Сиљановска-Давкова на настан по повод Меѓународниот ден на белиот стап: Вистинското слепило не е во очите, туку во нечувствителноста на срцата

15 октомври 2025 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Меѓународниот ден на белиот стап, се обрати на настан организиран од Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ – Скопје, посветен на подигањето на јавната свест за правата, можностите и придонесот на лицата со оштетен вид.

Сиљановска-Давкова истакна дека денешниот ден не е само симболично одбележување, туку е и потсетник дека вистинското слепило не е во очите, туку во нечувствителноста на срцата. За неа, тоа е повик до сите нас да ги отвориме очите и душата и да го видиме светот низ призмата на разбирање, почит и емпатија.

Таа укажа дека не треба да заборавиме дека белиот стап е симбол на достоинствен живот, но и на општествената обврска да создадеме градови и институции коишто ќе бидат пристапни, безбедни и пред сѐ, човечни.

Претседателката потсети дека во Советот за млади именувала лице со оштетен вид, што, според неа, испраќа порака дека секој млад човек, независно од животните околности, има право не само да биде слушнат, туку и активно да учествува во обликувањето на политиката и општеството во кое живее.

На настанот беа изведени музички и едукативни точки од ученици на ДСУРЦ „Димитар Влахов“- Скопје, одржана панел-дискусија посветена на значењето на белиот стап, презентирани лични искуства за ориентација и мобилност на сегашни и поранешни ученици и техники за користење на белиот стап.

Училиштето „Димитар Влахов“, како единствена институција од ваков вид во државата, повеќе од седум децении нуди едукација, рехабилитација и поддршка на ученици со оштетен вид.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитуванa директорке Александра Јаковчевска,

Почитувани ученици, вработени, штитеници на Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“,

Почитувани гостинки и гости,

Дами и господа,

Се собравме денеска овде да го одбележиме Меѓународниот ден на белиот стап, ден кој за мене е исполнет со симболика, достоинство и хуманост, ден во којшто им оддаваме заслужено признание на сите лица со оштетен вид кои, како што веќе гледаме, со непоколеблива волја и елан, чекорат низ животот.

Белиот стап – тој едноставен, но моќен симбол е многу повеќе од помагало. Тој за мене претставува продолжена рака на храброста, ја симболизира слободата, но исто така и овозможува независност.

Мислам дека секој негов допир со земјата раскажува приказна, приказна за една борба, приказна за истрајност, приказна за достоинство, но и приказна за вера. Затоа, денешниот ден не е само одбележување на датум или на симбол. Тој не потсетува дека вистинското слепило не е во очите, туку во нечувствителноста на срцата. Тој е повик за сите нас да ги отвориме очите, ама и душата и да го видиме светот низ призмата на разбирање, почит и емпатија. Тој ни овозможува, ние, дезориентираните да се ориентираме.

Лицата со оштетен вид секојдневно нè учат дека видот не е единствениот пат што води до светлината. Тие го „гледаат“ светот преку звуците, допирите, мирисите и топлината на луѓето околу нив. Тие нè потсетуваат дека секоја пречка може да стане патека, а секој мрак може да стане нова светлина.

Да не заборавиме, белиот стап симболизира достоинствен живот, но и општествена обврска. Ние имаме обврска да создадеме градови и институции коишто ќе бидат пристапни, безбедни и пред сѐ хумани. Задолженијата коишто веќе ги имаме мора да се преточат во законски решенија, но, за жал, недостасува нивното остварување. Мора да го смениме ова. Не смееме да си ја префрламе одговорноста едни на други и да ги релативизираме проблемите. 4000 наши сограѓани со оштетен вид заслужуваат акција, разбирање и конкретни практични решенија.

Да потсетам, во Советот за млади именував лице со оштетен вид, Кристијан. И не е Кристијан хендикепираниот таму, туку Советот е хендикепиран без Кристијан.

Ова е мојата порака дека секој млад човек, независно од животните околности, има право не само да биде чуен, туку и активно да учествува во обликувањето на политиката и општеството во кое живее.

Би сакала да напоменам дека денешната посета на училиштето е желба, идеја и иницијатива на младите од Советот за млади, една од најдобрите. А, кога младите повикуваат, јас и ние сме должни не само да ги слушаме, туку и да им одговориме со должно внимание, со почит, но и со подадена рака за соработка заради разбирање. Јас ги чув, јас го чув Кристијан, јас ја чув претседателката на Советот на младите и тука сум не само заради нив, туку и заради сите вас и оние на кои им е потребен белиот стап, но и оние чиј живот е неразделен од првите.

