Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 11-то издание на самитот на „Македонија 2025“

19 мај 2022 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на затворањето на 11-то издание на самитот на „Македонија 2025“, на кое годинава во фокусот беа забрзаната дигитална трансформација, регионалната соработка и иновациите.

Претседателот Пендаровски во обраќањето истакна дека економските состојби веќе не се менуваат од година во година, туку од ден на ден, па дури и од час во час и дека должност на државата е да му помогне на стопанството за да се преброди овој период. Тој подвлече дека доколку сакаме одржлив раст ќе мора да го преобмислиме моделот на економскиот развој и посочи на Рамката за развој МКД2030 како платформа за долгорочна визија за развојот и иднината на Северна Македонија, стратешки документ кој Претседателот најави дека официјално ќе се промовира наредниот месец.

Претседателот ги наведе приоритетите на МКД2030 меѓу кои се забрзување на економскиот раст од најмалку 5% годишно преку структурна трансформација на стопанството, повисока заштита на животната средина и редефинирање на македонската политика за енергетика, фокусирање на дигиталната инфраструктура и забрзување на дигиталната трансформација на државата и општеството, како и сериозни системски зафати за создавање сеопфатно, квалитетно и дигитализирано образование, прилагодено на современите светски трендови и пазарот на трудот.

„Верувам дека доколку ги исполниме овие приоритети, ние не само што ќе го пребродиме овој турбулентен период со помалку загуби, туку и ќе успееме да создадеме услови за одржлив раст и развој“, порача претседателот Пендаровски.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да се обратам на годинешниов Самит на „Македонија 2025“. Како и на сите претходни собири и сега, целта на Самитот е да понуди визија за напредокот на нашата заедничка татковина. Годинава таква визија ни е повеќе од потребна.

Во извештајот од последната Минхенска безбедносна конференција се вели дека во многу држави е забележена појавата на тн. колективна беспомошност, поради бројните и испреплетени кризи што меѓусебно се зајакнуваат, почнувајќи од пандемијата, преку климатските промени и миграциите, се до геополитичките тензии и судири. Тое е чувство што го споделуваат милиони, практично на сите континенти дека наспроти сите стратегии и ресурси на располагање, невозможно е човештвото да ги реши клучните предизвици на нашето време. Кога луѓето престануваат да веруваат дека можат нешто да променат, тие едноставно се помируваат со судбината.

Според најновото истражување на Светскиот економски форум посветено на глобалните ризици, само 16% од испитаниците се оптимисти за иднината на светот, а, одвај 11% веруваат дека светот брзо ќе се опорави од овие кризи. Најголем дел очекуваат наредните три години да бидат тензични и неизвесни, со малубројни релативни победници и многу губитници. Главната прогноза е дека високиот јавен долг и геоекономските судири ќе предизвикаат кризи што ќе ги одбележат наредните десет години.

Меѓутоа, најголемата опасност за општествата не се нужно самите кризи, туку, ставот кон нив. Дилемата е: дали ќе бараме решенија, или по линија на помал отпор ќе се препуштиме на текот на настаните. Во овие непредвидливи времиња, успехот на македонската економија ќе зависи не само од надворешните фактори врз кои и не можеме да влијаеме, туку пред се, од посветеноста на внатрешните реформи. Отпорноста кон кризите не е само материјална, туку е и ментална. Ако сакаме колективната беспомошност да ја замениме со колективна надеж ќе мора да посегнеме по клучниот ресурс, а тоа е волјата.

За таа цел и сме собрани тука. „Македонија 2025“ беше формирана во предвечерјето на глобалната финансиска криза од 2008-та. Од своето основање до денес, организацијата успеа да му помогне на македонскиот бизнис да преброди неколку национални и глобални кризи, да инспирира нови генерации бизнис лидери, да привлече бројни странски инвеститори, и да ја одржува надежта дека можеме да ја менуваме реалноста, независно од контекстот.

Со една таква увереност, на почетокот на мојот мандат ја иницирав Рамката за развој МКД2030 како заедничка платформа за долгорочна визија за развојот и иднината на Северна Македонија. Целта беше да се изгради надпартиски, национален консензус околу приоритетите, неопходни за забрзан раст и подобар живот на граѓаните. Проектот го започнавме во многу поповолни услови од сегашните, пред почетокот на пандемијата, во време кога се заокружуваше нашата интеграција во НАТО и кога европската перспектива изгледаше многу поблиску.

