Интервју на претседателката Сиљановска-Давкова за Македонската телевизија

7 мај 2025 | Интервјуа

Линк: МРТ

Како што најавив на почетокот на овој дневник, гостинка во новото студио на Македонската телевизија е претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Поводот е едноставен за тоа што е таа тука – 8-ми мај 2024, победа на претседателските избори, една година потоа, разговараме за неколку прашања. Претседателке, добровечер и добредојдовте.

-Добровечер и добро ве најдов.

Ви благодарам, знам дека сте денеска уморна, имавте средба со хрватскиот колега, но еве имаме голем повод, сепак една година сте по изборот за претседател па сакам неколку прашања од најсуштинските моменти – надворешна политика, внатрешна политика, правда и дипломатија, да поразговараме до каде се. Мај 2024, вашиот мандат почна со порака „Македонија повторно горда“. Една година потоа мај 2025-та, колку Македонија се качи на скалата на гордост, ако е тоа воопшто мерлива категорија?

-Нема скала за мерење гордост. Правам разлика меѓу гордост и горделивост. Мислам дека по горда е, ако веќе така велите дека се мери, или има елементи на гордост.

Како јас ја перцепирам гордоста? Горда е онаа држава што се сака, преку, се разбира, народот, што се почитува. Горда е онаа држава што го прави тоа што го прават сите други држави, мали, големи или средни, не е важно. Онаа која што ги цени, односно ги почитува вредностите без кои не може да опстојува.

Еве, ако сакате – си ја почитува историјата, си ги почитува историските личности, си ги почитува и си ги слави државните симболи. Ги почитува и ги слави најголемите уметници, ги почитува и ги слави најголемите творци во различни области. Значи, сите ние мора да си знаеме дека не случајно настанале државите, па ни оваа, иако е мала. Некој се изборил за неа. Тие некои други што го наследиле тоа богатство треба да ја претставуваат, да ја негуваат, да се грижат за неа, како оние кои се бореле за да го имаме ние ова. Зошто е по горда? Еве нека споредат луѓето, на пример, како се однесуваат странските претставници кон нашите јунаци, херои, кои се симбол за македонската држава, кон јазикот, кон химната, кон нештата кои кога се работи за нивната држава и народ, исто така ги почитуваат и ги слават. И се разбира, оние кои ја претставуваат мора секогаш ова да го имаат ова на ум. Да бидат слични како тие другите. Не мора да ве сакаат, не мора, не можете да очекувате да ве сакаат, но треба да ве почитуваат. А ќе ве почитуваат ако го заслужувате тоа. Ако сте како нив. Или пак, кај помалите држави дури и подобри треба да бидете во знаењето, во културата, за да ги урнете предрасудите. И најмногу зависи од народот. Вака рече еден градоначалник во една прилика: „прошетајте и ќе видите дали ве почитуваат, на улица, по односот на луѓето“. Па и анкетите покажуваат дека, не велам јас одма една година, ни волшебници не можат да направат трансформација. Ама мислам дека еве сега луѓето како да се чувствуваат почитувани, иако имаме проблеми што постојат, не само наследени, туку и нови, тоа е факт.

Добро, еве зборувавме за внатрешните рамки, пред се. Таков беше контекстот на вашиот одговор. Македонија и Европската унија 2024-та, цитирам дел од вашата програма: „во моментов се наоѓаме во сива зона, преговорите со Европската Унија се само отворени, но не и започнати. Тоа е резултат од катастофално лошата политика на Владата во однос на условите што ни се наметнати за исполнување“. Македонија и Европската унија 2025 година. Сивата зона трае, условите не се исполнети. Имавте низа обраќања во меѓународни институции, имавте средби со европски и светски државници. Е сега да излеземе малку од границите на Македонија. Дали не сме доволно убедливи, односно дали политичките јунаци не се доволно убедливи во аргументите за уставни измени со одложено дејство или Европската унија е принципиелна и бара да се заврши тоа што практично го презела земјава, или претходната Влада.

-Има од се по малку. Европската унија е пред се практична, прагматична. Таа сака во нејзино време да се завршат некои работи. Без емоции тоа го прави.

