Сиљановска-Давкова се обрати на приемот во чест на учесниците на регионалната конференција „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето“

7 мај 2026 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва се обрати на приемот во чест на учесниците на регионалната конференција „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето“, посветена на демографските промени и нивното влијание врз иднината на општествата.

Таа изрази задоволство што годинава македонската држава е домаќин на конференцијата.

За неа, демографијата одамна престанала да биде само статистичка дисциплина и прераснала во едно од клучните политички, економски и цивилизациски прашања, коешто директно влијае не само врз пазарот на трудот, одржливоста на пензиските и здравствените системи, туку и врз социјалната кохезија и стабилноста на државите.

Сиљановска-Давкова посочи дека македонската држава, како и голем дел од Европа, се соочува со троен демографски притисок: ниска стапка на наталитет, висока емиграција и забрзано стареење на населението.

Но, таа не е безнадежен песимист. „Не верувам во демографски фатализам. Напротив, убедена сум дека државите можат да одговорат мудро, стратегиски и хумано“, рече претседателката.

Според неа, демографската отпорност не може да се гради само со финансиска поддршка, туку со соодветен пристап што ќе обезбеди сигурност, стабилност и предвидлива перспектива за младите и семејствата.

Таа ја охрабри Владата да продолжи со спроведувањето сеопфатни демографски и пронаталитетни политики.

На конференцијата присуствуваат министри, високи владини претставници, меѓународни експерти од над 30 држави, како и претставници на ООН, Совет на Европа, Европска банка за обнова и развој и други меѓународни организации.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани,

Се радувам што годинава сме домаќини на регионалната конференција „Leading Change: People-Centred Paths to Demographic Resilience“, посветена на едно од најкомплексните и најсуштински прашања на современиот свет: демографските промени и нивното влијание врз иднината на општествата.

Особено ми е драго што денес во Скопје се собрани креатори на политики, експерти, научници и претставници на меѓународната заедница од Европа и од Централна Азија, оти токму ваквите форуми овозможуваат размена на мислења, компаративни искуства и креирање долгорочни политики засновани врз знаење, дијалог и стратегиска визија.

Демографијата одамна престана да биде само статистичка дисциплина или предмет на академски анализи, прераснувајќи во едно од клучните политички, економски и цивилизациски прашања. Таа директно влијае врз пазарите на трудот, одржливоста на пензиските и здравствените системи, социјалната кохезија и врз целокупната стабилност на државите.

Не можам, а да не кажам дека за првпат во историјата на човештвото бројот на лица постари од 65 години е поголем од бројот на деца под петгодишна возраст. Оваа демографска инверзија не е само статистички индикатор, туку суштинска цивилизациска промена којашто постепено ги преобликува современите општества.

Македонската држава, како и голем дел од Европа, се соочува со троен демографски притисок: ниска стапка на наталитет, висока емиграција и забрзано стареење на населението. Според најновите проекции, населението на државава може да се намали за речиси 33 проценти до 2070 година.

Јас, сепак, не верувам во демографски фатализам. Напротив, убедена сум дека државите можат да одговорат мудро, стратегиски и хумано, доколку има институционален капацитет, политичка волја и доверба меѓу институциите и граѓаните.

Токму затоа, прашањето за демографските промени не може да се сведе само на статистики и на економски проекции, туку неизбежно создава потреба од обновување на општествениот договор во Русоова смисла, заснован врз заемна одговорност, доверба и почит меѓу државата и граѓаните.

Едно неодамнешно истражување на „Оксфорд аналитика“ покажува дека финансиската поддршка, сама по себе, не е доволна за луѓето да одлучат да имаат повеќе деца. Потребна е комбинација од политики коишто ќе ги намалат тензиите меѓу професионалниот и семејниот живот, но и функционални институции, квалитетно образование, достапна грижа за децата и чувство дека иднината е предвидлива.

Како земја, целиме кон комбинирани пронатални политики: поддршка за децата, родителите и семејствата, мерки за рамнотежа меѓу работата и животот, даночни олеснувања за основање семејства и финансиска поддршка за ин витро оплодување.

Да потсетам, усвоивме Национална стратегија за развој 2024 – 2044 година, во којашто демографската ревитализација е поставена како еден од националните приоритети. Формиравме Министерство за социјална политика, демографија и млади, како и функција национален координатор за демографија и млади.

Дами и господа,

Убедена сум дека демографските промени ќе го дефинираат 21 век исто толку силно колку што индустриската револуција го дефинираше 19 век.

Прашањето е: Дали и сега ќе реагираме post festum, односно реактивно или ќе дејствуваме ex ante, односно превентивно и антиципативно?

Верувам дека преку соработка, научно засновани политики и пристап насочен кон човекот, можеме да изградиме поотпорни и постабилни општества.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на Сиљановска-Давкова со Урсула фон дер Лaјен, претседателка на Европската Комисија

Средба на Сиљановска-Давкова со Урсула фон дер Лaјен, претседателка на Европската Комисија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лaјен, која е во посета на земјава. Најпрво, Гордана Сиљановска-Давкова изрази благодарност за растечкиот интерес и посветеност на Европската унија...

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Националниот молитвен појадок

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Националниот молитвен појадок

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претставници на Националниот молитвен појадок, којшто е посветен на разбирањето, простувањето, помирувањето и заедништвото преку заедничка молитва. За првпат, во 1953 година, претседателот Ајзенхауер...

Сиљановска-Давкова до бруцошите: Вреди да се студира, предава и живее на УКИМ, како заеднички дом на професорите и на студентите

Сиљановска-Давкова до бруцошите: Вреди да се студира, предава и живее на УКИМ, како заеднички дом на професорите и на студентите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свеченоста по повод почетокот на новата академска 2026/2027 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. [gallery...

Сиљановска-Давкова со студенти од Колеџот на Европа: Дијалог за европската интеграција и иднината на регионот

Сиљановска-Давкова со студенти од Колеџот на Европа: Дијалог за европската интеграција и иднината на регионот

Во Вила Водно, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со студенти од Колеџот на Европа во Тирана, кои престојуваат во земјава, во рамките на студиска посета посветена на влијанието на европската интеграција врз трансформацијата на земјите од Западен...

Сиљановска-Давкова на 22. Европски самит во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на Европската Унија

Сиљановска-Давкова на 22. Европски самит во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на Европската Унија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на 22. Европски самит во Салцбург, денеска се обрати на сесијата на тема „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“. Таа говореше за иднината на европскиот проект, стратешките предизвици со коишто се соочува...