Претседателката Сиљановска Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски“ е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет

23 ноември 2024 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ се обрати на свеченото одбележување на јубилејот – 80 години од именувањето на првиот директор и започнувањето со работа во слободна Македонија.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова оцени дека НУБ „Св. Климент Охридски“ е не само духовна ризница, туку и амбасадор на македонската културна историја, чувар на македонскиот идентитет и симбол на вечноста.

Таа изрази најдлабока благодарност на сите кои со својата пожртвуваност, љубов и визија, го градеа и се вградија во ова културно светилиште во  изминатите осум децении, истакнувајќи дека нивното наследство, како што рече, е наш завет – да ја чуваме и славиме мудроста на словото.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитувани присутни,

Се согласувам со филозофот Клод Леви Строс кога вели дека : „ книгата е животна супстанца со која се храниме”. Признавам, ненаситна сум на книги.

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ е океан на духовна храна, непресушен вруток на знаење, космос на идеи, вулкан на нови сознанија. Таа е светилник на умот и срце  на мудроста.

Осум децении од првите чекори на оваа институција, тогаш со име Народна библиотека, со првичен фонд од 150.000 книги, 50 читатателски места и 12 вработени вљубеници во книгата, се осум децении на учење, борба, непокорност и истрајност во мисијата – чувар на македонскиот идентитет, култура и колективна меморија.

Од 1944 година, кога се круниса ослободувањето на таковината па до денешната дигитална ера, библиотеката континуирано ги надминува границите на просторот и времето.

Во историските мигови на раѓање на македонската државност, среде пепелта на војната, асномските визионери го положија темелот на народната библиотека – храм на словото, и речта, симбол македонската ренесанса. Во скромен, но свет простор, таа не собра само книги, туку и идеали, визии и надеж.  Стана сонце на македонскиот дух, мост меѓу  минатото и сегашноста, симфонија на мислите, буквите, речениците, сликите и мечтите.

Чекорењето на оваа легендарна институција беше тежок, трнлив, полн со премрежја и предизвици пат. Катастрофалниот земјотрес не го разурна само убавиот град Скопје, туку и најголемиот дом на книгите-библиотеката, но не и духот на библиотеката и библиотекарите. Над половина милион книги го изгубија животот. Со истрајност и несебична пожртвуваност, библофилите се бореа за секој ракопис, секоја книга, секој збор – свесни дека го спасуваат не само културното наследство, туку и душата на еден народ.

Во годините потоа, по привремениот престој во Даут Пашин Амам и монтажниот објект, библиотеката, во 1971 година,  се всели во својот нов дом, граден со љубов и почит, небаре културен храм. Растеше, се развиваше и иновираше. Создаваше непроценливи збирки – онаа за старословенските ракописи или ориенталните ракописи, ретките книги и периодика, кредибилни историски сведоци.

Секој дел од библиотеката е зрак од нашето културно сонце, причина за гордост, инспирација.

Замислете си град со три милиони жители – библиотечни единици, сведоци и чувари на  минатото, творци на новите вредности. Потсетете се на првите луѓе на библиотеката, меѓу кои врвни писатели, интелектуалци, ерудити, заколнати пријатели на книгата!

Со дигитализацијата на своите богатства, оваа институција зачекори кон нова ера. Старословенски ракописи, музичките партитури, ретките карти и книги, сега, сите се на сигурно, во дигитална форма, непокорно пркосејќи му на заборавот и на времето. Македонската култура, овековечена во овие дигитални артефакти, денес е достапна насекаде, носејќи ја нашата историја, музика и мисла ширум светот.

Тука, во овие ѕидови исполнети со вековна мудрост, приказните на нашите предци се пренесуваат од генерација на генерација, а делата на нашите современици ја осветлуваат патеката кон иднината.

Почитувани,

НУБ „Св. Климент Охридски“ е не само духовна ризница, туку и амбасадор на македонската културна историја, чувар на македонскиот идентитет и симбол на вечноста.

Дозволете ми, да им изразам најдлабока благодарност на сите кои со својата пожртвуваност, љубов и визија, го градеа и се вградија во ова културно светилиште во  изминатите осум децении. Нивното наследство е наш завет – да ја чуваме и славиме мудроста на словото.

Не случајно и не попусто НУБ „Св. Климент Охридски“ е лауреат на: Орденот „Заслуги за народ“, наградата „11 Октомври“, Повелбата на културата „Климент Охридски“!

Не случајно и не попусто во овој дом се вдомиле и : „Британскиот совет“, „Гетеовиот институт“, Кинескиот културен центар „Конфуциј“.

Не случајно, и јас сум домувала овде работејќи на магистерскиот труд и докторатот, уживајќи во светот на книгите. Можеби затоа, проблемите со кои се соочуваше оваа уникатна институција секогаш ги доживував како свои, се солидаризирав се со книгите и нивните врвни и верни пријатели.

Нека оваа значајна годишнина биде наша заедничка гордост, инспирација и поттик за постојана и силна грижа за библиотеките и книгите, уверени дека нашата култура е највисокиот израз на нашето постоење!

Заеднички да продолжиме да ја пишуваме и читаме оваа приказна – овој роман „река“, што велат Французите, во кој е документирано минатото, насликана сегашноста, антиципирана иднината!

Нека е честит јубилејот! Да живеат книгите, да ни е вечна НУБ „Св. Климент Охридски“, под негова закрила.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на македонската независност, ги одликуваше со Орден „8 Септември“ Јордан Плевнеш и Раде Силјан, и постхумно: Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски. Јордан...

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35 годишнината од независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното...

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Почитувани граѓани, Пред  35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото...

Сиљановска-Давкова прими талентирани ученици кои изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари

Сиљановска-Давкова прими талентирани ученици кои изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари

По повод 8 септември, Денот на македонската независност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска се сретна со талентираните ученици од основните и средните училишта кои во изминатата учебна...

8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35-годишнината од неа, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на платото на Вила Водно се одржа панел-дискусија, насловена како  „8 Септември низ призма на негови непосредни...