Прво, се најдовме во оваа година, ние сме во Прокурстова постела. Значи тоа е нешто што е наследено. Што е ново кога велите? Видете, многу време треба, многу аргументи, за да им ги објасните состојбите и причините. Бидејќи верувале или не, не ги знаеја. Бидејќи, претпоставувам дека прагматични биле и некои луѓе од претходната власт, и според однесувањето, или поведението што ние три децении го вежбаме, нема проблем ако ти бараат да смениш Устав, смени го Уставот. Од 1992 година, да потсетам, дури и покрај мислењето на Бадентеровата комисија дека Словенија и Македонија ги исполнуваат условите за да бидат признаени  тогаш од Европската заедница, а во тие услови влегуваше и анализата на Уставот, па и низ призма на човековите и малцинските права, па следните уште 35 амандмани. И така. Значи, Рамковен, Преспански, го менувавме Уставот, не нарекуваат, добро е што не е страшно дека имаме the changing constitution, односно Устав што постојано се менува, иако по карактеристиките би требало да биде цврст Устав и, имаше некоја промена? Немаше. Повторно сега сме пред истата промена, истото барање. Јас, некогаш, неколкупати сум рекла дека да беа уставните измени фактор на европеизација, ние ќе претседававме со Европската унија денеска, ама не е така. Значи прво реков Прокурстова постела. Видете, од средбите со претседатели, премиери, амбасадори, итн., ми се чини дека кога ќе објасните за што всушност се работи, и што се бара од нас, не им е многу пријатно на сите луѓе. Или на повеќето, но тие велат „извинете, вие ова го прифативте“. Никогаш не кажувам за некого што правел како, но не е пријатно да слушнете дека некој од нив со најдобра намера им укажувале на оние кои што одлучувале, добро да размислат пред да го прифатат Францускиот предлог.

Второ, не можам а да не кажам. Кога го читате Законот за надворешни работи, таму многу јасно е во првите членови определено дека во креирањето на надворешната политика, главното место го има Собранието. Дека претседателот и министерот за надворешни работи учествуваат, ама повеќе како извршители. Но, веќе во членот 3 пишува дека, бидејќи се работи за поделена надлежност во меѓународните односи, дека е тука потребно усогласување, координирање. Всушност јас имам една дилема – дали не се случило неповикано вршење на туѓи работи, односно дали некој можел да прифати нешто, како протокол, записник, како сакате, значи прво да го потпише, а второ тоа да смета дека не е проблем да влезе во некоја преговарачка рамка. Низ призма на уставните основи на Европската унија, низ призма на договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права, веднаш во преамбулата ќе видите дека нешто не е во ред. Имено, таму пишува дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет. Се разбира, би било евроколонијално, неоколонијално, ако тоа важи само за членките на ЕУ, па дај сега се што можеме да смениме пред некој да влезе, оти потоа нема да можеме. Значи тоа кога го укажувам се однесува точно на ситуации како нашата. Дури одредба има во Договорот со ЕУ, дека ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури. Не случајно. И заради дикцијата, оти ЕУ е значи сојуз на нации, сојуз на држави, не е држава, туку е политички систем sui generis, понатаму ќе го почитува дигнитетот, интегритетот, членот 8 дека ќе поттикнува склучување на договори со соседните држави засновани на принципот на реципроцитет.

Сакам да кажам, во Договорот за пријателство и добрососедство, нема член кој што вели дека ние треба да посегнеме по уставни одредби. Замислете, ние треба да посегнеме врз уставни одредби, врз основа на став или записник, односно врз основа на протоколи потпишани од двајца, наш и од бугарска страна министри за надворешни работи. Како може протокол или записник да биде извор на уставно право. Но, да го оставам, знам што ќе ме потсетите дека тоа е нешто што сме го прифатиле, да, ама ова сме го прифатиле, не е сме го прифатиле, туку го прифатил некој, го прифатил некој.

Е сега, бил еден друг оркестар. Ќе ве потсетам на вашиот говор во Собранието – „Патот кон Брисел може да се изоди полесно или побрзо, ако сите ние, Претседателка, Собрание, Влада, опозиција, невладин сектор, медиуми, добро синхронизирани вежбаме и постапуваме како искусен оркестар. Сега оркестарот е нов. Не е претходниот што го потпишал тоа. Зошто овој оркестар не укине нешто што го донел претходниот ако нотите биле грешни?