Денес, после три години светот изгледа драматично поразлично. Пандемијата предизвика глобална рецесија, енергетска криза и ценовни шокови на глобалните пазари. Во 2024 година глобалната економија ќе биде за барем 2.3% помала отколку што би била без пандемијата. Руската инвазија на Украина доведе и до европска енергетска и прехранбена криза. Паралелно на тоа, се соочуваме со блокади на европските интеграции и иселување на младите.

Да се формулира стратешка рамка за развој во услови на непредвидливи кризи и геополитички шокови е голем предизвик. Тоа е како додека играте натпревар да се менуваат не само правилата на игра и играчите, туку и теренот. Но, една наша стара мудрост вели „секое зло за добро“. Затоа и верувам дека е добро тоа што МКД2030 ја подготвуваме токму сега, бидејќи на тој начин развојната рамка ја калибрираме водејќи сметка за најцрните сценарија и за најпесимистичките прогнози. Големите кризи им пресудија на многу стратегии и планови. Затоа, колку една визија е повтемелена во реалноста, толку се поголеми шансите дека  ќе може да ја менува реалноста.

Иако овој стратешки документ официјално ќе го промовираме дури наредниот месец, во оваа прилика би сакал, сосема накусо, со вас да споделам збор-два за неговите четири развојни приоритети.

Првиот приоритет е економскиот раст да биде најмалку 5% на годишно ниво за што предуслов е зголемена продуктивност и конкурентност на националната економија преку структурна трансформација на стопанството. Предност треба да им се даде на секторите што произведуваат повисока додадена вредност и да им се помогне на македонските компании да се вклучат во синџирите на додадена вредност и синџирите на набавки. Ќе треба далеку поголема државна поддршка за иновациите и за воведување на модерни технолошки решенија во производните и услужните дејности. Флексибилен и динамичен пазар на трудот е предуслов за брзо адаптирање на глобалните промени.

Вториот приоритет е транзиција кон тн. зелена економија што е поврзано со редефинирање на македонската енергетска политика дури и во овој период кога фосилните горива сеуште држат значаен дел од пазарот.

Трето, дигитализацијата, затоа што најголем ризик во 21 век е да се биде дигитален губитник. Националниот фокус мора да биде врз дигиталната инфраструктура за да ја забрзаме и заокружиме дигиталната трансформација на општеството до крајот на оваа деценија.

Четвртиот приоритет е образованието и инклузивниот развој. Поради дефектите во сегашниот образовен систем младите тешко се вклучуваат на пазарот на трудот. Неопходни се системски зафати  и вложување во секое образовно ниво, продуктивна релација меѓу образовните институции и компаниите, подигнување на функционалната писменост и подготвеноста на младите за кариерен развој. Со тоа ќе ја зголемиме вработеноста, ќе ја намалиме сиромаштијата и социјалната исклученост и ќе градиме инклузивно општество не само за младите, туку и за сите ранливи категории граѓани.

Почитувани присутни,

Сведочиме дека економските состојби не се менуваат од година во година, туку од ден на ден, па дури и од час во час. Многу наши бизнисмени и менаџери секојдневно мора да носат тешки одлуки. Соочени со суровото секојдневие, 2030-та изгледа далеку.

Но, ако наша цел е не само да опстанеме, туку и да напредуваме ќе мора да го преобмислиме моделот на економскиот развој. Четирите меѓузависни приоритети се клучни за нашиот напредок до 2030-та и потоа. Тие треба да бидат нашите константи сосема независно кој утре ќе биде на власт.

Убеден сум дека доколку се држиме до овие приоритети, не само што ќе го пребродиме овој турбулентен период со помалку загуби, туку и ќе создадеме услови за одржлив развој во иднина. Очекувам „Македонија 2025“, заедно со државните институции, со граѓанскиот сектор, академската и бизнис заедница да биде витален дел од овој крупен национален потфат за да создадеме колективна надеж за подобро утре. Помирувањето со судбината не е опција, нашата подобра иднина зависи само од тоа дали ќе постигнеме национален консензус за овие прашања и дали ќе го почитуваме.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...