Претседателката Сиљановска-Давкова: Осумте децении работа на НУУБ ,,Св. Климент Охридски – Битола се долго духовно патување, посветен труд за зачувување и збогатување на библиотечниот фонд

29 март 2025 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Во своето обраќање, таа ја истакна длабоката духовна и културна вредност на библиотеката, опишувајќи ја како „тврдина на идентитетот“ и „свемир на знаење“. Осврнувајќи се на улогата на библиотекарите, ги нарече „храбри чувари на пишаниот збор“ кои се бореле против заборавот, цензурата и варварството низ историјата.

Таа нагласи дека и покрај напредокот на технологијата и дигиталниот свет, книгата останува темел на мислата и културното издигнување.

Претседателката, како библиофилка, сподели лична и емотивна приказна поврзана со признанието што ѝ беше врачено вчеравечер – момент што ѝ ги разбуди спомените на првата награда добиена уште во детството, токму за „најверна читателка“, признание коешто ја прејудицирало нејзината трајна сродност со книгите.

Во своето излагање таа оддаде почит и на делото на Горан Стефановски, потенцирајќи ја неговата способност да го опише духот на времето и да ги отвори вратите кон суштинските прашања на современото општество.

„Вљубена сум во книгите, во прашање е доживотна фатална врска меѓу мене и книгите“ рече претседателката, испраќајќи силна порака за љубовта кон читањето.

На крајот, таа го честиташе јубилејот, изразувајќи уверување дека библиотеката ќе продолжи да биде светилник на знаењето, дом на книгата и место каде што се гради иднината преку мудроста од минатото.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска- Давкова.

Уште еднаш, пред да го честитам прекрасниот празник, да кажам дека над секоја прослава има сенка врзана со трагедијата. Тоа е нешто што сите не засега и цел живот ќе го носиме.

Почитувана директорка на НУУБ „Св.Климент Охридски“ м-р Емилија Стефановска Давкова,

Почитуван градоначалник на Битола, господин Тони Коњановски и други градоначалници, 

Почитувани пратеници,

Почитувани претставници на Владата,

Почитуван ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, др. Игор Неделковски, 

Почитувани свештеници великодостоинственици, г-дине Петар,

Почитувани професори, ценети гости. 

Со особена чест ја прифатив поканата да бидам дел од овој историски настан – одбележување 80 години постоење на Националната установа Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски” – Битола.

За мене, осум децении не се само цифра, тоа е едно долго духовно патување, еден посветен труд за негување на културата, зачувување и збогатување на библиотечниот фонд, период на подеми, соочување со предизвиците на новото време. Сите знаеме дека шокот беше наречен Интернет, но како што телевизијата не го уби радиото, така ни новите технологии не можат да ја уништат книгата.

Книгата беше и останува запис за нашето постоење и опстојување, потреба за учење и знаење, човечка комуникација на повисоко ниво, уметничко изразување на мислите, чувствата и ставовите, култивирање на научната реч.

За мене библиотеката е духовен и културен архив, доказ за нашето човечко битисување, национално битисување, пренесен преку моќта на Гутенберговата цивилизациска иновација. Книжната и библиотечната цивилизациска светлина не смее да се замрачи!

Библиотеката, за мене, е море на духовна храна, непресушен извор на идеи, поттикнувач на умот, стимул на креативниот дух. Таа е, за нас, тврдина на македонскиот идентитет, култура и меморија, свемир на знаење. Библиотеката јас ја гледам како татковина на книгите, а тие се душата на нашиот народ.

Пред да допатувам во прекрасната Битола и да влезам во оваа обновена, реновирана и разубавена зграда на Офицерскот дом, којшто и минатиот пак реков и сега ќе повторам, плени со хармонијата на надворешноста и внатрешноста, дознав дека проф. д-р Александар Стерјовски на Библиотеката ѝ подарил 13 стари книги што некогаш ги добил од битолчани. Тоа е не само вреден подарок и оставштина, туку и израз на доверба во оваа институција, ризница на пишаниот збор, со книжевен фонд од над 600.000 библиотечни единици.

Признавам, како страстен библиофил или библиофилка, која со книгата се дружи сиот живот, го почитувам вашето книжно богатство, коешто е истовремено и наше, национално благо. Чувајќи ги книгите, Вие го чувате и негувате и македонскиот идентитет.