-Ама не може да ја укине оркестарот преговарачката рамка, инаку оркестарот секогаш, не е составен само од членови од власта, туку секогаш и од опозицијата. Еве и тоа ќе го објасниме. Паметам пред две години кога молевме да не сослушаат, бидејќи не можете да кренете рака, без дури и да ја видите преговарачката рамка. Ние добивме информација за преговарачка рамка и еден од пратениците на власта тогаш, коалиционен партнер, предложи амандмани во оваа смисла. Зошто? За да не потсети на оркестрите усогласени на соседните држави, на Бугарија, на Грција, кои велат дека нови мајски вечери се, нова сезона почна, ама извинете, диригентот е друг, меѓутоа, композициите што ќе се изведуваат, структурата на оние коишто ќе свират и ќе пејат е истата и сличната. Ние тоа не го научивме. Тогаш не се обединивме, оти тогаш ќе си ја зајакневме преговарачката позиција, кога ќе речеа, чекајте, гледајте ова и власт и опозиција се заедно. Така? Дури и сега имаше таква можност. Оти ако ги убедувате со аргументи дека сега сакате да личите на нив, дека иако сте мали, можеби немате стратешко значење и слично, за да бидете компатибилни со тие членовите на тој европскиот оркестар, треба по слични ноти и слични партитури да изведувате, тие ви велат дека веќе вака не, не се однесувавте, не. Вие тогаш, едни на една страна, други на друга страна, значи не можело да се изведе композицијата. Ние и сега можевме да речеме вака, зборувам за опозицијата: ги изгубивме изборите, меѓу останатото еве и заради ова. Во меѓувреме ние знаеме дека во Собранието во различни периоди, биле носени многу важни документи, декларации, како што велат другите меморандуми и слично. Видете, толку многу отстапки направивме, или толку многу промени направивме што веќе нема простор за тоа. Ве молиме да не разберете. Бидејќи мислиме дека од искуството, оти ние почни еден оркестар заеднички да свири нешто, среде концерт прекини го тоа. Ајде наново, ново, ново, и сега оваа песмаркава, Уставот, некако не ја бива веќе еве ако се таму нотите. И уште ова, само уште ова, оти ќе заборавам – постојано мене кога ќе дојде некој или кога ќе сретнам, ми го кажуваат и слушаме pacta sunt servanda. Тоа е најповторуваната и сега на еден правник тоа му звучи добро и познато. Еве сега пак pacta sunt servanda да кажам, да ве прашам нешто, сите да ги прашам – дали во членот 7, став 1 на Преспанскиот договор така, пишува на втората страна, оваа безименава. Првата две имиња, вторава безимена. Инаку договор, било кој облигационен, без титулар на договорот, не знам како може да важи. Ама еве и таков има. Вика „територија“, значи копно, вода, воздух. Значи кога една новинарка, на една телевизија во странство, на поранешниот премиер му рече: „не може да речете македонско небо“ треба да речете: „северномакедонско небо“ тој или неговите советници требаше да речат не, не, не, во 7-1 пишува територија копно, небо, тоа е Македонија за вторава страна, така?

Второ пишува „народ со своја историја, култура и јазик“. И вас ве прашувам, за што разговараме ние со Бугарија? За историја, за култура и јазик. Епа pacta sunt servanda. Значи, тој што е првиот потписник со двете имиња, требало и во Советот на ЕУ, ама и на Бугарија да и каже прашањето на историјата, културата и јазикот е ад акта апсолвирано, за тоа веќе не може да се зборува. Не пишува таму бугарско-македонска историја, култура, јазик, или грчко-македонска. Значи зборот ми е – еве нели меѓународните договори треба да се исполнуваат. Во договорот за добрососедство и пријателство нема ни еден збор, повторувам, за промена на Уставот. Значи нека интерпретираат во ЕУ.

Добро, претходно немав намера да инсинуирам отфрлање на преговарачка рамка, туку тоа што е во домен на македонските институции да прогласат, ги спомнувате протоколите, го спомнувате Договорот за добрососедство. Сега има нова власт, може да донесе нови одлуки и одиме понатаму. Официјално Скопје…

-Не е добро самата власт да носи. Тој оркестарот што го споменував јас, ние мораме еднаш да се научиме и заедно да свириме и заедно да пееме.

Тешко дека претходниот оркестар ќе ги побие тие работи што ги донел.

-Ама мора, мора. Ние сме ставени во…

Еве една, пак ќе кажам непријатна изјава на еврокомесарката Марта Кос, ја очекувате месецов?

