејќи говориме за фирми кои доаѓаат од други држави. Да, очекувам да најдат решение, да направат исклучок, да најдат некаков модус, којшто ќе ги третира превозниците како економски субјекти кои придонесуваат не само за македонската и регионалната економија, туку и за европската.
Новинарско прашање: Како ја коментирате вчерашната анализа дека Македонците од една страна повеќе го поддржуваат членството во НАТО, но од друга страна не сакаат уставни измени, односно внесување на Бугарите во уставот?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Воопшто не гледам дека тоа има непосредна врска, не мислам дека е или/или, мислам дека е и/и. Веројатно мислите на поддршката на Европската Унија, бидејќи ние сме членка на НАТО.
Не мислам дека се тоа тесно поврзани работи. Се разбира дека ние имаме многу причини за членство во ЕУ и мислиме дека сме компатибилни и компарабилни. Меѓутоа кога зборуваме за Копенхашките критериуми, таму е владеењето на правото и човековите права, ние не ги кршиме правата на малцинствата, ниту човековите права. Напротив, државите кои бараат од нас уставни измени не ги почитуваат Копенхашките критериуми. Затоа, ние сме подготвени за разговор и разбирање, но сметаме дека преседанот со нас би предизвикал нови преседани, што не е добро за Европската Унија.
Новинарско прашање: Вчера беа изгласани измените на Кривичниот законик, но најавија од Платформатата за правично судење дека до вас ќе потпишат барање да не го потпишете Указот. Дали планирате да го потпишете Указот, и дали сметате дека измените кои се направени се суштински или само козметички?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Многу тешко, но да. Искрено ќе ви кажам, јас на овие измени гледам како на еден правен феномен, што ние не сме го применувале, на таканаречено sunset law, на транзициски потег, којшто беше привремено решение, што беше директно врзано со толкувањата на Уставниот суд, дека ќе посегне по укинување односно поништување, со што ќе се создаде правен вакуум.
Јас го потпишав законот и ќе кажам зошто. Размислував, да, имам и јас забелешки на некои решенија, но најдоцна очекувам оваа транзиција да биде надмината во јуни, како што ми беше образложено, бидејќи јас барав детални образложенија за решенијата.
Зошто го потпишав? Како што знаете и опозицијата имаше забелешки на законот, но ако ги анализирам јас решенијата во однос на измените што беа катастрофални на овој закон, ова е чекор напред. Не се сите добри. Јас веќе изјавив дека очекувам со Кривичниот законик, знам дека на него веќе работи квалификувана група, знам дека во неа има и претставници од Европската Унија и дека нам ни се потребни темелни решенија, но мислам дека ако овие решенија ги споредиме со решенијата што беа вградени во 2023 година, овие се неспоредливо подобри.
Што ми е мене битно и зошто мислам дека беше потребно како транзициско решение да се поддржи?
Прво, она што ми важно во моментов, а тоа е проектот Безбеден град којшто нема да може да фунционира ако не е пропратено и со решенија што значат санкционирање на сите повреди на она што беше воведено во Законот за прекршоци. Значи, овде гледаме дека има воведно кривични дела што се однесуваат на безбедноста.
Второ, она што мене како жена ме засега и често сум велела дека не можев да разберам како е можно кривичните дела врзани со родот и полот, кои требаа да се процесуираат само по барање на повредените, сега се гонат по службена должност. Имам забелешки во делот околу кривичните дела вразни со злоупотребата на службата и јавните набавки. Таму треба прецизирање и посигурни одредби. Интересно е да чуете од оние кои во во 2023 година повикувајќи се на компаративните искуства на Германија и други држави, нѐ убедуваа дека тоа е скок во заштитата, сега да се повикуваат на враќањето на старите одредби кои за нив тогаш беа апсолутно неодржливи. А ние велевме дека решенијата од стариот закон, јас сум дискутирала за тоа, се далеку поголема гаранција од измените.
Значи, ги прифаќам овие измени само како транзициски за да може да имаме исчекор, најмногу во поглед на санкционирањето на една од најтажните македонски приказни врзана за злоупотребите во сообраќајот, со жртви за кои повеќе не може да се толерира да се случуваат, како и во врска со заштитата на жените, што ми е многу битно. Во поглед значи на построгите критериуми, односно во поглед на подобро квалификуваните дела врзани со злоупотребата на службената положба и јавните набавки. Но и со една задршка и забелешка дека ќе го толерирам ова само во пресрет на чекањето на новиот Кривичен законик. Долго време се работи на него.Според мене тој ќе биде клучен и во судските реформи. Се надевам дека час поскоро ќе биде донесен.
Само од тие причини јас го потпишав овој закон, по разговори со предлагачот, со Владата и по барање гаранции дека ова нема да значи дека сме го решиле проблемот и нема да значи одолговлекување на носењето на новиот Кривичен законик.
Новинарско прашање: Рековте дека го поддржувате Safe City. Дали го потпишавте Законот за прекршоци, бидејќи има некои иницијативи дека е противуставен бидејќи се однесува само на неколку градови, а не на целата држава?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Јас сум правник, претпоставувам дека таа теза дека се однесува само на неколку градови е лаичка теза. Не е правно заснована, бидејќи во Куманово, Скопје и Тетово не возат само Скопјани, Кумановчани и Тетовчани туку возачи од целата држава. Тоа значи и од градовите каде не може да се воведе Safe City. Почна со овие градови како градови со најинтензивен сообраќај и како градови во кои циркулираат возачите од целата држава. Јас не гледам тука дискриминација. Дискриминација е можна само доколку се работи за разлика по однос на пол, било каква припадност. Таква нема, бидејќи сите возат и логично е вие да почнете со примената таму каде што е таа најактуелна и каде што има најголеми прекршувања и најголема опасност од интензитет на овие повреди. Се разбира на Уставниот суд е да ги оцени двете иницијативи. Но јас тука не гледам проблем, мислам дека , примената ќе се проширува постепено секаде. Невозможно е со еден потег на перото, со законот тоа да го направите.
Што се однесува до другата забелешка, којашто е вразна за заштита на човековите слободи и права, односно опасноста од упад во слободите и прават на човекот и граѓанинот, само да укажам – да секогаш треба да има гаранции дека податоците што се собираат нема да се користат за други цели освен за санкционирањето, но исто така и тука не можам, а да не кажам дека тоа не е предмет на законот за прекршоци заштитата на слободите и правата. Ние имаме закони коишто се однесуваат на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Значи имаме заштита на секоја информација, тоа е нешто што е предмет на друг закон. Немам против и во матичните закони за заштитата на слободите и правата да се внесе една посебна одредба што ќе се однесува на употребата на податоците собрани во рамките на Safe City.
Инаку кога постојано велиме дека треба да се европеизираме, да кажам дека не се работи за уникатен, единствен проект каков што е овој тоа е нешто што со децении е присутно во европските држави. Мислам дека е логично и ние, особено ако ги гледаме катастрофалните последици, бидејќи ние имаме толку многу починати луѓе од злоупотреба и кршење на сообраќајните правила, што мора да посегнеме по решенија.
Овој проект, не е проект само на оваа власт. Овој проект има децениска историја, се применувал и претходно. Треба да се посегне кон заштита и да се превенира опасноста од злоупотреба на податоците коишто ќе бидат собрани во рамките на овој правен проект, меѓутоа и општествен, бидејќи ние мораме час поскоро да се соочиме со ова ако сакаме да заштедиме животи, да заштедиме трауми, да заштедиме трагедии. Мислам дека во врвот сме по лица починати од сообраќајни прекршоци. Крајно време е да воспоставиме ред во овој поглед.





