Пендаровски: Без монетарното осамостојување ќе беше невозможно заокружувањето на меѓународно-правниот субјективитет на нашата држава

28 април 2022 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на Свечената академија, што по повод 30 години од монетарното осамостојување се одржа вчеравечер во Скопје, во организација на Народната банка на Република Северна Македонија.

Почитуван претседател на Владата,
Почитувана гувернерке на Народната банка,
Ценети присутни,

Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на оваа Свечена академија организирана по повод 30 години од монетарното осамостојување.

Минатата година ја одбележавме 30 годишнината од независноста, меѓутоа, круцијален државотворен аспект без кој ќе беше невозможно заокружувањето на меѓународно-правниот субјективитет на новата држава беше монетарното осамостојување. Со прогласувањето на независноста во 1991-та, нашата централна банка започна да стекнува едно сосема поинакво ново искуство, кое ни помогна успешно да ги надминеме комплексните предизвици од првите години од независноста.

Веќе идната година, во 1992-та година, во парламентот беше усвоен пакетот закони со кои беше поставена институционалната рамка на монетарниот систем, а, пред македонските граѓани беа претставени банкнотите на новата македонска валута ‒ денарот, првиот симбол на нашето монетарно осамостојување.

Со политиките на воспоставување на стабилен курс на денарот, централната банка во тоа време одигра силна улога во зацврстувањето на темелите на нашата независност и државност. Инфлацијата беше стабилизирана, банкарскиот систем започна да закрепнува, а, беше оформена и позначајна сума на девизни резерви како клучен аспект на девизната ликвидност на земјата.

Со тоа беше поставен примарниот одбранбен механизам од евентуалните надворешни регионални и светски финансиски шокови, но и поддршка во процесот на транзиција на националната економија кон современите пазарни економски системи.

Почитувани,

Јасно е дека освен некои внатрешно генерирани состојби низ годините, сепак, актуелните економски турбуленции на глобално ниво, во голема мерка влијаат на довербата на граѓаните во банкарскиот систем и кај нас и во светот.

За жал, таа доверба, денес, во континуитет се поткопува и од фактори кои стануваат се потешки за контрола. Зборувам за хибридните закани, меѓу кои најопасни се дезинформациите кои се широко застапени и сѐ поинтензивно се појавуваат на социјалните мрежи. Сведоци сме, особено во последнава година, дека Народната банка беше таргетирана со многубројни лажни вести со единствена цел, да креираат паника меѓу граѓаните, несигурност и недоверба во системот. Меѓутоа, мораме да констатираме дека нашата централна банка досега успешно ги води тие битки и навремено реагира на сите вести кои пласираат невистини.

Изминативе две години, поради пандемијата, а сега уште позасилено поради руската инвазија во Украина, ние, но, воопшто и Европа и светот се соочуваат со економска и енергетска криза, ценовни шокови и инфлација. Но, и во вакви сложени услови, институциите на државата функционираат на стабилизирачки начин, со што ја оправдуваат довербата на граѓаните. Водечка институција во таа смисла е Народната Банка на Република Северна Македонија која водеше, и води ефикасна монетарна политика за време на сите овие кризи, со што испраќа јасни сигнали до економските фактори, што, пак, повратно влијае стабилизирачки во однос на состојбите на пазарот и инфлаторните движења.

Работата на Народната банка и наназад низ годините воопшто не беше едноставна, особено за време на големата финансиска криза од 2008 година, кога ризиците за финансиската стабилност беа значително зголемени. Наспроти непредвидливите глобални економски движења и зголемените макроекономски ризици, финансискиот систем на Република Северна Македонија остана стабилен за што клучно влијание имаше сетот на мерки кои во тие услови ги презеде Народната банка.

Почитувани,

Веќе подолг временски период, заради стекнатиот кандидатски статус за членство во Европската Унија, поставеноста на нашата централна банка од аспект на нејзината независност беше, и е непрекинато предмет на оценување од страна на Европската централна банка, а, будно се следи и од Европската комисија преку нејзините годишни извештаи.

Притоа, треба да се одбележи дека во сите свои извештаи и Европската централна банка и Европската комисија потврдуваат дека законските одредби кои се однесуваат на независноста на Народната банка ги опфаќаат сите аспекти на независноста на централните банки утврдени со одредбите од Договорот за функционирање на Европската Унија и Статутот на Европската централна банка и Европскиот систем на централни банки.

Почитувани,

Како еден од столбовите не само на нашата економија, туку и на нашата држава, уверен сум дека Народната банка ќе го продолжи континуитетот на позитивно работење и успешно водење на монетарната политика согласно нејзините со закон утврдени цели и задачи.

Единствено со транспарентна политика и домаќинско работење може да се гарантира улогата на финансискиот сектор, да се поддржи реалната економија и да се работи во интерес на граѓаните.

Исто така, очекувам Народната банка да продолжи да ја одржува својата уставно загарантирана независност во однос и на политичките и на економските центри на моќ и во иднина да придонесува кон одржувањето на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем.

На сите нека ни е честит јубилејот „30 години монетарно осамостојување“.

Ви благодарам.


Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба со преставници на Лајонс дистрикт 132 – Северна Македонија и меѓународниот претседател  на организацијата, Брајан Шихан

Средба со преставници на Лајонс дистрикт 132 – Северна Македонија и меѓународниот претседател на организацијата, Брајан Шихан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Брајан Шихан, претседател на Меѓународната асоцијација на Лајонс клубови и претставници на Лајонс дистрикт 132 Северна Македонија, по повод 25-годишнината од нивната работа во нашата држава. [gallery...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Азербејџан, Камил Касијев

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Азербејџан, Камил Касијев

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Азербејџан за Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Камил Касијев. На свечената церемонија на предавање...

Посета на ученици од ООУ „7 Марси“ и ООУ „Љубен Лапе” во рамки на Отворен Кабинет

Посета на ученици од ООУ „7 Марси“ и ООУ „Љубен Лапе” во рамки на Отворен Кабинет

Ученици од ООУ„7 Марси“ од Липково и од ООУ „Љубен Лапе" од Скопје, во рамки на активноста Отворен Кабинет, денеска се сретнаа и поразговараа со претседателот Пендаровски за неговата работа, за претседателските надлежности и активности. [gallery...

Ѓоргиевска: Мора системски, институционално да се искорени дискриминацијата и задскриената маргинализација

Ѓоргиевска: Мора системски, институционално да се искорени дискриминацијата и задскриената маргинализација

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на завршната регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ – Гласно и храбро ги поместуваме границите“. Конференцијата е во...

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска заедно со Дорис Шмидауер, сопруга на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван Дер Белен коишто престојуваат во официјална посета на Република Северна Македонија, денеска во Канцеларијата на...