-Да, слушам дека ќе дојде.

…Македонија е тажна приказна. Прашањево беше поинаку формулирано, кога сме во контекстот на Скопје и на Софија, некако како да стана идиферентен тој однос, не видов многу средби. Вие имавте низа средби со Радев, но завршуваат со истите ставови, барем јавноста тоа го знае, не знаеме дали нешто се одвива како тајна дипломатија. Оваа година е изборна претседателке, за некој месец партиите ќе тргнат во кампања, еврокомесарката ќе повторам, вели Македонија е тажна приказна. Уште колку ќе треба да чекаме, дали во следниот извештај уште ќе се вели дека треба да се почнат преговорите или само се отворени.

-Знаете што, прво извештаите кога ги зборуваме, кога ги споменувате, морам да кажам повторно еден парадокс. Ако вие имате 17-тина извештаи, во кој што Европскиот парламент, Европската комисија велат почеток на преговори, препорачуваме, така, Советот вели не, а во Советот не седат претставници на европскиот демос којшто го нема сеуште, туку седат претседатели, премиери на државите, така? По 17 пати кога тоа ќе го повторувате и одеднаш сега велите дека стоиме зад тоа, доколку се смени Уставот, тоа веќе зборува за кредибилитетот и интегритетот, не на ова што го нарекувате вие тажна приказна, туку тажна е приказната и на европската демократија од овој аспект, бидејќи ако нема во политичкиот систем некаков баланс меѓу Парламентот, Комисијата и Советот, туку Советот го има последниот збор, зборуваме за демократски дефицит. Второ, јас секогаш го цитирам претседателот Макрон и неговата теза дека ЕУ, а се согласувам со тоа, и затоа сакам во ЕУ, ЕУ е многу повеќе од бирократска машинерија, дека е филозофија, ама филозофија, секој филозоф ќе ви каже па дури и дрвениот дека нема без принципи вредности. Затоа јас повикувам на принципите и на вредностите што мора да се почитуваат. Зошто ако овие принципи и вредности внатре ги прекрши некоја членка на ЕУ кон друга членка на ЕУ ќе се најде пред Судот во Луксембург. Значи зборот ми е дека проблемот е заеднички.

Приказнава зошто е тажна. Јас не мислам дека еврокомесарката тоа го кажува цинично. Не. Туку сака да каже дека навистина после тој маратон наш, пропратен со охрабрување, па точно ќе дојдете до целта, ќе ви речат сега вие ги исполнувате условите, па некој ќе рече, а не заедно со другата држава, или не можат да одат да чекорат, потоа кога ќе дојде на ред другата држава може да оди, а вие уште нешто да исполните. Нема крај. Зборува дека односот кон нас е таков што е тажно и однесувањето, морам да кажам. И навистина не е во ред толку тага да предизвикувате, оти не може ние да сме колатералната штета уште на нас ветото да се извежба, па потоа ќе го укинеме и така со другите среќно ќе живееме.

Инаку, ние не само сами, како цел Западен Балкан, измислена синтагма, воопшто не сме проблем за абсорпциониот капацитет на Европската Унија. Не сме, не сме. Ние сме географски, историски, културно од секогаш таму. Ами на Самитот во Солун тоа беше кажано. И сега замислете, не е закана за абсорпциониот капацитет Украина, Молдавија, ние сме закана. Или во војна, јас инаку сум за тоа и Украина, се разбира, и Молдавија, немам јас проблем да влезат во Европската Унија, ама мислам дека има овде некои принципи и вредности, што би рекол г-динот Макрон кога вели суверено право е на Украина да биде членка на ЕУ и на НАТО, ама и наше суверено право е, историско право е, културно право е, и политички да си го најдеме местото. Ама јас велам повторно, ако сака некој може да најде решение. Може да најде решение.

Правна држава. Главен проект, условно кажано ви беше при преземањето на мандатот. Обидот за реформи тргна некако со гласање недоверба на дел од членовите на Судскиот совет, па продолжи со барање за смена на Републичкиот јавен обвинител. Тука сакам да напоменам сепак Министерството за правда подготвува реформски закони, но во овој дел членовите на Судскиот совет си продолжија со работа, Републичкиот јавен обвинител си продолжи со работа. Знам дека за вториот случај ќе речете се случи Кочани. Но и двете иницијативи беа поведени пред трагедијата. Овој ли е дел од патот за реформи во судството, чија цел треба да биде правна држава.