Драги пријателки и пријатели,

Посакувам сите да подаваме раце кога е потребно. Мечтаам да бидеме глас на оние што не се слушаат доволно и светлина на оние кои секојдневно ја носат во себе и ја шират околу себе, па и кога не ја гледаат. Да им оддадеме почит на сите храбри луѓе со оштетен вид кои, со мир и спокојство, но и неизмерна сила и непокорлив дух, ни покажуваат дека животот не се мери со она што го гледаме, туку со она што го чувствуваме и претвораме во дела. Тие се жив доказ дека мракот не може да ја победи светлината на човечката душа.

Ја користам оваа можност да упатам најискрена благодарност до сите институции, организации, поединци, семејства и пријатели кои секојдневно вложуваат љубов, време и енергија за да го направат светот место на еднаквост, рамноправност, солидарност и радост.

Би сакала уште еднаш да повторам. Денот на Белиот стап е потсетник дека разликите не нè делат, туку нè зближуваат и прават побогати. Досадно е да се дружите со сличните, провокативно е да се дружите со различните.

Да создадеме и да живееме во општество во коешто секој чекор, секој глас и секој допир се чувстува и се гледа, оти има значење. Да ја чуваме светлината на човечноста, за да не престанеме да бидеме луѓе.

Благодарам Кристијан, благодарам на Советот на младите за ова исклучително задоволство да бидам овде. И на крајот, гледам многу мои соборки како седат овде. Тие знаат колку пати сум зборувала дека нема хендикепирани луѓе, има хендикепирано општество. Природата е совршен креатор, кога нешто ќе ви одземе, тогаш ќе развие нешто друго. Ете, тоа е таа идеална хармонија. Тоа е суштината заради која светот опстојува. Во тој свет има место за сите, без оглед на разликите, само што ние понекогаш несоодветно ги гледаме, а кога немате што да видите, не можете да го вреднувате и не можете соодветно да се однесувате. Јас мислам дека овој ден и овој настан се добра лекција за сите присутни и отсутни, не е важно. Овде има камери, овде има медиуми. Тие го видоа она што го кажа Кристијан, го чуја она што го кажа директорката и навистина мислам дека крајно време е од оваа држава да направиме пристојно место за сечиј живот.

Од срце ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Oдговори на новинарски прашања на прес-конференцијата на претседателката Сиљановска-Давкова со словачкиот претседател Пелегрини

Oдговори на новинарски прашања на прес-конференцијата на претседателката Сиљановска-Давкова со словачкиот претседател Пелегрини

Новинарско прашање: Македонија има услов да влезе во Европската Унија од една страна, од друга страна се наоѓа на Балканот, а официјален Вашингтон, Пекинг и Москва почнуваат да го формираат новиот светски поредок. Прашањето е каква е стратегијата на Македонија за...

Сиљановска-Давкова по средбата со Пелегрини: Словачка е една од нашите најверни и најпосветени поддржувачи на европската интеграција

Сиљановска-Давкова по средбата со Пелегрини: Словачка е една од нашите најверни и најпосветени поддржувачи на европската интеграција

Во рамки на официјалната посета на словачкиот претседател, денеска беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот Петер Пелегрини. Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова....

Започна официјалната посета на словачкиот претседател Пелегрини

Започна официјалната посета на словачкиот претседател Пелегрини

Со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека словачкиот претседател, Петер Пелегрини, кој престојува во дводневна официјална посета на земјава. [gallery...

Официјална посета на претседателот на Република Словачка, Петер Пелегрини

Официјална посета на претседателот на Република Словачка, Петер Пелегрини

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 14 октомври 2025 година, вторник, ќе биде домаќинка на претседателот на Република Словачка, Петер Пелегрини, кој ќе престојува во официјална посета на земјава. Словачкиот претседател ќе биде пречекан со највисоки...

Сиљановска-Давкова: Дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат – да станеме стандардна европска држава

Сиљановска-Давкова: Дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат – да станеме стандардна европска држава

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на приемот, што по повод 11 Октомври - Денот на народното востание, се одржа во Генералниот конзулат во Венеција (Местре). Пред присутните гости, припадници на македонската дијаспора во Италија, порача...