Убаво е да му оддадеме почит на најстарото, најбројното и најпочитуваното, велам јас, битолско семејство, семејството на книгите, што преживеало многу битки и премрежја. Ние овде гарантираме за неговиот живот и во следните 80 години, а дигитализацијата ќе му ги отвори портите кон вечноста.

Не можам, а да не кажам неколку збора за посветените чувари на библиотеката – библиотекарите: најблиските и најпосветените вљубеници во книгата и убавиот збор. Тие се бореле и ги бранеле книгите во драматичните настани поврзани со библиотеките.

За жал, библиотеките биле мета на бројни напади на Варвари, на фашисти, на нацисти, на авторитарни системи и лидери, преплашени од слободоумните мисли поопасни и од најсилното оружје. Историјата на библиотеките, не случајно открива бројни приказни врзани за субверзивната дистрибуција на забранетите, а мене омилените книги, до читателите ширум светот. Тие придонесувале и се уште придонесуваат за ширењето за бунтот меѓу читателската публика гладна за напредна, револуционерна мисла.

Вечерва, веќе чув, а сакам и јас да повторам, се одбележува и делото на големиот писател Горан Стефановски, битолчанец по потекло. На светот Горан му кажа дека е горд што покрај неговата куќа поминува Виа Игнација и оти тоа цивилизациско наследство не може никој да му го одземе ниту оспори. Горан ни остави многу книги, драми и стихови, а една негова реченица заслужува, според мене, посебно внимание, тој вели: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“. Нека оваа Горанова мисла биде поттик да не се откажуваме од целите, плановите, идеалите, зошто во спротивно остануваме ни ваму, ни таму, заглавени во меѓупросторот или јас правнички велам, во интеррегнумот.

Би сакала да споделам со вас уште неколку зборови за суштината, за важноста на библиотеките. „Полесно е да се оди на Интернет, отколку да се оди в библиотека. Но, промената од ,,без библиотеки” кон постоењето на библиотеки беше многу поголема промена од она што го видовме со развојот на Интернетот“, ќе рече Ноам Чомски.

„Што имаме без библиотеки? Ни минато, ни иднина. Не треба да се палат книгите за да се уништи една култура. Само натерајте ги луѓето да престанат да читаат “. Да ве потсетам, вака предупредуваше Реј Бредбери, авторот на романот „Фаренхајт 451“, што сигурно го имате во библиотеката.

Затоа да сториме сè луѓето што повеќе да читаат, да ја приближиме книгата особено до најмладите, тоа е актуелно деновиве, да им создаваме читачки навики, да им читаме книги од најрано детство, да им подаруваме книги, да ги наградуваме со книги.

Денешните награди за вашите членови кои се, сигурна сум, пасионирани читатели, и тоа од сите возрасти, е потвра дека вие си ја знате добро ваша мисија и цел. Дозволете ми да кажам дека верувам во вас и вашите идеи и проекти врзани за книгите.

Прочитав дека и јас ќе добијам признание, дека ќе ми доделите признание. Можеби трчам предвреме, но сакам да кажам дека со ова признание ќе ме вратите во детството кога бев најсреќна држејќи ја в раце наградата за најверна читателка на книги, во една мала библиотека во моето училиште. Читајќи, научив како да се разберам подобро себе си, но и другите. Читањето ми стана, искрено кажувам, неизбежна потреба и нужност. Повторувам, бев и сè уште сум ненаситна за книги. Вљубена сум во книгите, во прашање е доживотна фатална врска меѓу мене и книгите.

Нека е честит јубилејот! Да живеат книгите, да ни е вечна Националната установа Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски” -Битола.

Ви благодарам! 

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на македонската независност, ги одликуваше со Орден „8 Септември“ Јордан Плевнеш и Раде Силјан, и постхумно: Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски. Јордан...

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35 годишнината од независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното...

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Почитувани граѓани, Пред  35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото...

Сиљановска-Давкова прими талентирани ученици кои изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари

Сиљановска-Давкова прими талентирани ученици кои изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари

По повод 8 септември, Денот на македонската независност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска се сретна со талентираните ученици од основните и средните училишта кои во изминатата учебна...

8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35-годишнината од неа, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на платото на Вила Водно се одржа панел-дискусија, насловена како  „8 Септември низ призма на негови непосредни...