-Знаете што беше најголемата забелешка, закана за нас, не можам да ја наречам филозофија, меѓутоа, несанкционирањето. Некогаш ќе се покренат постапки, нема да завршат. Ајде малку да бидеме реални. И во врска со Кочани, и во врска со многу други ситуации, дали се работи за болници, дали се работи не знам за УЈП, санкциите ги гледаме веќе се појавуваат. Што зборува значи не можете вие за една година, ниту сум јас Питија ниту е премиерот Мерлин, ниту е г-динот Гаши исто така волшебник, значи не можете да направите. Но, така се почнува, се гледа. И јас имам забелешки на некои работи. И самата имам направено некои грешки. Меѓутоа, сакам да кажам дека во оваа една година, пазете, соочени со една од најголемите трагедии национални, што ќе не прати до крајот на животот сите, сепак функционираат органите. Функционира Министерството, функционира Јавното обвинителство. Кога го споменувате, точно е дека Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, јавниот обвинител, да, ние и во Парламентот сметавме, ама и многу невладини организации сметаат дека наместо да бидат чуварот на владеењето на правото, наместо да бидат меритократската машина, моторот, беа пречка. Тоа е факт. Значи немаше некој што не кажа. Е сега, крајно несериозно, ама и цинично е да речете па вие предлагавте промена на првиот човек на Јавното обвинителство, а сега го фалите. Замислете вие, среде трагедијата, или пост трагедијата, уште да продолжите со разрешување на јавниот обвинител. Па тоа би било правен суицид. Тоа не е во ред. Да бидам искрена, што се покажа. Како што велат се покажа дека во некои ситуации кај нас, просто се чудев на почетокот, дали се работи за истите луѓе, одеднаш се појави еден тим, па транспарентно објаснува. Мислам дека искрено, добро ја тераат таа работа и сега не е време за промена.

Судскиот совет – истекува мандатот во јуни на еден од членовите од заедниците, ќе треба да предложам јас нов. Еве веќе барам. Јас реков дека тоа ќе биде почитуван, истакнат правник по сите критериуми.

Имате име, соопштете го.

-Немам име, имам повеќе имиња. Но, да ви кажам какви парадокси има во Законот за судскиот совет. Се разбира, кому јас би му дала најголема доверба. На мене сличните, на моите колешки и колеги. Замислете, покрај магистратурите и докторатите, во Законот ставиле дека треба да имаат и правосуден испит. Знаете тоа? Сега тимот што работи на новиот закон, бидејќи нели тоа е една од главните обврски, за да се смени нешто еве, велат невозможно нешто. Ама кој го направил тоа? Сигурно преку лобирање некој од кругот на оние кои не сакаат професори покрај себе, за да можат да си останат таму каде што се и да имаат поголеми шанси. Меѓутоа, мислам дека и таму ќе се најде решение. Да, истекува на некој мандатот, Законот ќе се направи така што, да. Сите извештаи за Судскиот совет кажуваат дека ако еден орган се состанува два пати до три пати во месецот, ако извештаите му се скромни, не се аналитички, не се критички, ако гледавме ние еден интересен амбиент, да бидам искрена, кој не личеше на врв во професијата, некој кој оценува, некој кој бира, некој кој разрешува. Има многу дилеми. Ама еве тоа ми е аргументацијата дека и таму има некаков исчекор.

Да се надеваме дека со реформите ќе се забрза процесот на судските постапки.

-И да не заборавам во секое зло добро. Јас во трагедијата, видов, препознав еден човечки капацитет, професионален капацитет, прво кај новинарите, во информирањето, исто така, и кај луѓето од опозицијата. Значи тоа се моменти кога ние сфативме дека во најголемата тежина на луѓето од Кочани, немаме право човечко, морално, никакво да им одмагаме, туку треба да им помогнеме. Тоа е таа состојба.

Дипломатија. Дел од амбасадорите отповикани, на некои им истече мандатот, други не ги бранеле тезите пред надлежната собраниска комисија, нови кандидати има но и тие го чекаат собранискиот филтер за да не им се повтори грешката и замката како на овие претходниве, половина професионалци, половина избор на политиката…

-Ете и тоа е еден чекор напред. Инаку јас би сакала тоа да продолжи тоа до две третини. Ама беше претходно? Не беше. Сега е половина-половина.

Има координација со МНР да се забрза процесов? Затоа што важни места се празни?

-Сега јас ќе ви кажам, понекогаш и мене ме повикуваа. Јас значи имам многу тесен маневарски простор. Бидејќи јас можам да реагирам само ако некој поднесе оставка или ако биде прогласен за персона нон грата. Се друго оди преку Министерството за надворешни работи. Инаку во интерес на заштитата на интегритетот на луѓето, да, автентичното толкување беше такво, што нели, се тргна од тоа дека задолжителен дел од процесот на номинацијата на амбасадорите е и презентирањето на програмата. Да бидеме искрени. На амбасадорите од кариера, сигурно им одговара да презентираат програма. Значи не сите избегнуваат презентирање на програма. Значи некој од нив, само заради автентичното толкување, бидејќи таму се предвидува дека еден од елементите е презентирање на програмата мораа да бидат шест месеци претходно предупредени дека треба да се вратат. Неколку, како што знаете предложени се, за неколку имаше постапки, но јас не можев да зборувам за тоа, бидејќи целата постапка од номинирањето, од министерот, или од Владата почнува таму. Би сакала да ставиме акцент на меритократијата, бидејќи сликата за оваа држава за да биде убава, надвор треба да ги праќаме најдобрите. Тогаш сликата ќе биде значи поинаква. И уште една одредба од Законот, мислам дека не се почитува и кога се враќаат амбасадорите имаат обврска да презентираат пред пратениците. Зошто? Да вратам на она првото што го зборувавме – бидејќи Собранието ја креира надворешната политика. Тоа не беше почитувано многупати претходно.

Во јануари годинава падна првото вето, поправете ме ако грешам, да не имало и други, не го потпишавте указот за прогласување на измените на законот за заштита на децата. Сега медиумите дознавме, преку соопштение, поконкретно дознавме преку една прес конференција на СДСМ, што ни беше чудно, па Кабинетот после ја објави веста. Независно. Има ли други вета за кои што не знаеме или се што доаѓа на потпис е добро сработено.

-Еве ќе ви кажам. Зошто јас не излегов во медиумите? Бидејќи не можете ветото да го употребувате за да стекнувате публицитет. Значи ветото се знае. Се однесува на закон, законодавецот е Собранието. И јас сакам, и ние го испративме до Собранието. Празник беше нешто се случи. Инаку зошто засега нема повеќе вета. Одма ќе ви кажам вака. Точно е дека за неколку закони сум добила предлози од квалификувани невладини организации. Да речеме во врска со градењето, во врска со заштита на животната средина, во врска со дискриминацијата или недискриминацијата. Јас и нешто друго реков во кампањата, дека пред да посегнам по вето, секогаш ќе се обратам, бидејќи, извршната власт има две глави. Едната таа ефикасната, ефективната, значи главната, Владата, и другата претседателот повеќе церемонијална. За сите закони од оваа област, јас сум седнувала, можат да кажат, со колегите и со Александар Николовски, и со колегата Филков, и со колегите од Министерството за социјална политика, и со министерката Весна Јаневска, за да прашам, да ми објаснат, и секогаш им ги предочувам забелешките, за кои како правник мислам дека се аргументирани и барам да ми кажат. Кога имаат одговор и велат дека ова е нешто што нема да доведе до тоа и тоа, така, јас не ставам. Зошто? Нема проблем, јас ако сакате и демократски пркос да применам. Ама многу важно е, имало ли амандмани, со колкаво мнозинство е изгласан законот, оти не е само ветото манифестирање на сила и на моќ, туку обид за подобрување на законот.

Моето последно прашање. Владата е стабилна тврди премиерот, а деновиве гледаме некои турбуленции во однос на албанскиот партнер во власта, во Вреди. Ако има турбуленции тоа, ако ги пресметаме силите може да го доведе во прашање соодносот за Бадентер во Парламентот. Каква е вашата перцепција за функционирањето на Владата. Затоа што во ист ден практично беа и парламентарните и претседателските избори, првиот круг, и вашиот став сега, плус минус сте врсници со мандатот.

-Морам да внимавам на зборовите, не зошто се плашам, туку затоа што во Уставот има одредба која вели дека претседателот може да бара информации од Владата, исто така дека може да испрати некои видувања итн. Но, прво, знаете што, многу важно е ние да научиме дека Владата мора за да има успех, за да биде ефикасна и ефективна да функционира како еден тим. Феноменот две влади во една, три влади во една, премиер вистински, премиер во сенка, премиер во сонце, не може да функционира. Не може да функционира, звучи чудно, не, ама јас кажувам дека еден ден ние ќе го направи тоа што сите држави го имаат, ќе им овозможиме на премиерите да го соопштуваат составот на владата пред пратениците како свој тим и да можат да разрешат министри до една третина, оти ако е повеќе од една третина, ќе треба да се гласа како за нова влада, кога сакаат и како сакаат за да им функционира тимот. Е сега, во коалициони влади, да, сложен е животот. Ние имаме проблеми, ние имаме сложена етничка структура, религиозна, и на се мора да внимаваме. Но едно нешто ќе кажам, еден победник на избори има. Ако има двајца победници, зошто би сакале вие да победите ако не можете да си го изберете коалициониот партнер, ве молам да ве прашам. Нема логика. Ама мора да има и кога имало двотретинско мнозинство, едно време Сојузот на Македонија, и кога имало ВМРО едно време апсолутно мнозинство, се разбира дека ќе вклучите албански партии и други партии. Тоа е нешто одговорно. И тоа е добро, бидејќи политиката треба да функционира. Значи логично е да има вакви проблеми. Јас не знам што се случувало, бидејќи слушам деновиве дека разговараат и преговараат, ама јас знам дека има едно импресивно сеуште мнозинство и потсетувам на реториката на некои исти актери во времето кога беа тие дел од Владата, а кога едвај имаа 61 пратеник, па велеа па ние сме избрани за четири години, па ние имаме право да ја спроведуваме програмата, па зошто би поднесувале оставка и слично. Значи тоа се нешта кои предупредуваат. Јас очекувам да седнат, да се договорат, но не мислам дека треба, не ги разбирам тезите, ако сега сме отишле на парламентарни, локални, па потоа четири години ќе сме имале мирен мандат. Не ми е јасно кој ќе го гарантира мирниот мандат. ЕУ ќе ни го гарантира мирниот мандат, ќе ни каже ќе ве примам ако докажете можете четири години. Не, да се научиме еднаш локални избори, да се локални, кај нас сите расправаат на сите избори исти работи. Но еве се вежба демократијата. Но мислам дека една година потоа, ама ниту една причина нема логична, рационална, за повторно да одиме на избори, да трошиме пари, и да добиеме сите знаеме ние горе доле резултат. Ајде да оставиме локалните избори се лакмус секаде, да видиме каде кои се тенденциите. Каде оди сегашната власт. Дали ја има поддршката на најголемиот број граѓани. А сега нема демократија ако постојано сте на власт. Тоа е невозможно. Значи времето на опозицијата велат дека е време на зреење, на преиспитување, на менување, тоа е многу логично.

Благодарам што бевте гостинка во МТВ.

-И јас благодарам што ме поканивте.

ФОТО: Кабинет на Претседател / Денис Јагџи

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова: Саемот на книгата е обид за културен натпревар на народите

Сиљановска-Давкова: Саемот на книгата е обид за културен натпревар на народите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати и официјално го отвори 37-миот Саем на книгата 2025, најголемиот книжевен настан во земјава којшто под мотото „Храна за душа“, се одржува од 8 до 14 мај во Скопје. Таа нагласи дека токму Саемот е обид за културен...

Изјава на претседателката Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата со хрватскиот претседател

Изјава на претседателката Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата со хрватскиот претседател

Во рамки на официјалната посета на хрватскиот претседател беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот Зоран Милановиќ. Во продолжение е интегралното воведно обраќање на...

Започна официјалната посета на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

Започна официјалната посета на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести го пречека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кoj престојува во посета на земјава. Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следeше пленарен состанок на македонската и...

Средба на Сиљановска-Давкова со Јакоб Гранит, генерален директор на СИДА

Средба на Сиљановска-Давкова со Јакоб Гранит, генерален директор на СИДА

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Јакоб Гранит, генерален директор на Шведската меѓународна развојна агенција – СИДА, кој беше придружуван од амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин. Изразувајќи...

Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на Support Kocani

Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на Support Kocani

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на неформалната група на млади „Support Kocani“. Навраќајќи се на страотниот пожар на 16 март, тие манифестираа решеност заедно да направат сé што можат за...